Back to top

Sabbath Bible Lessons

Симболи од службата во светилиштето - Ризници на Вистината (III)

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 19. август 2023.

Највозвишената жртва

„И така, знај и разбери: од времето кога излезе законот за обновување на Ерусалим, до доаѓањето на Помазаникот Божји се седум седмици. Потоа ќе биде обновен Ерусалим со улици и ѕидини, и ќе опстои шеесет и две седмици; а тоа ќе биде тешко време“ (Даниел 9:25).

„Христовата крв, иако покајаниот грешник го ослободувала од казната што ја бара законот, сепак, таа не го избришала веднаш гревот; тој мора да остане во светињата запишан до конечното помирување. Така и во симболичната служба со крвта на принесената жртва гревот бил отстранет од покајникот, но останувал во светињата сè до денот на помирувањето“. – Патријарси и пророци, 357.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Пророци и цареви, 607–627. 

Недела 13. август

1. ПОЧЕТОК НА ПРОРОШТВОТО

а. Кога започнува целото пророштво за 70-те седмици? Даниел 9:25.

б. Кои други декрети биле издадени што не ги исполнувале условите од пророштвото? Ездра 1:1-4; 6:1-12; Неемија 2:1-8.

в. Кој е единствениот декрет што го исполнува условот за обновување на целиот јудејски систем - вклучувајќи ја верската и судската власт, како и финансирањето? Ездра 7:11-26.

„Персискиот цар Артаксеркс овој декрет во неговиот конечен облик го издал во 457. година пред Христа. Во Ездра 6:14 се кажува дека домот Господен во Ерусалим бил изграден ‘по заповед на персиските цареви Кир, Дариј и Артаксеркс’. Овие три цара го издале, го потврдиле и го надополниле декретот, така што тој декрет, според пророштвото, ја означувал појдовната точка на 2300 денови. Ако како време на негово издавање се земе 457-та година пред Христа, кога декретот бил надополнет, се гледа дека се исполнила секоја подробност на пророштвото во врска со седумдесетте седмици“. – Големата борба, 326,327.


Понеделник 14. август

2. МЕСИЈАТА СЕ ОТКРИЛ

а. Кога Месијата се открил, покажувајќи дека започнала 70-тата седмица – и колку години имал Исус кога започнала оваа временска рамка? Јован 1:29,41; Матеј 3:16,17; Дела 10:38; Лука 3:23.

„Од часот кога ќе излезе заповед: Нека се вратат и пак нека го изградат Ерусалим, па до Кнезот Помазаник, се седум седмици, и шеесет и две седмици, односно шеесет и девет седмици или 483. години. Заповедта на Артаксеркс стапила во сила есента 457. година пред Христа. Ако овие 483. години се сметаат за појдовна точка, тогаш тие се протегаат до 27. година по Христа. Во тоа време пророштвото се исполнило. Зборот „Месија“ значи ‘Помазаник’ или ‘Христос’. Есента 27. година Јован го крстил Христа, и Христос примил помазание од Светиот Дух. Апостол Петар сведочи дека Исуса од Назарет ‘Го помаза Бог со Дух Свети и со сила’ (Дела 10:38)... Откако Исус се крстил, пошол во Галилеја ‘и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо, и велеше: Времето се исполни’“ (Марко 1:14,15). – Големата борба, 327.

б. Како Исус открил дека ова пророштво е клучен аспект на Неговата служба (Даниел 8 и 9) и на вечното евангелие? Марко 1:14,15; Евреите 4:15,16.

„Самиот Христос ги испратил со пораката: ‘Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието’ (Марко 1:15). Оваа порака била заснована на пророштвото на Даниел 9. поглавје“. – Големата борба, 345.

„Кога поминало ‘времето’ - оние шеесет и девет седмици од Даниел 9, времето што се протегало сѐ до Месијата, ‘Помазаникот’ - Христос бил помазан од Светиот Дух, откако бил крстен во реката Јордан од Јован. А ‘Царството Божјо’ што велеле дека се приближува, е воспоставено со Христовата смрт. Ова царство не било земно царство, како што биле научени да веруваат од детството. Тоа не било ниту идното непоминливо царство, што ќе биде воспоставено кога ‘царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот, чие царство е царство вечно и сите великодостојници ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему’ (Даниел 7:27). Во библиската терминологија изразот ‘Царство Божјо’ се употребува да ги означи двете - и царството на милоста и царството на славата... Престолот на благодатта или престолот на милоста го претставува царството на милоста, бидејќи самото постоење на престол подразбира постоење на царство. Во многу свои параболи Христос го употребувал изразот ‘Царството Небесно’ за да го опише делото на божествената милост во срцата на луѓето“. – Големата борба, 347.


