Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото Евангелие до Евреите

 <<    >> 
10. лекција Сабота, 9. март 2024.

Супериорноста на Христовата жртва

„А Тој (Исус Христос), принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, и оттогаш чека понатаму додека непријателите Негови не бидат положени како подножје за нозете Негови. Зашто преку едно принесување Тој осветените ги направи засекогаш совршени“ (Евреите 10:12-14).

„Павле и неговите соработници проповедале оправдување со вера чиешто средиште е Христовата жртва за откуп. Христа го прикажувале како оној кој, гледајќи во каква безнадежна состојба се наоѓа човечкиот род, дошол да ги откупи луѓето живеејќи живот наполно сообразен со Божјиот закон и плаќајќи ја казната за непослушноста. И мнозина, кои порано никогаш не чуле за вистинскиот Бог, во светлината на крстот почнале да ја сфаќаат големината на љубовта на Отецот”. – Делата на апостолите, 207,208.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 156-166. 

Недела 3. март

1. НЕДЕЛОТВОРНОСТА НА ЖИВОТИНСКИТЕ ЖРТВИ

а. Зошто жртвите принесени во земното светилиште не биле во можност да ги простуваат гревовите? Евреите 10:1-4.

„Крвта на животните не можеше да ги задоволи Божјите барања како помирувачка жртва за престапот на Неговиот закон. Животот на животното имал помала вредност од животот на виновниот грешник и затоа не можел да биде откупнина за гревот. Бог можел да ја прифати таа жртва само како претслика на жртвата на Неговиот Син...

Бог го создал човекот совршен и праведен, а по неговиот престап не можеше да има жртва што би била прифатлива за Бога, освен ако вредноста на принесената жртва не беше поголема од состојбата во која се наоѓал човекот кога бил совршен и невин“. – Lift Him Up, p. 24.

„Целиот систем на принесување жртви симболично ја прикажувал смртта на Спасителот заради откупување на светот. Принесувањето на тие жртви не би имало никаква смисла, ако големиот настан на кој укажувале тие би бил веќе остварен“. – Копнежот на вековите, 165.


Понеделник 4. март

2. ЦЕЛОСНО КВАЛИФИКУВАН ПРОСВЕШТЕНИК

а. Само кој можел да го откупи грешникот и зошто? Евреите 10:5-10.

„На Христа не му беа поставени никакви барања. Тој имаше власт да го даде Својот живот и повторно да го земе. Од Него не се бараше да го преземе делото на откупувањето. Неговата жртва беше доброволна. Неговиот живот имаше доволна вредност за да го спаси човекот од неговата падната состојба“. – Lift Him Up, p. 24.

б. Што му дало на Христос овластување да стане наш Првосвештеник? Евреите 10:11-14.

„Безгрешниот Божји Син висел на крстот; Неговото тело било расечено од камшикувањето; Неговите раце кои толку често биле испружени за да благословуваат, биле приковани за дрвениот крст; Неговите нозе, толку неуморни додека ја извршувал Својата служба на љубов, биле исто така приковани; таа царска глава била ранета од круната од трња; од тие треперливи усни допирала болна воздишка. Сето ова што Тој го поднел крвта која се слевала од Неговата глава, Неговите раце и нозе, страдањата кои го кршеле Неговото тело, неискажаниот душевен страв кој ја исполнил Неговата душа, кога лицето на Неговиот Татко се скрило од Него сето тоа му зборува на секое дете на човештвото, објавувајќи: „Заради тебе Божјиот Син се согласил да го понесе товарот на вината, поради тебе го разрушил царството на смртта и ја отворил вратата на рајот. Оној, Кој ги стивнал бесните бранови и одел по пенливите бранови, од кого ѓаволите трепереле, а болестите бегале, Кој на слепите им ги отворал очите и ги враќал мртвите во живот се принел Себеси како жртва на крстот и тоа од љубов кон тебе“. – Копнежот на вековите, 755.

в. Зошто Христос умре на крстот, иако беше целосно невин? 2. Коринтјаните 5:21; Исаија 53:5,6,8,11.

