Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото Евангелие до Евреите

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 27. јануари 2024.

Божји спокој

„Зашто, кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од Своите“ (Евреите 4:10).

„Бог го благословил и го посветил седмиот ден, бидејќи тој ден се одморал од сите Свои дела создадени во текот на чудесното создавање. Саботата е воспоставена за човекот и Бог сака тој ден да ги оставиме сите свои работи, како што и Тој се одморал по Својата шестдневна работа на создавањето“. ¬– 4 Сведоштво, 247.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на вековите, 281- 289. 

Недела 21. јануари

1. ВИСТИНСКИ БОЖЈИ СПОКОЈ

а. За каков спокој зборува Павле во Евреите 4? Евреите 4:1.

„Спокојот се добива кога ќе се отфрли сета самоправедност и сета мудрост заснована на себично гледиште. Целосното предавање, прифаќањето на Неговите патишта е тајната на совршениот спокој во Неговата љубов... Правете го само она што Тој ви кажал да го правите и бидете уверени дека Бог ќе го направи сето она што ви рекол дека ќе го направи... Дали дојдовте кај Него, откажувајќи се од сите ваши претензии, од сето ваше неверување, од сета ваша самоправедност? Дојдете такви какви што сте - слаби, беспомошни и подготвени да умрете.

Што претставува ветениот ‘спокој’? - Тоа е свеста дека Бог е вистинит, дека никогаш не го разочарува оној што доаѓа кај Него. Неговото простување е целосно и бесплатно, а Неговото прифаќање значи одмор за душата, спокој во Неговата љубов“. ¬– Our High Calling, p. 97.

б. Зошто евангелието кај некои луѓе не го дава очекуваниот резултат? Евреите 4:2,6; Римјаните 9:30-32.

„Ако не ја поврземе верата со слушањето на Словото, ако не ги прифатиме вистините што ги слушаме како порака од небото што треба внимателно да се проучува, да се апсорбира од душата и да се впие во духовниот живот, ќе го изгубиме сведочењето на Светиот Дух. Ние од искуство не знаеме што значи да се најде спокој со примање на Божјите ветувања дадени во Неговата Реч“. – The Upward Look, p. 75.


Понеделник 22. јануари

2. ВЛЕГУВАЊЕ ВО БОЖЈИОТ СПОКОЈ

а. Кога навистина уживаме во Божјиот спокој? Евреите 4:3 (прв дел). Опишете ја врската помеѓу седмиот ден саботата и овој божествен спокој. Евреите 4:4.

„Затоа што одмарал во саботата „Бог го благословил седмиот ден и го посветил“ одредувајќи го тој ден за света употреба. Тој му ја дал саботата на Адам, како ден за одмор. Таа била спомен на делото на создавањето, а со тоа и знак на Божјата сила и Неговата љубов“. ¬– Копнежот на вековите, 281.

„Од сите прописи што им биле дадени на Евреите, саботата најмногу ги одвојувала од околните народи. Бог одредил празнувањето на саботата да ги означува Евреите како Негови поклоници Таа била симбол на нивното одвојување од идолопоклонството и нивната врска со вистинскиот Бог. Меѓутоа, за да ја празнуваат саботата како света, луѓето и сами мораат да бидат свети. Тие со вера мораат да станат учесници во Христовата праведност. Кога на Израелците им била дадена заповед ‘Помни го денот саботен за да го празнуваш,’ Господ исто така им рекол: ‘Ќе ми бидете свет народ’ (Излез 20:8; 22:31). Само на тој начин саботата можела да ги издвои Израелците како Божји поклоници“. ¬– Копнежот на вековите, 283.

„Кога Евреите се одвоиле од Бога и пропуштиле преку вера Христовата праведност да ја направат своја, саботата го изгубила своето значење за нив. Во настојување да се издигне себеси и да ги оттргне луѓето од Христа, сатаната настојувал да ја изопачи саботата, бидејќи таа е знак на Христовата сила. Еврејските поглавари ја исполниле волјата на сатаната, кога го опкружиле Божјиот ден за одмор со мачни барања и прописи. Во Христово време саботата била толку изопачена, што придржувањето кон неа го одразувала карактерот на себични и самоволни луѓе, а не карактерот на небесниот Татко полн со љубов. Рабините во суштина го претставувале Бога како Оној, Кој дава закони на кои луѓето не можат да им се покоруваат. Тие го наведувале светот да го смета Бога како тиранин и на заклучок дека луѓето стануваат тврдокорни и сурови ако ја празнуваат саботата како што го бара тоа Бог. Христовото дело се состоело во тоа да ги расчисти тие погрешни сфаќања. Иако рабините го следеле Христа со своето немилосрдно непријателство, Тој дури ни навидум не се прилагодувал на нивните барања, туку одел напред, празнувајќи ја саботата во сообразност со Божјиот закон.

