Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото Евангелие до Евреите

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 2. март 2024.

Земно и небесно светилиште

„И речиси сè според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв нема проштевање“ (Евреите 9:22).

„Христос го дал својот живот за да ни го обезбеди тоа непроценливо богатство; но без преродба со вера во неговата крв нема проштавање на гревот, нема богатство за ниту една душа која пропаѓа“. – Христовите поуки, 112,113.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба, 409-422. 

Недела 25. февруари

1. ЦЕЛТА НА СВЕТИЛИШТЕТО

а. Која била Божјата намера со изградбата на светилиштето? Излез 25:8.

„За време на изградбата на светилиштето, кое требало да биде место на Божјото живеалиште, Мојсеј добил упатства да направи сè според образецот на небесните нешта. Бог го повика на гората и му ги откри небесните нешта, и според нивниот модел беше изградено светилиштето и сѐ што му припаѓаше.

Така на Израел, кого сакаше да го направи Свое живеалиште, му го откри славниот идеал на Својот карактер. Моделот им беше покажан на планина кога законот беше даден од Синај...

Но, овој идеал тие самите беа немоќни да го постигнат. Откровението на Синај можеше само да им ја втисне нивната потреба и беспомошност. Светилиштето требало преку својата служба на жртви да им даде уште една поука - поука за простувањето на гревот и силата што Спасителот ја дава за послушност што ќе донесе живот“. – The Faith I Live By, p. 192.

б. Кој ќе ја исполни вистинската намена на светилиштето? Јован 1:14; 1. Коринтјаните 3:16,17.

„Преку Христа требаше да се исполни целта, чиј симбол беше светилиштето – таа славна градба“. – The Faith I Live By, p. 192.


Понеделник 26. февруари

2. ЗЕМНО СВЕТИЛИШТЕ

а. Опишете го првиот дел на земното светилиште и неговите главни предмети. Евреите 9:1,2.

„Во првото одделение, или во Светилиштето, се наоѓала маса со поставени лебови, свеќник и златна кадилница. Трпезата со поставени лебови се наоѓала на северната страна. Порабена со украсен венец, таа била сета обложена со злато. На таа маса свештениците секоја сабота морале да поставуваат дванаесет пресни лебови да ги поделат на два дела и потоа да ги окадат со темјан. Тие лебови подоцна, бидејќи биле сметани како свети, можеле да ги јадат само свештениците. На јужната страна бил сместен седмокрак свеќник со седум светилки. Краците му биле украсени со извонредно убаво изработени цветови кои личеле на крин, а целиот свеќник бил изработен од чисто злато. Бидејќи на Светилиштето немало прозорци, светлата морале да горат ден и ноќ и никогаш не смеело истовремено да се угаснат сите светилки на неговиот свеќник. Пред завесата што ја одделувала Светилиштето од Светињата над светињите и од Божјото непосредно присуство, се наоѓал златен кадилен олтар. На тој олтар свештеникот секое утро и секоја вечер палел темјан; роговите на олтарот ги мачкал со крвта на жртвата принесена за грев, а на денот на помирувањето целиот олтар бил испрскан со крв. Огнот на тој олтар го запалил сам Бог, па затоа тој најгрижливо е одржуван како свет оган. Дење и ноќе мирисот на светиот темјан се ширел низ светите простории и се разнесувал низ околината на Шаторот за состанок“. – Патријарси и пророци, 348.

б. Опишете ја светињата над светињите и нејзината служба. Евреите 9:3-7.

„Зад внатрешната завеса била Светињата над светињите (или најсветото место, заб. на прев.), централна точка на сликовитата служба на помирување и посредување, што претставувало алка меѓу небото и земјата. Во тоа одделение се наоѓал ковчегот на заветот, направен од багремово дрво, окован во злато и однадвор и однатре, а при врвот порабен со златен венец. Тој ковчег бил направен во него да се чуваат камените плочи на кои Бог ги напишал десетте заповеди. Наречен е ковчег на Божјото сведоштво, или ковчег на заветот, зашто десетте Божји заповеди ја сочинувале основата на заветот (сојузот) склучен меѓу Бога и Израел“. – Патријарси и пророци, 348.

