Back to top

Sabbath Bible Lessons

УПРАВИТЕЛИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ (II)

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 1. октомври 2022.

Творец и Сопственик

„Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сè, и според Твојата волја постои сè и е создадено“ (Откровение 4:11).

„Вечниот, жив и недосеглив Јехова, кој нема ниту почеток ниту крај, кој не е некое создадено суштество, е единствен извор на животот и творец на сѐ што е создадено, Оној кој сѐ одржува и само Нему треба да му се клањаме и да го обожаваме“. – Патријарси и пророци, 305.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Selected Messages, bk. 1, pp. 290–295. 

Недела 25. септември

1. ТВОРЕЦ И ОДРЖУВАЧ

а. За што треба да бидеме свесни додека гледаме на славниот раскош на создавањето? Псалм 19:1-3; Исаија 40:18,21,22,26.

„(Псалм 19:1-3). Некои можеби ќе претпостават дека овие величествени работи во природниот свет се Бог. Тие не се Бог. Сите овие чуда на небото само ја вршат работата што им е доделена. Тие се Божји средства. Бог е надгледник, како и Творец на сите нешта“. – Selected Messages, bk. 1, pp. 293, 294.

б. Со кој аспект од Божјата семоќност се среќаваме секојдневно? Дела 17:24-29.

„Човечкиот физички организам се наоѓа под Божји надзор, но тој не е како часовник, кој еднаш е ставен во движење и мора да продолжи да работи сам по себе. Срцето чука, едно отчукување следи друго, еден здив доаѓа по другиот, но целото битие е под Божји надзор... Секое чукање на срцето, секој здив се вдахновени од Оној кој во ноздрите на Адам го вдахнал здивот на животот - вдахновение од секогаш присутниот Бог, големиот ЈАС СУМ“. – Selected Messages, bk. 1, pp. 294, 295.


Понеделник 26. септември

2. ДОСТОЕН ЗА ПОЧИТ

а. Кои факти покажуваат дека само Бог го заслужува нашето постојано обожавање? Псалм 33:6-9; Еремија 10:9-13.

„Господ со право бара луѓето, отфрлајќи ги сите незнабожечки богови да Му се клањаат и да Му служат само Нему, зашто Тој е Творец на кого сите создадени суштества треба да Му заблагодарат за своето постоење“. – Патријарси и пророци, 336.

„Божественото суштество ги одржува сите работи што ги создал. Истата рака што ги потпира планините и ги држи на нивно место, е истата рака што ги води световите на нивното таинствено патување околу сонцето...

Бог обезбедува материја и својства со кои се извршуваат Неговите планови. Тој ги користи Своите орудија за да можат растенијата да цветаат. Тој испраќа роса, дожд и сончеви зраци, за да никне зеленило и да ја рашири својата покривка над земјата, за да можат да пупат и расцутат грмушките и овошните дрвја и да го дадат својот плод“. – Selected Messages, bk. 1, p. 294.

б. Кои прашања треба да нѐ исполнат со почит кон Бога? Јов 11:7; 38:1-7. Како може почитта кон нашиот Творец да влијае на нашето спасение?

„Божественото вдахновение поставува многу прашања на кои дури и најостроумните научници не можат да одговорат. Овие прашања не се поставени за да одговориме на нив, бидејќи тоа е невозможно, туку да ни го свртат вниманието на длабоките Божји тајни и на луѓето да им стави до знаење колку е ограничена нивната мудрост; дека во обичните појави од секојдневниот живот има тајни кои го надминуваат разбирањето на ограничениот човечки ум; дека Божјите намери и судови се неиспитливи, а Неговата мудрост неистражлива. За да му се открие на човекот, Тој се обвиткува во густ облак на таинственост.

