Back to top

Sabbath Bible Lessons

УПРАВИТЕЛИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ (II)

 <<    >> 
6. лекција Сабота, 5. ноември 2022.

Љубов кон парите

„Среброто е Мое и златото е Мое - вели Господ Саваот“ (Агеј 2:8.

„Кога и да ги трошиме на нешто своите пари, мораме да се трудиме да ја твориме волјата на Оној кој е алфа и омега на сите христијански стремежи“. – 9 Сведоштво, 49.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   5 Сведоштво, 148–157; 
  2 Сведоштво, 99, 652-662. 

Недела 30. октомври

1. НАМЕРИТЕ НА СРЦЕТО ОТКРИЕНИ

а. Како нашата употреба на пари ја открива длабочината на нашата посветеност на Бога? Матеј 6:21.

„Има една работа во која мораме да бидеме длабоко искрени, а тоа е служењето на Бога. Овде не постои опасност од преголема ревност. Кога би работеле со поглед насочен само на славата Божја, сета магла би се отстранила, и нашите гледишта за тоа што е правилно и погрешно би станале јасни. Ние треба на Бога да му го посветиме и својот имот. Јазикот на нашето срце тогаш ќе биде: ‘Господи, еве ги средствата што ми ги довери; што сакаш да правам со нив?’“ – The Signs of the Times, January 7, 1886.

„Парите ни се доверени од Бога. Тие не се наши за да ги трошиме за потхранување на гордоста или амбициите“. – Здравје и среќа, 287.

б. Како може Давидовата посветеност на Бога да биде инспирација и укор за многумина од нас? 1 Летописи 29:3-5.

„Дали благодарноста умре во срцето? Дали крстот Христов го засрами животот на себичната лагодност и уживање?... Ние ги жнееме плодовите на оваа бескрајна самопожртвуваност; а сепак, кога треба да се направи труд, кога се бараат нашите пари за да се помогне во делото на Искупителот во спасувањето на душите, ние бегаме од должноста и се молиме да бидеме изземени”. – Counsels on Stewardship, p. 21.


Понеделник 31. октомври

2. БИДЕТЕ СВЕСНИ ЗА ПЛАНОТ НА НЕПРИЈАТЕЛОТ

а. Како сме предупредени за злобниот заговор против чуварите на саботата? Матеј 20:1-9.

„Оние што дошле во лозјето во единаесет часот биле благодарни што имале можност да работат. Нивните срца биле полни со благодарност кон оној што ги примил; и кога, на крајот на денот, домаќинот им ја исплатил дневницата за цел работен ден, тие биле мошне изненадени. Знаеле дека не заслужуваат таква плата. Љубезноста што се видела на лицето на нивниот работодавец ги исполнила со радост. Никогаш не ја заборавиле добрината на господарот и дарежливата награда што ја примиле. Така ќе биде и со грешниците кои ќе влезат во лозјето на својот Господар во единаесеттиот час, свесни за својата недостојност. Нивното време во службата изгледало толку кратко што чувствувале дека не заслужуваат награда; но тие биле исполнети со радост што Бог воопшто ги прифатил. Тие работат со понизен дух, полн со доверба, благодарни за привилегијата да соработуваат со Христа. Таквиот дух Бог со задоволство го прифаќа и почитува.

Господ сака да Му веруваме и да не поставуваме прашања за големината на Неговата награда. Кога Христос престојува во душата, мислата за награда не е на дневен ред. Ова не е мотивот што го поттикнува човекот на работа. Секако, во извесна смисла треба да ја цениме висината на ветената награда. Бог сака да ги цениме благословите што ги ветил. Меѓутоа, Тој не сака да бидеме нетрпеливи за наградите, ниту да чувствуваме дека треба да бидеме наградени за секоја обврска. Не треба на прво место да ни биде наградата. Независно од тоа дали ќе примиме награда, ние мораме да го сториме она што е правилно. Љубовта кон Бога и кон ближните треба да биде нашиот мотив“. – Христовите поуки, 397,398.

б. Зошто сме особено предупредени против алчноста? Лука 12:15.

