Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото Евангелие до Евреите

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 23. март 2024.

Да гледаме на Исус

„Имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата - Исус, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји“ (Евреите 12:2).

„Кога Божјите слуги што ја проповедаат денеска Божјата реч повеќе би го издигнувале Христовиот крст, нивната проповедничка работа би била далеку поуспешна. Кога грешниците би можеле да бидат наведени да фрлат еден сесрден поглед на крстот и кога би стекнале вистинска претстава за распнатиот Спасител, тие би ја сфатиле длабината на Божјата милост и сета одвратност на гревот“. – Делата на апостолите, 209.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   5 Сведоштво, 199-202. 

Недела 17. март

1. ОТФРЛАЊЕ НА СЕКОЈ ТОВАР

а. Што не попречува на нашиот христијански пат? Евреите 12:1.

„Злобата, пакоста, злонамерноста, клеветењето, похотта - тоа се бремиња што христијанинот мора да ги отфрли ако сака успешно да учествува во трката за бесмртност. Секоја навика и обичај што водат во грев и му нанесуваат срам на Христа, мора да се отфрлат, без оглед на жртвата. Небесен благослов не може да добие никој што ги престапува вечните начела на правдата. Еден грев, ако се негува и оправдува, доволен е да го унижи карактерот и да заведе други“. – Делата на апостолите, 312.

б. Како можеме да ги надминеме овие недостатоци на карактерот? Евреите 12:2.

„Посматрајќи го Исуса, ние се здобиваме со се појасни поими за Бога. Гледајќи го него, и ние се менуваме. Добрината и љубовта кон ближните стануваат наши природни особини. Кај нас се развива карактер сличен на божествениот. Обликувајќи го неговиот лик во себе, ние ја зголемуваме и нашата способност да го запознаеме Бога. Воспоставуваме се поцврста заедница со небесниот свет, со што се зголемува нашиот капацитет за примање на богатството на знаењето и вечната мудрост“. – Христовите поуки, 355.


Понеделник 18. март

2. ХРИСТОВА РАДОСТ

а. Кој бил главниот мотив на Христос да умре за нас? Евреите 12:2 (последен дел); Исаија 53:11.

„Со тоа што се понуди да посредува за престапите на човечкиот род, Христос ја исполни функцијата свештеник. Како награда, Тој ќе го види трудот на Својата душа и ќе биде задоволен. Неговото семе треба да ги продолжи своите денови на земјата засекогаш“. – Fundamentals of Christian Edu¬cation, p. 402.

„Што му помагало на Божјиот Син во текот на неговиот напорен и пожртвуван живот? Тој ги видел резултатите на трудот на својата душа и бил задоволен. Насочувајќи го погледот во иднината на вечноста, Тој ја видел среќата на оние на кои, благодарение на неговото понижување, им било простено и добиле вечен живот. До неговото уво допрел радосниот и одушевен триумф на откупените. Чул како тие ја пеат песната на Мојсеја и на Јагнето“. – Делата на апостолите, 601.

б. Како можеме да го следиме Христовиот пример на самоодрекување? Евреите 12:3; Матеј 16:24.

„Оние што сакаат да ги добијат благословите на посветувањето, мораат да го сфатат значењето на пожртвувањето. Христовиот крст е главен столб кој го држи ‘вечното изобилство на славата’ (2 Коринтјаните 4:17). ‘Ако некој сака да тргне по мене’, кажува Христос, ‘нека се откаже од себеси, нека го земе својот крст и нека ме следи’ (Матеј 16:24). Нашата љубов кон ближните претставува мирис кој ја открива и нашата љубов кон Бога. Трпението во службата на Бога и на ближните ѝ донесува спокојство на душата. Бог го поддржува и го засилува секого кој сака да ги следи Христовите стапки“. – Делата на апостолите, 560.

„Луѓето, кои со својот живот најмногу се доближиле до Бога и кои побргу би го жртвувале својот живот отколку свесно да сторат зло, луѓето кои Бог ги почестил со божествена светлина и сила, ја признавале грешноста на својата природа. Тие немале доверба во себе и не се повикувале на некоја своја праведност, туку се потпирале само врз Христовата праведност“. – Делата на апостолите, 561.