Барањата кон Бога се дури поголеми во саботата, отколку во другите денови. Неговиот народ тогаш ја напушта својата вообичаена работа и времето го поминува во размислување и во богослужение. Верниците во сабота бараат од Бога повеќе благонаклонетост, отколку во некој друг ден. Тие бараат Негово посебно внимание и копнеат по Неговите посебни благослови. Бог не чека да помине саботата и дури тогаш да ги услиши тие барања“. ¬– Копнежот на вековите, 207.


Вторник 23. јануари

3. РАБОТА И ОДМОР

а. Во каква работа треба да бидеме вклучени пред да влеземе во ветениот спокој? Евреите 4:9,11.

„(Евреите 4:9,11 цитат). Починката за која се зборува овде е спокојот на милоста, кој се добива со следење на заповедта да се работи вредно. Оние кои учат од Исус, Неговата кроткост и понизност, наоѓаат мир во практичната примена на Неговите учења. Таа починка не се наоѓа во безделничење, во себична удобност и барање задоволство. Оние кои не се подготвени да му служат на Господа верно, искрено и со љубов, нема да најдат духовна починка ниту во овој, ниту во идниот живот. Само сериозните напори носат мир и радост во Светиот Дух - среќа на земјата и понатамошна слава.

Затоа да се трудиме. Зборувајте често зборови кои ќе бидат сила и инспирација за оние што слушаат. Ние сме премногу рамнодушни еден кон друг. Забораваме дека на нашите колеги работници често им требаат зборови на надеж и охрабрување. Кога некој е во неволја, повикај го и кажи му утешни зборови. Ова е вистинско пријателство“. ¬– The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 928.

б. Што се случува со нашите дела кога ќе најдеме одмор во Господа? Евреите 4:10; Излез 20:10; Исаија 58:13; Римјаните 14:23 (последен дел).

„Бог го создал човекот по Свое обличје, а потоа со личен пример покажал како треба да се празнува седмиот ден, кој сам Тој го празнувал и го прогласил за свет. Тој одредил човекот да го посвети тој ден на богослужение и да не се занимава со земни работи. Никој од оние до кои допрела светлината во поглед на саботата нема да биде без вина во Божјите очи ако и понатаму ја престапува четвртата заповед“. – 4 Сведоштво, 247.

в. Какви дела се во согласност со саботниот одмор? Исаија 58:6-8.

„Исус (на рабините) рекол дека делото на исцелување на болните е во склад со законот за саботата...

Не е без вина оној што занемарува да ги олесни страдањата во саботниот ден. Божјиот свет ден за одмор е создаден за човекот и делата на милосрдие се во склад со намената на саботата. Бог не сака Неговите созданија ниту за еден час да ги поднесуваат страдањата, кои би можеле да се отстранат во сабота или кој било друг ден“. – Копнежот на вековите, 206,207.


Среда 24. јануари

4. МОЌТА НА БОЖЈОТО СЛОВО

а. Колку е моќно Божјото слово? Псалм 33:6,9; Евреите 4:12.

„Постои граница преку која секој човечки напор е напразен. Иако мораме да ја проповедаме Речта, ние не можеме да вдахнеме сила што ќе ја оживее душата и што ќе стори да никне праведност, да се прослави Бог. Заедно со проповедањето на Речта мора да дејствува сила поголема од секоја човечка сила. Единствено со силата на Божјиот Дух Речта ќе стане жива и јака, способна да ја обнови душата за вечен живот. Тоа Христос сакал да им го објасни на своите ученици. Тој ги учел дека ништо од она што го имаат во себе нема да обезбеди успех во нивната работа, туку дека чудотворната Божја сила ќе стори неговата Реч да биде делотворна“. ¬– Христовите поуки, 63,64.

б. Колку длабоко Бог нè познава? Евреите 4:13; Проповедник 12:14.