„Себичноста и алчноста кое се скриени во човечкото срце се најмоќните страсти и лесно може да се предвиди исходот од внатрешниот конфликт. Ако душата секојдневно не го црпи она што и е потребно за живот од Христовото тело и Неговата крв, сатанскиот елемент ќе го надвладее божествениот. Самоуверениот, независен дух никогаш нема да влезе во Божјото царство. Само оние кои соработуваат со Христос во Неговото самооткажување и жртва ќе бидат учесници во Неговата слава“. – Selected Messages, bk. 2, p. 216.


Вторник 1. ноември

3. СЕРИОЗНО ПРАШАЊЕ

а. Како љубовта кон парите го влошува нашиот духовен живот - и кој е лекот за тоа? 1 Тимотеј 6:9,10.

„Христос се согласил на непроценлива жртва. Тоа само по себе претставува одлучно спротивставување на лакомството, а издигнување на добродетелството и несебичноста.

Постојаната подготвеност на самооткажување и добродетелство претставува од Бога даден лек против гревот на себичност и лакомство кој ја разјадува душата како рак. Бог го одредил систематското добродетелство за со така собраните средства да се помогне Неговото дело и да се ублажат страдањата на сиромашните и оние кои се во неволја. Тој одредил давањето на таков начин да премине во навика и да стане природна препрека на толку опасниот грев на лакомството.

Со постојано давање лакомството е едноставно осудено на смрт. Систематското добродетелство има цел од Бога дадените средства да се извлечат од рацете на алчните исто толку бргу како што се и стекнати и да се посветат на Господа кому и Му припаѓаат“. – 3 Сведоштво, 548.

„Самопожртвувањето е клучна одлика на Христовото учење. Тоа често се прикажува и налага со авторитетни зборови, затоа што Бог гледа дека не постои друг пат човекот да се спаси, освен да се ослободи од себичноста која, ако и понатаму се задржи во душата, би го понижила целото битие“. – 9 Сведоштво, 49.

„Она што ги јаде виталните сили на Божјиот народ е љубовта кон парите и пријателството со светот“. – 2 Сведоштво, 657.

б. На што сака Бог да го фокусираме нашето внимание, и зошто? Колосјаните 3:1.

„Себичноста е грев кој ја уништува душата. Таа раѓа алчност, која е ‘идолопоклонство’. На Бога му припаѓа сè. Секој успех кој ќе го постигнеме во животот, било во материјален или во било кој друг поглед, е дар на божествената милост и добрина. Бог е голем и милостив Дарител; и кога Тој бара од нас да Му вратиме еден дел од она со што нè надарил, Тој не го бара тоа за да се збогати со нашите дарови, бидејќи Нему не му е потребно ништо од нашата рака; туку за да ни даде можност да покажеме самооткажување, љубов и сочувство кон своите ближни и благодарение на тоа да се издигнеме на повисоко ниво на духовност и благородност. Во сите времиња, од Адамовите па сè до наши дни, Бог полагал право на имотот на секој човек велејќи: Јас сум законски сопственик на вселената; затоа посветувајќи ми ги своите првини вие давате доказ за својата верност; враќајќи Ми го она што е Мое, вие ја признавате Мојата врховна власт; тогаш слободно држете и уживајте ги Моите дарови и ќе ве следи Мојот благослов“. – 4 Сведоштво, 476,477.


Среда 2. ноември

4. ЗАВЕТ ПРЕКУ ЖРТВА

а. Со оглед на краткото време кое ни е на располагање, што треба секој од нас да има на ум кога управува со личните финансии? Агеј 2:8.

„За многумина поседувањето богатство се покажа како стапица. Во својата желба да ги следат обичаите на светот, тие ја изгубиле својата ревност за вистината и се во опасност да го изгубат вечниот живот“. – This Day With God, p. 349.

