Back to top

Sabbath Bible Lessons

УПРАВИТЕЛИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ (II)

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 12. ноември 2022.

Богатство на небото

„Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Матеј 6:19-21).

„Бог сака да го избереме небесното наместо земното. Тој пред нас отвора можности за небесна инвестиција. Тој нè поттикнува и храбри да се стремиме кон највисоки цели и да си го обезбедиме најскапоценото богатство“. – Христовите поуки, 374.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Адвентен дом, 367-380. 

Недела 6. ноември

1. РЕЗУЛТАТ НА БЛАГОДАРНОСТ

а. Кои важни чувства треба постојано да одекнуваат во нашите срца? Псалм 107:8,15,21,31; Јован 14:1-3.

„Нека секој разбере дека само Божјата љубов може да го одржи Неговиот народ верен во самоодрекувањето и самопожртвуваноста кои тие се повикани да ги поднесат заради Христа. Често повторувајте ги првите три стиха од четиринаесеттата глава на Јован. Овие стихови се лек за тага, разочарувања и неволји. Убедувањето дека надежта за вечен живот е сигурна предизвикува срцето да се преплави со изрази на благодарност“. – The Paulson Collection of Ellen G. White Letters, p. 5.

б. Што треба да имаме на ум кога ги даваме нашите средства на Господа? Псалм 29:1,2.

„Да се дава значи да се живее. Животот што ќе биде сочуван е оној живот, кој несебично се посветува во служба на Бога и на човекот. Оние што го жртвуваат заради Христа својот живот во овој свет, ќе наследат вечен живот“. – Копнежот на вековите, 623,624.

„Покажано ми е дека ангелот записничар верно го запишува секој дар кој е посветен на Бога и е ставен во Неговата ризница, како и крајните резултати кои се постигнати со помош на тие средства. Божјото око ја набљудува секоја паричка посветена за Неговото дело, како и подготвеноста или неподготвеноста на оној кој ја дава. Исто така и желбата за давањето е запишана“. – Адвентен дом, 368.


Понеделник 7. ноември

2. РАЗЛИЧНО ОД ОНА ШТО МОЖЕ ДА СЕ ОЧЕКУВА

а. Кое начело дадено од Исус претставува тајна за посреќен живот? Дела 20:35.

„Принципот на оние кои живеат за овој свет е сосем спротивен на ова: не само да даваат туку да земаат сè што може од пропадливите работи на овој живот. Себичната љубов кон добивката е раководечко начело на нивниот живот. Меѓутоа, најчистата радост не се наоѓа во богатството и незаситното лакомство, туку таму каде што е задоволството и каде што љубовта е основно начело. Илјадници од нив го минуваат животот во потчинување на своите желби, но срцата им се полни со незадоволство. Тоа се жртви на себичност и незадоволство со залудни обиди да најдат задоволување во попуштање на телесните желби. На лицето им се гледа дека се несреќни, а зад нив останува само пустош, бидејќи не се плодни во добрите дела.

Доколку Христовата љубов го исполнува нашето срце и го контролира нашиот живот, лакомството, себичноста и љубовта кон задоволствата ќе бидат победени и ќе ни биде вистинско задоволство да ја твориме волјата на Оној за чии слуги се сметаме. Нашата среќа ќе биде соодветна на нашите несебични дела, на кои ќе нè поттикнува Христовата љубов.

Божествената мудрост воспоставила законитост во планот на спасението: секоја преземена активност да има и повратно дејство, што го прави делото на добродетелство - во сите негови гранки - двоен благослов. Оној кој им дава на сиромашните претставува благослов за нив, но со тоа и тој самиот е уште повеќе благословен. Својата цел во спасување на грешникот Бог би можел да ја оствари и без помош на човекот, но Тој знае дека човекот не може да биде среќен ако не учествува во тоа големо дело кое постојано го потсетува на самооткажувањето и добродетелството“. – 3 Сведоштво, 382.

б. Како Господ нѐ повикува да поставиме приоритети во нашите животи? Матеј 6:19,20.

„(Бог) одредил давањето да стане навика, за да може да се уништи влијанието на опасниот и лукав грев на лакомоста. Постојаното давање целосно ја уништува лакомоста“. – Адвентен дом, 370.