„Бог ве повикува со едната рака која ја претставува верата да се држите за Неговата моќна рака, а со другата, која ја претставува љубовта, испружете ја на душите кои пропаѓаат. Христос е патот, вистината и животот. Одете по Него. Не одете по телото, туку по Духот. Одете така како што одеше и Тој. Тоа е Божја волја, вие да се посветите. Делото кое мора да го извршите се состои во тоа што ќе ја творите волјата на Оној кој го одржува вашиот живот на своја слава. Ако работите само за себе, тоа нема ништо да ви користи. Ако работите за добро на другите, ако не сте себични и посесрдни сè да му посветите на Бога, Тој ќе го прифати тоа и ќе ви врати со Својата изобилна благодат“. – 2 Сведоштво, 170.


Вторник 19. март

3. ОДНОСОТ ТАТКО-ДЕТЕ

а. Како постапува таткото полн со љубов со своите деца што погрешиле? Евреите 12:5-11; Откровение 3:19.

„Давид добил мудрост преку Божјото постапување со него, и се приклонил во понизност под казната на Највозвишениот. Пророкот Натан на Давид точно му ја опишал неговата состојба и го запознал со неговите гревови, коешто на Давид му помогнало да ги отфрли. Тој понизно примил совет и се понизил пред Бог...

‘Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам’ (Откровение 3:19). ‘Секоја казна во почетокот не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на оние што ќе се поучат од неа таа ќе им принесе мирен род на праведност’ (Евреите 12:11). Иако дисциплината е горка, таа ја одредила нежната Татковска љубов за да можеме ‘да учествуваме во Неговата светост’“ (Стих 10). – 5 Сведоштво, 683.

б. Која е Божјата намера со нас во нашите искушенија? Матеј 5:4.

„’Зашто Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги ожалостува синовите човечки’ (Плачот на Еремија 3:33). Кога Бог ќе дозволи да наидат искушенија и неволји тоа е за наша ‘полза, та да учествуваме во Неговата светост’ (Евреите 12:10). Искушението колку и да изгледа горчливо и тешко, ако се поднесува со вера, ќе се покаже како благослов. Некој тежок удар кој ги уништува земните радости, може да послужи како средство нашиот поглед да го насочиме кон небото. Колку има такви кои никогаш не би го запознале Исуса да не ги натерало страдањето да побараат утеха во Него.

Животните неволји се Божји работници кои треба да ја отстранат нечистотијата и грубоста од нашиот карактер. Делкањето, сечењето, длабењето, мазнењето и полирањето кои тие го вршат е болен процес. Не е лесно да се биде пристиснат во направа за мазнење. Но вака обработениот камен е подготвен да го заземе своето место во небесниот храм. Мајсторот не би работел толку грижливо и темелно на некој безвреден материјал. Само скапоцените камења се полираат за да можат да се вградат во палатата“. – Мисли од гората, 10.

„Бог е Тој Кој те повел низ тие тешки искушенија. Негова намера е преку неволјите во тебе да изгради трпение, преку трпението искуство, а преку искуството надеж. Бог дозволил да те снајдат сите тие искушенија за, минувајќи низ сето тоа, спокојно да донесуваш мирољубиви плодови на правдата...

Бог и тебе, брате мој, те водел низ болки и неволји за да ја усовршиш својата самодоверба и довербата во Него и за да имаш поскромно мислење за својот сопствен суд“. – 3 Сведоштво, 416.


Среда 20. март

4. СЛЕДЕЊЕ НА СВЕТОСТА

а. Кое е значењето на светоста и посветувањето? 1. Солунјаните 4:3-7; 5:22-24.

„’Зашто Божја волја е’, пишува апостол Павле, ‘вашето посветување’ (1 Солунјаните 4:3). Светоста на припадниците на црквата од секогаш била Божја цел за неговиот народ на оваа земја. Бог уште од искон ги одбрал да бидат свети - посветени само нему. Го дал својот Син да умре за нив за да се посветат со послушност кон вистината, лишени од сите дреболии на себичноста. Бог од секого меѓу нив бара лично залагање и лична преданост. Бог ќе се слави преку оние кои тврдат дека веруваат во него само тогаш ако тие го одразуваат неговиот лик и ако бидат под контрола на неговиот Дух. Тогаш, како сведоци за Спасителот, можат да разгласуваат што сè сторила божествената милост за нив.

Вистинска посветеност настанува кога начелото на љубовта практично се применува во секојдневниот живот. ‘Бог е љубов, и оној кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него’ (1 Јованово 4:16). Во животот на оние во чиешто срце живее Христос се гледа секојдневна практична побожност. Карактерот станува чист, возвишен, облагороден и светол. Чистата наука се гледа во делата на праведноста, а небесните начела водат кон свети постапки“. – Делата на апостолите, 559,560.

