Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото Евангелие до Евреите

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 17. февруари 2024.

Два завета

„А кога вели ‘нов завет’, првиот го направи застарен; а она што е старо и застарено, близу е до исчезнување“ (Евреите 8:13).

„Како во Библијата што се прикажуваат два закона, од кои едниот е непроменлив и вечен, а другиот привремен и поминлив, така има и два завета“. – Патријарси и пророци, 370.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 363-373. 

Недела 11. февруари

1. БОЖЈИОТ ВЕЧЕН ЗАКОН

а. Кој бил главниот предмет во ковчегот на заветот, и што означувал тој? Излез 25:16; 26:33,34; 31:18; Псалм 85:10.

„Божјиот закон што се наоѓал во тој ковчег претставувал големо мерило на правдата и судот. Според тој закон се изречувани смртни пресуди над престапниците; но над законот се наоѓал престол на милоста на кој се откривало Божјото присуство и од кој, благодарение на помирувањето остварено преку Христа, грешникот добивал проштавање“. – Патријарси и пророци, 349.

„На Адама и Ева уште од создавањето им бил познат Божјиот закон и тие точно знаеле што тој бара од нив. Прописите на тој закон биле напишани во нивното срце. Кога човекот паднал поради престапот, законот не е менуван, туку е воспоставен систем за спасување со цел престапниците повторно да се вратат на послушност. Било дадено ветување за доаѓање на Спасителот и воведен е жртвен систем кој однапред укажувал на Христовата смрт како голема жртва за гревовите на светот“. – Патријарси и пророци, 363.

б. Што рекол Христос за важноста на Божјиот закон? Матеј 5:17-19.

„Додека многумина во срцето си помислувале дека Тој дошол да го поништи Законот, Исус со зборови кои не можат погрешно да се разберат го изнесувал својот став кон Божјите прописи. ‘Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците’ (Матеј 5:17)“. – Мисли од гората, 47,48.


Понеделник 12. февруари

2. ВИСТИНСКА СРЕЌА

а. Како се поврзува послушноста со среќата? Псалм 1:1,2; Изреки 6:23; 13:13.

„Самиот Создател на луѓето и Дарителот на Законот изјавува дека Негова намера не е да ги укине неговите прописи. Сè во природата, од најситните честички во сончевиот зрак па до световите во висините, се покорува на одредени закони. И од послушноста кон тие закони зависи редот и складноста во светот на природата. Исто така постојат големи начела на правдата кои управуваат со животот на сите разумни суштества, и од покорувањето на тие начела зависи благосостојбата на целата вселена. Божјиот Закон постоел уште пред да биде создадена земјата. Ангелите се раководат според тие начела, а за да земјата биде во склад со небото, и луѓето исто така мораат да се потчинуваат на тие Божји уредби. Христос во Едем го запознал човекот со прописите на Законот во време ‘кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост’ (Јов 38:7). Христовата мисија на земјата не била да го наруши Законот, туку со посредство на милоста повторно да ги наведе луѓето на послушност на неговите одредби“. – Мисли од гората, 48.

б. Откако згрешивме, дали сме во состојба да му бидеме послушни на Божјиот морален закон од Десетте заповеди - и зошто да или зошто не? Римјаните 8:3,4.

„Апостол Павле јасно покажува во каков однос во Новиот завет се законот и верата. Тој кажува: ‘И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос’. ‘А дали го укинуваме Законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме’. ‘Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото’ - не можел да го оправда човекот затоа што човекот во својата грешна природа не можел да го држи законот – ‘го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото’“ (Римјаните 5:1; 3:31; 8:3,4). – Патријарси и пророци, 373.

„Пред падот, Адам можел со послушност на Божјиот закон да оформи праведен карактер. Но тој тоа не го сторил, па поради неговиот грев и нашата природа станала грешна, и ние не сме во состојба себеси да се направиме праведни. Затоа што сме грешни, несвети, ние не можеме да му бидеме совршено послушни на светиот Закон. Ние немаме некоја своја предност со која би можеле да ги задоволиме барањата на Божјиот закон“. – Патот кон Христа, 62.

