Back to top

Sabbath Bible Lessons

Да се живее Христијански живот - Ризници на Вистината (IV)

 <<    >> 
2. лекција Сабота, 14. октомври 2023.

По редот Мелхиседеков

„Неа ја имаме како безбедна и цврста котва на душата, која навлегува и зад завесата, каде што Исус влезе за нас како претходник, откако стана вечен Првосвештеник по редот Мелхиседеков“ (Евреите 6:19,20).

„Апостолите работеле во каменоломот и на еврејскиот и на незнабожечкиот свет, вадејќи од него камење кое потоа го вградувале на веќе поставениот темел“. – Делата на апостолите, 596.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на век., 411–416, 805,806. 

Недела 8. октомври

1. ХРИСТОВОТО СВЕШТЕНСТВО

а. Што го прави Мелхиседековото свештенство подобро од левитското свештенство? Евреите 6:19,20; 7:7,11,19,22,27.

б. Како ова се поврзува со законите за свештенството? Евреите 7:12,28.

в. Кое пророштво покажува дека оваа промена била планирана, и од каде знаеме дека таа зборува само за Исус? Псалм 110:1,4; Дела 2:34–36; Евреите 6:20.

„Првосвештеникот требаше да го претставува Христа на посебен начин, кој требаше засекогаш да стане Првосвештеник по редот Мелхиседеков. Овој ред на свештенство не требаше да премине на друг, или да биде заменет со друг“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Com¬ments], vol. 7, p. 930.

„Кога Христос издивна на крстот, извикувајќи со силен глас: ‘Се сврши’, Неговото дело беше завршено. Патот беше отворен, а завесата се скина на два дела. Човекот можеше да му пристапи на Бога без жртви, без служба на земните свештеници. Самиот Христос беше свештеник засекогаш по редот Мелхиседеков. Небото беше Негов дом. Тој дојде на овој свет за да го открие Отецот. Неговото дело кое го вклучуваше и Неговото понижување и борба сега беше завршено. Тој се вознесе на небесата“. – The Signs of the Times, August 16, 1899.


Понеделник 9. октомври

2. ТЕМЕЛОТ НА МЕЛХИСЕДЕКОВОТО СВЕШТЕНСТВО

а. Кој е темелот на христијанската вера? Матеј 16:16–18; 1 Коринтјаните 10:4; 3:11.

„Вистината што ја исповедал Петар претставува темел на верата на верникот. Тоа е она за што Христос кажал дека е вечен живот. Сепак поседувањето на тоа знаење не било причина за самопрославување. Тоа не му се открило на Петар заради неговата сопствена мудрост или добрина. Човекот никогаш не може со сопствени сили да дојде до сознание за божественото“. – Копнежот на вековите, 412.

б. Како знаеме дека темелот не е Петар? Матеј 16:21–23; Еремија 17:5.

„Многумина тврдат дека некоја положба од доверба во црквата им дава право да диктираат во што треба другите да веруваат и што треба да работат. Бог не го одобрува ова тврдење. Спасителот вели: ‘Сите вие сте браќа’. Сите се изложени на искушенија и сите можат да погрешат. Карпата на верата е Христовото живо присуство во црквата. На неа можат да се потпрат и најслабите, а оние кои се сметаат себеси за најсилни, ќе се покажат како најслаби, ако Христос не биде нивната сила“. – Копнежот на вековите, 414.

в. Колку е важна чистата доктрина во овој темел? 1 Јованово 2:21; 2 Јованово 1:10,11; Изреки 4:18.

г. Каква црква ќе биде подготвена кога ќе дојде Исус и зошто? Ефесјаните 5:26,27; 1 Тимотеј 3:15.

„Но Бог на земјата ќе има Свој народ кој ќе внимава на Библијата, и само на Библијата, како мерило за секое учење и темел на секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту тврдењата на науката, ниту верските догми или одлуки на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството — ниту едно од ова, ниту сите заедно не можат да се сметаат како доказ за или против која и да е точка на верата. Пред да прифатиме кое било учење или пропис, треба да се увериме дека е во согласност со она јасното: ‘Така кажува Господ’“. – Големата борба, 595.


