Back to top

Sabbath Bible Lessons

УПРАВИТЕЛИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ (II)

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 19. ноември 2022.

Десетокот и првините

„Секој десеток... нека Му биде посветен на Господа“ (Левитска 27:32).

„Десетокот е свет, кој Бог го одвоил за Себе“. – Counsels on Stew­ardship, p. 93.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Gospel Workers, pp. 222–228. 

Недела 13. ноември

1. ОД ДЕНОВИТЕ НА СОЗДАВАЊЕТО

а. На кој начин Бог издвоил дел од Едемската градина за Себе? Создавање 2:16,17. Како ова се споредува со десетокот? Малахија 3:7,8.

„Господ во Едем создал секакви дрва пријатни за гледање и добри за јадење и им заповедал на Адам и Ева слободно да ги уживаат Неговите дарови. Сепак, направил еден исклучок. Не смееле да јадат од дрвото на познавање на добро и зло. Тоа дрво Бог го издвоил како постојан потсетник дека Тој е сопственик на сè. Со тоа им дал прилика да ја покажат својата вера и доверба во Него со совршена покорност кон Неговите заповеди.

Исто е и со Божјите барања кон нас. Тој го предава Своето богатство во рацете на луѓето, но бара од тоа верно да се одвојува десеток за Неговото дело. Тој бара овој дел да се стави во Неговата ризница. Тоа треба да Му се предаде Нему како Негова своина; тоа е

свето и треба да се користи на свети цели за издржување на оние кои ја носат веста на спасение во сите делови на светот“. – 6 Сведоштво, 386.

б. Каква била практиката на првите патријарси во однос на десеттиот дел од нивниот приход? Создавање 14:18-20; 28:20-22.

„Системот на десеток не потекнува од Евреите. Уште од најстари времиња Господ полагал право на десеттиот дел и тоа секогаш било признато и почитувано“. – Патријарси и пророци, 525.


Понеделник 14. ноември

2. ВО ЕВРЕЈСКАТА ЕКОНОМИЈА

а. Кои конкретни упатства ѝ биле дадени на раната еврејска нација во врска со десетокот? Левитска 27:30-32. Како е нагласен овој принцип во сите векови? Малахија 3:10.

„Во еврејскиот систем една десетина од народните приходи се изделувала за потребите на јавното богослужение...

И кога Израелците биле организирани како нација, законот за десеток е потврден како Божја уредба и од почитувањето на таа уредба зависела нивната благосостојба...

‘Секој десеток е Господов’. Тука е употребен ист облик на изразување како и во заповедта што се однесува на празнувањето на саботата: ‘А седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог’ (Излез 20:10). Еден одреден дел од времето и од средствата доверени на луѓето Бог задржал за себе и човекот не може ниеден од тие делови да задржи за себе а да не се огреши“. – Патријарси и пророци, 525,526.

б. Што се барало пред да може се приложи десетокот? Излез 22:29; 34:26 (прв дел); 2 Летописи 31:5,6.

„Дури и пред да биде можно да се приложи десеток, на Бога му се оддавало признание за Неговите благослови. Првиот меѓу земните плодови што би узреал, му бил посветуван Нему. Првата волна при стрижењето на овците, првото жито од гумно, првото масло и првото вино, биле изделувани за Господа; исто така и секое прво добиено младенче од добитокот и од стадото; за првородениот син е давана откупнина. Првите плодови морале да се изнесат пред Господа во Светилиштето и тие им припаѓале на свештениците.

Така народот постојано бил потсетуван дека Господ е вистински сопственик на нивните ниви и на нивните стада овци и говеда, дека Тој со благотворните зраци на сонцето и дождот им овозможил сеидба и жетва, дека Тој е Творец на сè што имаат и дека нив ги сторил само повереници на Неговите добра.

Израелците, натоварени со првите плодови од своите ниви, овоштарници и лозја, кога се собирале пред Светилиштето, тоа претставувало јавно признавање на Божјата добрина“. – Патријарси и пророци, 526.

„Покрај десетокот, Господ бара и првина од сите наши приноси. Тој го резервирал тоа за Себе за со тоа да биде обемно поддржано Неговото дело на земјата. Божјите слуги не треба да бидат ограничени со недоволно снабдување“. – 6 Сведоштво, 384.


Вторник 15. ноември

3. ВЕЧНИ ПРИНЦИПИ

а. Што било вклучено меѓу реформите направени во времето на Немија? Немија 10:34-37; 12:44.

б. Која практика на фарисеите ја одобрил Христос? Матеј 23:23. Зошто принципот на десеток е применлив и во новозаветната ера? Евреите 7:1-5,8,20,21.

„Новиот завет не го обновува законот за десетокот, како што тоа не е случај ниту со саботата; бидејќи важноста на двете институции се подразбира и нивната длабока духовна поврзаност е објаснета.

Бог за себе во целост одвоил еден дел од нашите средства и нашето време. Да се ​​игнорираат овие барања значи да се краде од Бога“. – The Review and Herald, May 16, 1882.

„Десетокот треба да му биде посветен на Бога. Неговите барања се на прво место. Ние не ја извршуваме Неговата волја ако Му го посветиме она што останува откако ќе ги задоволиме сите наши потреби. Пред да се потроши кој било дел од нашиот приход, треба да го издвоиме и да Му го дадеме Нему она што Му припаѓа. Кога ќе го направиме тоа, остатокот ќе биде осветен и благословен за наша сопствена употреба. Но, ако го задржуваме она што Тој го смета за Негово, проклетство почива на она што ни останало, и ние сме запишани во небесните книги како виновни за грабеж. Бог на човекот му дава девет десетини, но бара една десетина да биде посветена за свети цели - како што му дал на човекот шест дена за својата работа, а седмиот ден го резервирал за Себе“. – Pacific Union Recorder, October 10, 1901.