„Кога ќе исчезнат богатствата што ги јаде молец и ’рѓа расипува, Христовите следбеници ќе можат да се радуваат на своето небесното богатство, богатството кое не може да пропадне...

На оние што ги растураат Неговите добра, Христос сè уште им дава можност да си обезбедат трајно богатство...

Нека вашиот имот оди на небото пред вас. Ставете го своето богатство покрај Божјиот престол“. – Христовите поуки, 374,375.


Вторник 8. ноември

3. ОСНОВЕН УСЛОВ

а. Што треба секој од нас да има на ум во процесот на вистинско самопредавање на Христа како подготовка за царството небесно? 1 Коринтјаните 15:31.

„Животот на апостол Павле бил постојана борба со себеси. Тој рекол: ‘Секој ден умирам’ (1 Коринтјаните 15:31). Неговата волја и желбите секој ден се бореле со должноста и волјата на Бога. Наместо да ги следи своите желби, тој, кога ќе погледнел наназад кон своите битки и победи, можел да рече: ‘Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив. Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија’ (2 Тимотеј 4:7,8).

Христијанскиот живот е борба и напредување. Тоа е борба во која нема опуштање; напорите мораат да бидат постојани и истрајни. Мораме да се стремиме кон христијански интегритет со неодолива енергија и да се одржиме, така што ќе бидеме постојано насочени кон целта.

Никој нема да биде роден одозгора без непоколебливи, истрајни напори од своја страна. Сите мораат да се вклучат во таа битка за себеси; никој друг не може да ги води нашите битки. Секој од нас е лично одговорен за својата борба“. – Здравје и среќа, 452,453.

„Сакате ли да ги избегнете седумте последни зла? Сакате ли да влезете во славата и да го наследите сето она што Бог го подготвил за оние кои Го љубат и кои се подготвени да страдаат за Неговото дело? Ако го сакате тоа, морате да умрете за да можете да живеете. Бидете подготвени, бидете подготвени, бидете подготвени! Морате да поседувате поголема подготвеност отколку што сега ја имате, зашто доаѓа денот Господов лут со гнев и јарост да ја претвори земјата во пустош и грешниците да ги истреби од неа. Жртвувајте се за Господа. Ставете се себеси на Неговиот олтар, вашиот имот и сѐ, како жива жртва. Сѐ мора да се даде за да се влезе во слава. Собирајте си себеси благо на небото, каде што црвот нема пристап ниту рѓата може да го расипе. Овде морате да бидете соучесници во Христовите страдања за во идниот живот да бидете соучесници во Неговата слава.

Ако небото се стекнува со страдање, тогаш тоа ќе биде доста евтино. На тој пат мораме постојано да се одречуваме од себеси и секој ден да умираме за себеси, гледајќи само на Исуса и имајќи ја пред очи постојано Неговата слава. Видов дека оние кои неодамна ја примиле вистината мораат да знаат што значи да се трпи заради Христа, и дека ќе бидат изложени на болни искушенија и делкања, за да се очистат низ сите тие страдања и да се подготват да можат да го примат печатот на живиот Бог, да го издржат времето на неволјите, да го видат Царот во Неговата убавина и да живеат во присуство на Бога и чистите, свети ангели“. – Рани списи, 66,67.


Среда 9. ноември

4. ДОБРА НАВИКА ОД РАНА ВОЗРАСТ

а. Како концептот на самоодрекување се применува дури и на децата и младите? Изреки 20:11.

„Децата кои имаат две или четири години не треба да бидат поттикнувани да мислат дека мора да им се даде сè што ќе побараат. Родителите треба да им дадат поуки на самоодрекување и никогаш да не ги третираат на начин кој ќе ги стави во центар и да мислат дека сите нешта се вртат околу нив.

Многу деца наследиле себичност од своите родители, но родителите треба да настојуваат да го искоренат секое влакно на оваа зла склоност од нивната природа. Христос дал многу укори до оние кои биле лакоми и себични. Родителите треба да настојуваат, на првата појава на себични црти на карактерот, без оглед дали во нивна присутност или кога се во друштво на други деца, да ги зауздаат и искоренат тие црти од карактерот на нивните деца“. – Совети за детето, 132.

