Back to top

Sabbath Bible Lessons

Да се живее Христијански живот - Ризници на Вистината (IV)

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 21. октомври 2023.

Организација на Мелхиседековото свештенство

„Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе Го видиме каков што е“ (1 Јованово 3:2).

„Злото не се појавува поради организацијата, туку затоа што сè е ставено на организацијата, а многу малку на потребната побожност“. – Funda¬mentals of Christian Education, p. 253.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Делата на апостолите, 188—200. 

Недела 15. октомври

1. ВОДЕЧКИ ДАРОВИ ВО ЦРКВАТА

а. Како треба да се однесуваме еден кон друг без оглед на даровите што ги поседуваме? Наведете некои од даровите кои се прво споменати. Римјаните 12:10; 1 Коринтјаните 12:28–30,11.

б. Објаснете некои должности на проповедниците — и зошто нивната работа не е ограничена само на една црква. Јован 21:15–—17; 2 Коринтјаните 11:28; Тит 1:5; 1 Коринтјаните 4:17.

„Постарите проповедници треба да внимаваат, преку поучување или пример, да не ја всадат кај младите луѓе идејата дека работата на работниците во полето се состои во проповедање. Едукацијата која им е најпотребна на младите проповедници е она што ќе ги оспособи да работат во различни гранки на делото и да ги олеснат напорите на оние кои се исцрпени од прекумерната работа. Во црквата има и способни членови кои можат да се вклучат во службата и кои можат да носат одредени одговорности во некои гранки на делото. Нека знаат дека во Господовото лозје не треба да има безделници“. – The Review and Herald, July 24, 1883.

в. Кој ги избира работниците и што стануваат тие кога ќе бидат избрани? 2 Коринтјаните 8:16–19,23.

„Луѓето кои не живеат свет живот и кои не се оспособени да ја проповедаат сегашната вистина заминуваат во полето, иако црквата и браќата не ги признаваат, и заради тоа доаѓа до неслога и пречки“. – Рани списи, 97.


Понеделник 16. октомври

2. РАКОПОЛАГАЊЕ

а. Која е улогата на старешините и како треба да се однесуваме кон нив? Дела 20:28; 1 Петрово 5:1–5; Јаков 5:14; Евреите 13:17,18.

б. Опишете го процесот на ракополагање и објаснете кога тој е соодветен. Дела 6:1–3,6; 14:23; 1 Тимотеј 4:14; Тит 1:7–9.

„Кога некому треба да му се доверат одредени одговорности не се поставува прашањето дали тој е добар говорник или богат во материјален поглед, туку: дали е чесен, верен и трудољубив; бидејќи колку и да е образован и стручно оспособен, без овие квалификации тој не е потполно соодветен за било која доверлива положба“. – 4 Сведоштво, 413.

„Видов како мислевте дека овој или оној е повикан да работи во Божјото дело, додека за тоа прашање не знаевте ништо. Вие не можете да читате ничие срце. Да нурневте подлабоко во вистината на третата ангелска вест, не би зборувале толку слободно кој е, а кој не е повикан од Бога. Секој врши одредено влијание и тоа влијание треба да го употреби во служба на Бога; а прашањето дали овој или оној треба сето свое време да го посвети во залагање за спасување на души е прашање од најдлабоко значење, и никој освен Бог не може да одлучува кој треба да биде ангажиран во оваа сериозна работа. Во времето на апостолите имало добри и побожни луѓе, луѓе кои можеле сесрдно да се молат и убедливо да зборуваат; па сепак апостолите, кои имале власт да изгонуваат зли духови и да исцелуваат болни, не се осмелувале само со своја мудрост да издвојат некој за светото дело да бидат гласници на Бога. Тие чекале непогрешлив доказ за присуството на Светиот Дух. Видов дека Бог им ја доверил на Своите избрани проповедници должноста да одлучуваат кој е погоден за оваа света служба; и тие — во согласност со црквата и покажаните докази на Светиот Дух — треба да одлучат кој треба да појде, а кој не е погоден за тоа. Кога неколку поединци овде или онде би требало да одлучуваат кој ги исполнува условите за оваа голема задача, видов дека тогаш би дошло до голема збунетост и раздор во Божјиот народ“. – 1 Сведоштво, 208,209.

