Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од посланијата на апостол Петар (I)

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 27. април 2024.

Божјото Слово

„Зашто, кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од Своите“ (1 Петрово 2:2).

„Божјата реч е тоа семе. Секое семе содржи во себе начело, сила на 'ртење. Во него е скриен животот на билката. И во Божјата реч се наоѓа живот“. ¬– Христовите поуки, 38.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Messages to Young People, pp. 189–191. 

Недела 21. април

1. ПОТРЕБЕН УСЛОВ

а. Кој задолжителен услов за спасение им го претставил Исус на своите слушатели? Јован 3:5-7; Матеј 18:1-3.

б. На што посочува Петар како средство со кое можеме да се преобратиме (повторно да се родиме)? 1 Петрово 1:23.

„Промената на срцето со која стануваме Божји деца, Библијата ја нарекува раѓање...

Кога вистината станува владејачко начело во животот, душата се ’преродува не од распадливо семе, туку од вечно преку словото на живиот Бог, Кој живее во сите векови.’ Ова ново раѓање е резултат на примањето на Христос, како слово Божјо. Тогаш, со помош на Светиот Дух, во срцето се втиснуваат божествени вистини, се будат нови сфаќања и дотогаш заспаните сили се будат да соработуваат со Бога... Христос му ја откри вистината на светот. Преку Него во срцата на луѓето се посеа нераспадливото семе – словото Божјо.

Словото ја уништува природната, земна природа и ни дава нов живот во Исус Христос – божествената сличност“. – The Faith I Live By, p. 19.


Понеделник 22. април

2. ВЕЧНО НАСПРОТИ ЗЕМНОТО И ПРОПАДЛИВОТО

а. Кои пророчки зборови ги цитирал Петар кога зборувал за кревкоста на човечкиот живот? 1 Петрово 1:24; Исаија 40:6-8.

б. Со што во Библијата се споредува човечкиот живот - и зошто? Псалм 103:15,16; Јаков 4:14.

„Ние немаме време за губење. Не знаеме колку брзо ќе истече времето на милоста за нас. Во најдобар случај, го имаме само краткиот живот на оваа земја и не знаеме колку скоро стрелата на смртта ќе го погоди нашето срце…

Дали сме подготвени? Дали сме Го запознале Бога, Владетелот на небото, Законодавецот и Исуса Христа, Кого Тој Го испратил на овој свет како Свој претставник? Кога нашето животно дело ќе заврши, дали ќе можеме како Христос - нашиот пример, да кажеме: ’Јас Те прославив на земјата; го извршив делото, што Ти си Ми го дал... Го јавив Твоето Име?’ (Јован 17:4-6)“. ¬– Здравје и среќа, 454.

в. За разлика од човечкиот живот кој е како трева и пареа, што е вечно како Бог? 1 Петрово 1:25; Псалм 119:89.

„Оној кој ќе ги прими овие Мои зборови и кој на тој темел ќе го изградува својот живот и карактер, сличен е, им рекол Исус, на градителите на овие куќи на каменот. Многу векови порано пророкот Исаија напишал: ’А словото на нашиот Бог останува вечно’ (Исаија 40:8); а Петар многу подоцна, после Беседата на гората, цитирајќи ги овие зборови на пророкот Исаија, додал: ’А тоа слово е Евангелието што ви беше објавено’ (1 Петрово 1:25). Божјата Реч е единственото нешто што останува во овој свет. Таа е сигурен темел. ’Небото и земјата ќе минат’, рекол Исус, ’но зборовите Мои нема да минат’ (Матеј 24:35)…

Примајќи ја Речта, ние го примаме Христа. Само оние кои така ги примаат Неговите зборови, ѕидаат на Него… Христос, Речта, објавата на Бога - израз на Неговиот карактер, Неговиот Закон, Неговата љубов и Неговиот живот - е единствениот темел на кој може да се изгради цврст карактер.

Ние ѕидаме на Христа, слушајќи ја Неговата реч… Светоста е… последица на целосното предавање на Бога“. ¬– Мисли од гората, 148,149.


Вторник 23. април

3. ОТСТРАНУВАЊЕ НА КАМЕЊАТА НА СОПНУВАЊЕ

а. Наведете некои пречки кои нè спречуваат да го примиме Божјото слово како што е во Исус. 1 Петрово 2:1,2.

„Примете ги во полнотата на своето срце Христовите зборови и бидете извршители на Неговото слово. Не можеме да ги добиеме благословите што може да ни ги донесе Христовата љубов и присуство, ако негуваме чувства што ќе го нарушат единството за кое Христос се молел да постои меѓу Неговите ученици“. ¬– The Review and Herald, July 25, 1893.

„Нашето ’јас’ е првото нешто со кое треба да се справиме. Внимателно испитајте го срцето. Испитајте го за да видите што го блокира слободниот пристап на Божјиот Дух“. ¬– Our High Calling, p. 21.

„Не треба да си дозволиме груби зборови и бурни карања, бидејќи ангелите Божји се присутни во секоја соба... Може да се направат мали грешки, но зборовите на осуда предизвикуваат чувство на одмазда и Бог е обесчестен... Секој збор изговорен непромислено или несвесно треба да се повлече на лице место... Ова е наша работа“. ¬– In Heavenly Places, p. 182.

б. Наведете примери за тоа како непопустливата горчина, лицемерието и зависта ги спречувале луѓето да го примат Божјото слово. Создавање 4:5-8; Марко 15:10; Дела 13:44,45.

