Back to top

Sabbath Bible Lessons

Да се живее Христијански живот - Ризници на Вистината (IV)

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 28. октомври 2023.

Крстени во Христа

„И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да можеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот“ (Римјаните 6:4).

„Обредите на крштавање и Господовата вечера се два величествени столба, едниот надвор од црквата, а другиот во неа. На тие обреди Христос го испишал името на вистинскиот Бог“. ¬– 6 Сведоштво, 91.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   6 Сведоштво, 91–99. 

Недела 22. октомври

1. ПАТОТ КОН СОВРШЕНСТВОТО

а. Што оди заедно со проповедањето на евангелието? Марко 16:15,16.

„Христос дојде да го прими крштевањето, но не и да ги исповеда гревовите и да се покае, бидејќи не беше извалкан од гревот. Тој го означил патот на грешникот со Својот сопствен пример, преземајќи ги чекорите што грешникот мора да ги преземе. Тој јасно му го посочил патот на спасението на грешникот што се кае и верува“. ¬– The Youth’s Instructor, January 1, 1874.

„Набргу потоа тој (Мено Симонс) морал да биде сведок на убиството на еден човек на кого му ја отсекле главата само затоа што по вторпат се крстил. Тоа го поттикнало да ја проучува Библијата во врска со крштевањето на новороденчињата. Во неа не можел да најде никаков доказ, но видел дека покајанието и верата се предуслови за крштевањето“. – Големата борба, 238,239.

б. Каде е местото на крштевањето на патот кон совршенството — и што е потребно на овој пат? Матеј 5:48; Евреите 6:1,2; 2. Коринтјаните 13:5; Римјаните 6:1–3.

„Христос го направил крштавањето знак на стапување во Неговото духовно царство. Тој го направил неопходен услов кој мораат потполно да го исполнат сите оние кои сакаат да бидат признати како оние кои се потчинуваат на авторитетот на Отецот, Синот и Светиот Дух“. – 6 Сведоштво, 91.


Понеделник 23. октомври

2. ЗНАЕЊЕ

а. Како започнува процесот на распнување на самиот себе? Римјаните 7:4–12; Псалм 19:7; Јаков 1:22–25.

„Нашата љубов кон Христа ќе биде пропорционална со длабочината на нашето осведочување за гревот, а спознанието за гревот доаѓа преку законот. Но, гледајќи се себеси, да го свртиме погледот кон Исус, кој се даде Себеси за нас да нè откупи од секое беззаконие. Со вера фатете се за Христовите заслуги, и крвта што ја чисти душата ќе делува на вас... Христовото евангелие не им дава дозвола на луѓето да го прекршуваат законот, бидејќи преку престапот на законот се отворија портите на несреќата за нашиот свет“. ¬– Faith and Works, p. 96.

б. Зошто е потребно да се разбере законот во неговата полнота и што треба да сфатиме за него? Јован 1:12,13; 3:3–5; Римјаните 7:13; 6:16.

„Крштавањето е најсвечено одрекување од светот. Оние кои се крстени во тројното име на Отецот, Синот и Светиот Дух јавно изјавуваат на самото влегување во својот христијански живот дека се откажале од службата на сатаната и станале членови на царското семејство, деца на небесниот Цар. Тие се покориле на заповедта: ‘Излезете од нивната средина и одделете се... и не допирајте се до нечисто’. На нив се исполнило ветувањето: ‘Јас ќе ве примам и ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот’ (2 Коринтјаните 6:17,18)“. – 6 Сведоштво, 91.

в. Колку е ефективно самото интелектуално одобрување на законот и како тоа влијае на душата? Матеј 23:2,3; 5:20; Римјаните 7:24.

„Најголемата измама на човечкиот ум во Христово време била претпоставката дека самото согласување со вистината ја сочинува праведноста. Сите човечки искуства покажале дека теоретското познавање на вистината не е доволно за спасение на душата. Тоа не донесува плодови на праведност. Строгите обѕири кон она што се нарекува теолошка вистина, често одат заедно со омразата кон изворната вистина што се открива во животот“. – Копнежот на вековите, 309.

