Back to top

Sabbath Bible Lessons

Симболи од службата во светилиштето - Ризници на Вистината (III)

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 23. септември 2023.

Тестирање на пророците

„Преку пророк го изведе Господ Израел од Египет и преку пророк Тој го пазеше“ (Осија 12:13).

„Проповедањето е само мал дел од работата кој мора да се изврши во процесот на спасување на души. Божјиот Дух ги осведочува грешниците во вистината и ги доведува во прегратките на црквата. Проповедниците треба да го направат својот дел, но тие никогаш не можат да ја извршат онаа задача која ѝ е доверена на црквата“. – 4 Сведоштво, 69.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   4 Сведоштво, 227-246. 

Недела 17. септември

1. ПРОГОНСТВО И ЖРТВА

а. Што мора да поднесат вистинските пророци и зошто? Јаков 5:10; 1 Царевите 18:17,18.

„Исаија, кому Господ му дозволил да види чудесни работи, бил исечен со пила бидејќи верно ги укорувал гревовите на еврејскиот народ. Пророците кои дошле да се грижат за Господовото лозје, исто така биле малтретирани и убиени. ‘Со камења беа убивани, со пила сечени, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам.’ Луѓето ‘за кои светот беше недостоен’ беа сурово третирани и протерани од светот“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 4, p. 1137.

б. Што потврдува дека вистинските пророци ќе постојат до крајот на времето, и како тие треба да бидат тестирани? Матеј 7:15-20; 1 Јованово 2:4.

в. Зошто вистинскиот пророк е благослов за црквата? Ефесјаните 4:8,11-16.

„Единството на верниците со Христа природно ќе доведе до меѓусебна слога и таа врска е најтрајна на земјата... Само со лична врска со Христа; само ако секој ден, секој час општиме со Него можеме да ги донесеме плодовите на Светиот Дух“. – 5 Сведоштво, 47.

„Единството е сигурен резултат на христијанското совршенство“. – Посветен живот, 85.


Понеделник 18. септември

2. ПРАВЕЊЕ НА ЧУДА

а. Дали правењето чуда е метод за тестирање на вистинскиот пророк? Лука 7:26-28; Јован 10:41.

„Со посредство на ангелите ќе се одржува нераскинлива врска помеѓу небото и земјата. А сатаната, опкружен со злите ангели, ќе тврди дека тој е Бог, и ќе прави чуда од секаков вид за, ако е можно, да ги прелаже дури и избраните. Божјиот народ нема да наоѓа сигурност во правење на чуда, бидејќи сатаната ќе ги имитира чудата кои ќе се прават. Искушаниот и проверен Божји народ ќе ја најде својата сила во знакот за кој се зборува во Излез 31:12-18. Тие ќе мора да се потпрат на живата реч ‘Пишано е’. Тоа е единствен темел на кој ќе можат да стојат без опасност. Оние кои го прекинале својот завет со Бога во тој ден ќе бидат без Бога и без надеж“. – 9 Сведоштво, 16.

б. Кој ќе има најголема корист од правењето чуда во последните денови? Откровение 19:20; 13:14.

„ Сатаната внимателно ги следи настаните и кога ќе најде некој кој особено силно се противи на Божјата вистина, тој ќе му открие дури и неисполнети настани само за да си обезбеди за себе место во неговото срце. Оној што не се колебал да стапи во борба со Господа, кој сè што е создадено држи во својата рака, располага со лукавост која прогонува и прелажува. Сатаната и денес ги држи смртниците во своите стапици“. – 2 Сведоштво, 171.

в. Зошто мора да правиме толку многу тестирања денес? 2 Коринтјаните 11:14.

„Доколку спиритизмот поверно го имитира денешното таканаречено христијанство, дотолку има посилна моќ да измами и да заведе. Според модерните сфаќања и самиот сатана се преобратил. Тој ќе се појави како ангел на светлината. Со помош на спиритизмот ќе се прават многу чуда; болните ќе бидат излечени и ќе се случуваат многу натприродни појави. И бидејќи злите духови ќе тврдат дека веруваат во Библијата и ќе покажат почит кон институциите на црквата, нивното дело ќе биде прифатено како откровение на Божјата сила“. – Големата борба, 588.