Вторник 10. октомври

3. ТЕМЕЛОТ... (ПРОДОЛЖЕНИЕ)

а. Што ќе направи за нас личното разбирање на вистината, и каде можеме да најдеме концизно разбирање за неа? Јован 8:32; Псалм 119:142.

„Нашиот Господ сака Неговата црква да му ја покаже на светот сета полнота и богатство што ја наоѓа во Него. Ние непрестано ги примаме Божјите благодети, и учествувајќи во нив, треба на светот да му ја откриваме Христовата љубов и добрина. Целото небо е активно, праќа гласници на сите страни на светот за да помагаат во делото на откупување; затоа и црквата на живиот Бог исто така треба да соработува со Христа. Ние сме членови на Неговото симболично тело. Тој е глава која управува со сите делови на телото. И самиот Исус во Својата безгранична милост делува на човечките срца вршејќи во нив толку чудни преобразувања што и ангелите тоа го набљудуваат со чудење и радост. Истата несебична љубов која го карактеризирала Учителот ќе се види и во карактерот и животот на Неговите вистински следбеници. Христос очекува луѓето да учествуваат во Неговата божествена природа уште на овој свет, покажувајќи го со тоа не само отсјајот на Неговата слава или оддавајќи почест на Бога на тој начин, туку и осветлувајќи ја темнината на овој свет со небесните зраци. На тој начин ќе се исполнат Христовите зборови: ‘Вие сте светлината на светот’” (Матеј 5:14)“. – 5 Сведоштво, 731.

б. Каде Светиот Дух на крајот го води поединецот и како тоа уште се нарекува во Светото писмо? Јован 16:13; Евреите 12:23.

„Оние кои ги пазат сите Божји заповеди, оние кои живеат не ‘само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога’ — тие ја сочинувате црквата на живиот Бог“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 949.

„О, колкумина од нив го повредиле Христовото срце затоа што сакаат да одат по својот пат, да ја вршат својата волја! Почнете да се борите против овие непожелни карактерни црти и нема да има конфликти меѓу членовите на црквата на живиот Бог. Кога во црквата би постоеле само оние карактеристики што го краселе животот на Исус Христос, во неа би се манифестирало цврсто единство. Светот се противи на црквата и сака да ја ослабне и уништи, но црквата Божја нека се држи обединета. Не дозволувајте сатаната да се уфрли меѓу членовите на црквата. Не придавајте ни најмала важност на идеите на непријателот. Отфрлете го егоизмот. Немојте да мислите дека еден или двајца луѓе во црквата се единствените кои се совесни во црквата. Премногу сте ограничени во мислите и во вашите постапки“. – Manuscript Releases, vol. 15, pp. 147, 148.


Среда 11. октомври

4. УЧЕСНИЦИ ВО ТЕМЕЛОТ

а. Кој уште го сочинува темелот и зошто се таму? Ефесјаните 2:19,20; 4:11,12.

б. Зошто е потребно и ние да бидеме дел од оваа структура и како ни помага заедништвото? Ефесјаните 4:13–16.

в. Колку е важен нашиот однос со црквата и од каде знаеме дека овде не зборуваме за поединци, туку за членови кои го сочинуваат целото тело? Матеј 16:18,19; 18:17—20.

„Вкупно земено постои мало почитување кон мислењето на членовите на истата црква. Заради овој недостаток на почитување кон мислењето на црквата доаѓа до многу потешкотии меѓу браќата. Очите на црквата можат да го видат кај поединецот она што тој не е во состојба да го согледа. Можеби неколкумина ќе бидат исто така слепи како и тој што е во заблуда, но мнозинството во црквата е сила која треба да управува над своите поедини членови“. – 5 Сведоштво, 107.

г. Каков авторитет има црквата? Јован 20:21–23.