„За да се испраќаат мисионери во други земји и за да се печатат публикации за вистината која треба да се шири по целиот свет како есенско лисје, недостигаат средства затоа што тие кои ги поседуваат најчесто не ги слушаат таквите повици. Своето лакомство тие го оправдуваат со тврдењето дека својот имот го ветиле за добротворни цели, докажувајќи со тоа дека мислеле на Божјото дело додека го правеле тестаментот. Затоа живеат живот на скржавци кои Го крадат Бога во десетокот и во приносите, додека со својот тестамент Му враќаат само мал дел од она што им го позајмил, а најголемиот дел го оставаат на своите роднини кои не покажуваат никаков интерес за вистината. Ова е нивен начин на ускратување. Тие не престануваат да Му го ускратуваат на Бога она што Му го должат, не само во текот на целиот живот, туку дури и по смртта“. – 4 Сведоштво, 479,480.

„Нивниот најдобар пријател е Исус. Тој заради нив не го жалел Својот живот, туку осиромашил заради нив, за преку Неговата сиромаштија да се збогатат. Тој го заслужува целото нивно срце, нивниот имот, сѐ што имаат и што се. Но, многумина што се изјаснуваат како христијани ги занемариле барањата на Исус во нивните животи и го навредуваат со тоа што Му даваат само мал дел при смртта“. – Counsels on Stewardship, pp. 326, 327.

б. Какво конкретно предупредување во врска со управувањето им дава Христос на родителите? Матеј 10:37.

„Родителите кои исповедаат вера често својот имот го пренесуваат на своите неверни деца, и со тоа се ставаат во положба да не можат да Му го вратат на Бога тоа што е Негово. Со таквите постапки родителите ги симнуваат од себе должностите што Бог им ги доверил, и средствата што Тој им ги позајмил за да ги вложат кога Тој тоа ќе го побара, им ги оставаат на оние што се наоѓаат во редовите на непријателот. Не е во согласност со Божјата волја, родителите кои можат да одлучуваат, контролата над својот имот да им ја препуштат на своите деца, дури и кога децата се верни“. – 1 Сведоштво, 528,529.


Четврток 3. ноември

5. НАЈБЕЗБЕДЕН СЕФ

а. Какво утешно ветување им нуди Христос на сите што склучуваат завет со Него преку жртва? Матеј 6:28-33.

„Отворете ги вашите срца за да го добиете (Божјото) царство и нека службата за него ви биде поважна од сѐ друго. Иако природата на тоа царство е духовна, не плашете се дека вашите потреби во овој живот ќе останат незадоволени. Ако се посветите на Божјата служба, Оној кој ја има сета власт на небото и на земјата ќе се погрижи и за вашите потреби...

Додека живеел на оваа земја, Исус се покажал достоен во секој момент на Својот живот, на луѓето им ја откривал славата Божја и во сè и се потчинувал на волјата на својот Отец. Ако го следиме Неговиот пример, Тој нè уверува дека ќе ни се ‘додаде’ сѐ што ни е потребно во овој живот. Сиромаштија или богатство, болест или здравје, едноставност или мудрост - сето тоа го предвидел кога ни ја ветил Својата благодат“. – Мисли од гората, 99.

„Секој чин на самопожртвуваност за доброто на другите ќе го зајакне духот на добродетелство во срцето на давателот, поврзувајќи го поблиску со Откупителот на светот“. – Counsels on Stewardship, p. 20.

б. Кој е најефикасниот начин да го зачуваме нашето богатство? Дела 3:9,10.

„Дали сакате да го обезбедите вашиот имот? Ставете го во раката што ги носи лузните од клинците при распнувањето. Ако задржите сè во ваша сопственост, тоа ќе биде ваша вечна загуба. Ако му го дадете тоа на Бога, од тој момент вашиот имот ќе го носи Неговиот натпис. Тој е запечатен со Неговата непроменливост“. – Counsels on Stewardship, p. 49.

„Ние треба да инвестираме во интересите на небото и секогаш да работиме со поглед вперен во небото, ставајќи го своето богатство во небесната банка“. – The Signs of the Times, April 4, 1895.


Петок 4. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто парите можат да бидат талент кој открива многу за нашето срце?

2. Опишете една стратегија што сатаната ја планира против чуварите на саботата.

3. Како ќе бидеме благословени ако ја победиме љубовта кон парите?

4. Што треба да имаме на ум додека се приближува крајот на времето?

5. Какво ветување им е дадено на оние кои го чуваат своето богатство на небото?

 <<    >>