„Нашите молитви изгледа не добиваат веднаш одговор... Кога нешто бараме од Него, Тој може да види дека е потребно за нас да го испитаме своето срце и да се покаеме за гревот. Затоа нè води низ проверки и тешкотии, нè изложува на понижување за да увидиме што го попречува делото што треба да го изврши Светиот Дух преку нас“. – Христовитте поуки, 143.

„Зависта не е само изопаченост на карактерот, туку лош темперамент кој ги нарушува сите добри особини…

Завидливиот човек ги затвора своите очи за добрите особини и благородни дела на другиот. Секогаш е подготвен да го потценува и погрешно да го прикажува она што е извонредно. Луѓето често пати ги исповедаат и оставаат другите дефекти, но за ова има малку надеж кај завидливиот човек. Да му се завидува на некој човек значи да се признае дека тој е поголем, додека гордоста не дозволува никакво отстапување. Ако се обидеме да го убедиме завидливиот човек во неговиот грев, тој ќе стане уште поогорчен…

Завидливиот човек истура отров каде и да се појави, оттуѓувајќи ги пријателите и поттикнувајќи омраза и непокорност кон луѓето и кон Бога“. – 5 Сведоштво, 56.


Среда 24. април

4. ЖЕЛНИ ЗА ВИСТИНСКОТО МЛЕКО НА СЛОВОТО

а. Откако укажа на Божјото слово како сила за преобразување на нашите души, каква „желба“ нè охрабрува Петар да покажеме? 1 Петрово 2:2.

„Колку повеќе ја проучуваме Библијата, толку повеќе ќе ја цениме...

Нема ништо попресметано за зајакнување на умот од проучувањето на Библијата. Ниту една друга книга не е толку моќна да ги воздигне мислите, да ги оживее способностите на умот како што тоа може да го направи Библијата со нејзините длабоки и облагородувачки вистини. Кога луѓето би ја проучувале Библијата како што треба, би имале таква широчина на умот и благородност на карактерот, што ретко се среќава денес.

Ниту едно знаење не е толку цврсто, толку доследно, толку далекусежно како она што се добива од проучување на Божјата реч. ¬– In Heavenly Places, p. 135.

б. Наведете една од причините зошто луѓето одбиваат да ја проучуваат Божјата реч. Јован 3:19,20.

„Вие го запоставувате Светото Писмо. Ги презирате и отфрлате сведоштвата затоа што тие ги укоруваат вашите омилени гревови и ја нарушуваат вашата самозадоволност“. ¬– 5 Сведоштво, 49.

в. На што многу атински филозофи го посветиле своето време и со каков сличен проблем се соочуваме денес, особено поради неумереното користење на интернетот и социјалните мрежи? Дела 2:21-23,32; 2 Коринтјаните 4:3,4.

„О, кога младите би размислувале за влијанието кое го имаат овие книги на умот! Можете ли по такво четиво, да ја отворите Божјата реч и со интересирање да ги читате зборовите на животот? Зар не сфаќате дека Божјата книга е незаменлива?“ - Адвентен дом, 416.

Многумина го ослабуваат својот ум читајќи разни приказни и романи и ја губат насладата за Божјата реч. Нивните умови се опиваат и ако не ја отфрлат оваа навика, ќе ја изгубат способноста да се справат со свечените прашања за животот и судбината во вистинско светло“. ¬– The Review and Herald, April 14, 1891.


Четврток 25. април

5. ДУХОВЕН РАСТ

а. Што ќе биде невозможно ако не останеме вредни проучувачи на Божјата реч? 2 Петрово 3:18 (прв дел).

„Апостолот ги повикал верниците да ги проучуваат светите списи зашто, ако правилно ги сфатат нивните поуки, можат сигурно да се утврдат за вечноста. Петар увидувал дека секоја душа, која се бори и на крај победува, неизбежно поминува и низ неизвесности и искушенија; но тој исто така знаел дека познавањето и разбирањето на светите списи ќе го оспособат оној кој се искушава да си спомне за ветувањата кои претставуваат утеха за срцето и ја засилуваат верата во Семоќниот“. ¬– Делата на апостолите, 521.

б. Во каква опасност се оние што ’вкусиле дека Господ е добар’, но занемаруваат да ја применат Божјата реч во своите срца? 1 Петрово 2:3; Евреите 6:4-6.

„Мнозина со самозадоволство гледаат на долгите години во кои ја застапуваа вистината. Тие сега сметаат дека заслужуваат награда за тие неволи и за таа послушност. Но тоа вистинско искуство во Господовите нешта кое го стекнале во минатото ги прави уште повиновни пред Него затоа што не го зачувале својот интегритет и не продолжиле по својот пат кон совршенство. Верноста во минатата година никого нема да го оправда за неверноста во оваа. Вчерашната вистинитост на еден човек нема да го оправда за неговата лажливост денес“. ¬– 5 Сведоштво, 63.

„Секој од нас мора сам да го побара Господа. Оние кои во минатото имале само површно верско искуство, нека пристапат поблиску до Бога“. ¬– 9 Сведоштво, 216.


Петок 26. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кои се плодовите на вистинското искуство на преобразување?

2. Како можам да знам дали сум подготвен да се сретнам со Господа ако умрам вечерва?

3. Дали има некој брат или сестра во црквата што не ми се допаѓа? Ако да, зошто е тоа така? Дали причината за моето чувство може да биде скриена љубомора или завист?

4. Колку често би било препорачливо лично да ја проучувам Библијата?

5. Опишете ја разликата помеѓу растењето во Христа и стагнирањето.

 <<    >>