Back to top

Sabbath Bible Lessons

Симболи од службата во светилиштето - Ризници на Вистината (III)

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 1. јули 2023.

Потеклото и крајот на гревот

„Тајната на беззаконието веќе дејствува, само тоа нема да биде извршено додека не се отргне оној што ја задржува сега“ (2 Солунјаните 2:7).

„Хармонијата на сѐ што е создадено зависи од совршеното потчинување на сите суштества, на сѐ што живее, и на мртвата природа, на непроменливите закони на Творецот“. – Патријарси и пророци, 52.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба. 492–504. 

Недела 25. јуни

1. БОЖЈИОТ КАРАКТЕР

а. Како Божјиот карактер се разликува од гревот — и што значи тоа за нас? Даниел 9:7; Матеј 5:48.

„Бог ќе ги прими само оние кои одлучиле да ја достигнат оваа висока цел. Тој секое човечко орудие го обврзува да даде сè од себе. Од сите се бара морално совршенство. Никогаш не треба да го намалуваме стандардот на праведноста за да се прилагодиме кон наследените и стекнатите склоности кон злото. Мораме да сфатиме дека несовршеноста на карактерот е грев. Сите праведни особини на карактерот се наоѓаат во Бога како совршена и хармонична целина, и секој што го прима Христа како личен Спасител, има привилегија да ги поседува овие особини“. – Христовите поуки, 330.

б. Бидејќи Бог е олицетворение на совршенството, какви заповеди Тој единствено може да даде? Псалм 119:172; Римјаните 7:12; Јаков 1:13.

„Божјиот закон според самата своја природа е непроменлив. Тој е откровение на волјата и карактерот на самиот негов Автор. Бог е љубов, и Неговиот закон е љубов. Неговите две големи начела се љубов кон Бога и љубов кон човекот. ‘И така, љубовта е исполнување на Законот’ (Римјаните 13:10). Божјиот карактер е правда и вистина; таква е и природата на Неговиот закон... Таквиот Закон, кој е израз на Божјиот ум и волја, мора исто така да биде вечен како и неговиот Автор“. – Големата борба, 466.


Понеделник 26. јуни

2. ХАРМОНИЈА ВО БОЖЈОТО ВЛАДЕЕЊЕ

а. Каков е односот помеѓу Божествените Личности? Јован 17:21.

„Најубедливиот аргумент што можеме да му го дадеме на светот за Христовата мисија се наоѓа во совршеното единство. Такво единство какво што постои помеѓу Отецот и Синот треба да се манифестира во животот на сите оние кои веруваат во вистината. Оние кои на тој начин се обединети во целосна послушност кон Божјото слово ќе бидат исполнети со сила“. – Training School, February 1, 1906.

„Дали сте размислувале што значи ова за нас; дека во оваа молитва е вклучен секој син и ќерка на Адам кои веруваат во Христа како личен Спасител и ги преземаат неопходните чекори на покајание, преобраќање, вера и крштевање? Ние сме крстени во името на Отецот, Синот и Светиот Дух, и овие три големи, бесконечни сили се обединети и ветуваат дека ќе работат во наша корист ако соработуваме со нив“. – Sermons and Talks, vol. 2, p. 167.

б. Кои принципи го сочинуваат темелот на Божјото владеење? 1 Јованово 4:16,19; 5:3.

„’Бог е љубов’ (1 Јованово 4:16). Љубовта е суштина на Божјото битие и негов закон. Така било секогаш и секогаш ќе биде така. ‘Севишниот и Возвишениот, кој владее вечно’ (Исаија 57:15), Оној, чиишто ‘патишта се вечни’ (Авакум 3:6), не се менува. Кај него ‘нема ниту промена, ниту траги од менување’” (Јаков 1:17).

Секоја пројава на моќта на Творецот е израз на бесконечната љубов“. – Патријарси и пророци, 33.

