Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од посланијата на апостол Петар (I)

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 29. јуни 2024.

Бидете трезвени, бидете внимателни

„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1 Петрово 5:8).

„Од Адамовите денови па сè до денес, нашиот голем непријател ја покажувал својата моќ на угнетување и уништување. Сега тој се подготвува за последната голема битка против Божјата црква“. – Големата борба, 510.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Selected Messages, bk. 1, pp. 126, 127; 
  Големата борба, 39-48. 

Недела 23. јуни

1. ЗНАЕШЕ ЗА ШТО ЗБОРУВА

а. Какво сериозно предупредување напишал Петар на крајот од своето прво послание? 1 Петрово 5:8.

„Сатаната постојано е на дело, но малкумина имаат претстава за неговата активност и лукавост. Божјиот народ мора да се подготви за да му се спротивстави на лукавиот непријател… Сатанскиот од е тивок, неговите движења бесшумни, а нападите маскирани. Тој не се осмелува отворено да се покаже, за да не ја пробуди заспаната енергија на христијанинот и да не го натера да му се обрати на Бога во молитва…

Човекот е заробеник на сатаната и по природа е наклонет да се поведува по неговите сугестии и понуди. Тој самиот нема сила да му се спротивстави на злото… Единствено со Христова помош може да се ограничи моќта на сатаната“. – 5 Сведоштво, 293,294.

б. Која тајна подоцна ја дознал Петар што му помогнала да победи во палатата на Кајафа за време на судењето на Исус? Матеј 26:38,40,41.

„Самодовербата води кон лесноумност и занемарување на сесрдната и понизна молитва. Постојат надворешни искушенија од кои треба да се чуваме и внатрешни непријатели и збунетост која треба да се победи, бидејќи сатаната го приспособува своето искушување според карактерот и темпераментот на поединците“. – 3 Сведоштво, 445.


Понеделник 24. јуни

2. ПРЕПОЗНАЈТЕ КОЈ Е ВАШИОТ НЕПРИЈАТЕЛ

а. Освен што ги има истите карактеристики како лавот, можете ли да наведете друг начин на кој непријателот на нашата душа често му се приближува на својот плен. 2 Коринтјаните 11:14.

„Сатаната постојано копнее да ги упропасти оние кои се незнајковци во поглед на неговите лукавства, но кои сепак сметаат дека не им се посебно потребни ниту молитва, ниту советите на искусните и побожни пријатели. Многумина од младите кои во _______ доаѓаат со искрена намера да живеат со христијански живот паѓаат под влијание на таквите кои, под превезот на пријателство, водат право во сатанските стапици. Непријателот не доаѓа секогаш како лав кој рика; тој често се појавува како ангел на светлината, покажувајќи пријателско држење и вовлекувајќи ги неискусните во такви искушенија на кои тие тешко можат да се спротивстават“. – 4 Сведоштво, 207.

б. Преку кои патишта на душата сатаната постигнува најголем успех, особено во ова време кога речиси секој има пристап до мобилни телефони и интернет? 1 Петрово 2:11; 1 Јованово 2:16.

„Голем дел од младината… Читаат сè што ќе им дојде при рака. Возбудливите љубовни романи и нечисти слики вршат лошо влијание на младината. Многумина читаат романи кои создаваат нечиста фантазија… често се шират фотографии на жени во голотија (особено на интернет)… Со сликите се будат лоши страсти. Фантазијата го изопачува срцето. Луѓето сакаат да набљудуваат сцени кои будат ниски, животински страсти. Тие порочни слики кои делуваат на изопаченото вообразување, ги расипуваат добрите обичаи и ги поттикнуваат заслепените, измамени луѓе да се препуштат на својата страст. Потоа доаѓаат гревот и злосторството кои ги спуштаат суштествата создадени според Божје обличје на ниво на животните и конечно ги одвлекуваат во пропаст. Не читајте и не гледајте она што предизвикува нечисти мисли. Развивајте морални и умни сили…

Апелирам до родителите да го контролираат читањето (и пристапот до интернет) на нивните деца“. – 2 Сведоштво, 410.

„Со помош на апетитот, сатаната го контролира умот и целото битие“. – Christian Temperance and Bible Hygiene, p. 37.

„Многу мајки христијанки, кои со својот пример и воспитување ги подготвуваат своите деца да станат ненаситници и пијаници. На децата често им се попушта да јадат она што ќе изберат и се гурмански воспитани од своето најрано детство“. – Совети за животот и исхраната, 235.


Вторник 25. јуни

3. ЕДИНСТВЕН ПАТ ДО ПОБЕДАТА

а. Што мора да има секој христијанин за да му се спротивстави на сатаната? 1 Петрово 5:9 (прв дел); Јаков 4:7.

„(Ева) не им верувала на Божјите зборови и тука бил почетокот на нејзиниот пад. На судот луѓето нема да бидат судени затоа што верувале во некоја лага, туку затоа што не верувале во вистината, зашто ја пропуштиле можноста да се осведочат што е тоа вистина “. – Патријарси и пророци, 55.

„Кога имаат само теорија, плитка вера која не можат да ја објаснат, едно ненадејно искушение ќе ги натера луѓето да се препуштат на струјата што ќе ги влече кон светот“. – Our High Calling, p. 332.

б. Што ги прави многуте христијани лесен плен за сатаната, иако тврдат дека веруваат во Божјата реч? Изреки 19:2; Осија 4:6 (прв дел). Споредете со Римјаните 10:17; 15:4.