„Еднаш годишно, на големиот ден на помирување, свештеникот влегувал во светињата над светињите да ја очисти. Со службата што ја вршел тука го надополнувал богослужението што се вршело во текот на целата година“. – Патријарси и пророци, 355.


Вторник 27. февруари

3. ВЕЧНО ИСКУПЕНИЕ

а. Кој е сигурен резултат од Христовото посредување? Евреите 9:11,12.

„Нашиот голем Првосвештеник принел совршена жртва засекогаш кога пострадал надвор од портата. Тогаш беше извршено совршено помирување за гревовите на луѓето. Исус е наш Застапник, наш Првосвештеник, наш Посредник. Затоа, нашата сегашна ситуација е слична на онаа на Израелците. Стоејќи во надворешниот двор ние ја очекуваме таа благословена надеж, славното појавување на нашиот Господ и Спасител Исус Христос...

Кога првосвештеникот влегувал во светилиштето, кое го симболизира местото каде што нашиот Првосвештеник сега се моли и принесува жртви на олтарот, надвор не се принесуваа жртви на помирување. Додека првосвештеникот посредуваше внатре, секое срце требаше да се поклони во покајание пред Бога, барајќи простување на своите гревови. Во смртта на Јагнето заклано за гревовите на светот, типот се сретна со антитипот. Големиот Првосвештеник ја принесе единствената жртва што има вредност...

Во Неговото посредување како наш Застапник, Христос не бара доблест од ниту еден човек, посредување од кој било човек. Христос е единствениот носител на гревовите, единствената жртва за гревовите. Молитвите и исповедите треба да му се принесат само на Оној кој еднаш засекогаш влегол во небесното светилиште“. – That I May Know Him, p. 73.

б. Како може нашиот живот да има корист од Христовата крв? Евреите 9:13, 14.

„Додека ги исповедаме нашите гревови и се залагаме за делотворноста на Христовата помирувачка крв, нашите молитви се вознесуваат на небото како сладок мирис помешан со заслугите на нашиот Спасител. И покрај нашата недостојност, секогаш треба да запомниме дека постои Еден кој може да го отстрани гревот и да го спаси грешникот. Секој грев признаен пред Бога со скрушено срце, Тој ќе го отстрани. Оваа вера го претставува животот на црквата“. – Testimonies to Ministers, p. 93.

„Кажи Му на Господа: ’Моите престапи ме одвоија од мојот Бог. Господи, прости ми ги престапите! Избриши ги моите гревови од Твојата книга на спомен.’ Фалете го Неговото свето име, бидејќи во Него е простувањето и така можете да се преобратите и преобразите“. – Testimonies to Ministers, p. 98.

„Христовата крв е делотворна, но мора постојано да се применува...

Ако во старите времиња било потребно нечистото да се исчисти со прскање на крв, колку е важно за оние кои живеат во опасностите од последните денови и се изложени на искушенијата на сатаната, Христовата крв секојдневно да ги попрскува нивните срца“. – The Faith I Live By, p. 200.


Среда 28. февруари

4. ПОТВРДУВАЊЕ НА НОВИОТ ЗАВЕТ

а. Кога бил ратификуван заветот на милоста? Евреите 9:22-24.

„Заветот на милоста првпат е склучен со човекот во Едем, по сторениот грев, кога е дадено божествено ветување дека семето на жената ќе ѝ стапне на змијата на главата. Тој сојуз на сите луѓе им нудел проштавање и поддршка од Божјата милост со цел во иднина, со вера во Христа да можат да бидат послушни. Ветен им е вечен живот под услов да му останат верни на Божјиот закон. На тоа патријарсите ја засновале својата надеж во врска со спасението.