„Ние сме потполно немоќни сами да се спасиме од мрежите на сатаната; меѓутоа, Бог ни го покажа патот по кој можеме да се спасиме. Синот на Највозвишениот доволно е силен за да се бори за нас; и преку Него ‘Кој нѐ возљуби’ (Римјаните 8:37), можеме да бидеме повеќе од победници“. – 5 Сведоштво, 740.


Вторник 13. февруари

3. СОВРШЕНА ПОСЛУШНОСТ ВО НОВИОТ ЗАВЕТ

а. Како можеме да покажеме совршена послушност на Божјиот закон? Римјаните 3:31; 1:16,17.

„Условот за вечен живот и сега е ист каков што бил секогаш - онаков каков што бил во рајот пред паѓањето на нашите прародители - совршена послушност на Божјиот закон, совршена праведност. Кога вечниот живот би можел да се добие под било кој друг услов освен овој, би била доведена во опасност среќата на целата вселена. Би се создала можност гревот со сета своја несреќа и беда да стане бесмртен...

Меѓутоа Христос ни овозможи решавање на проблемот. Тој живеел на Земјата соочен со истите неволји и искушенија со кои и ние се соочуваме. Живеел навистина безгрешен живот. Умре за нас и сега се нуди да ги земе нашите гревови а нам да ни ја даде својата праведност. Ако Му се предадете Нему и ако Го прифатите за свој Спасител, заради Него ќе бидете прогласени за праведни без оглед на сета грешност од поранешниот живот. Христовиот карактер ќе застане на местото на вашиот карактер и вие ќе бидете прифатени пред Бога како никогаш да не сте грешеле.

И повеќе од тоа, Христос го менува срцето. Тој со вера живее во вашето срце. Со вера и постојано потчинување на својата волја на Христа треба да ја одржувате оваа врска со Него; и сè додека го правите тоа, Тој ќе делува на вас да го сакате и да го правите она што Му е пријатно. И така можете да кажете: ‘А животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ме возљуби, и се предаде Себеси за мене’ (Галатјаните 2:20). Така Исус им рекол на Своите ученици: ‘Зашто нема да зборувате вие, туку од вас ќе зборува Духот на вашиот Отец’ (Матеј 10:20). И тогаш, кога Христос работи во вас, вие ќе покажете ист дух и ќе правите исти дела - дела на праведност и послушност“. – Патот кон Христа, 62.

б. Каква сигурност имаме од Бога според новиот завет? Евреите 8:10; Еремија 31:33,34.

„Делото што треба да го направи христијанството во светот не е да го омаловажи Божјиот закон, ниту да го намали неговото свето достоинство ниту во најмала мера, туку да го запише овој закон во умот и срцето. Кога Божјиот закон на тој начин е всаден во душата на верникот, тој се приближува до вечниот живот преку заслугите на Исуса“. – Sons and Daughters of God, p. 50.

„’Новиот завет’ е заснован на ‘подобри ветувања’ - на ветување за проштавање на гревот и за божествена милост која е во состојба да го прероди срцето и да го доведе во Хармонија со начелата на Божјиот закон“. – Патријарси и пророци, 372.


Среда 14. февруари

4. БОЖЈИОТ ЗАКОН ВО СРЦЕТО

а. Кога е напишан Божјиот закон во срцето на верниците? Римјаните 5:1-5.

„Истиот закон, кој бил напишан на камени плочи, Светиот Дух ги врежал на плочите на срцето. Наместо нашето јалово настојување да ‘утврдиме’ некоја своја правда, ние треба да ја прифатиме Христовата праведност. Неговата крв е средство за измирување за нашите гревови. Неговата послушност ни се припишува нам. Тогаш срцето, преродено со Светиот Дух донесува ‘духовен плод’. Благодарение на Христовата милост, ќе успееме да живееме со послушност кон Божјиот закон напишан во нашето срце. А ако го имаме во себе Христовиот Дух, ќе живееме онака како што живеел Тој. Христос преку пророкот најавил за себе: ‘Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое’ (Псалм 40:8). А кога бил меѓу луѓето, рекол: ‘Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно’“ (Јован 8:29). – Патријарси и пророци, 372.

б. Какви прекрасни ветувања ни се дадени според новиот завет? Евреите 8:11,12.