„Мерилата мора да бидат возвишени и проповедите мораат да имаат најдуховен карактер, за народот да биде наведен да ги увиди причините на својата слабост и несреќност. Многумина се несреќни затоа што се несвети. Бог може да ја благослови само чистотата на срцето и невиноста на умот“. – 6 Сведоштво, 53.


Вторник 24. октомври

3. РАСПНУВАЊЕ НА СТАРИОТ ЧОВЕК

а. Дали постои начин да се биде распнат без да се доживее искуството на Голгота? Римјаните 6:5–8; Галатјаните 2:20; Колосјаните 3:3.

„Многу родители никогаш не биле преобратени, па со себе во црква ги носат своите стари навики на самоугодување. Тие не беа мртви за себе при крштевањето. Тие се закопани живи и останаа полни со мрморење, полни со наоѓање грешки, мразејќи ги пораките што им доаѓаа преку Господовите слуги, поради злобата на нивните срца. Тие се во непријателство со Бога, а нивните деца ја дишат истата атмосфера“. ¬– Manuscript Releases, vol. 21, p. 35.

„На кандидатите за крштавање им е потребна потемелна подготовка. Ним им е потребно да им се дадат повеќе совесни поуки отколку што обично се даваат. На оние кои ја примаат вистината треба да им се објаснат начелата на христијанскиот живот. На нивното исповедање на верата никој не може да се потпре како на доказ дека тие имаат спасоносна врска со Христа. Ние не треба само да кажеме ‘јас верувам’, туку треба и да живееме според вистината. Нашата заедница со Бога ќе ја докажеме покорувајќи се на Неговата волја со своите зборови, постапки и карактер. Кога некој ќе се откаже од гревот, кој е престапување на законот, неговиот живот, во совршена покорност ќе се прилагоди на законот. Тоа е дело на Светиот Дух. Светлината на грижливо проучуваната Божја Реч, гласот на совеста, делувањето на Духот, сето тоа раѓа во срцето искрена љубов кон Христа, кој се дал Себеси на жртва за да го откупи човекот телото, душата и духот. А љубовта се покажува во покорноста. Ќе се покаже јасна и очевидна граница по меѓу оние кои го љубат Бога и ги држат Неговите заповеди и оние кои не Го љубат и кои ги занемаруваат Неговите заповеди“. – 6 Сведоштво, 91,92.

б. Зошто умирањето за себе е почеток на животот, колку често треба да се случува и како да го одржуваме? Јован 12:24; 1 Коринтјаните 15:31; Колосјаните 2:6.

„Зошто е толку тешко да се живее скромно, со живот на самоодрекување? Затоа што т.н. христијани не се мртви за светот. Лесно е да се живее христијански живот кога сме мртви за светот“. – 1 Сведоштво, 131.

„И сите што ќе дадат плод како Христови соработници, ќе треба прво да паднат во земјата и да умрат. Животот мора да се фрли во браздата на потребите на светот. Љубовта кон себе, личниот интерес, мора да умре. Меѓутоа, законот на самопожртвуваноста е закон на самоодржување“. – Христовите поуки, 86.


Среда 25. октомври

4. ЗНАЧЕЊЕТО НА КРШТЕВАЊЕТО

а. Како умирањето за себе и „облекувањето во Христа“ се претвора во победа? 2 Коринтјаните 5:21; Јован 14:30; Римјаните 6:1,2; 13:14.

„Мораме да се облечеме во Христа; ние мора да бидеме слични на Христа во секој збор и постапка. На тој начин ќе бидеме учесници во божествената природа“. ¬– Sermons and Talks, vol. 2, p. 197.

б. Како целосното потопување го симболизира христијанското искуство? Римјаните 6:4.

„Набргу по нашето враќање од состанокот во логорот, заедно со уште неколку други бев примена на проверка за прием во членството на црквата. Што се однесува до крштавањето, бев мошне добро упатена. Иако млада, сфатив дека Светото Писмо одобрува само еден начин на крштевање, и тоа со нурнување во вода“. – 1 Сведоштво, 19.

в. Дали христијанството е нешто повеќе од умирање? Галатјаните 3:27; 2 Коринтјаните 5:17.

