Back to top

Sabbath Bible Lessons

УПРАВИТЕЛИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ (II)

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 15. октомври 2022.

Се на олтарот

„Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила! Ова е првата заповед“ (Марко 12:30).

„Целото битие - срцето, душата, умот и силата - треба да се стави во служба на Бога. Што останало што не му е посветено на Бога?“ – The Review and Herald, November 6, 1900.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Рани списи, 266-269. 

Недела 9. октомври

1. МОТИВ ЗА СЛУЖБА

а. Кои аспекти на учеништвото честопати се занемаруваат од многумина кои тврдат дека го следат Христос? Марко 8:34; Јован 15:19,20.

„Но и покрај толку голема жртва, малкумина се оние кои се согласуваат да живеат во послушност за да бидат засекогаш спасени. Малку луѓе се подготвени на прогонство и како Него до изнемоштеност да работат на предавање на светлината на другите. Малку се оние кои ќе одат по Неговиот пример и ќе Му се молат на Бога за сила за да ги поднесат неволјите на овој живот и да ги вршат своите секојдневни должности. Христос е Војсководец на нашето спасение. Со своите страдања и со својата жртва Тој дал пример на сите свои следбеници и покажал дека стражарењето, молитвата и неуморните напори се неопходни ако сакаат да Му бидат слични според љубовта која Тој ја чувствувал кон паднатиот род“. – 2 Сведоштво, 664.

б. Каков контраст постои помеѓу вистинската и лажната служба? Јов 31:24-28; 29:11-16. Зошто мора да ги преиспитаме нашите мотиви?

„Кај многумина, нечистотијата на светот ги затнала каналите на душата. Себичноста го контролира умот и го искривува карактерот. Кога животот би бил скриен со Христос во Бога, Неговата служба не би била напорна. Кога целото срце би му било посветено на Бога, секој ќе најдеше што да прави и ќе беше подготвен да учествува во работата. Потоа би сееле покрај сите води, молејќи се и верувајќи дека тоа ќе донесе род“. – The Review and Herald, December 19, 1878.


Понеделник 10. октомври

2. ОСНОВНА ТЕМА НА ХРИСТОВИТЕ УЧЕЊА

а. Каква несреќна спротивност постои помеѓу самиот Христос и многумина кои денес се изјаснуваат дека се Негови следбеници? Филипјаните 2:5-8,21.

„Извршувањето на планот на спасението беше овозможено со жртва која е толку широка, длабока и висока што е немерлива. Христос не ги испратил Своите ангели во овој паднат свет, а Тој останал на небото, туку Самиот излегол од логорот носејќи го срамот. Тој станал човек на болки и свикнат на страдања; Самиот ги зел нашите слабости и ги понел нашите немоќи. А отсуството на самоодрекување кај оние кои исповедаат дека се Негови следбеници, Бог го смета за одрекување од христијанското име. Оние кои тврдат дека се едно со Христа и ги задоволуваат своите себични желби за богата и скапа облека, мебел и храна, се само христијани по име. Да се ​​биде христијанин значи да се биде како Христос.

А сепак колку се вистинити зборовите на апостолот: ‘Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос’ (Филипјаните 2:21). Многу христијани немаат дела што одговараат на името што го носат. Тие се однесуваат како никогаш да не слушнале за планот на спасението, кој бил остварен по бесконечна цена. Повеќето се обидуваат да направат име за себе во светот; тие ги прифаќаат неговите форми и церемонии и живеат за да си угодат себеси. Тие се желни да ги остварат своите цели како и светот, и на тој начин ја намалуваат својата сила да помогнат во изградбата на Божјото царство“. – Counsels on Stewardship, p. 54.

б. Кое небесно начело Христос им го налага на сите свои следбеници денес? Зошто? Матеј 16:24-26.