„Оние на кои им била доверена задача да се грижат за новоорганизираната Божја црква во евангелскиот период, морале да се придржуваат кон истата побожност и правда како и водачите на Божјиот народ во деновите на Мојсеја и Давида. При применувањето на редот и поредокот и при именувањето на соодветни луѓе за служители, апостолите се придржувале кон високите мерила изложени во Стариот завет“. – Делата на апостолите, 95.


Вторник 17. октомври

3. ОТВОРЕН ГРЕВ

а. Како да се справиме со гревот во црквата? Матеј 18:15–20; Јаков 5:19,20. Ако некој е исклучен од црквата, кој е единствениот начин повторно да се врати? Дела 2:38.

„Ти себе си се оправдуваш кога зборуваш лошо за својот брат, сестра или сосед пред другите и што преземаш чекори кои Бог ги заповедал. Ти велиш: ‘Ете, никому не му зборував, сè додека не ми падна толку тешко, така што повеќе не можев да се воздржам’. Што ти падна толку тешко? Зар тоа не е запоставување на сопствената должност и она ‘Така вели Господ’? Ти си виновна за грев зашто не отиде на престапникот да му ги изнесеш неговите грешки во четири очи. Штом не постапи така и не го послуша Бога, како не би била обременета ако твоето срцето не ти закоравило, додека си ја фрлила под нозе Божјата заповед и дека во своето срце го мразиш својот брат или сосед? И каков пат одбра за да го олесниш својот товар? Бог те укорува за гревот што пропушти да го укажеш на својот брат за неговата грешка, а ти се правдаш и се утешуваш со друг грев —зборуваш за грешките на својот брат на други лица! Дали е правилно да си олеснуваме себеси на тој начин што ќе направиме грев?“ – 2 Сведоштво, 53.

„Само кога ќе почувствувате дека сте во состојба да го жртвувате сопственото достоинство, па дури и да го положите својот живот за да го спасите заблудениот брат, дури тогаш сте ја исфрлиле гредата од сопственото око и така сте се оспособиле да му помогнете на својот брат. Тогаш можете да му пристапите и да го допрете неговото срце. Никој никогаш не бил вратен од погрешниот пат со осуда и прекор, но мнозина на тој начин биле оттурнати од Христа и наведени засекогаш да ги затворат своите срца и покрај сите убедувања. Нежниот дух, благородното привлечно однесување, можат да го спасат заблудениот и да покријат ‘мноштво гревови’. Откривањето на Христа во вашиот карактер ќе може да ги преобрази сите оние со кои доаѓате во контакт“. – Мисли од гората, 128,129.

б. Дали со сите гревови треба да се постапува според упатствата од Матеј 18? Објаснете. 1 Тимотеј 5:20.

„Нејзиниот маж изгледа не можеше да се помири со тоа дека нејзините мани ги изнесов пред црквеното собрание. Тој тврдеше дека не би се чувствувал повреден кога сестра Вајт би постапила според упатствата кои Господ ни ги дал во Матеј 18:15—17...

Мојот маж тогаш рече дека според негово мислење тие Господови зборови се однесуваат на случаи кога некој ќе згреши на поединец и дека не можат да се применат во случајот на оваа сестра. Таа не згреши кон сестра Вајт. Тоа што беше јавно укорена, тоа е јавно зло кое го загрозува напредувањето на црквата и делото“. – 2 Сведоштво, 15.


Среда 18. октомври

4. РЕШАВАЊЕ НА ДОКТРИНАРНИ ПРАШАЊА

а. Дали секој член на црквата одлучува за доктринарните прашања? Дела 15:3–6.

„Не беше повикано целото тело на христијани да гласа за актуелното прашање. Апостолите и старешините — разумни и влијателни луѓе — изготвија и издадоа декрет, кој потоа беше општо прифатен од христијанските цркви“. – Sketches From the Life of Paul, p. 70.

„Секој член на црквата има право на глас и на бирање на службеници. Црквите бираат службеници во Областите во секоја држава. Делегатите кои ги избрале Областите на секоја држава, ги бираат службениците на Униите, а делегатите кои ги бираат Униите ги бираат службениците на Генералната Конференција. На тој начин секоја Област, секоја установа, секоја црква и секој поединец соучествуваат непосредно или посредно преку делегати во изборот на луѓе кои ги вршат најодговорните функции во Генералната Конференција“. – 8 Сведоштво, 236,237.

