Back to top

Sabbath Bible Lessons

Да се живее Христијански живот - Ризници на Вистината (IV)

 <<    >> 
6. лекција Сабота, 11. ноември 2023.

Листови од смоква или јагнешка кожа?

„И речиси сè според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв нема проштевање“ (Евреите 9:22).

„Добрите дела на Божјиот народ имаат многу посилно дејство од зборовите“. – 2 Сведоштво, 443.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 52–56. 

Недела 5. ноември

1. ЖИВОТ СО ЧОВЕЧКИТ РОД

а. Опишете го односот што Бог сака да го има со човечкиот род и сега и низ вечноста. Излез 25:8; Откровение 21:1–3.

б. Бидејќи Тој сака личен однос, дали е можно да се биде во пријателство со оние што се противат на Неговите начела – и кои се конкретните разлики? Матеј 6:24; Јаков 4:4; 2 Коринтјаните 6:14—18.

„Од Христовите следбеници се бара да се одвојат од светот, да не се дофаќаат до ништо нечисто, а дадено им е и ветување дека ќе бидат синови и ќерки на Севишниот, членови на царското семејство. Меѓутоа, ако не ги исполнат условите од нивна страна, нема да доживеат исполнување на ова ветување“. – 2 Сведоштво, 441.

в. Објаснете ја нашата должност кон луѓето во светот. Јован 17:15,16; Матеј 5:16.

„Господ има Свој народ во светот, но не и од светот. Тие треба да се трудат да ја изнесат вистината пред луѓето на високи позиции и на тој начин да им дадат можност да ја примат и да ги одмерат доказите. Има многу непросветлени и неинформирани, ние како поединци имаме сериозна, свечена и мудра работа. Наша должност е да работиме за оние на високите позиции и да одиме кај нив со благодатна покана, да дојдат на свадбата. За овие луѓе можеше да се направи многу повеќе отколку што беше направено“. – Testimonies to Ministers, p. 198.


Понеделник 6. ноември

2. ОБЛЕКА НА СВЕТЛИНАТА

а. Зошто го испитуваме почетокот на светот за да го видиме Божјиот идеал и каква облека носеле нашите прародители? Создавање 1:27,31; Псалм 104:1,2.

„Пред падот во гревот, Адам и Ева во Едем биле опкружени со јасна и прекрасна светлина, светлината на Бога. Таа светлина осветлувала сè до што ќе се приближеле. Ништо не ја замрачувало нивната претстава за Божјиот карактер и Неговите дела. Но кога потклекнале пред искушувачот, светлината заминала од нив. Губејќи ги нивните плаштови на светост, тие ја изгубиле светлината што ја осветлувала природата. Веќе не можеле правилно да ја прочитаат“. – Здравје и среќа, 461.

„Пред својот пад, Адам бил ослободен од последиците на проклетството. Кога искушувачот го нападнал, на него немало никаква трага од грев. Тој бил создаден совршен во мислите и делата. Но, тој му попуштил на гревот и ја изгубил својата возвишена и света положба“. – Selected Messages, bk. 3, p. 141.

б. Каква промена се случила штом се појавил гревот, и што симболизира тоа? Создавање 2:25; 3:7 (прв дел); Откровение 3:17.

„Превезот на светлината (околу нашите прародители) набргу исчезна, а под вината и загубата на своите божествени облеки, тие трепереа и се обидоа да ги покријат своите голи тела“. – The Spirit of Prophecy, vol. 1, p. 40.

„По паѓањето во грев, Адам и Ева биле голи, затоа што им била одземена нивната облека на светлина и сигурност“. – Настани на последното време, 249.

„Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик не само според карактерот, туку и според фигурата и изгледот. Гревот ја изобличил и речиси ја избришал божествената слика во човекот; но Христос дошол пак да го воспостави она што е загубено. Тој ќе го преобрази нашето понижено тело и ќе го направи слично на Своето прославено тело. Смртното, распадливо тело, лишено од убавината, некогаш опогането со грев, станува совршено, убаво и бесмртно. Сите недостатоци и деформитети се оставени во гробот. Бидејќи ќе имаат пристап кон дрвото на животот во одамна загубениот Едем, откупените ќе растат до мерата на висината на човечкиот род во неговата првобитна слава. Ќе бидат отстранети последните преостанати траги од проклетството на гревот, а Христовите верни ќе се појават во убавината на Господа, нашиот Бог, по духот, душата и телото, одразувајќи ја совршената слика на својот Господ. О, прекрасен откуп, за кој одамна се зборувало, желно се очекувал, но никогаш целосно не бил сфатен“. – Големата борба, 644,645.


