Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото Евангелие до Евреите

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 30. март 2024.

Опомени што треба да се запаметат

„Затоа и Христос, за да ги освети луѓето со крвта Своја, пострада надвор од градските порти. И така, да Му пристапуваме надвор од живеалиштето, носејќи ја Неговата поруга“ (Евреите 13:12,13).

„Христос, нашиот Заменик, требало да страда надвор од ѕидините на Ерусалим. Умрел надвор од градот, на местото каде што се погубувани злосторниците и убијците. Многу се значајни зборовите: ‘Христос не откупи од проклетството на законот, станувајќи проклетство место нас’“ (Галатјаните 3:13). – Копнежот на вековите, 741.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Адвентен дом, 445-452. 

Недела 24. март

1. БРАТСКА ЉУБОВ

а. Кој бил конкретниот проблем на ефеската црква? Откровение 2:4,5.

„Членовите на црквата (во Ефес) биле единствени во чувствата, во мислењето и во делото. Христовата љубов била оној златен синџир што ги поврзувал. Тие постојано се усовршувале во своето познавање на Господа и во нивниот живот очигледно се одржувале радоста и мирот што може да ги даде само Христос. Посетувале сирачиња и вдовици во нивните неволји и се пазеле да останат неопоганети од светот...

Меѓутоа, по извесно време ревноста на верниците почнала да попушта, а нивната меѓусебна љубов и љубовта кон Бога сè повеќе се намалувала. Во црквата се вовлекувало студенило. Некои потполно заборавиле на колку чудесен начин ја примиле вистината. Еден по друг старите знаменосци паѓале на своите положби. Некои од младите работници, кои можеле да примат на себе еден дел од товарот на тие првоборци и со тоа да се приготват за мудри водачи, се измориле слушајќи повторување на исти вистини. Во својата желба за нешто ново и необично се обидувале да внесат некои нови видови наука, кои биле пријатни за увото на мнозина, но не биле во согласност со основните начела на евангелието...

Поради овие нови и лажни учења се јавиле несогласија, така што очите на мнозина не биле веќе насочени кон Исуса како Зачетник и Извршител на нивната вера. Времето што требало да се искористи за проповедање на евангелието се трошело на расправии за спорните прашања и за мечтаење за пријатни човечки измислици“. – Делата на апостолите, 579,580.


Понеделник 25. март

2. ПРЕКРАСНА ХРИСТИЈАНСКА ДОБЛЕСТ

а. Која христијанска особина ја истакнува апостол Павле? Тит 1:7,8; Евреите 13:1,2.

„Гостопримството е една од особините која Светиот Дух ја наведува како ознака за оние кои треба да ја носат одговорноста во црквата. А на целата црква и е даден налог: ‘Бидете гостопримливи помеѓу себе без негодување; и служете си меѓу себе, секој со дарот што го при мил, како добри управители на различни Божји благодети’“

Овие опомени за жал се запоставени. Дури и помеѓу оние кои велат за себе дека се христијани, вистинското гостопримство ретко се покажува. Помеѓу нашите верници можноста да се укаже гостопримство не се смета за она што е предност и благослов. Нема доволно желба за дружење, нема доволно интерес на семејната трпеза да се направи место за уште двајца или тројца, без покажување на неудобност и самоистакнување...

Бог е незадоволен кога ќе види себично внимание кое толку често се покажува кон ‘себеси и кон своето семејство’...

Кога духот на гостопримството ќе умре, срцето се парализира со себичност“ – Адвентен дом, 445-447.

б. Наведете два старозаветни примери на христијанско гостопримство. Создавање 18:1-8; 19:1-3.

„Библијата на особен начин го нагласува обичајот на гостопримството. Не само што го наложува гостопримството како должност туку изнесува многу прекрасни примери од оваа вредност на дело и благословите кои со неа се поврзани. Најистакнатиот меѓу нив е Аврамовото доживување...

Овие дела на услужливост Бог ги сметал за доволно важни за да ги забележи во својата Реч, а по повеќе од илјада години, вдахновениот апостол се повикал на нив: ‘Не го заборавајте гостопримството; затоа што некои не знаејќи со гостопримството примиле ангели на гости’.

