Back to top

Sabbath Bible Lessons

Поуки од посланијата на апостол Петар (I)

 <<    >> 
2. лекција Сабота, 13. април 2024.

„Туѓинци“

„Затоа радувајте се, макар што можеби сега ќе треба малку и да тагувате поради разновидни искушенија“ (1 Петрово 1:6).

„Ние сме патници, доселеници и странци на оваа Земја. Не смееме да ги трошиме своите средства на задоволување на барањата кои Бог бара да ги потиснеме. Подобро да настојуваме да пружиме добар пример на оние со кои доаѓаме во допир. Да ја прикажуваме соодветно својата вера… Вашето влијание нека остави впечаток на душите за светоста на Божјите барања“. – 6 Сведоштво, 452.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба, 17-38. 

Недела 7. април

1. ПИСМО УПАТЕНО ДО ПОСЕБНА ПУБЛИКА

а. Како Петар им се обратил на христијаните раселени во Мала Азија на кои првенствено им било упатено неговото прво послание? 1 Петрово 1:1.

б. Иако Христовите следбеници се туѓинци на оваа земја, како Бог гледа на нив? 1 Петрово 1:2; 2:9; Ефесјаните 2:19.

„Божјиот народ - вистинскиот Израел - иако расеан по народите, на оваа земја е само дојденик чијашто вистинска татковина е небото“. – Патријарси и пророци, 447.

„Условот да се биде примен во Господовото семејство е да излеземе од светот, одвојувајќи се од сите негови загадувачки влијанија. Божјиот народ нема да има никаква врска со идолопоклонството во ниедна од неговите форми. Тие мора да достигнат повисок идеал. Ние треба да се одвоиме од светот; тогаш Бог ќе рече: ’Ќе ве примам како членови на Моето царско семејство, како деца на небесниот Цар.’ Како оние кои веруваат во вистината, ние треба да се разликуваме од гревот и грешниците во нашите постапки. Нашето државјанство е на небото.

Треба појасно да ја сфатиме вредноста на ветувањата што Бог ни ги дал и подлабоко да ја цениме честа што ни ја дал“. – Fundamentals of Christian Education, p. 481.


Понеделник 8. април

2. ИЗБРАНИ ОД БОГА

а. Кога Петар нè нарекува Божји „избрани“, дали тоа значи дека еднаш избрани не можеме да бидеме изгубени? Објаснете споредувајќи ги Јован 15:16 со Лука 3:8,9; Лука 6:13-16 со Јован 6:70,71; Исаија 41:8,9 со Римјаните 11:20-23.

„Кога нашиот Господ го одбрал Јуда, тогаш неговиот случај сè уште не бил безнадежен. Тој поседувал и некои добри особини. Соработувајќи со Христа во Неговото дело, слушајќи ги Неговите излагања, Јуда имал поволни можности да ги увиди своите недостатоци… Христос дури го ставил во положба каде што својата лакомост можел, по сопствен избор, или и понатаму да ја развива или да ја увиди и совлада. Тој ги чувал оние малку средства собрани за сиромашните…

Таа мала сума на пари за Јуда била извор на постојани искушенија… Прекорот кој Спасителот Му го упатил поради неговата себичност го нагризал Јудиното срце сè додека не се согласил да го издаде својот Господ за неколку сребреници. И денес меѓу почитувачите на саботата има такви кои во своето срце не се ниту малку поверни и подобри од Јуда“. – 4 Сведоштво, 41,42.

б. На кој главен принцип се заснова изборот според „предзнаењето на Бог Отецот“? 2 Петрово 3:9; 1 Тимотеј 2:4; Ефесјаните 1:4,5.

„Отецот ја насочува Својата љубов кон Својот избран народ кој живее меѓу луѓето. Тоа се луѓето кои Христос ги откупил по цена на сопствената крв; и бидејќи тие одговорија на Христовиот повик и благодарение на Неговата возвишена милост, тие се избрани да бидат спасени како Негови послушни деца... Секој што ќе се понижи како мало дете, кој ќе го прими и го слуша Божјото Слово со детска едноставност, ќе биде меѓу Божјите избраници“. – The Signs of the Times, January 2, 1893.

в. Што треба да направиме за да го осигуриме нашиот избор и да избегнеме повторување на тажната судбина на Јуда? 2 Петрово 1:10; 3:17; 1 Јованово 3:2,3.

„Ако ги исполниме условите поставени од Господ, ќе го обезбедиме нашиот избор за спасение. Совршената послушност на Неговите заповеди е доказ дека го сакаме Бога и дека не сме закоравени во гревот“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1079.


Вторник 9. април

3. ЗБОРОВИ НА ОХРАБРУВАЊЕ

а. Кому му се припишува сета слава што нè избра и нѐ предодреди за спасение - и зошто? 1 Петрово 1:3; Псалм 72:18,19.

„Уште на почетокот на своето прво послание остарениот Божји слуга му оддал похвала и слава на својот Господар. ’Благословен да е Бог, Отецот на нашиот Господ Исус Христос’“. – Делата на апостолите, 517.

б. Со кои зборови Петар се обидува да ги утеши браќата кои се соочуваат со жестоко прогонство? 1 Петрово 1:3 (последен дел), 4; Видете исто така Евреите 11:26.

„Во таа блажена надеж на сигурно наследство на обновената земја, првите христијани се радувале дури и за време на тешките искушенија и страдања. Петар понатаму пишува: ’Затоа радувајте се, макар што можеби сега ќе треба малку и да тагувате поради разновидни искушенија’“. – Делата на апостолите, 517,518.

в. Зошто Бог дозволува искушенија, страдања и неволји да дојдат врз Неговите избраници? 1 Петрово 1:6,7; Матеј 5:11,12.

