Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото Евангелие до Евреите

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 20. јануари 2024.

Исус: Апостол и Првосвештеник

„Затоа, браќа свети, учесници во небесното призвание, размислете за Пратеникот и Првосвештеникот на нашата вера, Исус Христос“ (Евреите 3:1).

„Проучете го Христос. Проучете го Неговиот карактер, особина по особина. Тој е нашиот образец, кој мора да го ископираме во нашиот живот и карактер; во спротивно нема да успееме да му го претставиме Христос на светот, туку ќе му понудиме лажна копија. Не имитирајте ниту еден човек, бидејќи луѓето имаат маани во навиките, во говорот, во манирите, во карактерот. Ви го претставувам Човекот Исус Христос. Мора да Го познавате поединечно како ваш Спасител, пред да можете да Го проучувате како ваш образец и ваш пример“. – Selected Messages, bk. 3, p. 170.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Selected Messages, bk. 1, pp. 340–344. 

Недела 14. јануари

1. ПОГОЛЕМ ОД МОЈСЕЈ

а. Во која смисла Христос е поголем од Мојсеј? Евреите 3:1-6.

б. Кога треба да му го предадеме животот на Исус, нашиот Спасител? Евреите 3:7,8 (прв дел).

„О, кога уште денес, додека има уште време, би се вратил кај Господа! Секое твое дело те прави подобар или полош. Ако твоите постапки се на страна на сатаната, тие зад себе оставаат влијание кое ќе го доврши своето кобно дело. Во Божјиот град можат да влезат само чистите и свети луѓе. ‘Ако денес го слушнете Неговиот глас, не бидете со дрвени срца’ туку врати се кај Господа, за патот по кој сега одиш, да не те одведе во пропаст“. – Адвентен дом, 358.

„Христос е подготвен да нè ослободи од гревот, но на тоа не нè присилува; и ако нашата волја со постојаното престапување е наполно потчинета на злото и ако ние не сакаме да се ослободиме, ако не сакаме да ја прифатиме Неговата благодат, тогаш што би можел Тој уште да стори? Ние самите себеси сме се упропастиле со нашето намерно отфрлање на Неговата љубов. ‘Еве, сега е благопријатното време, еве, сега е денот на спасението’. ‘Денес ако го чуете Неговиот глас, немојте да ги стврднувате своите срца’“ (2 Коринтјаните 6:2; Евреите 3:7,8). – Патот кон Христа, 34.


Понеделник 15. јануари

2. ПОУКИ ОД СТАРИОТ ИЗРАЕЛ

а. Како примерот на стариот Израел го открил неверувањето на луѓето - и која била неизбежната последица од тоа? Евреите 3:8-11.

б. Имајќи ја во предвид оваа реалност, каков свечен апел е упатен до нас кои живееме во овие последни денови? Евреите 3:12,13.

„Никогаш не треба на кој било начин да охрабруваме неверување. Господ ја покажува Својата милост и Својата моќ одново и одново, и тоа треба да нè научи дека секогаш е корисно под сите околности да негуваме вера, да зборуваме за вера и да работиме во вера. Не треба да ги ослабуваме нашите срца и раце со тоа што ќе дозволиме сугестиите на сомнителните мисли да го посеат семето на сомнеж и недоверба во нашите срца. (Евреите 3:12 цитат).

Бог работи во соработка со волјата и напорите на човечките орудија. Привилегија и должност на секој човек е да го држи Господа за Неговото слово, да верува во Исуса како негов личен Спасител и желно и без никакво одлагање да ги прифаќа предлозите што Тој му ги дава. Тој мора да научи да верува и да ги слуша божествените упатства во Светото писмо. Тој треба да ја заснова својата вера, не на чувства, туку на непобитните докази што се наоѓаат во Божјото слово“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 928.

„Осврнувајќи се на Израелците, мнозина се чудат на нивното неверство и поплаки и им се чини дека тие не би биле толку неблагодарни. Меѓутоа, секогаш кога нивната вера ќе се стави на каква било проверка, тие не покажуваат поголема постојаност ниту трпение отколку што покажал стариот Израел. Кога ќе западнат во тешкотии, тие се жалат против постапките со кои Бог сака да ги облагороди“. – Патријарси и пророци, 293.