Предноста која ја имале Аврам и Лот не ни е ускратена ниту нам. Со укажување на гостопримство на Божјите деца ние исто така можеме да примиме ангели во своите домови. Дури и во наше време ангели во човечки облик влегуваат во домовите на луѓето и го до биваат нивното гостопримство. Христијаните, коишто живеат во светлината на Божјото лице, секогаш ги следат невидливи ангели и тие свети суштества оставаат по себе благослов во нашите домови“. – Адвентен дом, 445.


Вторник 26. март

3. БРАКОТ Е ЧЕСЕН

а. Кога Бог ја воспоставил институцијата брак? Создавање 1:26-28; 2:18,21-24. Како Христос го благословил бракот во Својата служба? Јован 2:1-5.

„Бог учествувал во свеченоста на првото венчавање. Затоа оваа установа има свој почеток во светилиштето на Создателот. ‘Сите да го одржуваат бракот свет’ (Евреите 13:4). Бракот е еден од првите Божји дарови за човекот и претставува една од двете установи кои Адам, по својот пад во грев, ги понел од Рајот. Бракот е благослов кој е заснован на признание и послушност на божествените начела. Тој ја чува чистотата и среќата на човештвото, ги задоволува човековите општествени потреби и ја крева телесната, умствена и морална природа.

Оној кој на Адам му ја дал Ева да му биде сопруга, го направил своето прво чудо на една свадбена свеченост. Во свадбената просторија во која роднините и пријателите заедно се радувале, Христос ја започнал својата јавна служба. Со тоа Тој ја потврдил брачната заедница, признавајќи ја како установа која лично ја засновал...

Христос го подигнал бракот со тоа што го направил и симбол за заедница помеѓу Себе и Своите откупени деца. Тој е Младоженец а Црквата е Негова невеста, за која како Своја избраница вели: „Целата си убава, мила моја и нема недостаток на тебе“. – Адвентен дом, 25,26.

„(Христос) своето прво чудо го направил на свадба. Со тоа му објавил на светот дека чистиот и неизвалкан брак е света установа“. – Адвентен дом, 341.

б. Што им рекол Христос на фарисеите кога го прашале во врска со разводот? Матеј 19:1-8. Колку долго треба да трае брачниот завет? Римјаните 7:1-3; 1. Коринтјаните 7:39; Малахија 2:14-16.

„Во умот на младите бракот е обвиткан со романтика и затоа тешко може да се ослободи од ова обележје кое му дава фантазија и да го вреже во умот сознанието за важните одговорности кои го опфаќаат брачниот завет. Овој завет ја спојува судбината на две личности со врски кои ништо не би смеело да ги раскине освен раката на смртта.

Секоја одлука за стапување во брак треба внимателно да се разгледа, затоа што тоа е чекор кој се прави за цел живот. И мажот и жената мораат внимателно да размислат дали во животната променливост ќе останат верни еден на друг до крај“. – Адвентен дом, 340.


Среда 27. март

4. ПОЧИТ КОН ВЕРНИТЕ ВОДАЧИ

а. Според Вдахновението, како треба членовите на црквата да гледаат на своите верни водачи? Евреите 13:7; 1. Солунјаните 5:12,13.

„Библијата јасно учи дека мораме да се пазиме да не изнесуваме лекомислено обвинувања против оние што ги повикал Бог да работат како негови пратеници. Опишувајќи ги разузданите и напуштени грешници, апостол Петар кажува: ‘Оние што се управуваат според телото во неговите гнасни похоти, кои ја презираат власта, дрски се, горди и не се плашат да хулат на власта, но дури ни ангелите, кои се поснажни и посилни од нив, не изговараат за нив хула пред Господ’ (2 Петрово 2:10,11). А Павле, во своето упатство наменето за оние што се поставени над црквата, кажува: ‘Обвинение против старешини не прифаќај, освен пред двајца или тројца сведоци’ (1 Тимотеј 5:19). Оној што ставил тешка одговорност врз поединци, одговорност на учител и водач во својот народ, верниците ќе ги смета за одговорни за нивното однесување и за нивниот став кон неговите слуги. Оние што ги почитува Бог, треба да ги почитуваме и ние“. – Патријарси и пророци, 386.