„Додека ние како народ се трудиме верно да му го посветиме на Бога времето што Тој го одвоил за Него, зарем не треба да му го вратиме и делот од нашите средства што Тој го бара?...

Десетокот од сите наши приходи му припаѓа на Господ. Тој дел го резервирал за Себе да го користи за религиозни цели. Тој е свет. Тој не прифаќа ништо помалку од тоа и во тоа нема исклучок“. – Counsels on Stewardship, pp. 66, 67.

„Помалите и поголемите потоци на добродетелство треба постојано да течат. Божјото провидение е далеку пред нас и иде многу побргу од нашите дарови. Себичноста, гордоста алчноста и раскошот го попречиле патот по кој треба да се шири и изградува Божјото дело. Целата црква има света должност во секоја гранка на делото. Ако нејзините членови се угледаат на Христа, тие ќе се откажат од своите склоности кон раскош, љубовта кон облеката, кон елегантни куќи и скап мебел. Адвентистите на седмиот ден мораат да имаат многу повеќе понизност“. – 7 Сведоштво, 296.


Среда 16. ноември

4. ПРЕДУПРЕДУВАЊА ДО НАС

а. Како се поврзува принципот на давање десеток со осмата заповед? Излез 20:15; Малахија 3:8,9.

„Бог ја става Својата рака на сè што имаат луѓето, зборувајќи: Јас сум сопственик на цела вселена и сите тие богатства се мои. Десетокот кој вие го задржувате за себе, Јас го одредив за издржување на Моите слуги во нивното дело на отворање на Светото Писмо на оние кои се во темнина и кои не го разбираат Мојот закон. Употребувајќи го Мојот резервиран фонд за да ги задоволите своите барања, вие им ја ускративте на душите онаа светлина за која Јас се погрижив да ја примат. Ви се пружаше прилика да ја покажете Својата верност кон Мене, но вие не го направивте тоа. Вие Ме крадевте; го крадевте Мојот резервен фонд. ‘Со проклетство сте проколнати’ (Малахија 3:9)“. – 6 Сведоштво, 387.

б. Што никогаш не смееме да заборавиме за десетокот? 1 Коринтјаните 9:13,14.

„Десетокот е издвоен за посебна употреба. Тој не смее да се смета како фонд за сиромашните. Тој треба да биде посебно посветен за помош на оние кои ја носат Божјата порака до светот; и не треба да се отстапува од таа цел“. – Counsels on Stewardship, p. 103.

„Никој да не се чувствува слободен да го задржи својот десеток за да го користи како што смета дека е соодветно. Човек не смее да го користи десетокот за себе дури и во итни случаи, ниту да го употребува како што му одговара, дури и ако мисли дека со тоа го помага Господовото дело“. – Gospel Workers, p. 225.

„Добив многу јасна и одредена порака за нашиот народ. Ми беше заповедано да им кажам дека прават грешка користејќи го десетокот за различни цели кои, иако се добри сами по себе, не се целта за која Господ рекол дека десетокот треба да се користи. Оние кои го користат десетокот на овој начин, отстапуваат од Господовото уредување. Бог ќе им суди за овие работи.

Некои мислат дека десетокот може да се употреби за училишни цели. Други, пак, сметаат дека промоторите и колпортерите треба да се издржуваат со десетокот. Но, голема грешка се прави ако десетокот не се употребува за она за што е наменет - за издржување на проповедниците. Денес на терен треба да има стотина квалификувани работници, таму каде што сега има само еден“. – Gospel Workers, p. 226.


Четврток 17. ноември

5. НАШ ПРВ ФИНАНСИСКИ ПРИОРИТЕТ

а. Кој е клучот за духовниот и световниот просперитет? Матеј 6:33

„Бог не само што го бара десетокот за Себе, туку ни кажува и на кој начин треба истиот да се одвои за Него. Тој вели: ‘Почитувај Го Господа со својот имот и со првините на сиот свој приход’ (Изреки 3:9). Ова не учи дека треба да ги трошиме нашите средства за себе и да му го донесеме остатокот на Господа, дури и ако сакаме да бидеме чесни во десетокот. Божјиот дел мора прво да се одвои. Упатствата дадени од Светиот Дух преку апостол Павле во врска со приносите содржат принцип што важи и за десетокот: ‘Во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави кај себе колку што може’ (1 Коринтјаните 16:2). Тука се вклучени и родителите и децата. Пораката не е упатена само кон богатите, туку и кон сиромашните“. – The Review and Herald, November 10, 1896.

б. Што ни кажува Бог за она што е Негово? Малахија 3:10.

„Нека Господовиот народ верно дава десеток, и нека секој, од родителите до децата, ги издвои за Господ парите кои толку често се трошат за самозадоволување. Господ нѐ направил Негови управители. Тој ги ставил Своите средства во наши раце заради нивно верно распоредување. Тој бара од нас да Му го вратиме она што му припаѓа. Тој десетокот го одвоил како свој дел, кој ќе се користи за ширење на Евангелието до сите делови на светот. Браќа и сестри мои, признајте ја и отфрлете ја својата себичност и донесете му ги вашите дарови и приноси на Господа. Донесете му го и десетокот што сте го задржале. Дојдете и признајте ја вашата небрежност. Искушајте го Господа како што ве повикал да направите“. – The Review and Herald, November 23, 1905.


Петок 18. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која поука од Едем го илустрира принципот на десетокот?

2. Како требало Евреите да ги признаат Божјите барања пред да ги вратат своите десетоци во Божјата ризница?

3. Зошто системот на десеток е применлив во новозаветната ера?

4. Што би се случило доколку секој христијанин верно плаќа десеток?

5. Како верното десеткување им користи на сите?

 <<    >>