Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од посланијата на апостол Петар (I)

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 18. мај 2024.

Апел до мажите и жените

„Кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот“ (1 Петрово 3:2).

„Домот е премногу свето место за да се валка со вулгарност, сензуалност и осудување. Има Сведок кој објавува: ’Ги знам твоите дела’. Љубовта, вистината, љубезноста и издржливоста нека бидат растенија кои ќе се одгледуваат во градината на срцето“. – Ум, карактер и личност, 157.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Адвентен дом, 99-112, 177-180. 

Недела 12. мај

1. БИБЛИСКА ДОБЛЕСТ КОЈА ЧЕСТО ЈА ЗАБОРАВАМЕ

а. Кој важен принцип за семејна среќа честопати го отфрлаат жените денес? 1 Петрово 3:1 (прв дел); Ефесјаните 5:22-24; Колосјаните 3:18.

„Сестро, што очекуваше од сопругот кога се омажи за него? Дали очекувавте да ги преземете уздите на власта во свои раце и да ја усогласите неговата волја со таа ваша изопачена, тврдоглава волја? Колку одмор, задоволство, мир и радост чувствуваше вашиот сопруг во брачниот живот? Многу малку... Сопругата не смее да се смета себеси за кукла која треба да се негува, туку за жена, која ќе го стави своето рамо под вистинските, а не замислените товари и која ќе биде разумна и внимателна во својот живот, сфаќајќи дека треба да се грижи и за други работи, не само за себе.

Дали мислиш дека твојот сопруг не е разочаран што те гледа онака како што Бог ми покажа дека си? Дали тој се ожени со тебе мислејќи дека нема да носиш никаков товар, да не делиш тешкотии, да не покажуваш самопожртвуваност? Дали мислеше дека нема да чувствуваш обврска да го контролираш своето „јас“, да бидеш весела, љубезна и трпелива и да практикуваш здрав разум?“ – Manuscript Releases, vol. 17, pp. 310, 311.

б. Кој е најефикасниот начин за преобратената жена да допре до својот неверен сопруг? 1 Петрово 3:1,2; 1 Коринтјаните 7:10,13,14.


Понеделник 13. мај

2. ПРОМОВИРАЊЕ НА ХАРМОНИЧЕН ОДНОС

а. Кој библиски пример го користел Петар како модел на односот помеѓу жената и нејзиниот сопруг? 1 Петрово 3:4-6. Објаснете ја рамнотежата пронајдена во оваа врска. Создавање 21:9-12.

„Упатството дадено на Аврама во врска со неприкосновеноста на брачниот завет претставува поука за сите времиња. Со тоа му било објаснето дека правото и среќата на таа заедница мора да се пазат дури и по цена на големи жртви. Сара била Аврамова единствена вистинска сопруга. Ниту едно друго лице не можело да бара со неа да го дели правото на жена и мајка. Таа го почитувала својот маж и како таква во Новиот завет се споменува како достоен пример. Таа не се согласувала со тоа Аврамовата љубов да биде посветена и на друга жена, и Господ не ја прекорил поради тоа што барала соперничката да се истера“. – Патријарси и пророци, 147.

б. Што премногу често го прави сопругот несреќен во кругот на семејството и му штети на неговиот углед во општеството? Изреки 14:1; 25:24; 27:15. Спореди со 1 Петрово 3:4.

„Многу сопрузи и деца кои во својот дом не наоѓаат ништо што ги привлекува, кои секогаш се дочекани со префрлање и навреди, бараат удобност и разонода надвор од домот… Сопругата и мајката, окупирана со домашните работи, често заборава на малите љубезности, кои би го направиле домот попривлечен за таткото и децата, дури и тогаш кога избегнува да ги истакне своите маки и тешкотии во нивно присуство. Додека е зафатена со подготвување на храна и облека, сопругот и синовите како странци влегуваат и излегуваат од домот.