„Бог можел да го уништи сатаната и неговите приврзаници толку лесно, како кога човек фрла некое камче, но Тој не го направил тоа. Бунтот не требало да се совлада по пат на примена на сила. Принуда постои само под сатанската власт. Господовите начела не се од таков вид. Неговата власт се заснова на добрина, милост и љубов и токму манифестирањето на тие особини е средство кое треба да се искористи. Божјото владеење е морално, а вистината и љубовта треба да бидат сила што преовладува“. – Копнежот на вековите, 759.

„Душата што го сака Бога и Неговото дело ќе биде искрена како ден. Нема да има препирки, нема затајување на вистинското значење на Светото писмо. Божјата реч е темел на секоја доктрина. Некои мислат дека покренувањето споредни прашања е знак на интелигенција и мудрост и ги извртуваат стиховите на начин што ја прикрива вистината“. – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 46.


Вторник 27. јуни

3. ОД КАДЕ ПОТЕКНУВА ГРЕВОТ?

а. Како знаеме дека следниот библиски запис не зборува за дословниот цар на Тир? Езекиел 28:11-15.

(1) Ако овој запис зборуваше за вистински човечки цар, а не за симбол, каква личност би бил тој, бидејќи бил роден од жена? Псалм 51:5; Римјаните 3:23.

(2) Кое било единственото друго битие кое се појавува во едемската градина, кое некогаш било совршено, а потоа станало грешно? Откровение 12:9; Создавање 3:14.

„Првиот грешник бил оној кого Бог многу го возвишил. Тој е претставен во ликот на тирскиот цар кој тогаш бил на врвот на својата моќ и величественост. Малку по малку сатаната почнал да ѝ попушта на желбата за самовозвишување... Иако сета негова слава доаѓала од Бога, овој моќен ангел ја сметал за своја. Незадоволен со својата положба, иако бил возвишен над небесните војски, тој се осмелил да копнее по обожавање кое му припаѓа само на Создателот. Наместо да се обидува сите создадени суштества највисокиот идеал на приврзаност и лојалност да го гледаат во Бога, тој се обидел нивната служба и верност да си ја обезбеди за себе. И посакувајќи ја славата со која вечниот Отец го облекол својот Син, овој кнез на ангелите се стремел за власт што му припаѓала само на Христа“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 4, p. 1162.

б. Каква посебна улога имал Луцифер во Божјата влада пред неговиот пад? Езекиел 28:14 (спореди со службата во светилиштето во Излез 25:10-22).

в. Што покажува дека тој имал посебен музички талент — и како вешто го користи тоа во своето дело на измама? Езекиел 28:13; Даниел 3:5-7.

„Вознемирена сум кога секаде гледам лесноумни млади мажи и жени кои тврдат дека веруваат во вистината. Се чини дека Бог не е во нивните мисли. Нивниот ум е исполнет со бесмислици. Нивниот разговор е празен и бесцелен. Увото им е чувствително кон музиката, а сатаната знае кои органи може да ги возбуди, да го поттикне и маѓепса умот, така што Христос не е потребен. Недостасуваат духовните копнежи на душата за божествено знаење, за растење во милоста“. – Адвентен дом, 407.


Среда 28. јуни

4. КОРЕНОТ НА ЗЛОТО

а. Која била првичната причина за падот на Луцифер ако ги споредиме описите на Езекиел и Исаија за тој настан? Езекиел 28:16-19; Исаија 14:12-20.

„Малку по малку, Луцифер почнал самиот себеси да се извишува. Светите списи за тоа кажуваат: ‘Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја’ (Езекиел 28:17)... Иако сета слава на овој силен ангел била Божји дар, тој сепак неа почнал да ја смета за своја сопственост. Бидејќи не бил задоволен со својата положба, иако бил ценет повеќе од кој било припадник на небесните војски, тој се осмелил да жеднее за обожавањето што му припаѓа само на Творецот. Наместо да се труди сите создадени суштества да ги упатува на приврзаност и верност кон Бога и тоа да биде нивни највисок идеал, тој настојувал нивната служба и преданост да си ги обезбеди за себе. Копнеејќи дрчно за славата со која вечниот Отец го опкружил својот Син, овој ангелски кнез се стремел и кон власта која била првенствено Христово право“. – Патријарси и пророци, 35.

