Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од посланијата на апостол Петар (I)

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 6. април 2024.

Апостол на Исус Христос

„И рече Господ: ’Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица; но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога еднаш ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои’“ (Лука 22:31,32).

„Бидејќи бил наведен да се откаже од себе и потполно да се потпре врз божествената моќ, Петар го прифатил позивот да работи како еден од потпастирите…Дури кога ги сфатил своите слабости, можел да сфати и колку им е потребно на верниците да се потпрат врз Христа“. – Делата на апостолите, 515.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на вековите, 244–251. 

Недела 31. март

1. ОДГОВОР НА ХРИСТОВИОТ ПОВИК

а. Опишете ја првата средба на Симон Петар со Исус. Јован 1:40-42.

„Андреј сакал и на другите да им ја пренесе радоста, која го исполнувала неговото срце. Барајќи го својот брат Симон, тој извикал: ’Го најдовме Месијата’. Симон не чекал друг повик. И тој го слушнал проповедањето на Јован Крстителот, па побрзал кај Спасителот. Христовиот поглед почивал врз него, читајќи го неговиот карактер и историјата на неговиот живот. Неговата избувлива природа, неговото срце полно со љубов и чувства, неговите амбиции и самодоверба, историјата на неговиот пад, неговото покајание, неговата работа и неговата маченичка смрт сето тоа Спасителот го прочитал“. – Копнежот на вековите, 139.

б. Под кои околности Исус официјално ги повикал Петар и неговиот брат да станат Негови ученици? Матеј 4:18-20.

„Непосредната безусловна послушност на овие луѓе, без ветување за награда, изгледа извонредно, но Христовите зборови беа повик кој со себе носеше движечка сила. Христос сакаше да ги направи овие скромни рибари, поврзувајќи ги со Себе, средства да ги ослободи луѓето од службата на сатаната и да ги стави во служба на Бога“. – Gospel Workers, p. 24.


Понеделник 1. април

2. ИСКРЕН И РЕВЕН УЧЕНИК

а. Како се гледал Петар себеси на почетокот на своето учеништво? Лука 5:8.

„Во времето на Христа верските водачи на народот сметале дека поседуваат големо духовно богатство. Молитвата на фарисејот: ’Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе’ (Лука 18:11), ги изразувала чувствата на тој општествен слој, а во голема мерка и чувствата на целата нација. Но, во мноштвото насобрано околу Исуса, имало и такви кои ја чувствувале својата духовна сиромаштија. Кога во чудесниот улов на риба се открила Христовата сила, Петар паднал покрај нозете на Спасителот извикувајќи: ’Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек’ (Лука 5:8). Така и меѓу мноштвото собрано на гората имало души кои соочени со Неговата чистота чувствувале дека секој човек е ’беден и проколнат, сиромав, слеп и гол’ (Откровение 3:17)“. – Мисли од гората, 6.

б. Што Петар верувал за тоа кој бил Исус? Матеј 16:13-16.

„Петар уште од почеток верувал дека Исус е Месијата. Многу други, кои биле осведочени од проповедањето на Јован Крстителот и кои го прифатиле Христа, почнале да се сомневаат во Јовановата мисија, кога тој бил фрлен в затвор и бил погубен, а сега се сомневале дека Исус бил Месијата… Многу ученици кои желно очекувале Исус да го заземе Своето место на Давидовиот престол го напуштиле, кога согледале дека Тој нема таква намера. Меѓутоа, Петар и неговите другари не се одвратиле од својата приврзаност. Колебливоста на оние кои вчера славеле, а денес осудувале, не ја уништила верата на вистинските следбеници на Спасителот. Петар изјавил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог”. Тој не чекал неговиот Господ да го крунисаат со царско достоинство, туку го примил Него во Неговата понизност…

Исус му одговорил на Петар: ’Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата’.