Домаќинката може да ги извршува своите надворешни должности со голема точност, но таа може и постојано да се жали на ропството на кое е осудена и да ги преувеличува своите одговорности и немоќ, споредувајќи ја својата судбина со она што мисли дека е подобар живот на една жена... Во беспомошниот копнеж за поинаков живот, таа негува грешно незадоволство, а својот дом го прави непријатно место и за себе и за сопругот и децата“. – Адвентен дом, 249.

„Сопругата на проповедникот, која не му е посветена на Бог, не му помага на својот сопруг. Додека тој се задржува на неопходноста од носење на крстот и ја поттикнува важноста на самоодрекувањето, секојдневниот пример на неговата сопруга честопати противречи на неговото проповедање и ја уништува неговата сила“. – Gospel Workers, p. 210. [1892 edition.]


Вторник 14. мај

3. ОПАСНИ ОБЛИЦИ НА ГОРДОСТ

а. Како една христијанска сопруга се чини себеси привлечна? Изреки 31:25-29.

„(Жената) треба свесно да се труди со сите свои сили да го привлече кон себе својот сопруг во најстрога верност кон него и да се труди својот дом да го направи радосен и привлечен“. – 5 Сведоштво, 598.

„Нередот, невнимателноста и недостатокот од чистота и уредност го навредуваат Бога. Овие недостатоци се сериозно зло, кое се заканува да ја помати љубовта на сопругот кон сопругата, во случај кога тој сака ред… Сопругата и мајката не може да го направи домот пријатен и среќен, доколку не поседува љубов кон редот, не го чува своето достоинство и не е добар управувач со домот. Затоа сите кои го немаат ова, треба веднаш да почнат да се едуцираат во оваа насока“. – Адвентен дом, 22,23.

б. Кого една необратената жена често се обидува да привлече - и какви се последиците? Изреки 7:6,7,10,18,19; 2 Царевите 9:30; Исаија 3:16-26.

„Ќе има жени кои ќе бидат искушувачи, кои ќе дадат сѐ од себе за да ги привлечат мажите и да го придобијат нивното внимание“. – The Review and Herald, May 17, 1887.

„Упадливата и екстравагантна облека премногу често ја поттикнува страста во срцето на оној што ја носи и ги буди пониските страсти во срцето на гледачот. Бог гледа дека на уништувањето на карактерот често му претходи уживањето во гордоста и суетноста во облекувањето“. – Совети за детето, 416.

в. Иако повеќето христијанки можеби не се обидуваат намерно да ги намамат мажите да извршат прељуба, на кој облик на гордост се предупредуваат сите? 1 Петрово 3:3; 1 Тимотеј 2:9.

„Но за тебе и за твојот сопруг ништо не претставуваше таква пречка како вашата гордост. Вие двајцата сакате раскош. За тоа нема место во добрата, понизна вера“. – 2 Сведоштво, 493.

„Библијата учи за скромност во облекувањето… Ова забранува облекување за покажување, светкави бои и прекумерни украси. Сето она што е дизајнирано да привлече внимание или восхит на носителот е исклучено од скромното облекување пропишано од Божјата реч.

Самоодрекувањето во облекувањето е дел од нашата христијанска должност. Едноставното облекување, воздржување од накит или сите видови украсни елементи е во согласност со нашата вера“. – Совети за детето, 423.


Среда 15. мај

4. ДОЛЖНОСТА НА СОПРУГОТ

а. Откако им се обратил на сопругите, какво сериозно предупредување им дава Петар на сопрузите - и каква е духовната последица од игнорирањето? 1 Петрово 3:7.

„Сопругот треба да ѝ помогне на својата сопруга со своето сочувство и непрекината наклонетост. Ако сака да ја одржува свежа и радосна, за да биде како сонце во домот, нека ѝ помогне во носењето на нејзините товари. Неговата љубезност и учтивост за неа ќе бидат скапоцено охрабрување, а среќата што и ја дава ќе донесе радост и мир во неговото срце“. – Адвентен дом, 218.

б. Наведи пример како необратен сопруг може да и го загорчи животот на својата сопруга. 1 Самуилова 25:3,14,17,23-25.