„Семето закопано во земјата дава плод... Истото се случува и во животот на луѓето; да се дава значи да се живее. Животот што ќе биде зачуван е живот кој доброволно се дава во служба на Бога и на човекот. Оние кои заради Христа го жртвуваат својот живот на овој свет, ќе го сочуваат за вечен живот“. – Христовите поуки, 86,87.

„Сите што ќе го прифатат евангелието во своите срца, копнеат да го објават. Христовата небесна љубов, мора да се покаже. Оние што се облекле во Христа ќе раскажат за своето искуство следејќи го чекор по чекор водството на Светиот Дух — нивната глад и жед за познавање на Бога и испратениот од Него Исус Христос, резултатите од истражувањето на Писмото, нивните молитви, нивната душевна борба, и Христовите зборови кон нив: ‘Ти се простуваат гревовите!’ Секако, тие не можат да не им зборуваат за тоа на другите. Не е природно некој да ги крие тие искуства, па тоа не го прават ниту оние на кои срцето им е исполнето со Христовата љубов. Сообразно со големината на вистината што им ја доверил Господ е и нивната желба да им помогнат на другите да ги добијат истите благослови. Објавувајќи го богатството на Божјата благодат, тие самите добиваат сè повеќе и повеќе од Христовата благодат. Добиваат ново срце, срце на мало дете кое се одликува со едноставност и со безрезервна послушност. Нивните души копнеат по светост, и во сè поголема мера им се открива богатството на вистината и благодатта за да му го пренесат на светот“. – Христовите поуки, 125.

„Познавањето на Бога и на Исуса Христа изразено во карактерот е највисокото образование. Тоа е клучот што ги отвора портите на небесниот град пред покајникот“. – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 37.


Четврток 26. октомври

5. ОЦЕНУВАЊЕ

а. Како знаеме дека во подготовката за крштевање има повеќе од интелектуално знаење? Матеј 28:19,20; 3:7,8; 1 Петрово 3:3,4.

„Оние кои стануваат нови суштества во Исуса Христа ќе донесуваат и плодови на Духот: ‘љубов, радост, мир, долготрпеливост, внимателност, добрина, вера, кротост и воздржаност’ (Галатјаните 5:22,23). Тие веќе нема да се поведуваат по некогашните страсти, туку со верата на Божјиот Син ќе одат по Неговите стапки, отсјајувајќи го Неговиот карактер, чистејќи се како и Тој што е чист. Она што некогаш го мразеле, сега го сакаат, а она што некогаш го сакале сега го мразат. Горделивите и наметливите сега стануваат кротки и понизни. Суетните и дрските сега стануваат сериозни и скромни. Пијаниот станува трезен, а разузданиот чист. Суетните обичаи и световни стилови се отфрлени настрана...

Нема никаков доказ дека покајанието е искрено ако не донесе реформа. Ако грешникот го обнови заветот, го врати она што го одзел, ги признае своите гревови, и почне да го сака Бога и своите ближни, може да биде сигурен дека преминал од смрт во живот“. ¬– Патот кон Христа, 58,59.

б. Зошто самоиспитувањето е составен дел од животот на откупените, и што треба да правиме на крајот од секое испитување? 2 Коринтјаните 13:5; 6:2.

„Ние треба да го споредиме нашиот карактер со непогрешливиот стандард на Божјиот закон. За да го направиме тоа, мораме да го истражуваме Светото писмо, мерејќи ги нашите достигнувања со Божјата реч. Христовата благодат ни овозможи да ги достигнеме најголемите достигнувања во карактерот; бидејќи секоја душа што се потчинува на дејството на Божјиот Дух може да доживее промена во умот и срцето“. ¬– Fundamentals of Christian Education, p. 214.


Петок 27. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто крштевањето е дел од христијанското искуство?

2. Зошто знаењето за вистината е толку важно во процесот на преобратувањето и што уште ни е потребно, освен теоретско знаење?

3. На кој начин смртта претставува почеток на животот?

4. Зошто крштевањето со потопување во вода е соодветен симбол на христијанскиот живот?

5. Објаснете ја секојдневната потреба за самооценување.

 <<    >>