„Бог... на Својот народ му даде горчлива чаша да пие, за да ги прочисти и исчисти. Тоа е горчлив пијалак и тие можат да го направат уште погорчлив ако мрморат, се жалат и негодуваат. Оние кои на овој начин ќе ја примат, мораат да добијат уште една затоа што првата не го имала саканото дејство врз срцето. Ако ни втората не делува, ќе следи трета, четврта, сѐ додека не се постигне саканиот резултат; во спротивно, тие ќе останат погани, нечисти во срцето. Видов дека оваа горчлива чаша може да биде ублажена со трпение, истрајност и молитва, и дека таа успешно ќе делува врз срцата на оние кои така ја примаат и дека Бог со тоа ќе биде прославен.

Ако тежнееме само да ги оствариме своите интереси и што повеќе да си угодиме себеси наместо да копнееме да му угодиме на Бога и да го унапредуваме Неговото драгоцено дело коешто често трпи, ние ќе го обесчестиме Бога и Неговото свето дело коешто исповедаме дека го сакаме“. – Рани списи, 47.


Вторник 16. јануари

3. УЧЕСНИЦИ ВО БОЖЕСТВЕНАТА ПРИРОДА

а. Како можеме да бидеме Христови соучесници? Евреите 3:14,15; 2. Петрово 1:4.

„Мораме да учиме за Христос. Мора да знаеме што е Тој за оние што ги откупил. Мораме да сфатиме дека преку верата во Него имаме привилегија да станеме учесници во божествената природа и на тој начин да ја избегнеме расипаноста што е во светот преку страста. Тогаш се чистиме од секаков грев, од сите карактерни недостатоци. Не треба да задржиме ниту една грешна склоност... (Ефесјаните 2:1-6 цитат).

Како учесници во божествената природа, ние ќе ги отфрлиме сите вродени и стекнати склоности кон злото и ние стануваме жива сила за доброто. Постојано учејќи од божествениот Учител, учествувајќи секојдневно во Неговата природа, ние соработуваме со Бога во совладување на сатанските искушенија. Бог работи, и човекот работи; за човекот да биде едно со Христа, како што Христос е едно со Бога. Тогаш ќе седнеме со Христос на небесните места. Нашата душа наоѓа мир и сигурност во Исус“. – The SDA Bi¬ble Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 943.

б. Како Израелците го предизвикале Господа? Евреите 3:16. Каков бил фаталниот резултат од нивната провокација? Евреите 3:17.

„Бунејќи се, народот викал: ‘О, да бевме умреле во египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустина?’ Сега требало да се задоволи таа нивна молба. Господ им рекол: ‘Како што вие Ми говоревте во ушите Мои, така ќе ви направам и Јас вам; во оваа пустина ќе паднат телата ваши, и сите вие преброени, колку што сте на број, од дваесет години и нагоре, што се буните против Мене, нема да влезете во земјата... децата ваши, за кои велевте дека ќе станат плен, ќе ги воведам таму, и тие ќе ја познаат земјата, што вие ја презревте’.

И, како извидниците што поминале четириесет дена на својот пат, така израелските племиња морале да талкаат низ пустината четириесет години“. – Патријарси и пророци, 391.

в. Кој грев бил главната причина за овој бунт? Евреите 3:18,19.

„Божја волја не била Израел да талка четириесет години во пустина; Тој сакал директно да го одведе во Хананската земја и таму да го насели како Свој свет и среќен народ. Но ние гледаме ‘дека тие не можеа да влезат поради неверието’“ (Евреите 3:19)“. – Големата борба, 458.


Среда 17. јануари

4. ПРОНАЈДЕТЕ СПОКОЈ ВО ИСУС

а. Каква посебна покана добиваме од Исус, нашиот Спасител - и што треба да научиме од Него? Матеј 11:28-30.

„’Дојдете кај Мене’ е Неговиот повик. Какви и да се вашите стравувања и неволји, изнесете го својот случај пред Господа. Вашиот дух ќе биде засилен да издржи. Пред вас ќе се отвори пат по кој ќе се спасите од засраменоста и тешкотиите. Колку повеќе се чувствувате слаби и немоќни, толку повеќе ќе станете посилни во Неговата сила. Колку се потешки вашите бремиња, толку поблагословен е одморот, кога ќе го ставите товарот врз Носителот на бремињата. Одморот што Христос го дава зависи од услови, но тие услови се јасно одредени. Тоа се услови што сите можат да ги исполнат. Тој точно ни кажува како можеме да најдеме одмор во Него“. – Копнежот на вековите, 329.