„Ако сопругот е суров, полн со барања и подготвен да ги критикува постапките на својата сопруга, тој не може да го очекува нејзиното почитување и наклонетост, затоа што бракот за неа станал товар. Таа нема да го сака својот сопруг, затоа што тој не се обидува да стане таков за да може таа да го засака. Сопрузите треба да бидат грижливи, внимателни, постојани, верни и сочувствителни. Тие треба да покажат љубов и сочувство... Кога сопругот има благороден карактер, чисто срце, возвишен ум, што треба да биде особина на секој христијанин, тоа ќе се види и во брачниот живот... Тој ќе се труди сопругата да биде здрава и храбра. Ќе настојува да упати зборови на утеха и да создаде атмосфера на мир во домот“. – Адвентен дом, 228.

в. Каков треба да биде ставот на вистинскиот христијански сопруг кон својата сопруга што ќе ја инспирира позитивно да одговори? Ефесјаните 5:25,28,33; Колосјаните 3:19.

„Сопрузите треба да го проучат Моделот и да се обидат да го разберат значењето на симболот претставен во Ефесјаните... Мажот треба да биде како Спасител во своето семејство. Дали тој ќе застане во својата благородна, од Бога дадена машкост, и секогаш ќе се труди да ги воздигне сопругата и децата?... Секој сопруг и татко нека се труди да ги разбере Христовите зборови, но не еднострано, задржувајќи се само со потчинувањето на жената на мажот, туку во светлината на крстот на Голгота да ја проучува сопствената положба во кругот на семејството“. – Manuscript Releases, vol. 21, p. 216.


Четврток 16. мај

5. БЕЗ „ГОСПОДАР“ ВО ХРИСТИЈАНСКОТО СЕМЕЈСТВО

а. Колку треба да биде близок односот помеѓу мажот и жената? Создавање 2:23,24; Матеј 19:4-6.

„Ниту жената ниту мажот не смеат да тежнеат кон владеење. Господ дал начела кои во тоа треба да се почитуваат. Сопругот треба да ја сака својата сопруга исто како што Христос ја сака Црквата. А сопругата треба да го почитува и сака својот сопруг. Двајцата треба да го негуваат духот на љубезноста; тие треба да бидат одлучни никогаш меѓусебно да не се разжалостат ниту да се повредат“. – Адвентен дом, 106,107.

„Мораме да го имаме Божјиот Дух, инаку никогаш нема да живееме усогласено во домот. Ако го има Христовиот дух, сопругата ќе внимава на своите зборови; таа управува со својот дух, ќе биде покорна, а сепак нема да смета дека е робинка туку пријател на својот сопруг. Ако сопругот е Божји слуга, тој нема да господари над својата жена; тој нема да биде себичен и строг. Ако сме притиснати со грижи, не можеме да негуваме дух на семејна љубов, затоа што, ако Господовиот Дух престојува во домот тогаш е претслика на небото... Ако еден погреши, другиот ќе покаже слично трпение како Христовото и нема да се отуѓат.

Ниту мажот ниту жената не треба да се обидуваат да владеат еден над друг. Не обидувајте се да го принудувате вашиот брачен другар да се покорува на вашите желби. Ова не можете да го правите и да ја сочувате љубовта еден кон друг. Бидете љубезни, трпеливи и попустливи, чувствителни и учтиви. Со Божјата милост ќе успеете да се усреќите еден со друг, како што тоа сте ветиле во својот брачен завет“. – Адвентен дом, 118.


Петок 17. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како може мојот став и тонот на гласот кон мојот сопружник поконзистентно да ги одразуваат начелата што Бог јасно ги упатил?

2. Зошто треба побрзо да ги признаам грешките и да побарам прошка од мојот сопружник?

3. Зошто Бог ме повикува да бидам подготвен/волен да умрам за мојот сопружник?

4. Како можам да избегнам некогаш да го изневерам мојот сопружник во моите мисли?

5. Зошто би било мудро јас и мојот сопружник во молитва да размислиме дали можеби сме виновни за гревот на гордоста што се покажува - било во облекувањето, кулинарските вештини или имотот како што се возилата, електронските уреди, куќите итн.?

 <<    >>