Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото Евангелие до Евреите

 <<    >> 
11. лекција Сабота, 16. март 2024.

Херои на верата

„А верата е подлога за увереноста во она на кое се надеваме - убеденост во она што не се гледа. Преку неа постарите добија сведоштво“ (Евреите 11:1,2).

„Спасоносната вера е трансакција преку која оние кои го примаат Христа, стапуваат во заветен однос со Бога. Вистинската вера е живот. Живата вера тоа е зголемување на животната сила, тоа е доверба со помош на која душата станува победоносна сила“. – Копнежот на вековите, 347.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   4 Сведоштво, 571-575. 

Недела 10. март

1. АВЕЛ

а. Зошто Бог го прифатил Авел и неговата жртва? Евреите 11:4.

„Авел ги сфатил големите основни начела на откупувањето. Увидувал дека е грешник и дека меѓу неговата душа и врската со Бога стојат гревот и смртта како казна. Принел заклано животно, жртвуван живот, и со тоа ги признал барањата на законот кој бил прекршен. Гледајќи во пролеаната крв, ја видел Жртвата на иднината – Христа - како умира распнат на Голгота и, верувајќи во спасението што ќе биде со тоа осигурено, се осведочил дека е оправдан и дека жртвата му е примена“. – Патријарси и пророци, 72.

б. Зошто Бог ги отфрлил Каин и неговиот дар? Евреи 9:22.

„Авел избрал вера и послушност, а Каин неверување и бунт. Сѐ било засновано на тоа.

Каин и Авел се претставници на две групи или на две определби што ќе постојат на светот до крајот на времето. Едни ќе знаат да ја користат жртвата принесена поради човечките престапи, а други сѐ повеќе ќе се надеваат и ќе се потпираат врз своите лични заслуги; нивната жртва, лишена од силата на божественото посредување, не ќе биде во состојба да им обезбеди Божја милост. Нашите престапи можат да бидат простени само со Христовите заслуги“. – Патријарси и пророци, 72,73.


Понеделник 11. март

2. НОЕ

а. Што е напишано за Ное? Излез 6: 8,9,22; Евреите 11: 7.

„Додека Ное му ја објавувал на светот опомената, неговите дела сведочеле за неговата искреност. На тој начин неговата вера е усовршена и станала очигледна. На светот со личен пример му покажал дека тој навистина верува во она што го кажал Бог. Сѐ што имал вложил во градењето на ковчегот. Кога почнал да го гради огромниот брод на сува земја, од сите страни доаѓале луѓе да ја видат оваа необична и дотогаш невидена сцена и да ги слушнат огнените зборови на чудниот проповедник. Секој удар при градењето на ковчегот за народот бил по едно сведоштво“. – Патријарси и пророци, 95.

б. Каква споредба дал Исус во врска со овие последни денови? Матеј 24:37-39.

„Гревовите поради кои Бог го казнил претпотопниот свет, постојат и денеска. Страхопочитта кон Бога исчезнала од срцата на луѓето, а неговиот закон го гледаат рамнодушно и со презир. Видливата и незауздана склоност кон земните уживања, толку карактеристична за претпотопниот свет, во иста мера ја покажува и денешната генерација... Бог не ги осудил претпотопните луѓе затоа што јаделе и пиеле. Тој им дал земни плодови во големо изобилство за да ги задоволат своите секојдневни потреби. Нивниот грев се состоел во тоа што, користејќи ги тие дарови, не му биле благодарни на Дародавецот и што се понижувале со неограничено попуштање на апетитот. Со закон им било дозволено да се женат и да се мажат. Бракот е божествена установа, една од првите во поредокот што го воспоставил Бог. Тој за оваа установа дал посебни упатства и ја облекол во светост и убавина; но тие упатства се заборавени и бракот е изопачен до таа мера што служел само за задоволување на сетилните страсти.