б. Откако ќе се донесе официјалната одлука, како треба да се однесуваме кон таа одлука и каков ефект има тоа врз целото тело? Дела 15:22–30; 16:4,5.

в. Што ако поединечни членови или работници одбијат такви одлуки? Матеј 15:14; Откровение 2:1,2; Римјаните 16:17.

„На оние, кои ја имаат светлината на вистината, им се закануваат илјадници опасности, така што ќе бидеме безбедни единствено ако не прифаќаме никакви нови учења, никакви нови толкувања на Светото Писмо, пред да ги прашаме искусните браќа за мислење. Изложете го тоа пред нив во понизност, со сесрдна молитва и подготвени да примите поука и ако тие не согледуваат никакви нови учења во него, прилагодете се на нивното расудување бидејќи ‘во мноштво советници е сигурноста’ (Изреки 24:6)“. – 5 Сведоштво, 293.

„Бог води еден народ, а не неколку издвоени поединци овде или таму, од кои едни веруваат вака, а други онака. Божјите ангели верно ги извршуваат задачите што им се доверени. Третиот ангел води еден народ и го прочистува, и сите припадници на тој народ треба како целина сложно да одат по него. Некои истрчуваат пред ангелите што го водат народот, но таквите треба да се вратат назад и смирено да ги следат ангелите, не побрзо отколку што водат тие. Видов дека Божјите ангели ги водат припадниците на Неговиот народ, но не побрзо отколку што тие можат да ги прифатат значајните вистини што им се доверени и да живеат според нив. Меѓутоа, некои поединци со немирен дух само до половина ги извршуваат своите задачи. Додека ангелите ги предводат, тие истрчуваат по нешто ново, и без Божје водство одат во крајности, внесувајќи на тој начин збунетост и неслога во редовите на Божјиот народ“. – 1 Сведоштво, 207.


Четврток 19. октомври

5. БОЖЈА ГРИЖА

а. Како Бог гледа на Својата црква? Второзаконие 32:9,10; Захарија 2:8.

„Кога Бог ја избра еврејската нација и им заповеда да не се соединуваат со другите народи, тоа го направил за да не се расипат, како би можел да им даде светлина која понатаму ќе му ја пренесат на светот. Дали Бог ја ускратил Својата светлина од другите народи? Не; но тие идолопоклонички народи подигнуваа бариери, поставуваа опструкции, оддалечувајќи се сè повеќе од светлината; сè подлабоко паѓаа во морална темнина и сè повеќе заслепуваа. Еден народ мора да биде назначен да биде чувар на светата вистина, за да има барем еден канал преку кој зраците на светлината можат да го осветлат светот. Така и во овој век Бог му ја доверил најсветата вистина на Својот народ; Тој сака тие да имаат светлина што ќе ја рашират среде темнината што ги опкружува“. – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 1012.

„Ако застанеме на страната на Бога, на Христа и небесната војска, широкиот штит на Семоќниот е над нас, моќниот Израелов Бог е наш помошник и не треба да се плашиме. Оние кои го чепкаат Божјиот народ, чепкаат во зеницата на Неговото око“. – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 903.

б. Каква црква ќе биде подготвена за Исус? Тит 2:11–14; 1 Јованово 3:2,3.

„Со Својата совршена послушност Христос на секое човечко суштество му овозможил да ги почитува Божјите заповеди. Кога ќе му се предадеме на Христа, срцето се соединува со Неговото срце, волјата се спојува со Неговата волја, умот станува едно со Неговиот ум, мислите се заробуваат покорувајќи се Нему; ние живееме Негов живот. Тоа значи дека сме облечени во облеката на Неговата праведност“. – Христовите поуки, 312.


Петок 20. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кој ги дава дарови на црквата и кој одредува како тие ќе се користат?

2. Наведете неколку клучни начела, кои треба да ги имаме на ум, во врска со ракополагањето на работниците.

3. Направете разлика помеѓу начинот на кој треба да се решаваат личните наспроти јавните гревови.

4. Кој треба да ги решава доктриналните прашања и како треба да гледаме на таквите одлуки?

5. Како е прикажана Божјата грижа за Неговиот народ на земјата и каков карактер треба да имаат кога Исус повторно ќе дојде?

 <<    >>