Бог нема намера да открие повеќе за Себе отколку што веќе му е откриено на човекот. Кога луѓето би можеле целосно ги разберат патиштата и делата на Бог, тогаш не би верувале во Неговата бесконечност. Неговата мудрост, нејзините причини и нејзините намери човекот во својата ограниченост не може ниту да ги сфати. ‘Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта!’ (Римјаните 11:33). Неговата љубов никогаш не може да се објасни со природни закони. Ако тоа можеше да се направи, тогаш не би чувствувале потреба да Му ги довериме интересите на нашите души. Скептиците одбиваат да веруваат, бидејќи со својот ограничен ум не можат да ја сфатат неограничената сила со која Бог им се открива на луѓето. Дури ни механизмот на човечкото тело не може целосно да се разбере; тој претставува тајна која ги збунува и најинтелигентните“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 3, p. 1141.


Вторник 27. септември

3. ВИСТИНСКА СОПСТВЕНОСТ

а. Што Бог отсекогаш сакал да сфатиме за сопственоста на имотот? Псалм 50:7,10-12.

„Со таквото систематско доброчинство, Господ сакал да ги поучи Израелците дека Нему му припаѓа првенство во секој поглед. Така тие се потсетувани дека Бог е вистинскиот сопственик на нивните посеви, на полињата и стадата, зашто Тој им давал сонце и дожд за нивните посеви да се развијат и да узреат. Сè што имале било Негово - тие биле само повереници на Неговите добра“. – Делата на апостолите, 337.

„Нашите тела му припаѓаат на Бога. Тој ја платил цената на откупувањето на телото и душата. ‘Не припаѓате само на себе? Зашто скапо сте платени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји’ (1 Коринтјаните 6:19,20). ‘Телото, пак, не е за блудство, а за Господ, а Господ - за телото’ (1 Коринтјаните 6:13). Творецот бдее над човечката машинерија, одржувајќи ја во движење. Да не беше Неговата постојана грижа, пулсот немаше да чука, активноста на срцето ќе престанеше, мозокот повеќе немаше да ја извршува својата улога“. – Counsels on Health, p. 586.

б. Колку е обемна Божјата сопственост? Псалм 24:1,2; Второзаконие 10:14. Што значи ова за нас? Откровение 4:11.

„Запомнете дека постои само еден Сопственик на универзумот и дека секој човек, со своето време, интелект, средства му припаѓа на Оној кој платил откупнина за душата. Бог со право бара постојана служба и врвна наклонетост. Божјата волја, а не вашето задоволство, треба да биде ваш критериум“. – Selected Messages, bk. 2, p. 137.

„Не смееме да заборавиме дека Му служиме на Бога, дека сме Негова сопственост и дека целиот свет е Негов. Иако сите сме сиромашни и неспособни за големи дела, Господ ја повикува секоја душа да практикува самоодрекување во ова време на немаштија и да може да дава, не неволно или од потреба, туку со радосна благодарност за Божјиот неискажлив дар“. – The Review and Herald, August 21, 1894.

„Оние коишто имаат постојано на ум дека сме скапо платени нема во својот желудник да внесат храна која ќе му угодува на апетитот, но која им наштетува на органите за варење. Тие нема да ја упропастат Божјата сопственост преку попуштање во несоодветни навики на јадење, пиење или облекување. Тие ќе се грижат многу за човечката машинерија, сфаќајќи дека мора да го чинат тоа за да можат да работат во партнерство со Бога. Тој сака тие да бидат здрави, среќни и корисни. Но, за да бидат такви, тие мора да ја стават својата волја на страната на Неговата волја“. – Совети за детето, 399.


Среда 28. септември

4. КОЈ ЈА ИМА ВЛАСТА?

а. На кого Бог му ја доверил власта над Своите земни добра? Создавање 1:26-28. Зошто ова претставува чест за човечкиот род? Псалм 8:1-9.

„Оној што го распрострел ѕвезденото небо над нас, кој ги одржува световите во просторот и со својата вешта рака му дава бои на полското цвеќе, кој небото и земјата ги исполнил со чудеса на својата моќ кога сакал да го круниса своето прекрасно дело на создавањето не пропуштил да создаде едно суштество достојно за раката која му го подарила животот и да го постави за господар над земјата која била толку убава и неизвалкана. Родословието на човечкото семејство, како што ни го дава божественото вдахновение, не води потекло од некои микроорганизми, лазачи и четириношци, туку од големиот Творец. Иако создаден од прав, Адам бил ‘Божји син’ (Лука 3:38)“. – Патријарси и пророци, 44.