Слична состојба постои и денеска. Се претерува во сѐ што инаку е дозволено. На апетитот му се попушта без никакво ограничување. Оние што тврдат дека се Христови следбеници јадат и пијат со пијаниците додека нивните имиња стојат во црковните книги на почесно место. Неумереноста ги умртвува моралните и духовните сили и го приготвува патот за задоволување на ниските страсти. Илјадници и илјадници не чувствуваат никаква морална обврска да ги зауздат своите сетилни желби и стануваат робови на похота и страстите. Луѓето живеат само заради сетилните уживања и само за овој свет и за овој земен живот. Претерување и неумереност ги проникнуваат сите општествени слоеви и ги преминуваат сите граници. Честитоста и чесноста им го отстапуваат местото на раскошот и распуштеноста. Оние што сакаат бргу да се збогатат ја извртуваат правдата и ги угнетуваат сиромасите, а сѐ уште се купуваат и се продаваат ‘телата и душите на луѓето’. Измами, поткупувања и кражби можат да се сретнат и во високите и во нижите општествени кругови, и никој не ги осудува. Весниците се полни со извештаи за убиства и злосторства, сторени толку ладнокрвно и без никаква причина, што се чини како да исчезнало секое чувство на човечност“. – Патријарси и пророци, 101,102.


Вторник 12. март

3. ЈАКОВ

а. Кој страшен грев оставил темна дамка на искуството на Јаков? Создавање 25:29-33; 27:18-24.

„Јаков и Ревека успеале да го остварат својот план, но измамата им донела само страдање и болка. Бог рекол дека Јаков ќе го добие правото на првородство и неговиот збор би се исполнил во свое време кога би имале доверба и кога стрпливо би чекале Тој да работи за нив. Но, како и денеска што постапуваат мнозина кои се нарекуваат Божји деца, тие не биле расположени работата да ја препуштат во Божји раце. Ревека горко се каела што му дала таков погрешен совет на својот син, кој поради тоа морал да ја напушти неа и никогаш повеќе не му го видела лицето. Од мигот кога го примил првенството, Јаков почувствувал товар на вина и цел живот се осудувал самиот себеси. Згрешил против татка си, против брата си, против својата сопствена душа и против Бога. Во еден судбоносен миг сторил дело поради кое се каел цел живот. Таа сцена живо му излегувала пред очи во текот на подоцнежните години секогаш кога душата би му ја притискало лошото однесување на неговите синови“. – Патријарси и пророци, 180.

б. Кога Јаков добил целосно простување и оправдување? Создавање 32:24-31.

„Со најсесрдно пекање и со солзи во очите (Јаков) му упатувал молитви на Бога. Одненадеж почувствувал нечија тешка рака на плеќите... Додека така се борел за својот живот душата му ја притискало чувство на кривица; пред него излегувале неговите гревови за да го одвојат од Бога. Но во својата крајна душевна тешкотија си споменал за Божјото ветување и со сето срце преколнувал за милост... Тоа бил ‘заветниот Ангел’ – Христос - кој лично му се открил на Јакова. Сега патријархот бил онеспособен, страдал од жестоки болки, но не попуштил. Сиот скршен и обземен со каење, цврсто го стегал ангелот: ‘Заплака и Го замоли% (Осија 12:4), преколнувајќи го за благослов. Морал да добие уверување дека гревот му е простен. Физичката болка не можела да ги одврати неговите мисли од овој предмет. Одлуката му станувала сѐ поцврста, а верата посериозна и поистрајна сѐ до последниот миг. Обидувајќи се да се ослободи од него, ангелот рекол: ‘Пушти Ме веќе, зора е!’ Но Јаков одговори: ‘Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш!’ Кога тоа би била дрска и горделива самоувереност, Јаков би бил моментно уништен; но тој, признавајќи ја својата недостојност, бил сигурен дека Бог, кој е верен кон заветот, нема да изневери.

Јаков јуначки се борел со ангелот ‘и го победи’ (Осија 12:4). Со понизност, со покајание и со целосна потчинетост, тој грешен, заблуден смртник, го совладал небесното Величество. Тој грчевито се држел за Божјото ветување, а срцето на бесконечната Љубов не можело да се оглуши на молбите на грешникот“. – Патријарси и пророци, 196,197.


Среда 13. март

4. САМСОН

а. Објасни го Божјиот план за Самсон. Судии 13:4,5.

„На жената на Маној, која била неротка, и се јавил ‘ангел Господов’ со порака дека ќе роди син преку кој Бог ќе почне да го ослободува Израел. Во врска со тоа, ангелот и дал упатство како треба таа да живее и како да го одгледува детето. ‘Затоа пази се, не пиј вино и друг алкохолен пијалак и не јади ништо нечисто’. Истата забрана важела и за детето уште од самиот почеток. Освен тоа, ѝ било кажано на детето никогаш да не му ја сече косата, зашто уште од раѓање требало да му биде посветено на Бога како назиреј“. – Патријарси и пророци, 560.

