Back to top

Sabbath Bible Lessons

УПРАВИТЕЛИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ (II)

 <<    >> 
5. лекција Сабота, 29. октомври 2022.

Време и вечност

„И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно“ (Матеј 10:7).

„Бидејќи времето е толку кратко, мораме да работиме трудољубиво и со двојно поголема енергија“. ­– 3 Сведоштво, 159.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Христовите поуки, 342-346. 

Недела 23. октомври

1. ТАЛЕНТОТ КОЈ СИТЕ ГО ДОБИВАМЕ

а. Дури и во ова брзо време во кое живееме, што дава Бог милосрдно - и зошто? Проповедник 3:1.

„Нашето време му припаѓа на Бога. Секој миг е Негов, и ние сме под најсвечена обврска да го искористиме за Негова слава. Ниту за еден талент што ни го дал, Бог нема да бара построга сметка отколку за нашето време...

Имаме само кусо време на милост за да се подготвиме за вечноста. Немаме време за губење, немаме време за себични уживања, немаме време да уживаме во гревот. Сега треба да обликуваме нашиот карактер за идниот, бесмртен живот. Сега треба да се подготвиме за истражниот суд“. ­– Христовите поуки, 342.

б. Кои фактори треба да ги земеме во предвид додека размислуваме како да го искористиме нашето време? Јаков 4:13-15.

„Краткоста на времето бара енергија која не е разбудена кај оние кои тврдат дека веруваат во сегашната вистина“. ­– Counsels on Health, p. 506.

„Кога сите вработени на најдобар начин би го користеле своето време, колку пари би се заштедиле за напредок на делото на вистината! Кога срцето е во делото, тогаш се работи совесно, брзо и со волја“. ­– 4 Сведоштво, 451.


Понеделник 24. октомври

2. ВНИМАТЕЛНОСТ И БУДНОСТ

а. Што треба да разбереме додека се трудиме да го унапредиме Божјото дело? 1 Петрово 5:8; Откровение 12:12.

„Немаме време за губење. Силите на темнината работат со интензивна сила, додека сатаната со тивки чекори напредува за да ги зграпчи оние што сега спијат, како што волкот го зграпчува својот плен. Сега имаме опомени што можеме да ги дадеме, работа што сега можеме да ја извршиме, бидејќи наскоро ќе биде потешко отколку што можеме да замислиме“. ­– Evangelism, p. 218.

„О, мора да бидеме ужасно сериозни за секоја душа да знае дека има рај што треба да се освои и пекол што треба да се избегне. Треба да се разбуди секоја енергија на душата за да се присили да влезе и да го зграпчи царството со сила. Сатаната е активен и ние мора да бидеме активни. Сатаната е неуморен и упорен, и ние мораме да бидеме исти. Сега не е време да бараме изговори и да ги обвинуваме другите за нашите назадувања; сега немаме време да ѝ се додворуваме на душата дека ако околностите беа само поповолни, колку полесно ќе ни беше да ги извршуваме Божјите дела. Мораме да им кажеме дури и на оние кои тврдат дека веруваат во Христа дека мора да престанат да го навредуваат Бога со грешни изговори“. ­– Manuscript Releases, vol. 12, p. 336.

б. Што учи Вдахновението за борбата што е пред нас? Ефесјаните 6:12; Матеј 24:13.

„Со оглед на краткото време, ние треба како народ будно да бдееме, не дозволувајќи било што да нè одврати од сериозноста во подготовка за тој голем настан кој е пред нас. Бидејќи времето за тоа е очевидно продолжено, мнозина стануваат сè побезгрижни во поглед на своите зборови и постапки. Тие не ја увидуваат опасноста што им се заканува и не сфаќаат дека Бог во Својата милост им ги продолжува деновите на милост и проверка за да имаат време да го изградат својот карактер за идниот, вечен живот. Секој момент е многу драгоцен. Ова време им е дадено не за да си обезбедат себеси лесен и удобен живот на оваа земја, туку да ги победат своите карактерни недостатоци и со пример и лични напори, да им помагаат и на другите да ја сфатат и увидат сета убавина на светоста“. ­– 4 Сведоштво, 306,307.