„Оние што сакаат да ги добијат благословите на посветувањето, мораат да го сфатат значењето на пожртвувањето. Христовиот крст е главен столб кој го држи ‘вечното изобилство на славата’ (2 Коринтјаните 4:17). ‘Ако некој сака да тргне по Мене’, кажува Христос, ‘нека се откаже од себеси, нека го земе својот крст и нека Ме следи’ (Матеј 16:24). Нашата љубов кон ближните претставува мирис кој ја открива и нашата љубов кон Бога. Трпението во службата на Бога и на ближните ѝ донесува спокојство на душата. Бог го поддржува и го засилува секого кој сака да ги следи Христовите стапки“. – Делата на апостолите, 560.

„Такво самопожртвување кое (Христос) го навело да умре на крстот, за да им овозможи на човечките суштества да имаат вечен живот, треба да се манифестира и во нашиот живот. Кога и да ги трошиме на нешто своите пари, мораме да се трудиме да ја твориме волјата на Оној кој е алфа и омега на сите христијански стремежи.

Сите пари кои можеме да ги заштедиме, должни сме да ги положиме во Господовата каса. Потребите на запоставените и необработените полиња викаат за тие пари“. – 9 Сведоштво, 49.


Вторник 11. октомври

3. ДА УЧИМЕ ОД АПОСТОЛИТЕ

а. Која била тајната на горливата љубов на апостол Павле кон душите на мажите и жените? 2 Коринтјаните 4:15-18; 5:14,15.

„Како можат оние за кои Христос се жртвувал толку многу да продолжат себично да уживаат во Неговите дарови? Неговата љубов и самоодрекување се неспоредливи; и кога оваа љубов ќе стане искуство на Неговите следбеници, тие ќе ги поистоветат своите интереси со интересите на својот Откупител. Нивната служба ќе биде насочена кон изградба на Христовото царство. Тие ќе Му се посветат себеси и својот имот и ќе ги користат според потребите на Неговото дело...

Исусовата љубов ќе се открие во душата со зборови и дела. Христовото царство ќе биде на прво место. Ние доброволно ќе го положиме нашето ‘јас’ како жртва на Божјиот олтар. Секој кој е вистински соединет со Христа ќе ја почувствува истата љубов кон душите која го натерала Синот Божји да го напушти царскиот престол, Неговата врховна власт, и заради нас да стане сиромашен, за ние преку Неговата сиромаштија да станеме богати“. – Counsels on Stewardship, p. 55.

б. На која склоност апостол Павле ги предупредува верниците - и како тоа може да се однесува на нас? 1 Јованово 2:15-17.

„Што правиме ние, како оние што се изјаснуваат како христијани? Душите насекаде околу нас, во близина на нашите домови, како и оние што се далеку од нас, гинат во своите гревови, без предупредување и без грижа. Секојдневно поминуваме покрај оние кои се без надеж и без Бога во светот, и никогаш не отвораме уста да им кажеме за Христос и Неговата љубов. Мажите и жените се опиени од љубовта кон светот... Војниците на крстот Христов мораат да ги раздвижат небесата со своите молитви за да може Бог да дејствува, за да може Неговата сила да соработува со човечките орудија за да допре до луѓето таму каде што се наоѓаат“. – Manuscript Releas­es, vol. 8, p. 95.

„Додека многумина чекаат да се отстранат сите пречки, душите во светот умираат без надеж и без Бога. Има многу, многу луѓе кои заради световните предности, заради стекнување на научно знаење, ќе одат во региони со заразни болести и ќе заминат во земји каде што мислат дека можат да стекнат материјална корист; но каде се мажите и жените кои ќе ја сменат својата локација и ќе ги преселат своите семејства во региони на кои им е потребна светлината на вистината, за да можат со својот пример да им покажат на другите дека се Христови претставници?“ – Counsels on Stewardship, p. 56.


Среда 12. октомври

4. КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВЕРАТА

а. Како Христови слуги, што треба да ја карактеризира нашата вера? Зошто? Ефесјаните 6:6-8.

„Зар не постои опасност скапоценото, бесмртното наследство да биде засенето од безвредното земно богатство? Зар не постои опасност вашата корисност да биде уништена, вашата вера ослабена, храмот на вашата душа осквернавен од купувачите и продавачите“. – The Review and Herald, June 19, 1888.