б. Како првата голема грешка на Самсон претставува предупредување за нас? Судии 14:1-3.

„Токму кога влегувал во периодот на својата машкост, кога морал да ја врши својата од Бога одредена мисија - во периодот кога повеќе од кога и да е требало да му биде верен на Бога - Самсон се поврзал со непријателите на Израел. Тој не се прашал дали тој брак ќе му помогне подобро да го прослави Господа или ќе го доведе во таква положба во која не ќе може да ја оствари својата животна задача. Бог им ветил мудрост на сите кои, пред сè, се стремат него да го прослават, но такво ветување нема за оние што настојуваат да ги задоволат само своите желби“. – Патријарси и пророци, 563.

„Мнозина погрешно сметаат дека силните страсти се знак на силен карактер, а всушност секој што ќе дозволи со него да владеат страстите е вистински слабак. Вистинската големина на еден човек се мери според силата на чувствата што тој може да ги совлада, а не според силата на чувствата што него го совладуваат...

Сите кои на патот на должноста се доведени во искушение, можат да бидат сигурни дека Бог ќе ги сочува, но ако луѓето доброволно се изложуваат на силата на искушението, порано или подоцна сигурно ќе паднат.

Сатаната со сите свои сили настојува да ги заведе токму оние луѓе што Бог има намера да ги употреби како свои орудија за некое нарочно дело. Тој нас нè напаѓа таму каде што сме најслаби, настојувајќи преку карактерните недостатоци да завладее со целото наше суштество; и тој знае дека, доколку ние не ги отстраниме тие наши недостатоци, неговиот успех е сигурен“. – Патријарси и пророци, 567,568.

в. Што се случило со Самсон откако бил неверен на заветот? Судии 16:4,21. Колку длабоко се покајал за своите гревови? Судии 16:22,28-30; Евреите 11:32.

„Во страдањето и понижувањето, како играчка во рацете на Филистејците, Самсон научил повеќе за својата слабост од кога било досега; а неговите страдања го доведоа до покајание“. – Conflict and Courage, p. 136.


Четврток 14. март

5. ЈОСИФ

а. Какви грешки направиле Јосиф и неговиот татко Јаков во однос на останатите синови? Создавање 37:2,3. Што му направиле браќата на Јосиф од омраза кон него? Создавање 37:28-36.

„Но токму таа наклоност на таткото (Јаков) ќе стане причина за страдања и болки. Немудрото покажување на наклоност на Јакова кон Јосифа предизвикала љубомора и завист кај другите негови синови. Кога Јосиф го забележал лошото однесување на своите браќа, бил длабоко вознемирен. Се обидел на пријателски начин да им приговори, но со тоа само предизвикал уште поголема омраза и ујаденост. Тој не можел да гледа како тие грешат против Бога, и се изнесувал пред татка си, надевајќи се дека неговиот авторитет ќе ги натера да се поправат“. – Патријарси и пророци, 209.

„ Од страшната судбина да стане роб се плашел повеќе отколку од смртта. Во агонијата на стравот ги преколнувал (Јосиф) еден по еден сите свои браќа, но напразно... Срцата им останале нечувствителни пред неговото пекање и тие го предале во рацете на незнабожечките трговци“. – Патријарси и пророци, 211,212.

б. Како Бог ја променил судбината на Јосиф? Римјаните 8:28; Создавање 45:4-8.

„Животот на Јосифа е слика на Христовиот живот...

Низ своите страдања и робувањето во Египет, Јосиф станал спасител на целото семејство на својот татко. Сепак, тој факт ниту малку не ја намалува вината на неговите браќа. Исто така и Христовите непријатели, распнувајќи го, всушност само придонеле Тој да стане Искупител на човештвото, Спасител на паднатиот род и Владетел на целиот свет; но злосторството на неговите убијци е гнасно и заслужува презир исто толку колку и тогаш кога раката на божественото провидение не би управувала со настаните на слава на неговото име и за добро на човештвото“. – Патријарси и пророци, 239.


Петок 15. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можеме да го следиме духовниот пат на Авел, а не на Каин?

2. Што ќе открие дека ние сме христијани кои одиме по патот на Ное?

3. Објасни го клучот за победата на Јаков и покрај неговиот голем грев.

4. Како можат родителите да ги водат своите деца за да го избегнат падот на Самсон?

5. Зошто можеме да бидеме охрабрени од Божјата постапка во животот на Јаков?

 <<    >>