Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото Евангелие до Евреите

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 24. февруари 2024.

Стариот завет

„Зашто, ако првиот завет беше без недостаток, тогаш немаше да се бара втор“ (Евреите 8:7).

„Условите на стариот завет гласеле: ‘Слушај и ќе бидеш жив!’ ‘Им ги дадов Моите заповеди и им ги објавив Моите наредби, преку кои човекот, откако ќе ги изврши, ќе биде жив’ (Езекиел 20:11; Левитска 18:5). ‘Проклет да е секој, кој не ќе ги исполни сите наредби од овој закон и не ќе постапи според нив’ (Второзаконие 27:26)“. – Патријарси и пророци, 372.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   God’s Amazing Grace, p. 135; Копнежот на вековите, 675-677. 

Недела 18. февруари

1. ВЕЛИЧЕСТВЕН ЗАВЕТ

а. Каде и кога е воспоставен стариот завет? Излез 19:1,2.

„Условите на стариот завет гласеле: ‘Слушај и ќе бидеш жив!’ ‘Им ги дадов Моите заповеди и им ги објавив Моите наредби, преку кои човекот, откако ќе ги изврши, ќе биде жив’ (Езекиел 20:11; Левитска 18:5). ‘Проклет да е секој, кој не ќе ги исполни сите наредби од овој закон и не ќе постапи според нив’“ (Второзаконие 27:26). – Патријарси и пророци, 303.

б. Кој бил условот на заветот на Синај, и зошто е важно ова начело? Излез 19:3-6. Како реагирал народот? Излез 19:8.

„Послушноста беше единствениот услов под кој стариот Израел можеше да го добие исполнувањето на ветувањата кои го направија многу омилен Божји народ; и послушноста кон овој закон ќе донесе исто толку големи благослови за поединците и нациите денес како што тоа би го направила за Евреите“. – Selected Messages, bk. 1, p. 218.

„Мојсеј се вратил кај народот и, собирајќи ги израелските старешини, им ја соопштил божествената порака. При тоа тие одговориле: ‘Сè што рекол Господ ќе направиме’. Така стапиле во свечен заветен однос со Бога и се обврзале него да го прифатат за свој господар, со што станале приврзаници на неговата власт“. – Патријарси и пророци, 303.


Понеделник 19. февруари

2. РЕВНОСТ БЕЗ ЗНАЕЊЕ

а. Во што верувале Израелците кога ветиле дека ќе го почитуваат Божјиот закон? Римјаните 10:1-3.

„Меѓутоа, тие не ја увидувале грешноста на своето сопствено срце и фактот дека без Христа не е можно да се држи Божјиот закон. Затоа биле готови веднаш и без премислување да склучат сојуз (завет) со Бога. Уверени дека можат сами ,’да ја утврдат својата правда’, изјавиле: ‘Сè, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни’“ (Излез 24:7). – Патријарси и пророци, 371,372.

б. Кога еврејскиот народ ја направил истата грешка во Христово време? Матеј 5:20; Римјаните 9:31,32.

„Токму затоа што Законот е свет, Евреите не можеле со сопствени напори да постигнат правда и да го држат Законот. Ако сакаат да влезат во небесното царство, Христовите ученици мораат да стекнат правда која е со поинаков карактер од правдата на фарисеите. Бог во својот Син им ја пружил совршената правда на Законот. Да му ги отвориле целосно своите срца да го примат Христа, во нив би се населила полнотата на Божјиот живот и Неговата љубов, преобразувајќи ги во Неговиот лик; и така благодарение на доброволниот Божји дар можеле да ја добијат правдата која Законот ја бара. Меѓутоа, фарисеите го отфрлиле Христа; ‘зашто, не знаејќи за Божјата праведност и тежнеејќи да воспостават своја сопствена праведност, тие не и се подредија на Божјата праведност’“ (Римјаните 10:3). – Мисли од гората, 54.

в. Што е напишано за нашата праведност? Исаија 64:6.

„’Така сите станавме нечисти, а сета наша правда како извалкана облека’ (Исаија 64:6). Се што можеме да сториме ние сами е извалкано со грев. Но Божјиот Син ‘се јави за да ги отстрани гревовите, а во него нема грев’“. – Христовите поуки, 311.

„Доколку Светиот Дух не делува на човечкото срце, ние ќе се сопнуваме и паѓаме на секој чекор. Само човечкиот напор е безвреден, но соработката со Христа значи победа“. – Selected Messages, bk. 1, p. 381.

