Back to top

Sabbath Bible Lessons

Симболи од службата во светилиштето - Ризници на Вистината (III)

 <<    >> 
4. лекција Сабота, 22. јули 2023.

Надеж за грешникот

„А Јас, Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги спомнам“ (Исаија 43:25).

„Кога човечката волја соработува со Божјата волја, таа станува семоќна. Сè што треба да се направи по Негова заповед, може да се оствари во Негова сила. За сè што бара од човекот, Бог овозможува и извршување“. ¬– Христовите поуки, 333.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба, 479-491. 

Недела 16. јули

1. СУД

а. Како изборите што ги правиме во животот влијаат на крајниот исход? Проповедник 11:9.

б. Дали ќе ни се суди само за отворени зли дела — и дали има некои исклучоци? Проповедник 12:13,14; Римјаните 14:12.

„Божјиот закон нѐ осудува не само за она што сме го направиле, туку и за она што не сме го направиле. На денот на пресметката ќе ни се откријат записите за направените гревови како и записите за она што не сме го направиле. Бог секоја работа и секоја тајна ќе ја донесе на суд. Не е доволно со сопствената проценка на вашиот карактер да докажете дека не сте направиле никакво конкретно зло. Фактот дека некој пропуштил да направи конкретно добро дело ќе биде доволен да се осуди како зол и мрзлив слуга“. – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 374.

„Секое човечко дело ќе биде подложено на испитување пред Бога и ќе биде забележано како верност или неверност. Покрај сечие име во небесните книги со стравотна точност ќе биде запишан секој лош збор, секоја себична постапка, секоја неисполнета должност, секој таен грев, како и секое вешто прикривање. Занемарените опомени и укори дадени од Бога, напразно потрошеното време, неискористените прилики, нашето влијание на добро или зло, со своите далекосежни последици - сето тоа верно го запишал ангелот записничар“. ¬– Големата борба, 482.


Понеделник 17. јули

2. ДВАЕСЕТ И ЧЕТИРИ СТАРЕШИНИ

а. Дали на некои луѓе за нивните постапки им се суди пред другите или на сите им се суди истовремено? 1 Тимотеј 5:24; 1 Петрово 4:17.

„Во симболичката служба на Денот на помирување право да земат учество имале само оние што ги признале пред Бога своите гревови и се покајале и чиишто гревови заедно со крвта на жртвата за грев биле пренесени во Светилиштето. Така и во големиот ден на конечното чистење и на истражниот суд ќе се земат во обѕир само случаите на оние што изјавуваат дека му припаѓаат на Божјиот народ. Судот над безбожниците е посебно и одвоено дело што ќе се изврши подоцна“. ¬– Големата борба, 480.

б. Кој му помага на Христос во Неговото посредничко дело на небото и од каде доаѓаат тие? Откровение 4:4; 5:8,9; Ефесјаните 4:8; Матеј 27:52,53.

„Кога Христос воскреснал, извел многу заробеници од гробот. Земјотресот при Неговата смрт ги отворил гробовите и кога Тој воскреснал, тие излегле со Него. Тоа некогаш биле Божји соработници, кои по цена на сопствениот живот, сведочеле за вистината. Сега требало да бидат сведоци за Оној, Кој ги воскреснал од мртвите.

За време на Својата служба Исус подигнувал мртви во живот. Го воскреснал синот на вдовицата од Наин, Јаировата ќерка и Лазар. Меѓутоа, тие не биле облечени во бесмртност. Иако подигнати од мртвите, тие останале подложни на смртта. Меѓутоа, оние кои при Христовото воскресение излегле од гробот, станале за вечен живот. Тие се вознеле со Него, како трофеи на Неговата победа над смртта и гробот. ‘Овие веќе не се заробеници на сатаната’, рекол Христос, ‘бидејќи Јас ги откупив. Јас Ги подигнав од гробот како први плодови на Мојата моќ, за да бидат со Мене таму каде што сум Јас и никогаш повеќе да не видат смрт, ниту да искусат болка’“. ¬– Копнежот на вековите, 786.