„Со засилена ревност и енергија треба да го продолжиме делото Господово до крајот на времето“. ­– Counsels to Parents, Teachers, and Stu­dents, p. 548.


Вторник 25. октомври

3. УПОТРЕБА НА СРЕДСТВАТА

а. Кои се некои од точките што нашиот Господар сака да ги разбереме за различните таленти што ни се доверени? Лука 19:13.

„Колку и да се големи или мали средствата на било кој поединец, нека се сети дека му се дадени само на управување. За својата сила, способности, време, таленти, можности и средства, тој мора да даде сметка пред Бога. Ова е индивидуална работа; Бог ни дава, за да можеме да станеме како Него, дарежливи, благородни и добротворни, давајќи им на другите. Оние кои, заборавајќи на својата божествена мисија, гледаат само како да заработат или потрошат во попуштање на гордоста и себичноста, можат да обезбедат добивка и задоволства на овој свет; но во Божји очи, ако се погледнат нивните духовни достигнувања тие се бедни, несреќни, сиромашни, слепи и голи”. ­– Counsels on Steward­ship, p. 22.

„Во Христовиот живот не можам да најдам ниту еден пример дека Тој поминувал време во игра и забава. Тој бил најголемиот воспитувач за сегашниот и идниот живот, но не успеав да најдам ниту еден пример во кој ги поучува учениците со цел физички да се движат да се препуштат на некое уживање или разонода. Искупителот на светот на секој човек му ја одредува својата работа и на сите им заповеда: ‘Тргувајте додека се вратам’ (Лука 19:13). Така срцето се загрева за овој потфат. Сите сили на битието се вклучени во напорот да се покорат на заповедта. Имаме висок и свет повик”. ­– Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 309.

б. Што треба да научиме од Соломоновото искуство? Проповедник 2:10,11.

„Мораме да се одвратиме од илјадници прашања што го привлекуваат нашето внимание. Некои теми одземаат време и ја будат нашата љубопитност, но всушност не водат никаде. Највисоките интереси ги бараат нашето најголемо внимание и енергија, кои толку често се посветуваат на релативно безначајни работи”. ­– Здравје и среќа, 456.

„Нека луѓето видат дека вашиот ум е посветен на корисноста, на извршувањето на должноста и на спасување на душите. Забавите кои ни одземаат време, а со кои само си угодуваме себеси, не доведуваат до посакуваните резултати”. ­– Medical Ministry, p. 82.

„Енергијата што сега ја трошиме на евтини, минливи добра, треба да се искористи за да се просветли светот. Секоја енергија што Бог ја дал нека се употреби во работата што со себе го носи благословеното задоволство што е за време и вечност”. ­– Manuscript Releases, vol. 6, p. 267.


Среда 26. октомври

4. СТЕКНАТ ИМОТ

а. Зошто ставот на безумниот богаташ претставува предупредување за нас? Лука 12:16-21.

„Меѓу оние кои се изјаснуваат дека се Негов народ, може да се види жалосно оддалечување од Бога. Средствата и напорите што треба да се посветат на Христа се посветени на самозадоволување. Бог е лишен од време, пари и служба. Самољубието, самозадоволството, ја исклучува љубовта кон Исус од душата и затоа во црквата нема поголема ревност и погорлива љубов кон Оној кој прв нè возљуби”. ­– The Signs of the Times, December 22, 1890.