„Христос не го изврши Своето дело на спасување на луѓето само со умирање на крстот. Срамот, страдањето и понижувањето беа исто така дел од Неговата мисија. (Исаија 53:5 цитат) Христос ја поднесе оваа казна за гревовите на престапникот. Тој ја поднесе казната за секој човек, и затоа може да ја откупи секоја душа, без разлика колку е длабок нејзиниот пад, сѐ додека таа го прифаќа Божјиот закон како мерило за праведноста“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 4, pp. 1147, 1148.

„Кон Христа се постапувало онака, како што ние заслужуваме да се постапува кон нас, за со нас да се постапува онака, како што заслужува Тој. Тој бил осуден заради нашите гревови во кои немал никаков удел, за ние да се оправдаме со Неговата праведност, во која не сме имале никаков удел. Се согласил на смрт, која ни припаѓала нам, за ние да примиме живот што бил Негов“. – Копнежот на вековите, 25.


Вторник 5. март

3. СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ПРЕСТОЛОТ НА МИЛОСТА

а. Имајќи го Христа како наш Првосвештеник, како можеме да пристапиме до престолот на милоста? Ефесјаните 2:17,18; Евреите 4:16; 10:19,22.

„Ние мораме својата волја во потполност да ја потчиниме на божествената волја и во служба на Христовото царство да ги ставиме своите чувства, желби, интереси и својата чест, примајќи постојано благодат од Него, додека Тој ќе ја прима нашата благодарност.

Кога се постига оваа врска и заедништво со Христа, нашите гревови се поставени врз Христа; Неговата праведност ни е нам засметана. Тој ги примил нашите гревови на себе, за преку Него да станеме праведни пред Бога. Преку Него имаме пристап кон Бога, бидејќи сме примени преку Саканиот“. – 5 Сведоштво, 229.

„Секој од вас нека го испита своето срце, нека го исчисти осквернатиот храм на душата и нека бдее во молитва. Одлучете да го барате Исуса сѐ додека не го најдете; не попуштајте во тоа сѐ додека Неговата љубов не најде место во вашите срца, и додека Неговиот Дух не го потчини вашиот живот и преобрази вашиот карактер. Тогаш верувајте и храбро приближете се кон Неговиот престол, знаејќи дека Тој ќе ги услиши вашите молитви“. – 5 Сведоштво, 132.

б. Каков ќе биде резултатот од нашата поврзаност со Христос? Евреите 10:23-25.

„Оние кои не чувствуваат вистинската потреба за заедништво и средба со светите, со драгоцено уверување дека Господ ќе се сретне со нив, покажуваат колку малку ја ценат помошта што Бог им ја дал“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 934.

„Исус стои во светињата над светињите и таму чека да се појави пред Бога заради нас. Таму Тој не престанува да го претставува Својот народ, совршен во Него. Но, бидејќи на тој начин сме претставени пред Отецот, не смееме да мислиме дека поради тоа ја присвојуваме Неговата милост и да станеме безгрижни, рамнодушни и самобендисани. Христос не е слуга на гревот. Ние сме совршени во Него, прифатени во Возљубениот, само ако живееме во Него со вера.

Никогаш нема да го достигнеме совршенството со нашите добри дела. Човекот кој гледа на Христа со вера ја отфрла сопствената праведност. Тој се гледа себеси како несовршен, своето покајание како недоволно, својата најсилна вера како слаба, својата најскапоцена жртва како скудна и тој тоне во понизност во подножјето на крстот. Но, нему му се обраќа гласот на откровението на Божјото Слово. Зачуден, тој ја слуша пораката: ’Ти си совршен во Него.’ Сега неговата душа е мирна“. – Faith and Works, pp. 107, 108.


Среда 6. март

4. ДА МИСЛИМЕ ПРВО НА БОЖЈАТА ДОБРИНА

а. Каков ќе биде резултатот ако занемариме едно вакво големо спасение? Евреите 2:3; 10:26-31.

„Бог дејствува со помош на Светиот Дух за грешникот да го покара и да го убеди, а кога делото на Светиот Дух конечно ќе се отфрли, тогаш Бог не може ништо веќе да стори за душата. Со тоа Тој се послужил со последното средство на божествената милост. Престапникот се одделил од Бога и нема веќе никакво средство со кое би можел да се лекува од гревот. Не постои никаква друга сила со која Бог би можел да го убеди и да го обрати грешникот. Тогаш Божјиот налог гласи: ‘Остави го’“ (Осија 4:17). – Патријарси и пророци, 405.