Вторник 15. август

3. ИСПОЛНУВАЊЕ НА ПРОРОШТВОТО

а. На што обрнал внимание Исус во текот на Неговата служба и што се случило во точно одреденото време? Јован 7:6-8; 19:16-18,28-30; 20:30,31.

„Ангелот Гаврил му го открил на Даниел времето на првото доаѓање како и некои од главните настани поврзани со животното дело на Спасителот. ‘Седумдесет седмици’, рекол ангелот, ‘му се одредени на твојот народ и на твојот свет град за да се сврши престапот и да исчезне гревот и да се исчисти беззаконието и да се доведе вечна праведност, и да се запечати видението и да се помаза светиот над светиите’ (Даниел 9:24)“. – Пророци и цареви, 698.

„Христос дошол точно во времето што било одредено и на начин проречен во пророштвото. Сведоштвото на Писмото се исполнило во секоја поединост од Неговата служба. Тој ја проповедал пораката за спасение и ‘Неговото слово беше силно’. Неговите слушатели почувствувале во своите срца дека Неговата беседа е небесна. Словото и Божјиот Дух ја потврдиле божествената мисија на Неговиот Син“. – Големата борба, 346.

б. Како ова пророштво ја открива и точната година на исполнувањето на остатокот од 2300 дена? Даниел 9:24.

„Така Христовата смрт - токму оној настан што угасил секоја надеж кај учениците - е гаранција дека таа надеж ќе се исполни. Додека Христовата смрт страшно ги разочарала, таа всушност била најголем доказ дека нивната вера била исправна. Настанот што ги исполнил со жалост и очај, на секое Адамово дете му отворил врата на надеж, и од него зависел идниот живот и вечното блаженство на сите што се надевале на Бога во сите времиња“. – Големата борба, 348.

„Така, јасно се исполнил секој дел од ова големо пророштво. Седумдесетте седмици, што без никакво сомневање почнале во 457. година пред Христа, завршиле во 34. година по Христа. Поаѓајќи од наведениот датум, не е тешко да се најде крајот на пророчките 2300 денови. Ако седумдесетте седмици или 490. дена ги отсечеме од 2300 дена, ни остануваат уште 1810 дена. Откако завршиле 490. дена, останале уште да се исполнат 1810 дена. Сметајќи од 34 година по Христа, преостанатите 1810 години допираат до 1844. година. Според тоа, 2300 дена од Даниел 8:14 завршуваат во 1844. година. По истекувањето на тоа големо пророчко време, според сведоштвото на Божјиот ангел, ‘Светилиштето ќе биде очистено’. На тој начин точно било утврдено времето на очистување на Светилиштето, а тој настан, како што се веруваше, требаше да се совпадне со времето на второто Христово доаѓање“. – Големата борба, 328.


Среда 16. август

4. ЗАКОНИТО ВЛЕГУВАЊЕ

а. Што е потребно за да се влезе во светиот град? Откровение 21:27; 22:14.