„Кога Христовата светлина ќе ги осветли нашите души, ќе видиме колку сме нечисти, ќе сфатиме дека нашите побуди се себични, дека непријателството кон Бога го извалкало секое наше дело. Тогаш ќе сфатиме дека нашата праведност е како нечиста облека и дека само Христовата крв може да нè очисти од нечистотијата на гревот и да го обнови нашето срце според Неговиот лик“. – Патот кон Христа, 28,29.


Вторник 20. февруари

3. ЦЕЛТА НА СТАРИОТ ЗАВЕТ

а. Бидејќи заветот на благодатта бил доволен за спасение, зошто бил склучен друг завет на Синај? Галатјаните 3:19; Псалм 119:18; Откровение 3:17,18.

„Но зошто на Синај е склучен друг завет кога во заветот со Аврама било содржано ветување за откуп? Израелскиот народ за време на своето робување во голема мера го загубил поимот за Бога и за начелата на аврамовскиот завет. Кога ги ослободил од Египет, Бог настојувал да им ја открие својата моќ и милост за да ги одоброволи да го љубат и да имаат доверба во него. Ги довел до бреговите на Црвеното Море - каде што не било можно да побегнат од Египќаните кои им биле зад петиците - за да сфатат колку се беспомошни и колку им е неопходна божествената помош. А тогаш се погрижил да ги ослободи од Египќаните кои ги гонеле. Така биле исполнети со љубов и благодарност кон Бога и се здобиле со доверба во неговата моќ која им помагала. Тој ги врзал за себе како Ослободител од поминливото (египетско) ропство.

Меѓутоа, во нивните мисли требало да се втисне уште една голема вистина. Бидејќи живееле среде идолопоклонство и расипаност, тие немале вистинска претстава за Божјата светост, за тежината на грешноста на сопственото срце, за целосната неспособност само со своја сила да му се потчинуваат на Божјиот закон. А и не чувствувале колку им бил потребен Спасителот. На сето тоа требало да се научат“. – Патријарси и пророци, 371.

б. Што се случило само неколку недели откако Израелците ветиле дека ќе го држат Божјиот закон? Излез 32:1-6. Во кого бил проблемот во заветот склучен на Синај? Евреите 8:8.

„Во крајна очајност и гнев поради нивниот голем грев, тој (Мојсеј) ги фрлил камените плочи со божествените заповеди, со намера да ги скрши пред народот и со тоа да покаже дека тие го прекршиле заветот што неодамна го склучиле со Бога“. – The SDA Bible Com¬mentary [E. G. White Comments], vol. 1, p. 1109.

„Тие (Израелците) присуствувале при објавувањето на законот во величественост што бара најдлабока страхопочит и стоеле под гората тресејќи се од страв, а сепак, само по неколку седмици го раскинале својот завет со Бога и се клањале пред делкан кип. Не можеле веќе да се надеваат на Божја милост врз основа на заветот што го раскинале. И сега, откако ја увиделе својата грешност и потреба од проштавање, биле доведени во состојба лично да почувствуваат колку им е потребен и Спасителот кој бил откриен во заветот на Аврама и навестуван со принесувањето на жртвите. И сега со вера и со љубов се врзале за Бога како свој Ослободител од робувањето на гревот. Дури сега биле подготвени да ги ценат благословите на неговиот завет“. – Патријарси и пророци, 372.


Среда 21. февруари

4. ПЕТРОВОТО „СТАРОЗАВЕТНО“ ИСКУСТВО

а. Што му ветил Петар на Исус пред да замине во Гетсиманија? Лука 22:33.

б. Кој бил Христовиот одговор на Петар? Лука 22:34.

„Во првите денови од своето учеништво, Петар себеси се сметал за силен. Како и фарисејот, според своја проценка тој ‘не бил како другите луѓе’. Во предвечерието на Јудиното предавство, кога Исус ги предупредил учениците: ‘Сите ќе се соблазните!’ Петар самоуверено изјавил: ‘И ако сите се соблазнат, јас не ќе го сторам тоа’ (Марко 14:27,29). Петар не знаел каква опасност му се заканува. Самоувереноста го завела. Сметал дека сам е способен да му се противстави на искушението“. – Христовите поуки, 152.

в. Како реагирал Петар набргу потоа, кога го прашале за неговиот однос со Исуса? Матеј 26:69-74.