„Живееме во опасни времиња и не е во ред да прифатиме нешто што се тврди дека е вистина без темелно испитување; ниту можеме да си дозволиме и отфрлиме нешто што носи плодови на Божјиот Дух; туку треба да бидеме поучни, кротки и понизни по срце. Вистина е дека има и такви кои се противат на сè што не е во согласност со нивните идеи и со тоа ги загрозуваат своите вечни интереси, исто како и еврејската нација во нивното отфрлање на Христа“. – Counsels to Writers and Editors, pp. 35, 36.


Вторник 19. септември

3. ИСПОЛНУВАЊЕ НА ПРОРОШТВОТО

а. На кој начин Бог им зборува на луѓето? Броеви 12:6.

„Во текот на првите две илјади и петстотини години од човечката историја немало пишувано откровение. Оние што биле научени од Бога, своето знаење го пренеле на другите, и така тоа преминувало од татко на син во текот на идните поколенија. Подготовката на пишаното слово започнала во времето на Мојсеј. Вдахновените откровенија тогаш влегле во составот на една вдахновена книга. Оваа работа продолжила во текот на долгиот период од илјада и шестотини години, почнувајќи од Мојсеј, историчарот на создавањето на светот и на објавувањето на законот на Синај, па сѐ до Јован, писателот на највозвишените вистини на евангелието...

Пишувани во различни епохи, од страна на луѓе кои значајно се разликувале по својата положба и занимање, во умствени и духовни способности, библиските книги покажуваат голема разновидност не само во стилот, туку и во разноликоста на предметите што се изнесуваат во неа. Разни писатели различно се изразувале; често една иста вистина, еден писател ја прикажал повпечатливо отколку другиот. Бидејќи повеќе писатели, истиот предмет го прикажуваат од различни гледишта и односи, на површниот и небрежен читател, полн со предрасуди, сето тоа може да му изгледа недоследно и противречно, додека длабоко мисловниот, понизен и полн со почит испитувач, со појасен увид во предметот, секаде препознава само совршена хармонија.

Бидејќи вистината е прикажана од различни поединци, таа е прикажана од различни аспекти. Еден писател повеќе е под впечаток на една страна од предметот; тој ги сфаќа и обработува оние точки што се во согласност со неговото искуство или со неговата способност за претстава и правилно сфаќање; друг пак го посматра истиот предмет од некоја друга страна, и така секој, под водството на Светиот Дух, го изнесува она што кај него оставило најсилен впечаток - различни аспекти на вистината кај секој поединец, но совршена хармонија кај сите заедно. Вистините откриени на овој начин прават совршена целина, приспособена да ги задоволи потребите на луѓето во сите околности и животни искуства“. – Големата борба, 5,6.

б. Што треба да очекуваме кога пророкот предвиди нешто? Еремија 28:9. Бидејќи гледаме како денес протестантизмот и католицизмот се обединуваат, кое пророштво дадено пред повеќе од сто години се исполнува денес?

„Кога протестантизмот ќе ја испружи раката преку бездната за да се поврзе со римската сила, и кога таа ќе посегне преку бездната за да се поврзе со спиритизмот, и кога под влијание на овој троен совет нашата земја ќе го отфрли секое начело на нејзиниот устав, и кога ќе почне со подготовките да ги шири папските лаги и измами - тогаш знаеме дека е дојдено времето за сатанското дело на чуда и дека се приближува крајот“. – 5 Сведоштво, 451.


Среда 20. септември

4. ЦЕЛТА НА ДУХОТ НА ПРОРОШТВОТО

а. Што треба да очекуваме додека се приближуваме кон крајот на времето – и како да се справиме со овие опасности? 2 Тимотеј 3:1; Исаија 59:19,20.

„Живееме во опасни времиња. Во настаните кои постојано се менуваат, ќе дојдат ереси и лажни учења кои ќе ја тестираат верата на сите, но куќата изградена на цврстата карпа нема да се разниша. Но, кога ќе дојдат бури и урагани, куќата изградена на песок ќе падне, и голем ќе биде нејзиниот пад.