Вторник 7. ноември

3. САМОПРАВЕДНОСТ

а. Како Адам и Ева се претставиле себеси во нивната самоправедност пред Бога, изразена во нивната облека? Создавање 3:7–11.

„Откако згрешил, и на Адама му се сторило како да преминал во повисоки сфери на постоење. Но помислата дека згрешил набргу го исполнила со ужасен страв. Воздухот, кој до тогаш бил толку благ и со постојана температура, сега на грешната брачна двојка им се чинел остар и грозно студен. Исчезнала нивната дотогашна љубов и мир, а наместо тоа се појавило чувство на вина, страв од иднината и свест за голотијата на душата. Исчезнала и облеката на светлината со која дотогаш биле препашани, па морале да се потрудат, наместо неа да ‘направат опашала’, зашто не можеле необлечени да излезат пред Бога и пред светите ангели“. – Патријарси и пророци, 57.

„Карактерот на некоја личност се проценува според начинот на нејзиното облекување. Префинетиот вкус и благородниот ум се откриваат со изборот на едноставна и соодветна облека. Невината едноставност во облекувањето, соединета со скромност во однесувањето, многу ќе придонесе за младата жена да биде опкружена со атмосфера на света воздржаност, која ќе ја заштити од илјадници опасности“. – Воспитување, 248.

б. Зошто е подобро да се дојде кај Бога дури и во грешна состојба, отколку воопшто да не се дојде? Исаија 1:18.

„Дојди драги брате, дојди таков каков што си, грешен и осквернет. Стави го товарот на твојата вина на Исуса и со вера потпри се на Неговите заслуги. Дојди сега, додека уште се продолжува милоста, дојди со покајничка душа и Бог со радост ќе ти прости. Не се осмелувај да пропуштиш уште една прилика. Послушај го гласот на милоста кој те преколнува да станеш од мртвите за Христос да те осветли. Секој миг е непосредно поврзан со судбината во невидливиот свет. Затоа немој да дозволиш твојата гордост и неверство да те наведат да ја отфрлиш понудената милост. Ако го направиш тоа на крајот ќе лелекаш: ‘Мина жетвата, сврши летото, а ние не се избавивме’ (Еремија 8:20)“. – 5 Сведоштво, 353.

„Долгата ноќ на бдеење, маки и страдања наскоро ќе станат минато. Христос наскоро доаѓа. Подготви се. Божјите ангели се трудат твоето внимание, со размислување само за себе и за земските интереси, да ги насочат на она што е небесно и неминливо. Не дозволувај нивниот труд за тебе да биде напразен. Она што тебе ти недостига е вера, жива вера, вера која делува преку љубовта и ја чисти душата. Имај ја на ум Голгота и неизмерната жртва која е тука поднесена поради човекот. Исус те повикува да Му пријдеш токму таков каков што си и да Го направиш своја сила и свој вечен Пријател“. – 3 Сведоштво, 251.


Среда 8. ноември

4. СИМБОЛ НА СПАСЕНИЕТО

а. Кого го претставува змијата во чинот на измамата и како му робуваме? Откровение 12:9.

б. Објаснете ја првата проповед за планот на откупувањето и зошто била пролеана крвта. Создавање 3:15; Евреите 9:22; Јован 1:29; Римјаните 5:15,16.

„Во изјавата: ‘И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин’, Бог вети дека ќе воведе нов принцип во срцата на луѓето — омраза кон гревот, кон измамата, преправањето, кон сè она што носи траги од сатанистички лукавства. – Special Testimonies, Series B, No. 2, p. 6.