„Неволјите и пречките се дисциплински мерки избрани од Бога и од Него назначени услови за успех. Оној, Кој ги чита срцата на луѓето, ги познава нивните карактери подобро од нив. Тој гледа дека некои имаат сили и предуслови, кои правилно насочени, можат да бидат употребени за напредок на Неговото дело. Во Своето провидение, Тој ги доведува овие лица во различни ситуации и околности, за да можат да ги откријат во својот карактер оние неправилности што биле сокриени од нивното знаење. Тој им дава можност да ги поправат тие неправилности и да се оспособат за Негова служба. Честопати Тој дозволува да бидат нападнати од огнот на тагата за да можат да бидат исчистени.

Фактот дека сме повикани да издржиме вакви проби, покажува дека Господ Исус во нас гледа нешто скапоцено што сака да го развие. Кога во нас не би видел ништо што би можело да го прослави Неговото име, Тој не би трошел време да нè облагороди. Во Неговата печка не се топат безвредни камења. Тоа се благородни камења што Тој ги облагородува. Ковачот става железо и челик во оган, за да го открие неговиот квалитет. Господ дозволува Неговите избрани да бидат ставени во печка на страдања, за да Го открие нивниот темперамент и дали тие можат да се прилагодат за Неговата служба“. – Здравје и среќа, 471.


Среда 10. април

4. ИЗЈАВА ЗА ВЕРА

а. Кој е единствениот начин на кој Бог може да нѐ доведе „до спасение“? 1 Петрово 1:5; Лука 8:48.

„Верата во Христа која ја спасува душата не е она што многумина велат дека е. ’Верувај, верувај’, извикуваат тие; ’Само верувај во Христа и ќе се спасиш. Тоа е сè што треба да направите.’ Бидејќи вистинската вера целосно се потпира на Христа за спасение, таа ќе доведе до совршена усогласеност со Божјиот закон. Верата се манифестира со дела“. – The Review and Herald, October 5, 1886.

„За да бидеме чувани од Божјата сила преку вера, желбите на умот мора постојано да се креваат во тивка молитва за помош, за светлина, за сила, за знаење. Но, мислата и молитвата не можат да го заземат местото на сериозното, верно користење на времето. За усовршување на христијанскиот карактер се потребни и работа и молитва“. – God’s Amazing Grace, p. 317.

б. Зошто на верата ѝ се потребни искушенија? 1 Петрово 1:7; Јов 23:10; Јаков 1:3.

„Во религиозниот живот на секоја душа која на крајот ќе излезе како победник, ќе има моменти на страшна збунетост и тешки искушенија; но неговото познавање на Светото Писмо ќе му овозможи да се присети на охрабрувачките ветувања Божји, кои ќе го утешат неговото срце и ќе ја зајакнат неговата вера во силата на Семоќниот... Искушувањето на верата е поскапоцено од златото. Сите треба да научат дека ова е дел од дисциплината во Христовата школа, која е од суштинско значење за нивно прочистување од ѓубрето на земното“. – God’s Amazing Grace, p. 317.

в. Како апостол Петар ја опишува суштината на верата? 1 Петрово 1:8,9. Споредете го ова со Павловата дефиниција за верата. Евреите 11:1.

„Никогаш да не заборавиме, дури и кога одиме по долината, дека Христос е со нас, кога со доверба одиме таму, како и кога сме на врвот на планината. Гласот ни рече: ’Нема ли да му ги предадеме своите товари на Оној што го носи товарот, Господ Исус Христос? Зарем не сакате да живеете на сончевата страна на крстот?“ – Ум, карактер и личност, 811.


Четврток 11. април

5. ТАЈНАТА НА СПАСЕНИЕТО

а. Зошто „спасението по благодат“ преку верата стана полесно разбирливо по Христовото воплотување и смрт? 1 Петрово 1:10-12; Лука 10:24; 1 Јованово 1:1-3.

„Дури и пророците, кои биле посебно просветлени од Светиот Дух, не го сфатиле целосно значењето на откровенијата што им биле дадени…

Сепак, тие искрено се труделе да ја разберат целата светлина што Бог сакал да им ја покаже… Каква поука за Божјиот народ во христијанската ера, во чијашто полза се дадени овие пророштва на Неговите слуги!... Споредете ја нивната света ревност со безгрижната рамнодушност со која постапувале учителите на подоцнежните векови со овој небесен дар. Каков укор за оние кои во потрага за што полесен живот на овој свет рамнодушно се задоволуваат со изјавите дека пророштвата не можат да се разберат!“ – Големата борба, 344.

б. Зошто планот на откупението претставува тајна дури и за ангелите? 1 Петрово 1:12 (последен дел); 1 Коринтјаните 4:9.

„Доаѓајќи да живее меѓу нас, Христос дошол да го открие Бога и на луѓето и на ангелите… Нашиот мал свет е учебник на вселената. Прекрасната Божја цел на милоста, тајната на откупителната љубов тоа е тема во која ’ангелите посакуваат да проникнат’ и која ќе биде нивна тема за проучување низ бескрајните векови. Суштествата кои ќе бидат откупени и суштествата кои никогаш не паднале, во Христовиот крст ќе ја најдат својата наука и својата песна“. – Копнежот на вековите, 19,20.


Петок 12. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што може да ме потсети дека на овој свет сум само туѓинец, дојденец - оној кој овде не треба да се чувствува како дома?

2. Како можам да бидам сигурен во мојот избор и спасение?

3. Што може подобро да ме опреми за храбро да ги поднесувам неволјите и искушенијата?

4. Што има тенденција да ја ослаби или зајакне мојата вера?

5. Како можам да поминам повеќе време за подлабоко проучување на планот за спасението?

 <<    >>