„Оние кои воскреснале треба да бидат претставени на вселената како залог за воскресение на сите кои веруваат во Христа како свој личен Спасител. Истата сила што го воскресна Христос од мртвите, ќе ја подигне и Неговата црква и ќе ја прослави со Христа, како Негова невеста, над сите кнежевства, над сите сили, над секое име што е именувано, не само во овој свет, туку и во небесните дворови, во горниот свет. Победата на заспаните светци ќе биде славна во утрото на воскресението. Сатанската превласт ќе заврши, додека Христос ќе триумфира во слава и чест“. – Selected Messages, bk. 1, pp. 305, 306.

в. Каде се наоѓаат овие суштества и со кого соработуваат во своето дело? Откровение 4:1-3,8; Псалм 11:4; Даниел 7:9-11.


Вторник 18. јули

3. КАКВА ПРЕСУДА НИ Е ПОТРЕБНА?

а. Според што ќе ни судат и врз основа на што ќе биде донесена пресудата? Јаков 2:12; 2 Коринтјаните 5:10.

б. Каков карактер ни е потребен за да се донесе ваква пресуда? Матеј 5:48; Откровение 22:14.

„Прекршувањето на Божјите заповеди го лишило човекот од секое право на дрвото на животот. Христос умре за да може послушноста на Божјиот закон, преку Неговата крв, да го удостои човекот за небесните благослови и повторно да му даде право на дрвото на животот“. – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 88.

„Како можеме да постигнеме совршенството на кое укажува нашиот Господ и Спасител Исус Христос - нашиот Голем Учител? Можеме ли да ги исполниме Неговите барања и да достигнеме толку возвишен стандард? Да, можеме; инаку Христос не би ни заповедал да го направиме тоа. Тој е нашата праведност. Во Својата човечка природа Тој отишол пред нас и изградил за нас совршенство на карактерот. Ние треба да имаме вера во Него, која делува преку љубов и ја чисти душата. Совршенството на карактерот се заснова на тоа што Христос значи за нас. Ако сме постојано зависни од заслугите на Спасителот и одиме по Неговите стапки, ќе бидеме како Него, чисти и неизвалкани“. – That I May Know Him, p. 130.

„Ангелите беа насекаде околу нас додека преку Стакленото море чекоревме кон вратите на Градот. Исус ја подигна Својата моќна, славна рака, се прифати до бисерните порти и ја отвори наназад на нејзините блескави шарки велејќи ни: ‘Вие ги оправте своите облеки во Мојата крв и цврсто стоевте заради Мојата вистина; влезете внатре’. И сите влеговме внатре чувствувајќи дека имаме целосно право на Градот“. – Рани списи, 16.

„Кога ќе се облечеме во Христовата праведност, нема да наоѓаме задоволство во гревот; бидејќи Христос ќе работи со нас. Можеби правиме грешки, но ќе го мразиме гревот што го предизвика страдањето на Божјиот Син. Вратата е отворена, и никој не може да ја затвори, ниту највисоките сили ниту најниските; само ти можеш да ја затвориш вратата на твоето срце, за да не може Господ да допре до тебе. Во изминатата година и половина добивте светлина од небото која Господ сака да ја внесете во вашиот карактер и да ја вткаете во вашето искуство“. – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 545.

в. Кој е главниот проблем на човечкиот карактер? Римјаните 3:23; 1 Јованово 1:10.


Среда 19. јули

4. НАДЕЖ ЗА ГРЕШНИКОТ

а. Какво ветување ни е дадено како показател дека има надеж за грешникот? Исаија 43:25.

„Исус е во Својот свет храм каде што сѐ уште ги прима нашите жртви, нашите молитви, признанијата за пропустите и гревовите, и му ги простува на Израел сите престапи за да можат да бидат избришани пред Тој да ја напушти светињата. Кога Исус ќе ја напушти светињата, тогаш оние кои ќе се затекнат свети и праведни и понатаму ќе останат свети и праведни; сите нивни гревови ќе бидат избришани а тие ќе бидат запечатени со печатот на Живиот Бог. Меѓутоа, неправедните и нечистите засекогаш ќе останат неправедни и нечисти, зашто повеќе нема да има Свештеник кој нивните жртви, признанија и молитви би ги принел пред престолот на Отецот. Оттука она што треба да се направи за да се спасат душите од бурата на гневот којшто надоаѓа, мора да биде направено пред Исус да ја напушти светињата над светињите од небесното светилиште“. – Рани списи, 48.

б. Споредувајќи го церемонијалниот закон со Христовата служба, како гледаме дека е можно вистинското чистење? Евреите 10:1,2; Откровение 19:8.