„Христовата смрт на крстот овозможи да се уништи оној што ја има ‘власта над смртта’, кој е и зачетник на гревот. Кога сатаната ќе биде уништен, нема да има кој да искушува на злото. Помирувањето никогаш повеќе нема да има потреба да се повтори, и нема да има ризик од нов бунт во Божјата вселена. Единственото нешто што може успешно да го спречи гревот во овој мрачен свет, ќе го спречи гревот на небото. Значењето на Христовата смрт ќе го видат сите спасени и сите ангели. Паднатите луѓе не би можеле да имаат дом во Божјиот рај без Јагнето заклано од постанокот на светот. Зарем тогаш нема да го величаме Христовиот крст? Ангелите му оддаваат чест и слава на Христа, бидејќи и тие не се сигурни, освен ако гледаат на страдањата на Божјиот Син. Со успехот постигнат на крстот, дури и небесните ангели се заштитени од отпадништво. Без крстот тие не би биле посигурни од злото отколку што биле ангелите пред падот на сатаната. Ангелското совршенство не успеа на небото. Човечкото совршенство не успеа во Едем, блажениот рај. Сите што сакаат сигурност на земјата или на небото мора да гледаат на Божјото Јагне. Планот на спасението, откривајќи ја правдата и љубовта Божја, е заштита од отпадништво за непаднатите светови, како и за оние кои ќе бидат откупени со крвта на Јагнето. Нашата единствена надеж е во совршената доверба во крвта на Оној кој може да ги спаси до крај сите кои преку Него доаѓаат кај Бога. Христовата смрт на крстот на Голгота е нашата единствена надеж во овој свет и ќе биде наша тема во светот што доаѓа. О, ние не ја разбираме вредноста на помирувањето! Кога би го разбрале тоа, ќе зборувавме повеќе за тоа. Божјиот дар во личноста на Неговиот сакан Син е израз на неразбирлива љубов. Ова беше максимумот што Бог можеше да го направи за да ја одбрани честа на Својот закон, а сепак да го спаси престапникот. Зошто тогаш човекот да нѐ ја проучува темата на откупувањето? Тоа е највозвишената тема со која човековиот ум може да се занимава. Кога луѓето размислуваат за Христовата љубов прикажана на крстот, нивната вера ќе се зајакне да ги присвојат заслугите на Неговата пролеана крв и тие ќе бидат исчистени и спасени од гревот. Многумина ќе бидат изгубени затоа што зависат од законската религија или само го признаваат гревот. Но, само признавањето на гревот не може да спаси ниту една душа. Човек не може да се спаси со своите дела. Без Христа е невозможно тој совршено да се потчини на Божјиот закон; а небото никогаш не може да се добие со делумна послушност; бидејќи тоа би го ставило целото небо во опасност и би овозможило втор бунт“. – The Signs of the Times, December 30, 1889.

б. Каква ќе биде состојбата на сите што ќе влезат во светиот град? Ефесјаните 5:27; Исаија 43:25.


Четврток 17. август

5. ИСТРАЖНИОТ СУД Е ДЕЛ ОД ЕВАНГЕЛИЕТО

а. Како пораката за 2300 дена и истражниот суд се дел од евангелската порака што треба да му се проповеда на светот? Откровение 14:6,7,12.

„Судот што почна во 1844. година мора да продолжи додека не се реши случајот на секој човек, како на живите така и на мртвите; затоа тој ќе трае сè до крајот на времето на милоста. За да можат луѓето да бидат подготвени да се одржат на судот, во пораката им се заповеда: ‘Имајте стравопочит кон Бога и подајте Му слава... и поклонете Му се на Оној кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори’... За да бидат подготвени за судот, потребно е луѓето да го држат Божјиот закон. Овој Закон ќе служи како мерило за карактерот на судот“. – Големата борба, 435,436.

б. Како почетокот на судот во есента 1844. година го покажува исполнувањето на пророштвото за чистењето на светилиштето? Даниел 8:14.

„Веста на спасението се проповедала во сите времиња, но веста за Христовото доаѓање е дел на евангелието што може да се објавува само во последните денови, зашто само тогаш ќе се знае дека дошол часот на судот“. – Големата борба, 355.

в. Што треба да правиме со оглед на свеченоста на времето во кое живееме? Марко 13:33; Откровение 3:3; 22:11.

„Настаните што се поврзани со завршното дело на чистење се мошне свечени. Фактите во врска со нив имаат пресудно значење. Сега заседава судот во небесното Светилиште. Ова дело е во тек веќе многу години. Наскоро - никој не знае кога - ќе се премине на случаите на живите. Нашиот живот ќе се испитува во свето присуство на Бога.

А кога ќе заврши истражниот суд, тогаш судбината на сите ќе биде запечатена за живот или за смрт“. – Големата борба, 490.


Петок 18. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто 457 година п.н.е. го означи почетокот на 70-те седмици?

2. Како знаеме дека Христовото крштевање го означи почетокот на 70-тата седмица?

3. Како настаните од 70-та седмица го одредуваат крајот на 2300 дена?

4. Каков вид на карактер треба да формираме за да влеземе во Новиот Ерусалим?

5. Наведете суштински важен дел од вечната евангелска порака што треба да се сподели денес.

 <<    >>