г. Како реагирал Исус кога Петар се одрекол од Него? Лука 22:61,62.

„Кога кукуригањето на петелот го потсетило на Христовите зборови, изненаден и вчудовиден со она што тукушто го сторил, се свртел и го погледнал својот Учител. Во тој миг и Исус го погледнал Петра, и тој жалосен поглед, во кој се мешало сочувство и љубов, му помогнал на Петар да се сфати себеси. Излегол и леел горчливи солзи. Тој Христов поглед му го скршил срцето. Се нашол на пресвртница и длабоко се покајал за својот грев. Бил сличен на цариникот во својата понизност и во своето каење, и како и цариникот, добил милост. Христовиот поглед го уверил дека му е простено“. – Христовите поуки, 152.

„Петар сам го подготвил патот за својот голем грев со тоа што спиел, тогаш, кога на Христово барање требало да бдее и да се моли. Сите ученици претрпеле голема загуба поради тоа што спиеле во тој критичен момент. Христос знаел низ каква огнена проба ќе поминат. Знаел како сатаната ќе настојува да ги парализира нивните сетила, така што нема да бидат подготвени за пробата. Заради тоа им упатил опомена. Кога тие часови во градината би ги поминал во бдеење и молитва, Петар не би бил оставен да се потпира на својата слаба човечка сила. Тој не би се откажал од својот Господ. Кога учениците би бдееле со Христа во Неговите душевни страдања, тие би биле подготвени да ја издржат сцената на Неговото страдање на крстот. Тогаш, до одреден степен би ја сфатиле природата на Неговите совладувачки (натчовечки) страдања. Би биле во состојба да се сетат на Неговите зборови со кои го претскажувал Своето страдање, Својата смрт и Своето воскресение“. – Копнежот на вековите, 713.


Четврток 22. февруари

5. БЕЗ ХРИСТА НИШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ НАПРАВИ

а. Колку е залудна нашата борба против гревот со нашите сопствени сили? Римјаните 7:14,15,18-25; Евреите 8:7.

„Духот на ропството се раѓа преку настојувањето да живееме во согласност со законската религија, преку стремежот да ги исполниме барањата на законот со нашите сопствени сили. За нас постои надеж само кога доаѓаме под Аврамовиот завет, кој е завет на милоста преку вера во Христа Исуса. Евангелието што му се проповедаше на Авраам, преку кое тој имал надеж, беше истото евангелие што ни се проповеда денес преку кое имаме надеж. Со вера Авраам гледаше на Исуса, кој за него и за нас е Зачетник и Довршител на нашата вера“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1077.

б. Што рекол Христос за нашите напори без Него? Јован 15:5.

„Животот на лозата претставува живот на прачката. Така и душата, мртва заради престапот и гревот, добива живот преку врската со Христа. Таа врска се создава со вера во него како во личен Спасител. Грешникот ја обединува својата немоќ со Христовата сила, својата празнина со Христовото изобилство, својата слабост со Христовата неминлива моќ. Тогаш тој добива Христов ум. Примајќи човечка природа, Христос дошол во допир со нашата природа, а нашата природа дошла во допир со божеството. На тој начин преку Светиот Дух човекот станува учесник во божествената природа и е прифатен во Саканиот.

Тоа единство со Христа, еднаш воспоставено, мора да се одржува. Христос рекол: „Бидете во Мене и Јас ќе останам во вас. Како прачката што не може да роди род сама од себе ако не биде на лозата, така ни вие, ако не останете во Мене”. Тоа не е никаков случаен допир, никаква минлива врска. Гранката станува дел од живата лоза. Пренесувањето на животот, на силата и плодноста од лозата на прачката е непречено и постојано. Ако се одвои од лозата, прачката не може да живее. „Исто така,“ рекол Исус, „вие не можете да живеете одвоено од Мене. Животот што го добивте од Мене може да се одржи единствено во заедница со Мене. Без Мене не можете да совладате ниту еден грев, не можете да се спротивставите ниту на едно искушение“. – Копнежот на вековите, 676.


Петок 23. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Размислете за позитивните и негативните аспекти на ветувањето на Израел на Синај.

2. Какви предупредувања треба да извлечеме од слабоста на Израел?

3. Како Бог може да го извлече најдоброто од нашите грешки и неуспеси?

4. Што треба секогаш да паметиме за Христовиот став кога Петар паднал?

5. Зошто Исус се споредува себеси со лоза?

 <<    >>