б. Зошто Христос често ја повторувал десеттата заповед за време на Неговата служба? Излез 20:17; Лука 12:15. Кој е Божјиот лек кој ќе ни помогне да го победиме ужасниот грев на себичноста? Евреите 12:2,3.

„Христос е нашиот пример. Тој го дал Својот живот како жртва за нас и бара од нас да го дадеме својот живот како жртва за другите. Така можеме да ја истераме себичноста што сатаната постојано се обидува да ја всади во нашите срца. Оваа себичност е смрт за секоја побожност и може да се надмине само со покажување љубов кон Бога и кон нашите ближни. Христос нема да дозволи ниту еден себичен човек да влезе во небесните дворови. Ниту еден алчен човек не може да помине низ бисерните порти, бидејќи алчното однесување е идолопоклонство“. – Counsels on Stewardship, p. 26.

„Постојаната подготвеност на самооткажување и добродетелство претставува од Бога даден лек против гревот на себичност и лакомство кој ја разјадува душата како рак. Бог го одредил систематското добродетелство за со така собраните средства да се помогне Неговото дело и да се ублажат страдањата на сиромашните и оние кои се во неволја. Тој одредил давањето на таков начин да премине во навика и да стане природна препрека на толку опасниот грев на лакомството. Со постојано давање лакомството е едноставно осудено на смрт. Систематското добродетелство има цел од Бога дадените средства да се извлечат од рацете на алчните исто толку бргу како што се и стекнати и да се посветат на Господа кому и Му припаѓаат...

Така богатството ги прави луѓето себични, а натрупувањето на богатство само го потхранува лакомството. Тие зла, доколку луѓето им се оддаваат, стануваат сè посилни. Бог ги познава опасностите кои ни се закануваат и нè оградува со Своите уредби за да не пропаднеме. Тој бара постојано практикување на добродетелство за моќта на навиките во добрите дела да ја надвладее и скрши моќта на навиката во спротивна насока...

Со постојана примена во пракса, добродетелството сè повеќе зајакнува и се развива додека не стане цврсто начело кое владее со човечката душа. За нашиот духовен развој е многу опасно ако дозволиме себичноста и лакомството да најдат и најмало место во нашето срце“. – 3 Сведоштво, 548.


Четврток 13. октомври

5. ЦЕЛОСНО ПОКОРУВАЊЕ

а. Како можеме да бидеме охрабрени од примерот на раните христијани во Македонија? 2 Коринтјаните 8:1-5.

„Речиси сите македонски верници биле сиромашни во земни добра, но срцата им биле преполни со Божја љубов и со Неговата вистина и со задоволствбо давале за да го помогнат ширењето на евангелието. Кога во црквите на некогашните незнабошци биле собрани прилози за верниците од еврејско потекло, духот на дарежливост во Македонија е истакнуван како пример пред другите цркви“. – Делата на апостолите, 343.

б. Како Христос ја сумира нашата должност како верници? Марко 12:29-31. Што се случува кога овој принцип го применуваме во секојдневна пракса? Матеј 7:24,25.

„Целото битие треба да го посветиме во службата на Учителот“. – The General Conference Bulletin, April 16, 1901.

„Никој не може да биде вистински соединет со Христа, да живее според Неговите поуки, да го прима на себе Неговиот јарем на ограничување, а притоа да не почувствува нешто што никако не може да се изрази со зборови. Во него се будат нови, богати мисли. Тој добива просветлување на умот, одлучност на волјата, чувствителност на совеста и чистота на фантазијата. Срцето станува понежно, мислите подуховни, животот посличен на Христа. Во животот се забележува она што не може да се изрази со зборови, вистинска, верна, полна со љубов посветеност на срцето, умот, душата и сите способности во работата за Учителот“. – 6 Сведоштво, 476,477.


Петок 14. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Јов во својот живот го одразувал Христовиот Дух?

2. Која вообичаена склоност треба да ја совладаме ако сакаме да бидеме победници?

3. Што нѐ учат Павле и Јован за негувањето вечни вредности?

4. Зошто алчноста е толку штетна за нашите души?

5. Како се наградува посветената служба, дури и во овој земен живот?

 <<    >>