Вистината што ја искажал Петар претставува темел на верата на верникот. Тоа е она за што Христос кажал дека е вечен живот. Сепак поседувањето на тоа знаење не било причина за самопрославување. Тоа не му се открило на Петар заради неговата сопствена мудрост или добрина. Човекот никогаш не може со сопствени сили да дојде до сознание за божественото.

…Единствено духот на посинувањето може да ни ги открие Божјите длабочини.

…Петровото препознавање на Христовата слава било доказ дека тој бил ’поучен од Бог’“. – Копнежот на вековите, 411,412.


Вторник 2. април

3. ЖЕЛЕН ЗА ОДГОВОРИ

а. Кои библиски примери го покажуваат испитувачкиот ум на Петар и откриваат како можеме да растеме со развивање на истиот став? Матеј 15:15; 18:21; 19:27; Марко 13:3,4.

„Ни едни студии не можат така да ги облагородат мислите, чувствата и стремежот како проучувањето на Светото Писмо… Од неа ќе научиме, како можеме да го поправиме својот земен живот и како да си го осигуриме вечниот живот. Ниту една друга книга не може да го задоволи прашањата на умот и копнежите на срцето. А со добивањето на знаење од Божјото слово и со живеење според него, човекот може да се воздигне од најдлабоките длабочини на незнаење и деградација и да стане Божји син…

Како образовна сила, Библијата е без конкуренција. Ништо нема да придаде таква сила на сите способности како барањето од студентите да ги сфатат возвишените вистини на откровението. Умот постепено се адаптира себеси на предметите на кои му е дозволено да размислува. Ако е зафатен само со обични прашања, не давајќи место на големите и возвишените теми, тој ќе закржлави и ослаби. Доколку од него никогаш не се бара да се занимава со тешки проблеми или да се напрега за да сфати значајни вистини, умот по извесно време ќе ја загуби моќта да се развива…

Умот во Божјото слово наоѓа предмети за најдлабоко размислување, највозишено вдахновение“. – 5 Сведоштво, 24,25.

„Најљубопитните можат безбедно да го учат во Христовата школа она што ќе им донесе и сегашно и вечно добро“. – An Appeal to Mothers, p. 32.

б. Иако љубопитноста во духовните работи е пожелна (Јован 5:39), кога треба да се постави граница на здравата човечка љубопитност? Второзаконие 29:29.

„(Сатаната) постојано се труди да поттикне дух на недозволено љубопитство, дух на неспокој и копнеж кон проникнување во тајната на Божјата мудрост и сила. Во своите напори да го дознаат и она што Бог им го скусил, илјадници луѓе не ги забележуваат оние вистини што се битни за нивното спасение“. – Патријарси и пророци, 54,55.

„Не смееме да се обидуваме со дрска рака да ја подигнеме завесата зад која Тој ја крие Својата величественост... Доказ за Неговата милост е тоа што постои криење на Неговата сила, дека Тој е прекриен во страшни облаци на мистичност и тајност; бидејќи, подигнувањето на таа завеса која го крие божественото присуство претставува смрт“. – The Review and Herald, April 7, 1885.


Среда 3. април

4. МАЛКУ ВЕРА, МНОГУ ДОВЕРБА

а. Што треба да научиме од првото запишано искуство на Петар за одење според вера? Матеј 14:28-31.

„(Петар) требаше да гледа само горе, а тој гледаше во разбрануваните бранови и неговата вера се расколеба“. – 2 Сведоштво, 273.

„Ако грешникот не го направи своето животно дело да гледа кон воздигнатиот Спасител и ако со вера не ги прифати заслугите на кои само по милост полага право, тој нема да може да се спаси како што Петар не можел да оди по водата без да ги држи очите вперени кон Исус. Главната цел на сатаната денес е да го прикрие погледот од Исус и да ги наведе луѓето да гледаат во човекот... Со години црквата гледала на човекот и очекувала многу од него, но не и на Исус, во Кого се насочени нашите надежи за вечен живот“. – Testimonies to Ministers, p. 93.