„Во вечен интерес на секој поединец е да го испита своето срце и правилно да ја подобри секоја од Бога дадена способност. Нека сите се сеќаваат дека нема мотив во срцето на ниту еден човек што Господ не го гледа јасно. Мотивите на секој од нив се мерат исто толку внимателно како неговата судбина да зависи само од тоа. За појасно да се разбере односот помеѓу причината и последицата, неопходно е да се поврземе со божествената сила. Со учеството во божествената природа, избегнувајќи ја расипаноста на која светот се предал со попуштање на телесните желби, нашата способност за разбирање треба постојано да се развива. Секогаш да ја имаме на ум свечената вистина дека Бог е праведен и дека нема намера, колку и да е сложена, ниту мотив, колку и да е внимателно скриен, што Тој не го разбира јасно. Тој ги чита тајните побуди и намери на секое срце. Човекот може со измама однапред да ги планира своите постапки, мислејќи дека Бог тоа не го знае; но на големиот суден ден, кога ќе се отворат книгите и на секој човек ќе му се суди според она што е напишано во книгите, сите тие дела ќе се откријат во нивната вистинска светлина“. ¬– The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 3, p. 1160.

„Божјото око никогаш не спие. Тој знае за секој грев што е скриен од очите на смртниците. Виновниците точно знаат кои гревови треба да ги признаат за душата да им биде чиста пред Бога. Христос сѐ уште им дава можност да ги признаат и во длабока понизност да се покајат од своите гревови, покорувајќи ѝ се на вистината и живеејќи во склад со неа. Сега е време грешките да се исправат и гревовите да бидат исповедани, инаку ќе се појават пред оној што ги направил на денот на Божјиот гнев“. ¬– 1 Сведоштво, 155.


Четврток 25. јануари

5. МИЛОСТ И БЛАГОДАТ ВО ВРЕМЕ НА ПОТРЕБА

а. Кој единствено може да биде наш застапник пред Отецот и зошто? Евреите 2:17,18; 4:14; 7:25; 1. Јованово 2:1,2.

„Како Првосвештеник, Христос сега седи со Отецот на Неговиот престол. На престолот на Вечниот, Самопостоечкиот, седи Оној Кој ‘ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости’ (Исаија 53:4), ‘Кој искусил сè како и ние, освен грев’ (Евреите 4:15)“. ¬– God’s Amazing Grace, p. 69.

„Никаква тешкотија не те снајде што не го притискала со еднаква тежина (Исус), и нема тага што Неговото срце не ја доживеало. И Неговите чувства можеле да бидат повредени подеднакво лесно како и вашите од запоставувањето, од рамнодушноста на наводните пријатели. Дали вашиот пат е трнлив? Христовиот пат беше десеткратно потрнлив. Дали сте во неволја? И Тој беше“. ¬– Our High Calling, p. 59.

б. Што наоѓаме во небесното светилиште што може да ни помогне во моменти на потреба? Евреите 4:15,16.

„Во светињата над светињите се наоѓа Неговиот закон, големото мерило на правдата, според кое Бог ќе им суди на сите луѓе. Над ковчегот на заветот, во кој се чуваат плочите на Законот, се наоѓа престолот на милоста, пред кој Христос ги изнесува заслугите на Својата крв за спасение на грешниците“. ¬– Големата борба, 415.

„Христос го жртвувал Своето скршено тело за да го откупи Божјото наследство и да му даде на човекот уште едно време на милост и проба... Со Својот беспрекорен живот, со Својата послушност и со Својата смрт на крстот на Голгота, Христос се застапува за изгубениот човечки род. И сега Капетанот на нашето спасение се застапува за нас, не како обичен молител, туку како победник кој со својата победа бара целосно право на тоа. Неговата жртва беше совршена и Тој како наш посредник ја извршува службата што доброволно ја прифати, држејќи пред Бога кадилница што ги содржи Неговите сопствени беспрекорни заслуги и молитвите, исповедите и благодарноста на Неговиот народ. Намирисани со мирисот на Неговата праведност, тие се вознесуваат кон Бога како сладок мирис. Жртвата е целосно прифатлива, а простувањето го покрива секој престап“. ¬– That I May Know Him, p. 74.


Петок 26. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Опишете што значи да се влезе во Божјиот спокој.

2. Што е уникатно и посебно во врска со Божјиот одмор во седмиот ден, саботата?

3. Кога почиваме во Господа, како се менуваме?

4. Објаснете ја моќната длабочина на Божјото слово во животот на еден христијанин.

5. Зошто можеме да бидеме толку многу благодарни за Христовата служба на небото?

 <<    >>