„Искушенијата често се чинат неодоливи затоа што се занемарува молитвата и проучувањето на Библијата и тогаш оној што се искушува не може веднаш да се сети на Божјите ветувања и на сатаната да му се спротивстави со библиско оружје“. – Големата борба, 599.

в. Која вистина треба да претставува големо охрабрување за секоја душа изложена на нападите на сатаната? 1 Петрово 5:9,10; 1:6,7; 2 Коринтјаните 4:17.

„Така Петар им пишувал на верниците во времето кога црквата поминувала низ тешки искушенија. Мнозина веќе станале учесници во Христовите страдања, а на црквата наскоро ѝ претстоел период на ужасно прогонство… Потоа настапувало време кога ќе се појават свирепи волци кои не ќе го штедат стадото. Но ништо од сето тоа не ги обесхрабрило оние кои имале цврста надеж во Христа. Со зборови што храбрат и тешат, Петар вниманието на верниците го одвраќал од сегашните неволји… на ’наследство што не пропаѓа’ ’Бог на секоја благодат’, била на крај негова сесрдна молитва, ’Кој ве повика за Својата вечна слава во Исус Христос, Сам, по вашето кратко страдање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи’“. – Делата на апостолите, 528.


Среда 26. јуни

4. ЦРКВАТА ВО ВАВИЛОН

а. Со кои епизоди во историјата Петар ја споредува христијанската црква како расеана во „Вавилон“ и угнетена од земните сили? Даниел 3:1-6; Естира 3:8; 1 Петрово 5:13.

„Во земја каде што владеело идолопоклонство, тој прекрасен и непроценлив лик во рамнината Дура, кој ја претставувал славата, големината и моќта на Вавилон, да биде посветен како предмет на обожување… издадена била заповед на денот на посветувањето сите да покажат безусловна верност кон вавилонската сила, поклонувајќи се пред кипот.

Тој необичен ден, се чинело дека силите на темнината извојувале значајна победа…

Меѓутоа, Бог поинаку одлучил. Сите не се поклониле на идолопоклоничкиот симбол на човечка сила…

Покажувајќи на огнената печка, (царот) ги предупредил на казната која ги чека ако и понатаму се противат на неговата волја. Меѓутоа, Евреите цврсто посведочиле за својата поврзаност со небесниот Бог“. – Пророци и цареви, 505-507.

„Заповедта која на крајот ќе биде издадена против остатокот на Божјиот народ ќе биде многу слична на заповедта која што Асвир ја издал против Евреите. Денеска непријателите на вистинската црква, во малата група на оние кои што ја држат саботата според четвртата заповед, го гледаат Мардохеј крај портите. Послушноста на Божјиот народ кон Неговиот закон претставува непрекратен укор за оние кои што немаат Господов страв и ја газат Неговата сабота.

Сатаната ќе поттикне огорченост против малцинството кое одбива да ги прифати популарните обичаи и традиции“. – Пророци и цареви, 605.

„Земните сили и силите на пеколот се кренале против Христа во личноста на Неговите следбеници. Незнабоштвото предвидувало дека со победата на евангелието неговите храмови и олтари ќе бидат срамнети со земја, па затоа ги собрало сите свои сили да го уништи христијанството“. – Големата борба, 39.

б. Зошто на многу места денес има малку или воопшто нема прогонство? Јован 15:19.

„Христијанството изгледа толку популарно во светот само затоа што постојано оди во компромис со гревот, поради тоа што на големите вистини на Божјото слово толку рамнодушно се гледа и што во црквата има толку малку жива побожност. Штом ќе дојде до оживување на верата и силата на првобитната христијанска црква, ќе оживее и духот на прогонството и огнот на гонењето повторно ќе се распали“. – Големата борба, 48.


Четврток 27. јуни

5. ПОУКИ НА КРАЈОТ ОД ПОСЛАНИЕТО

а. Кој му помогна на Петар да го напише своето послание? 1 Петрово 5:12.

б. Како знаеме дека Силуан бил активен мисионер и соработник на Петар и Павле (кој најверојатно им помогнал околу грчката граматика при пишувањето на некои од нивните посланија)? 2 Коринтјаните 1:19; 1 Солунјаните 1:1; 2 Солунјаните 1:1. На кој начин ова има паралели во животот на Елена Вајт?

„По смртта на мојот сопруг, ми се придружија верните помошници кои неуморно работеа на делото на умножување сведоштва и подготвување написи за објавување.

Но, гласините што кружат, дека на некој од моите помошници му било дозволено нешто да додаде или да го промени значењето на пораките што ги напишав, не се вистинити“. – Selected Messages, bk. 1, p. 50.

в. Кој добар христијански обичај го воспоставиле апостолите и треба да се практикува меѓу верниците денес? 1 Петрово 5:14.

„При употреба на светиот поздрав… секогаш треба да се има во предвид неговиот вистински карактер. Тоа е свет целив; и треба да се смета како знак на заедница на христијански пријатели, кој се применува при разделба или средба по разделба од неколку седмици или месеци… Меѓутоа, никакво зло не може да има ако светиот целив се дава во вистинско време и на вистинско место“. – Рани списи, 117.


Петок 28. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како самодовербата често му претходи на падот во искушение?

2. Како моите страсти или апетитот можат да ме натераат да станам плен на сатанските лукавства?

3. Зошто би ми помогнало почестото и посветено лично проучување на Библијата?

4. Објаснете ја рамнотежата помеѓу добрите односи во јавноста наспроти погрешните компромиси.

5. Што можам да направам за да и помогнам на црквата да напредува во ширењето на евангелието?

 <<    >>