б. Какво предупредување можеме да извлечеме за себе од ова искуство? Изреки 16:18; 1 Коринтјаните 10:12.

„Кога навистина би сакал да биде како Севишниот, Луцифер никогаш не би го напуштил местото што му било одредено, бидејќи духот на Севишниот се манифестира во несебична служба. Луцифер ја посакувал Божјата власт, но не и Неговиот карактер. Тој сакал да го заземе највозвишеното место и секое суштество што го поттикнува неговиот дух постапува исто така“. – Копнежот на вековите, 435.

„Животот секогаш се изопачува кога со човекот владеат гордост и славољубие, затоа што гордиот човек, не чувствувајќи потреба, го затвора срцето за бескрајните благослови од небото“. – Пророци и цареви, 60.

в. Како небесниот домаќин ја отстранил оваа нота на неединство од своите редови? Откровение 12:7-9.

„Бунтот против Божјото владеење претставувал најголемо злосторство. Целото небо изгледало како да е во немир. Ангелите биле собрани во чети; а на чело на секоја дивизија се наоѓал повисок командант ангел. Сатаната војувал против Божјиот закон затоа што имал амбиција да се воздигне себеси и не бил подготвен да се потчини на авторитетот на Божјиот Син, големиот небесен заповедник“. – The Spirit of Prophecy, vol. 1, p. 22.


Четврток 29. јуни

5. КРАЈОТ НА ЗЛОТО

а. Како сатаната дополнително се изопачил откако бил исфрлен од небото? Јован 8:44.

„Сатаната, кој е татко на лагата, го измамил Адама... велејќи му дека не мора да му се покорува на Бога и дека нема да умре ако го прекрши законот. Но, Адам паднал и со својот грев ги отворил портите на злото врз нашиот свет. Во друга прилика сатаната му рекол на Каин дека нема потреба строго да ги следи Божјите заповеди со тоа што ќе го принесе закланотото јагне како жртва. Каин го послушал гласот на измамникот...

Треба самите да знаеме кој глас го слушаме, дали е тоа гласот на вистинскиот и жив Бог или гласот на големиот отпадник“. – Evangelism, p. 598.

б. Како и зошто конечно ќе биде уништен овој корен на злото? Евреите 2:14; Малахија 4:1-3; 2 Петрово 3:9-14.

„Историјата на големата борба меѓу доброто и злото, уште од мигот кога првпат избувнала на небото, па сѐ до конечниот слом на бунтот и до целосното искоренување на гревот, исто така е очигледна пројава на Божјата љубов која не се менува“. – Патријарси и пророци, 33.

в. Иако се чини дека злото не се казнува брзо, какво ветување дава Бог за негово целосно искоренување? Проповедник 8:11; Наум 1:9.

„Големата борба е завршена. Нема веќе грев и грешници. Целата вселена е чиста. Сѐ што создал Бог во бескрајната вселена, повторно чука со единствен пулс на хармонија и радост. Од Оној кој создал сè тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечниот простор. Од најмалиот атом, до најголемиот свет, сè што е создадено, и живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост изјавува дека Бог е љубов“. – Големата борба, 678.


Петок 30. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каков карактер поседува Бог?

2. Како трите лица на Божеството работат во хармонија?

3. Со која илустрација Езекиел го опишува потеклото на гревот?

4. Кој е еден од најтешките гревови за надминување, бидејќи тој е коренот на беззаконието?

5. Како и зошто на злото конечно ќе му дојде крајот?

 <<    >>