б. Зошто некогаш треба да се потсетиме на Божјото избавување за нас - и каков пример ни оставија адвентните пионери во овој поглед? Евреите 10:32,33.

„Треба често да се повторува она што Бог го направил за Својот народ. Колку често Господ поставувал патокази во Своето постапување со стариот Израел! За да не ја заборават историјата од минатото, Бог Му наредил на Мојсеј да ги изнесе тие настани во песни, за да можат родителите со нив да ги поучуваат своите деца. Тие требале да соби раат споменици и да ги поставуваат на видно место. Посебни напори се вложувани за да се сочуваат тие споменици, за да може целата историја да биде повторена на децата кога ќе се распрашуваат за тие работи. Така сите го имале на ум дејството на провидението и обележаната Божја добрина и милост во Неговата грижа и ослободувањето на Неговиот народ. И на нас се однесува советувањето: ‘Потсетувајте се на вашите поранешни денови кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата’ (Евреите 10:32). Господ делувал како чудотворен Бог за Својот народ во ова поколение. Минатата историја на Божјото дело треба често да се предочува на народот, како на младите, така и на старите. Мораме често да зборуваме за Божјата добрина и да го славиме поради Неговите прекрасни дела“. – 6 Сведоштво, 364,365.

„Во изнесување на своите искуства од минатото, ние се држиме за Павловото охрабрување упатено на еврејските верници: ‘Сеќавајте се на своите први денови, во кои така просветлени, поднесовте голема борба во страдањата, изложувајќи се од една страна на потсмев и неволји, а од друга, станувајќи соучесници со оние кои го доживуваат истото’.

Нашиот живот е нераскинливо поврзан со Божјото дело. Ние немаме никакви други интереси, освен ова дело. И кога го набљудуваме напредокот кој го следи ова дело уште од самиот негов почеток, ширејќи се полека, но сигурно, кога го гледаме успехот на црквата за која со толку мачни напори се залагавме и го жртвувавме речиси и својот живот, кој може да ни забрани да се фалиме во Господа? Нашите искуства, доживеани во ова дело, се многу драгоцени за нас. Ние вложивме сè во тоа дело“. – 3 Сведоштво, 319.


Четврток 7. март

5. СИГУРНИ ПАТЕКИ

а. Како можеме да бидеме безбедни на патот кон вечниот живот? Евреите 10:35-39.

„Оној што го облекол оклопот не може да се пофали со победата; зашто мора да ја води битката и да ја извојува победата. Тој што ќе издржи до крај ќе биде спасен... Ако не напредуваме од победа во победа, душата ќе се повлече во пропаст. Не треба да подигаме никаков човечки стандард според кој ќе го мериме карактерот. Овде на земјата доволно видовме од она што луѓето го нарекуваат совршенство. Божјиот свет закон е единственото нешто што може да одреди дали го следиме Неговиот пат или не. Ако сме непослушни, нашиот карактер не е во склад со Божјото морално владеење и лага е да се каже: ’Спасен сум.’ Никој не е спасен кој го престапува Божјиот закон, кој е темел на Неговото владеење на небото и земјата“. – Selected Messages, bk. 1, p. 315.

б. Кои се главните особини на Божјиот народ во овие последни денови? Откровение 12:17; 14:12.

„Постојат само две групи на земјата - оние кои стојат под знамето на Исус Христос попрскано со крв и оние кои стојат под црното знаме на бунтот“. – Manuscript Releases, vol. 14, p. 161.

„Во тоа време црквата треба да ја облече нејзината прекрасна облека – ’Христос наша праведност’. Постојат јасни и истакнати разлики кои треба да се обноват и да се прикажат на светот со издигање на Божјите заповеди и верата на Исус“. – Christian Experience and Teachings, p. 207.

„Верата во Христовата способност да нѐ спаси изобилно и целосно е верата на Исус“. – Selected Messages, bk. 3, p. 172.


Петок 8. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто крвта на животните не беше доволна за спасение?

2. Објаснете ја длабочината на Христовата жртва на разбирлив начин за нас.

3. Што најмногу цениш во Христовата служба за тебе?

4. Зошто треба да се сеќаваме на старите искуства во нашиот верски живот?

5. Што многумина денес не сфаќаат во врска со спасението?

 <<    >>