„Никој освен Бог не може да ја покори гордоста на човечкото срце. Не можеме да се спасиме себеси. Не можеме сами да се обновиме. Во небесните дворови нема да се пее песната: ‘На мене, кој се возљубив, се измив, се откупив, слава и чест, благослов и пофалба.’ Но, ова е главната нота на песната што ја пеат многумина овде на овој свет. Тие не знаат што значи да се биде кроток и понизен по срце; и тие немаат намера да го знаат ова, се трудат ако можат да го избегнат. Целото евангелие се состои во учењето за Христос, Неговата кротост и понизност.

Што е оправдување со вера? Тоа е Божјо дело, да се положи славата на човекот во прав и да се направи за човекот она што не е во негова моќ да го направи за себе“. – Testimonies to Ministers, p. 456.

б. Што е јаремот што Христос го нуди на секој од нас? Матеј 11:29.

„ ‘Земете го Мојот јарем на себе’ вели Исус. Јаремот е орудие на служба. Говедата се ставени во јарем за да работат, и јаремот е неопходен за да можат да работат ефективно. Со таа споредба Христос не учи дека сме повикани да служиме додека сме живи. Треба да го земеме на себе Неговиот јарем за да станеме Негови соработници.

Јаремот што не впрегнува во служба е Божјиот закон. Големиот закон на љубовта, откриен во Едем, објавен на Синај и во Новиот Завет запишан во срцето е она што го врзува работникот за Божјата волја. Кога би биле препуштени да се поведуваме по своите склоности, да одиме таму, каде што не води нашата волја, би паднале во сатанските редови и би ги поседувале неговите особини. Затоа Бог не ограничува со Својата волја, која е возвишена, благородна и воздигнувачка“. – Копнежот на вековите, 329.


Четврток 18. јануари

5. ХРИСТОВИОТ ЈАРЕМ

а. Што рекол Исус за Неговиот јарем? Матеј 11:30; 1. Јованово 5:2,3.

„Јаремот им служи на воловите за да им помогне во влечењето на товарот, за да им го олесни товарот. Така е и со Христовиот јарем. Кога нашата волја ќе исчезне во Божјата волја и ако ги користиме Неговите дарови за да бидеме благослов за другите, ќе видиме дека товарот на животот е лесен. Човекот што оди по патот на Божјите заповеди е во друштво на Христа и во Неговата љубов срцето наоѓа мир. Кога Мојсеј се молел: ‘Покажи ми го Својот пат, за да те познаам,’ Господ му одговорил: ‘Јас Самиот ќе одам со тебе и ќе те успокојам’ (Излез 33:13,14). И преку пророците ни е дадена пораката: ‘Вака вели Господ: Застанете на вашите патишта и распрашајте се за старите патеки, каде е добриот пат и врвете по него и ќе најдете спокој за своите души’ (Еремија 6:16). И Тој вели: ‘О, да внимаваше на Моите заповеди, мирот твој ќе беше како река, а праведноста твоја како бранови морски’ (Исаија 48:18).

Оние кои се држат за Христовата Реч и ја предаваат својата душа на Негова грижа и својот живот на Неговото водство ќе најдат мир и спокојство. Ништо од овој свет не може да ги растажи, бидејќи Исус ги прави радосни со Своето присуство. Во совршеното помирување се наоѓа совршен мир. Господ вели: ‘На оној, кој се држи за Тебе му даваш совршен мир, зашто се надева во тебе’ (Исаија 26:3). Нашиот живот може да ни изгледа многу замрсен, но ако се довериме на грижата на мудриот Бог, Тој ќе креира модел на живот и карактер, кои ќе бидат на Негова слава. И оној карактер, кој одразува слава Христовиот карактер ќе биде примен во Божјиот рај. Обновеното човештво ќе чекори со Него во бели облеки, бидејќи ќе биде достојно“. – Копнежот на вековите, 331.


Петок 19. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Додека светлината од небото сјае на нашите срца, каква акција треба да преземеме?

2. На кој начин сум во опасност да го повторам гревот на Израелците?

3. Опишете ги чудесните резултати од учеството во божествената природа.

4. Опишете го спокојот што Исус е подготвен да му го даде на оној што го бара.

5. Објасни ги придобивките од прифаќањето на Христовиот јарем.

 <<    >>