„Изворот во срцето мора да биде очистен, за да може и потокот да биде чист. Оној што мисли со своите дела и со држење на Законот да го стекне Небото се обидува да направи нешто што е невозможно. Нема безбедност за оној, кој поседува само надворешна вера, облик на побожност. Христијанскиот живот не е преобликување или подобрување на стариот, туку преобразување на природата. Своето „јас“ и гревот умираат, и потоа настапува целосно нов живот. Таа промена може да се постигне само со делотворното делување на Светиот Дух“. – Копнежот на вековите, 172.

„Благословите на новиот завет се засноваат на милоста прикажана во простувањето на неправедноста и гревот. Господ нагласува: Еве што ќе правам со сите што ме бараат, ќе го напуштат злото и ќе го изберат доброто: ‘Зашто ќе бидам милостив кон нивните неправди, и нема веќе да си спомнувам за нивните гревови’ (Евреите 8:12). Сите кои ги смируваат своите срца и ги исповедаат своите гревови, ќе најдат милост, благодат и сигурност.

Дали Бог, покажувајќи милост кон грешникот, престана да биде праведен? Дали го прекршил Својот свет закон и дали затоа ќе го толерира човечкото престапување на законот? Бог е вистинит. Тој не се менува. Условите за спасението се секогаш исти. Животот, вечниот живот, е наменет за сите кои го почитуваат Божјиот закон. Совршената послушност, откриена со мисла, зборови и дела, е исто толку суштинска сега како и кога законикот го прашал Исуса: ‘Што треба да правам, за да наследам вечен живот?’ Исус му одговори: ‘Што е напишано во Законот? Како читаш?... Прави го тоа и ќе живееш’“ (Лука 10:25-28). – That I May Know Him, p. 299.


Четврток 15. февруари

5. БОЖЈИ НАРОД КОЈ ГИ ДРЖИ ЗАПОВЕДИТЕ

а. Што е напишано во врска со Божјиот народ во третата ангелска порака? Откровение 12:17; 14:12.

„Според новиот завет, условите за стекнување вечен живот се исти како и во стариот - совршена послушност.... Во новиот и подобар завет, Христос го исполнил законот за престапниците на законот, доколку Го примат со вера како личен Спасител... Милоста и простувањето се награда за сите кои доаѓаат кај Христа и веруваат во Неговите заслуги дека им ги одзема гревовите. Во подобриот завет ние сме очистени од гревот преку Христовата крв... Грешникот е беспомошен да се искупи за еден единствен грев. Силата се наоѓа во бесплатниот Христов дар, ветување кое го ценат само оние кои се свесни за своите гревови и кои ги излеваат своите беспомошни души пред Христа, Спасителот што ги простува гревовите. Тој ќе го стави Својот совршен закон во нивните срца, кој е ’свет, праведен и добар’ (Римјаните 7:12)“. – That I May Know Him, p. 299.

б. Врз основа на новозаветните ветувања, кој е навистина припадник на Божјиот народ во овие последни денови? Евреите 8:10; Исаија 51:7,8.

„Најголема пречка при прифаќањето и ширењето на вистината е фактот што тоа е поврзано со нелагодности и подбивање. Тоа е единствениот доказ против вистината што нејзините поборници не можеле никогаш да го негираат. Но тоа вистинските Христови следбеници нема ниту да ги застраши ниту да ги одврати. Тие не чекаат вистината да стане популарна. Уверени во својата должност, свесно го примаат на себе крстот...

Ние треба да го бираме она што е право затоа што е право, а последиците да му ги препуштиме на Бога. За своите големи реформи светот треба да им заблагодари на луѓето од начела, на луѓето од вера и храброст. Такви луѓе мора да го предводат делото на реформа и во наше време“. – Големата борба, 460.


Петок 16. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Десетте заповеди биле ставени на најсветото место во ковчегот?

2. Која навика во голема мера ќе ја зголеми мојата радост во животот?

3. Единствено на кој начин можам да негувам и развивам таква навика?

4. Опишете го најголемото чудо на Божјата создавачка моќ во наша полза.

5. Како искуството од новиот завет помага да се препознае последниот остаток од Божјиот народ?

 <<    >>