„Планот за нашето спасение не е донесен дополнително, не е формулиран по Адамовиот пад во грев. Тој бил ‘откровение на тајната за која се молчеше од вечни времиња’ (Римјаните 16:25). Тој е откровение на начелата, кои од вечните векови претставувале темел на Божјиот престол. Бог и Христос уште на почетокот знаеле за отпадништвото на сатаната и за човековиот пад предизвикан со делувањето на измамната сила на отпадникот. Бог не замислил гревот да постои, но предвреме видел дека тој ќе се појави и преземал мерки за соочување со таа ужасна појава. Неговата љубов кон светот била толку голема, што се заветувал да го даде Својот Единороден Син ‘за ниту еден кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот’ (Јован 3:16)“. – Копнежот на вековите, 22.

в. Што симболизира новата облека и како нашата облека покажува што се случува во срцето? Создавање 3:21.

„А сепак, токму оние што тврдат дека се испрани со крвта на Христос што за нив е пролеана, го китат и украсуваат своето јадно смртно тело, и дрско тврдат дека се следбеници на Тој свет и скромен Учител, полн со самоодрекување. О, кога сите би можеле да го видат тоа онака како Бог гледа на тоа и како што на мене ми беше покажано! Ми се чинеше дека не можам да го издржам чувството на душевна болка што ја почувствував кога тоа ми беше покажано. Ангелот рече: ‘Припадниците на Божјиот народ се посебен народ; од таквите Бог очекува да бидат чисти како што е и Тој чист’. Видов дека надворешниот изглед е всушност показател на она што е во срцето. Кога надворешноста е накитена со панделки, јаки и други непотребни украси, тоа јасно покажува дека љубовта кон сето тоа се наоѓа во срцето. Ако таквите не се исчистат од својата изопаченост никогаш нема да го видат Бога, бидејќи Него ќе го видат само оние што се со чисто срце“. – 1 Сведоштво, 135.


Четврток 9. ноември

5. ПРЕПОЗНАВАЊЕ

а. Дури и кога световните луѓе вообичаено се облекувале многу поскромно отколку сега, зошто Бог имал посебна облека за Својот народ? Броеви 15:37–41.

„Господ изрично заповедал Израеловите синови да носат сосем едноставно подготвена облека, за да се разликуваат од идолопоклоничките народи околу нив. И секогаш кога погледот ќе им се задржал на таа нивна посебна облека, требало да се потсетат дека се народ што ги држи Божјите заповеди, и дека Тој на чудесен начин ги избавил од египетското ропство, за да Му служат Нему и да бидат Негов свет народ. Тие не смееле да се поведуваат по своите желби, ниту да ги имитираат идолопоклоничките народи околу себе, туку да останат посебен народ. Секој кој ќе ја види нивната посебна облека можел да каже: Овие се оние што Бог ги изведе од египетската земја и кои ги држат сите Негови заповеди. Припадниците на израелскиот народ секој можел да ги препознае штом ќе ги види, бидејќи со ова едноставно обележје Бог ги издвоил како Свои“. – 1 Сведоштво, 524.

б. Што треба да сфатиме за реформата во облекувањето? 2 Коринтјаните 3:2.

„Постојаното истакнување и повикување на нашите сестри да ја прифатат реформата на облеката предизвикало многу непријатни чувства. Екстремно настроените сметаат дека таа реформа претставува совршенство и суштина на нашата вера. Таа постојано е предмет на нивните разговори и бреме на нивното срце; тоа ги одвраќа нивните мисли и од Бога и од вистината. Поради тоа, во однесувањето со другите, ним им недостига Христовиот Дух и вистинска учтивост. Наместо овој начин на облекување да го ценат и препорачуваат поради неговите предности, тие се изгледа горди токму поради неговата необичност. Можеби меѓу нас не се појавило ниту едно прашање во кое нивниот вистински карактер би се открил толку јасно како што е токму оваа реформа во облекувањето“. – 4 Сведоштво, 636.

„Горделивоста и раскошот во облекувањето се гревови кон кои жената е особено склона; затоа овие наредби се однесуваат директно на неа“. – Christian Temperance and Bible Hygiene, p. 94.


Петок 10. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каков однос сака Бог да има со членовите на човечкиот род?

2. Зошто исчезнаа облеките на светлината?

3. Дали треба да дојдеме кај Бог дури и ако чувствуваме дека не сме подготвени? Зошто?

4. Како преобратувањето влијае на нашиот стил на облекување?

5. Како нашата облека сведочи за тоа кои сме ние?

 <<    >>