б. Заради падот на Адам, со што се фалел измамникот пред Христа? Лука 4:5,6.

в. Кога Христовата власт над оваа планета во целост ќе биде повратена? Даниел 7:13,14,26,27; Михеј 4:8; Откровение 11:15.

„Кога сатаната му кажал на Христа дека царството и славата на овој свет му се предадени нему и дека ќе му ги даде на оној што сака, тој само делумно ја кажал вистината и тоа само затоа што со тоа сакал да ја постигне својата намера да измами. Сатаната го грабнал своето царство од Адама, но Адам бил намесник на Творецот. Тој не бил независен владетел. Земјата му припаѓа на Бога, а Тој сѐ му доверил на Својот Син. Адам требало да владее во потчинетост на Христа. Кога Адам ја предал својата власт во рацете на сатаната, сепак Христос останал законски Цар. Така Господ му рекол на царот Навуходоносор: ‘Севишниот има власт над човечкото царство и Тој му го дава на кого што сака’ (Даниел 4:17). Сатаната може да ја спроведува својата узурпирана власт, само доколку Бог му го дозволи тоа“. – Копнежот на вековите, 129,130.

„Христос, како што ни кажува пророкот Даниел, ќе прими од Старецот ‘власт, слава и царство’. Тој ќе го прими новиот Ерусалим, главниот град на Своето царство, што ќе биде ‘стокмен како невеста променета за својот маж’ (Даниел 7:14; Откровение 21:2). Откако ќе го прими царството, ќе дојде во Својата слава како, Цар над царевите и Господар над господарите да му даде спасение на Својот народ, кој ‘ќе седне на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно’ (Матеј 8:11; Лука 22:30), да земе учество во свадбената вечера на Јагнето“. – Големата борба, 426.


Четврток 29. септември

5. УПРАВУВАЊЕ НА ДОВЕРЕНИКОТ

а. Секогаш кога ни е доверен било каков степен на управување — голем или мал — на кое предупредување треба да внимаваме? Второзаконие 8:11-18.

„Ние себе треба да се сметаме за управители на Господовиот имот а Него како апсолутен сопственик, на Кого сме должни да Му го вратиме Неговото секогаш кога Тој тоа ќе го побара“. – 4 Сведоштво, 480,481.

б. Која порака има особена сила во овие последни денови, непосредно пред враќањето на нашиот Господ? Лука 19:11-13.

„Бог нè нарекува слуги, што значи дека сме ангажирани од Него да извршиме одредена работа и да носиме одредени одговорности. Тој ни обезбедил капитал за инвестирање. Тоа не е наша сопственост и ние навлекуваме на себе Божјо незадоволство кога го чуваме за себе Господовото богатство или го трошиме како што сакаме...

Внимателно ќе се разгледа секој талент кој ќе му се врати на Господарот. Постапките на Божјите слуги нема да се сметаат за неважни. Секој поединец ќе биде лично испитан и ќе се бара да даде отчет за талентите што му се доверени, без разлика дали ги умножил или ги злоупотребил. Наградата ќе биде пропорционална со умножувањето на талентите. Казната ќе биде пропорционална со злоупотребените таленти...

Талентите се во наши раце. Дали ќе ги користиме за слава на Бога, или ќе ги злоупотребуваме? Можеме да тргуваме со нив денес, но утре може да заврши пробниот период и нашата сметка да биде заклучена засекогаш“. – 2 Сведоштво, 668.


Петок 30. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кои факти откриваат дека нашиот Творец е и наш Одржувач?

2. Зошто само Бог е достоен за обожавање?

3. Како треба да одговориме кога размислуваме за тоа дека сè му припаѓа на Бога и дека Тој на луѓето им ја доверил власта над земјата?

4. Што треба да разбереме за узурпираниот авторитетот на сатаната?

5. Какво искушение доаѓа кога ни се доверуваат добра?

 <<    >>