„Кога нашите млади на патувањата точно би воделе сметка за трошоците, тие би дознале каде исчезнуваат парите. Од нив не може да се бара да се лишат од топлиот оброк, како што тоа го правеа првите работници во нивниот патнички живот, но сепак можат да поминат поевтино отколку што сега мислат дека е потребно. Има луѓе кои се ограничуваат и кои се одрекуваат од себе за да можат нешто да дадат за Божјото дело. Затоа и работниците во делото треба да се одречат од нешто и да ги намалат нивните трошоци колку што е можно“. – 5 Сведоштво, 400.

б. Наведете пример за тоа како раната обука во штедење била спроведена во пракса. 1 Коринтјаните 11:1.

„Кога имав само дванаесет години, знаев што значи да се штеди. Со својата сестра научив занает; иако дневно заработувавме само дваесет и пет центи, од таа сума успеавме малку да заштедиме како дар за мисијата. Така малку по малку штедевме, додека не собравме триесет долари. И кога ја разбравме веста за скорото Господово доаѓање проследено со повик за луѓе и средства, за нас беше предност на таткото да му ги предадеме своите триесет долари со молба да ги вложи во трактати и брошури, за да може веста да допре до оние кои живеат во темнина...

Со парите што ги заработивме на нашиот занает, јас и сестра ми се обезбедивме со облека. Ги дававме нашите пари на мајка ми велејки: ‘Купи ни таква облека за да остане нешто од парите и за мисинерска работа’. И мајката правеше така, поттикнувајќи во нас мисионски дух“. – Адвентен дом, 384.


Четврток 10. ноември

5. ПРОДОЛЖЕТЕ КАКО ШТО СТАРЕЕТЕ

а. Како што младите треба да собираат богатства на небото, како тоа треба да го прават и постарите? Псалм 116:14,15; Лука 12:33,34.

„Ги повикувам старите луѓе кои заминуваат од овој живот правилно да ги распоредат Господовите добра пред да заспијат во Христа. Имајте на ум дека сте Божји повереници. Дајте му го за време на својот живот она што е Негово. Не заборавајте да го направите ова додека сè уште сте при чиста совест. Кога ќе влеземе во старост, наша должност е да им го распоредиме својот имот на установите кои Бог ги подигнал.

Сатаната се труди со сите свои сили Господовото дело да не дојде до средствата кои му се потребни. Многумина ги вложуваат своите таланти во земни потфати, додека на Божјото дело му е потребен секој долар поради ширење на Неговата вистина и прославување на Неговото име. Ве прашувам: не треба ли да стекнуваме богатство на Небото во ќеси кои нема да скапат? Посебно би сакала да ги потсетам старите луѓе кои набрзо ќе го распоредат својот имот, да се сетат на оние кои работеле совесно со Речта и науката. Вложете ги своите пари така што ќе можат оттаму да се вложат во Божјото дело ако се изгуби здравјето или животот. Со тоа ќе им ги дадете на менувачите и тие постојано ќе растат...

Вашите срца нека бидат прави пред Исуса. Иако можеби себеси се сметате за најмал од сите светии, сепак вие сте органи на Христовото тело и преку Него сте станале Негово човечко орудие кое ја има покрај себе сета извонредност и сила на небесните суштества. Секому му е доделено некое место на должност, не поради Неговите тесни и себични интереси, туку за влијанието на секој да биде сила за сите. Кога навистина би верувале дека секој од нас е гледиште за светот, ангелите и луѓето, зар не би, како членови на црквата, манифестирале поинаков дух од оној што сега го манифестираме? Зар не би биле жива и делотворна црква“? – 7 Сведоштво, 295,296.


Петок 11. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кога размислуваме за Божјата добрина кон нас, како треба да одговориме на тоа?

2. На кои конкретни начини треба да покажам поголемо самоодрекување за доброто на другите?

3. Во кои аспекти од мојот живот треба поефикасно да го одразувам секојдневното умирање на апостолот?

4. Како може децата да се научат на радоста на самоодрекувањето?

5. Како што минуваат годините, кој повик постојано ни одекнува?

 <<    >>