„’На оние на кои ќе им ги простите гревовите, простени се;... на оние на кои ќе им ги задржите, задржани им се’. Со ова Христос не дава право на ниту еден човек да изрече суд на другите. Тој го забранил тоа во Проповедта на Гората. Тоа му припаѓа само на Господа. Меѓутоа, на организираната црква Тој и дава одговорност за секој верник. Оние кои ќе паднат во грев црквата е должна да ги опоменува, да ги поучува и ако е можно, да ги обнови. ‘Укорувај, предупредувај, охрабрувај,’ кажува Господ, ‘со сета долготрпеливост и поука’ (2 Тимотеј 4:2). Постапувајте верно со оние кои грешат. Опоменете ја секоја душа која е во опасност. Не дозволувајте некој да падне во самоизмама. Нарекувајте го гревот со неговото вистинско име. Зборувајте го она што го кажал Бог во поглед на лажењето, кршењето на саботата, кражбата, идолопоклонството и сите други зла. ‘Оние што чинат такви нешта, нема да го наследат Божјото царство’ (Галатјаните 5:21). Ако упорно останат во гревот, Небото ќе им го изрече судот што сте им го изрекле според Божјата Реч. Определувајќи се за гревот, тие се откажале од Христа. Црквата мора да им покаже дека не ги одобрува нивните постапки, инаку сама би Го обесчестила својот Господ. Таа мора да го каже за гревот она што Бог го вели за него. Таа мора да постапува со него онака како што и заповедал Бог и нејзините постапки ќе бидат потврдени на небото. Оној што го презира авторитетот на црквата, го презира авторитетот на Самиот Христос“. – Копнежот на вековите, 805,806.


Четврток 12. октомври

5. ИЗРАЕЛСКАТА НАЦИЈА

а. На кој начин оваа црква ја претставува вистинската израелска нација? Матеј 21:43; 1 Петрово 2:9,5.

„Фарисеите тврделе дека се Авраамови деца. Исус им рекол дека тоа тврдење можат да го докажат само ако ги творат Авраамовите дела. Вистинските Авраамови деца би живееле онака како што живеел и тој, живот на послушност кон Бога. Тие не би се обидувале да го убијат Оној, Кој ја зборувал вистината што му ја дал Бог. Ковајќи заговор против Христа, рабините не правеле Авраамови дела. Фактот дека потекнуваат од Авраама сам по себе нема никаква вредност. Без духовната поврзаност со него, која се манифестира во тоа што би го имале истиот дух и би ги вршеле истите дела, тие не биле негови деца.

Тоа начело е исто толку значајно за едно прашање кое долго го возбудувало христијанскиот свет — прашањето за апостолското наследство. Потеклото од Авраам не се докажува со име и лоза, туку со сличноста на карактерот. Исто така, апостолското наследство не се заснова на пренесувањето на црковната власт, туку на духовното сродство. Животот поттикнат од апостолскиот дух, верувањето и вистината што тие ја поучувале тоа е вистинскиот доказ за апостолското наследство. На тој начин луѓето стануваат наследници на првите проповедници на евангелието“. – Копнежот на вековите, 466,467.

б. Како да станеме дел од оваа нација? Матеј 7:24–27; Дела 2:37–41,47; Галатјаните 3:26–29.

„Членството во црквата е едно, но поврзаноста со Христа е нешто сосема друго. Не сите имиња што се запишани во книгата на црквата се запишани во книгата на животот на Јагнето. Мнозина не одржуваат жива врска со Христа, иако изгледаат како искрени верници. Тие ѝ пристапиле на црквата и нивните имиња се внесени во книгата, но во своите срца не го извршиле внатрешното дело на благодатта. Затоа не се ни среќни и тешко им е да му служат на Бога“. – 5 Сведоштво, 278.


Петок 13. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто имало потреба од промена на свештенството?

2. Кој е единствениот темел во кој можеме да имаме доверба?

3. Како познавањето на сета вистина нè води во црквата на живиот Бог?

4. На кој начин црквата е одговорна за своето членство?

5. Кој ја сочинува вистинската израелска нација денес?

 <<    >>