„Палмовото гранче во нивните раце претставува симбол на нивниот триумф, а белата облека е знак на совршената Христова праведност која сега е нивна“. ¬– Големата борба, 665.

„Првосвештеникот, во симболичката служба на Стариот завет, завршувајќи го обредот на помирување за Израелот, излегувал и го благословувал народот. Така и Христос ќе се појави на крајот од својата посредничка служба ‘не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение’ (Евреите 9:28). Како свештеникот што ги отстранувал од светињата гревовите исповедајќи ги врз главата на јарецот за грев, така и Христос сите признати гревови ќе ги натовари на сатаната, причинителот и поттикнувачот на гревот... Така и сатаната, врз кого ќе падне вината за сите гревови на кои го навел Божјиот народ, ќе биде заточен илјада години на оваа Земја, која тогаш ќе биде пуста и без жители, и на крајот целосната казна за гревот ќе ја прими во огнот кој ќе ги уништи сите безбожници. Така големиот план на спасението ќе биде наполно остварен со конечно отстранување на гревот и со ослободување на сите што доброволно се откажале од злото“. ¬– Големата борба, 485.

„Случајот на секој од нас го чека својот ред на небесниот суд. Секој од нас ќе биде суден според делата што ги направил во телото. Во земната служба, кога првосвештеникот го извршувал делото на помирување во Светињата над светињите на земното светилиште, од луѓето се барало да ги мачат своите души пред Бога и да ги исповедаат своите гревови за да можат да добијат помирување и да им се избришат гревовите. Зарем нешто помалку ќе се бара од нас во овој вистински ден на помирување, кога Христос во небесното светилиште се моли во име на Својот народ и на секој човек треба да му се изрече конечна и неотповиклива одлука“. ¬– Selected Messages, bk. 1, p. 125.


Четврток 20. јули

5. ЗАБОРАВАЊЕ НА ГРЕВОВИТЕ

а. Што мора да се случи за да се избришат гревовите? Дела 3:19.

„Покрај имињата на оние кои вистински се покајале за своите гревови и кои со вера ја признале Исусовата крв како своја жртва на исчистување, во небесните книги ќе биде забележано „простување”. Бидејќи станале учесници во Христовата правда и се утврдило дека нивниот карактер е во хармонија со Божјиот закон, нивните гревови ќе бидат избришани, а тие прогласени достојни за вечен живот“. ¬– Големата борба, 483.

„Секој случај беше одлучен за живот или смрт. Додека Исус сѐ уште служеше во светилиштето, судот се одвиваше за мртвите праведни, и потоа за праведните кои се живи. Христос го прими своето царство, откако направи помирување за Својот народ и ги избриша нивните гревови. Поданиците на царството се тука. Свадбата на Јагнето беше завршена. И царството и големината на царството под целото небо, му беше дадено на Исуса и на наследниците на спасението, и Исус ќе владее како Цар над царевите и Господар над господарите“. ¬– Рани списи, 280.

„Кога Јаков претходно не би се покајал за својот грев затоа што го добил првенството со измама, Бог не би ја слушнал неговата молитва и не би го сочувал милостиво неговиот живот. Така и Божјиот народ за време на големата неволја би бил совладан кога би имал непокајани гревови од минатото што би излегувале пред него во миговите на страв и болка. Очајот би ја уништил нивната вера и тие не би имале смелост да Му се молат на Господа за избавување. Но, иако длабоко се свесни за својата недостојност, сепак, не можат да откријат ниту еден прикриен грев. Нивните гревови уште порано биле изнесени пред судот и избришани и затоа тие не се сеќаваат веќе на нив“. ¬– Големата борба, 620.

б. Која парабола ја употребил Исус за да покаже дека простувањето не е исто што и бришење или заборавање? Матеј 18:23-35.


Петок 21. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кого и што ќе му се суди на судот пред доаѓањето на Исус?

2. Во што биле вклучени дваесет и четирите старешини и што ги подготвило за таа работа?

3. Каква пресуда ни е потребна и зошто карактерот е толку важен?

4. Како грешници, која е нашата единствена надеж и како може да се постигне тоа?

5. Која парабола јасно ја покажува разликата помеѓу простувањето и бришењето на гревовите?

 <<    >>