б. Кога Арон и Марија се побуниле против водството на Мојсеј, како постапил Бог со нив? Броеви 12:1-10; Излез 20:12.

„Казната што ја снашла Мирјам треба да биде опомена за сите што негуваат љубомора и мрморат против оние врз кои Бог положил товар за своето дело“. – Патријарси и пророци, 386.

„Родителите имаат право на љубов и почит повеќе од кој и да е друг. Сам Бог, кој ги задолжил за душите доверени на нивна грижа, определил родителите во првите години на детскиот живот пред децата да бидат негови претставници. Затоа, секој што го отфрла законитиот авторитет на родителите, го отфрла Божјиот авторитет. Петтата заповед бара од децата не само на родителите да им укажуваат љубов и нежност, туку и да им ги олеснат секојдневните грижи да го пазат нивниот углед и во староста да им пружат потпора и утеха. Таа заповед бара да се почитуваат и службениците на црквата и органите на власта и сите оние на кои Бог им дал авторитет“. – Патријарси и пророци, 308.

в. Која библиска одредба е изненадувачки занемарена во современото општество - и зошто е тоа најчесто случај? Евреите 13:17,18; Левитска 19:32.

„Често пати мислиш дека знаеш многу повеќе од оние кои имаат многу поголемо искуство од тебе и на кои им доликува повеќе отколку на тебе да ги упатуваат луѓето и да им даваат мудри совети“. – 2 Сведоштво, 163.


Четврток 28. март

5. ИСУС, СЕКОГАШ ИСТ

а. Што е напишано за двете Христови природи? Исаија 9:6; Јован 1:1-3,14; Евреите 1:1-3,6-10.

„Со Својата човечка природа Христос го допрел човештвото со Своето божество Тој се држел за Божјиот престол. Како Син Човечки, Тој ни пружил пример на послушност како Божји Син, Тој ни дава сила да бидеме послушни. Христос бил Тој, Кој од грмушката на планината Хорив му проговорил на Мојсеј велејќи: ‘ЈАС СУМ ОНОЈ ШТО Е... Вака ќе им кажеш на синовите Израелеви: ЈАС СУМ ме прати кај вас’. (Излез 3:14) Тоа било гаранција за избавувањето на Израел. Кога дошол ‘во човечко обличје’, Тој се претставил како ЈАС СУМ. Детето од Витлеем, кроткиот и понизен Спасител е Бог, Кој се ‘јави во тело’. (1 Тимотеј 3:16) А нам Тој ни вели: ‘ЈАС СУМ Добриот Пастир’. ‘ЈАС СУМ Живиот Леб’. ‘ЈАС СУМ Патот, Вистината и Животот’. ‘Ми се даде секоја власт на Небото и на Земјата’. (Јован 10:11; 6:51; 14:6; Матеј 28:18) ‘ЈАС СУМ’ уверување за секое ветување. ‘ЈАС СУМ’, не плашете се. ‘Бог со нас’ е гаранција за нашето ослободување од грев, гаранција дека ќе имаме сила да бидеме послушни на законите на Небото“. – Копнежот на вековите, 24,25.

б. Дали Христос изгубил некоја од Своите божествени особини за време на Неговото воплотување? Објаснете. Малахија 3:6; Евреите 13:8; Јаков 1:17.

„Бог отсекогаш бил. Тој е големиот ЈАС СУМ. Псалмистот изјавува: ’Дури уште пред да се појават горите, и пред создавањето на Земјата и на вселената, отсекогаш и засекогаш Ти си Бог.’ Тој е висок и возвишен, кој живее во вечноста... Тој е бесконечен и сеприсутен. Ниту еден збор не може да ја опише Неговата големина и величественост“. – Medical Ministry, p. 92.


Петок 29. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како да ја избегнам стапицата што се случила во Ефес?

2. Зошто гостопримството е толку вредно богатство во црквата?

3. Ако сме сериозни во врска со Писмото, како треба да го разбереме бракот?

4. Објаснете го далекусежното значење на петтата заповед.

5. Зошто е важно за нас да ги цениме двете Христови природи?

 <<    >>