б. Колку подолго Петар бил со Исус, толку повеќе се преценувал себеси и својата способност да издржи големо искушение? Матеј 26:33-35,69-75.

„Ништо не е толку навредливо за Бога, ништо толку опасно за човечката душа, како горделивоста и самоувереноста. Од сите гревови, тој е најбезнадежен, најтешко се лекува“. – Христовите поуки, 154.

„Приказната на Петар го прикажува Христовиот метод на воспитување подобро од приказната на било кој друг ученик. Смел, борбен, со голема самодоверба, со голема моќ на забележување и избувлив во одлуките, брз во одмаздувањето, а сепак великодушен во простувањето, Петар често грешел и често добивал укори… Трпеливо, со непристрасна љубов, Спасителот се трудел околу овој темпераментен ученик, настојувајќи да ја ограничи неговата доверба во себе и да го научи на понизност, послушност и доверба.

Меѓутоа, лекцијата била само делумно научена. Самоувереноста не била искоренета…

Искуството на Петар е поука за сите нив. Оној што се потпира врз себе доживува пораз во искушението. Христос не можел да ги спречи сигурните последици на злото кое сѐ уште не е отфрлено. Но, како што Неговите раце биле подадени да спасат кога брановите се заканувале да го потопат Петар, така и Неговата љубав била поттикната да го спаси кога длабоките води ја преплавувале неговата душа“. – Воспитување, 88,89.

в. Зошто долгогодишното членство во црквата не гарантира поголема сила во верата? Римјаните 11:20-22; 1 Коринтјаните 10:12; 8:2.


Четврток 4. април

5. ОБРАТЕНИОТ АПОСТОЛ

а. Зошто Бог не нѐ спречува секогаш да го следиме нашиот сопствен пат, знаејќи дека тоа може да заврши со грев и срам? Исаија 48:17; Лука 22:31,32.

„Пред да се откаже и да се покае, Христос му рекол на Петар: ’А ти, кога еднаш ќе се преобратиш, зацврсти ги своите браќа’ (Лука 22:32). Тие зборови го означуваат обемот и делотворноста на работата што ја извршил апостолот подоцна за оние кои пристапиле кон верата. Личните искуства: сторениот грев, страдањата претрпени поради тоа и горкото каење го приготвиле Петар за тоа дело. Дури кога ги сфатил своите слабости, можел да сфати и колку им е потребно на верниците да се потпрат врз Христа… Сега, кога бил преобратен и примен во служба… негова должност била кон овците и јагнињата доверени на негова грижа да постапува исто онака нежно и сочувствително како Христос што постапувал со него“. – Делата на апостолите, 515,516.

б. Во своите подоцнежни години, какво охрабрување дал обратениот Петар во своите писма до верниците кои биле под искушение? 1 Петрово 3:14; 4:12-14.

„Тие посланија оставаат впечаток дека ги пишувал човек кој изобилувал не само со страдања заради Христа, туку исто така и со утеха во Него; човек чиешто битие било преобразено со милоста и чијашто надеж во вечен живот била постојана и непоколеблива“. – Делата на апостолите, 517.


Петок 5. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кога ќе го слушнам гласот на Исус кој повикува во различни животни околности, како можам да бидам сигурен дека ќе одговорам толку брзо и ревносно како Петар?

2. Како што се продолжува бројот на годините на моето исповедање на христијанството, што никогаш, ама баш никогаш не смеам да заборавам?

3. Во денешно време на постојано одвлекување на вниманието, каде треба да ја насочам мојата природна љубопитност ако сериозно сакма да бидам спасен за вечност?

4. Во кои аспекти од животот може да бидам во опасност од самодоверба и самозадоволство?

5. Кога грешам, како можам да извлечам позитивни поуки од тоа искуство?

 <<    >>