б. Кој е еден од главните фактори во нашето посветување? Јован 17:17.

„Колку темнината станува погуста а заблудите повеќе распространети, толку покомплетно треба да биде нашето познавање на вистината и нашата подготвеност да го поткрепиме својот став врз Светото Писмо.

Мораме да бидеме потполно посветени со вистината, со целото срце предадени на Бога и да живееме во склад со светата вера која што ја исповедаме, за да би можел Господ да не осветли со сѐ поголема светлина и со Неговата светлина да видиме светлина и да бидеме зајакнати со Неговата сила“. – Рани списи, 104,105.

„’И така, верата доаѓа од слушање, и тоа слушање на Божјата реч’ (Римјаните 10:17). Библијата е силно средство за преобразба на карактерот. Христос се молел: ‘Посвети ги со вистината; твојата Реч е вистина’ (Јован 17:17). Кога се проучува и извршува, Божјата реч влијае врз срцето, покорувајќи ја секоја несвета особина. Светиот Дух доаѓа да го осуди гревот и верата, која извира во срцето, работи со љубов кон Христа, помагајќи ни со телото, со духот и душата да стануваме слични со Него. Тогаш Бог може да нѐ употреби да ја вршиме Неговата волја. Силата што ни е дадена дејствува одвнатре, гонејќи не на другите да им ја објавиме вистината што ни е откриена“. – Христовите поуки, 100.


Четврток 21. март

5. СВЕТИОТ ДУХ И ПОСВЕТУВАЊЕТО

а. Како можеме да ја примиме Христовата праведност во нашиот живот? Матеј 5:6; Евреите 10:37-39.

„Чувството на недостојност предизвикува во срцето глад и жед за праведност и таа желба нема да остане неисполнета. Оние што во своето срце прават место за Исуса ќе ја искусат Неговата љубов. Ќе бидат задоволени сите оние, кои копнеат да бидат слични на Божјиот карактер. Светиот Дух никогаш не ја остава без помош душата која го насочува погледот во Исуса. Тој ги зема Христовите нешта и ѝ ги покажува на неа, и ако погледот на окото постојано е вперен кон Христа, делото на Светиот Дух не престанува, додека душата не се преобрази во Неговиот лик. Чистата љубов ќе ја исполни душата, давајќи и способност за повозвишени достигнувања, за зголемено знаење за она што е небесно, така што нема да биде лишена од полнината. ‘Блажени се гладните и жедните за праведност, зашто ќе се наситат’“. – Копнежот на вековите, 302.

„Гледајќи постојано на Исуса со окото на верата ние стануваме посилни. Бог ќе му даде најдрагоцени откровенија на Својот гладен и жеден народ. Таквиот ќе увиди дека Христос е личен Спасител. Кога се хранат со Неговата Реч, луѓето увидуваат дека таа е дух и живот. Речта ја уништува вродената земна природа и дава нов живот во Исуса

Христа. Светиот Дух Доаѓа како Утешител на душата. Со помош на Неговата благодат што преобразува, во ученикот се репродуцира Божјиот лик и тој станува ново создание. Љубовта Доаѓа на местото на омразата, а срцето станува слично на Бога. Тоа значи да се живее ‘од секој збор што излегува од Божјата уста’. Тоа значи да се јаде Лебот што слегува од Небото“. – Копнежот на вековите, 391.

„За гревот, каде и да се најде ‘нашиот Бог е оган што го спалува секој’ (Евреите 12:29). Божјиот Дух ќе го уништи гревот во сите што ќе се потчинат на Неговата сила. Но, ако луѓето цврсто се држат до гревот, тогаш тие се идентификуваат со него. Тогаш Божјата слава, која го уништува гревот, мора да ги уништи и нив“. – Копнежот на вековите, 107.


Петок 22. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кои товари можат да ја попречат мојата трка по бесмртност?

2. Како можам да учествувам во радоста што го поттикнала Христос додека бил на земјата?

3. Објасни ја урамнотежената одговорност на добриот татко полн со љубов.

4. Што се случува кога ќе навлеземе во Светото писмо и ќе ги примениме неговите учења?

5. Зошто страхопочитта и стравот Божји се толку важни - но сепак толку ретки денес?

 <<    >>