Истиот тој завет бил обновен со Аврама во ветувањето: ‘И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата’ (Создавање 22:18). Тоа ветување укажувало на Христа. Аврам така и го сфатил (види Галатјаните 3:8,16), па од Христа и очекувал проштавање на гревот. Таа вера му е засметана во праведност. Заветот склучен со Аврама исто така ја поддржувал важноста на авторитетот на Божјиот закон. Господ му се јавил на Аврама велејќи: ‘Јас сум Ел-Шадај – Бог семоќен, чекори по Мојот пат и биди непорочен’ (Создавање 17:1). Божјото сведоштво за неговиот верен слуга гласело: ‘Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на наредбите Мои и на законите Мои’ (Создавање 26:5). А нему Бог му рекол: ‘И ќе го поставам заветот Мој меѓу Мене и тебе и меѓу твоите потомци по тебе во нивните родови...’

Иако тој завет бил склучен со Адама и обновен со Аврама, сепак не можел да биде потврден сѐ до Христовата смрт. Според Божјото ветување, заветот постоел откако било дадено првото навестување за откуп; бил прифатен со вера; сепак, откако е потврден од Христова страна, се вика нов завет. Божјиот закон бил основа на тој завет, кој всушност е само едно средство човекот пак да стапи во хармонија со Божјата волја на тој начин што е ставен во положба која му овозможува да биде послушен на Божјиот закон“. – Патријарси и пророци, 370,371.

б. На кој начин апостол Павле објаснил како еврејскиот систем на жртвување нашол исполнување во Христа? Евреите 9:24-26.? Евреите 9:24-26.

„Набљудувајте го овој апостол (Павле) како, проповедајќи во синагогата во Коринт, вешто ги наведува списите на Мојсеја и пророците, и како душите на своите слушатели ги води до појавата на ветениот Месија. Слушајте како го објаснува делото на Откупителот како голем првосвештеник на човечкиот род, на Оној кој, жртвувајќи го својот живот, врши откуп од гревот еднаш засекогаш, а потоа ја презема својата служба во небесното светилиште. Павловите слушатели биле оспособени да сфатат дека Месија, кого тие со толку голема желба го очекуваат, всушност веќе дошол, дека Неговата смрт ги исполнила сите симболички жртви, а Неговата служба во небесното светилиште е онаа голема цел која фрла своја сенка во минатото за да ја објасни службата на еврејското свештенство“. – Делата на апостолите, 246.


Четврток 29. февруари

5. ХРИСТОВОТО ВТОРО ДОАЃАЊЕ

а. Што им е ветено на оние кои го прифаќаат заветот на милоста? Евреите 9:27,28; Псалм 50:1-5; Исаија 25:9.

„Господ сака ние да го цениме големиот план на откупувањето, да сфатиме колку високи предимства уживаме како Божји деца и да одиме пред него послушни и благодарни, оддавајќи му слава. Тој сака да му служиме во нов живот, секој ден радувајќи се одново; копнее да види како нашите срца се полнат со благодарност затоа што нашите имиња се запишани во животната книга на Јагнето, затоа што сите наши грижи можеме да ги префрлиме на Оној кој се грижи за нас. Тој не повикува да се радуваме затоа што сме Господово наследство, затоа што Христовата праведност, понудена на неговите свети, станала наша бела облека, затоа што имаме благословена надеж во скорашното доаѓање на нашиот Спасител“. – Христовите поуки, 299.

„Ние сме патници и странци кои чекаме, се надеваме и се молиме за таа блажена надеж, за славното појавување на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Ако веруваме во ова и го внесеме во нашиот практичен живот, каква енергична акција би поттикнала оваа вера и надеж; каква искрена љубов ќе имаме еден кон друг; каков свет живот ќе живееме во слава на Бога! Во нашата почит кон наградата, какви јасни линии на разграничување ќе се видат меѓу нас и светот!

Вистината за Христовото враќање секогаш треба да биде врежана во сечие срце“. – Evangelism, p. 220.

б. Која молба треба да биде вклучена во нашите молитви? Откровение 22:20.


Петок 1. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Какви благослови Бог има за мене додека го проучувам светилиштето?

2. Објаснете го значењето на секој посебен предмет во светилиштето.

3. Што треба да разбереме за Христовата жртва во наша корист?

4. Зошто новиот завет е именуван така како што е - иако тој веќе постоел во времето на Авраам?

5. Која е кулминацијата на сите наши надежи и како таа може да влијае на нашиот секојдневен живот?

 <<    >>