„Луѓето се однесуваат како да го загубиле разумот. Натоварени се со животни грижи. Немаат време да се посветат на Бога, немаат време да Му служат. Работи, работи, работи, тоа е нивното мото. Тие бараат од сите околу себе напорно да работат и да водат грижа за големите имоти. Нивна желба е да рушат за да изградат уште поголеми, за да имаат каде да ја сместат својата жетва. И токму такви луѓе кои ги притиска нивното богатство, се сметаат за Христови следбеници. Тие само на зборови веруваат дека Христос наскоро ќе дојде и дека крајот на сè е навистина близу, но немаат дух на жртва. Тие сè подлабоко тонат во светот. Си оставаат себеси малку време за проучување на Речта на животот, за размислување и молитва. Тие не даваат можност за тоа ниту на членовите на своето семејство, ниту на оние кои им служат. А сепак зборуваат дека овој свет не е нивен дом, дека на земјата се само патници кои се подготвуваат за подобра татковина. Тие со својот пример и живот се проклетство за Божјото дело. Сиот нивен христијански живот е празно лицемерство. Тие Го љубат Бога и вистината токму толку колку што го покажуваат тоа со своите дела и ништо повеќе. Луѓето работат во склад со верата што ја имаат”. ­– 2 Сведоштво, 662,663.

б. Што секогаш треба да биде на прво место во нашиот ум? 1 Коринтјаните 3:23; 6:20.

„Без разлика дали ќе му го дадеме нашиот ум, душа и сила на Бога, или не, сето тоа му припаѓа Нему. Бог му зборува на секој човек, велејќи: ‘Имам право на тебе. Дај ми ја твојата ревност, твоите способности, твојата енергија, твоите средства’. Тој има право да го побара тоа; бидејќи ние сме Негови, откупени со Неговата безгранична љубов и маките на крстот на Голгота од службата на гревот”. ­– The Signs of the Times, January 2, 1901.


Четврток 27. октомври

5. ПОДГОТОВКА ЗА ДОЦНИОТ ДОЖД

а. Кое сознание треба да го поттикне секој поединец на акција? 2 Коринтјаните 6:2; Матеј 10:7.

„На Христовото дело треба да му пристапиме многу посериозно. Свечената вест за вистината треба да се објави со таква ревност што дури и неверниците ќе бидат убедени дека Бог учествува во нашите напори, дека Семоќниот е жив извор на нашата сила...

Дали оваа рамнодушност треба да продолжи од година во година? Дали сатаната секогаш ќе триумфира, а Христос ќе биде разочаран од Своите слуги кои ги откупил плаќајќи бесконечна цена? Со радост го чекаме времето на излевањето на доцниот дожд, со сигурност се надеваме на подобри денови кога Црквата ќе биде надарена со сила одозгора, што ќе и овозможи поефикасно да го врши Божјото дело. Меѓутоа, доцниот дожд никогаш нема да ги освежи и окрепи неработните души, оние кои не ја користат силата Божја што веќе им е дадена. Духовната мрзеливост нема да нѐ приближи до Бога. Во сите наши постапки мора да бидат вткаени енергичноста и ревноста, како и посветеноста и личната побожност”. ­– The Signs of the Times, December 9, 1886.

б. Кој е Божјиот повик до нас денес? Исаија 60:1,2; Матеј 5:14-16.

„Црквата која работи е жива црква. Членови на црквата, нека блесне вашето видело. Нека се слушнат вашите гласови во понизни молитви, во сведочењето против неумереноста, безумието и забавата што ги нуди овој свет, како и во објавувањето на вистината за ова време. Вашиот глас, вашето влијание и вашето време - сето тоа се Божји дарови кои треба да се искористат за приведување на душите кај Христа. Посетете ги вашите најблиски и покажете интерес за спасението на нивните души. Разбудете ја сета духовна енергија на активност. Кажете им на оние што ги посетувате дека крајот на сè е близу”. ­– Medical Ministry, p. 332.


Петок 28. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто времето има толку голема вредност?

2. Која заедничка стапица може да нѐ спречи да работиме за Христа?

3. Која склоност може да нè задржи во Лаодикијска состојба?

4. Што треба да нѐ поттикне да работиме за Христа?

5. Зошто многумина ќе пропуштат да го примат доцниот дожд?

 <<    >>