Затоа да внимаваме како градиме. Никој да не гради немудро. Словото Божјо е нашиот единствен темел. Заблуди во секој облик ќе дојдат на нас. Некои од нив ќе бидат многу веродостојни и привлечни, но доколку се прифатат, ќе ги отстранат столбовите на темелите што ги воспоставил Христос и ќе подигнат градба изградена од човек... Под водство на сатаната овие заблуди подготвуваат лажни темели за умовите на луѓето“. – Medical Ministry, p. 87.

б. Како пророците и помагаат на црквата? 2 Царевите 6:8-12; 1 Коринтјаните 14:22; Ефесјаните 4:12.

„Бог ми даде посебно, свечено искуство во врска со Неговото дело. И можете да бидете сигурни дека, сѐ додека мојот живот е поштеден, нема да престанам да го подигам гласот на опомена кој е дејство на Светиот Дух, без оглед дали луѓето ќе слушаат или не. Јас не поседувам никаква посебна мудрост. Јас сум само орудие во рацете на Господа и го извршувам делото што Тој ми го одреди. Поуките што ги давав усно или писмено се израз на светлината што Бог ми ја даде. Се обидов да ви ги изложам начелата кои Бог со години ги влеваше во мојот ум и ги запишуваше во моето срце.

И сега, браќа, јас ве преколнувам да не се поставувате меѓу мене и народот одвратувајќи ја од него светлината што Бог му ја наменил. Немојте со вашето критикување да ја одземате сета сила, значење и влијание на сведоштвата. Немојте да мислите дека можете да ги анализирате сведоштвата според своите идеи, да тврдите дека Бог ви дал способност во нив да правите разлика меѓу светлината од небото и она што е обичен израз на човечка мудрост. Ако сведоштвата не се согласуваат со Божјата реч - отфрлете ги. Христос и Велијар не можат да се сложат. Заради Христа, не правете забуна во душите на народот со човечките лукавства и сомнежи, и немојте да го уништувате влијанието на Господовото дело. Немојте заради вашиот недостиг на духовно расудување, Божјото орудие да го претворите во камен на сопнување на кој мнозина ќе се сопнат и ќе паднат, ќе се заплеткаат и ќе се фатат во стапица“. – 5 Сведоштво, 691.


Четврток 21. септември

5. ВО ПОЧЕТОКОТ

а. Кој треба да ги тестира пророците? 1 Коринтјаните 12:28.

б. Може ли истиот пророк да биде и вистинит и лажен? Објаснете. Јаков 3:11.

„Има таканаречени верници кои некои делови од Сведоштвата ги прифаќаат како Божја вест, а ги отфрлаат оние делови кои ги осудуваат нивните омилени склоности. Таквите работат на штета на сопствената благосостојба и благосостојбата на црквата. Неопходно е да живееме според светлината кога веќе ја имаме. Оние што тврдат дека веруваат во здравствената реформа, а истовремено во секојдневниот живот постапуваат спротивно на нејзините начела, ѝ нанесуваат штета на сопствената душа и оставаат лош впечаток и на верниците и на неверниците“. – 9 Сведоштво, 154.

в. Што треба да правиме кога ќе препознаеме дека пророкот е испратен од Бога? 2 Летописи 20:20; Осија 12:13; Псалм 34:8.

„Бог дал доволно докази, така што секој кој сака може да се увери во карактерот на сведоштвото. И кога ќе се уверат дека сведоштвата се од Бога, должност на сите е да го примат прекорот, дури и тогаш ако самите не увидуваат дека прават грев? Кога тие во потполност ќе сфатат во каква состојба се наоѓаат, зар тогаш би биле потребни укори. Но токму заради тоа што тоа не го знаат, Бог милостиво им укажува на нивната состојба, за да можат да се покајат и поправат пред да биде и премногу доцна“. – 5 Сведоштво, 682.

„Мојата работа во последните триесет години го носи Божјиот печат, или печатот на непријателот. Овде нема ништо половично, никаква спогодба. Сведоштвата се дело на Божјиот Дух, или пак дело на непријателот“. – 4 Сведоштво, 229.


Петок 22. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто оние што поучуваат за чистата вистина често се соочуваат со прогонство?

2. Зошто чудата не се метод на испитување во овие последни денови?

3. Каков метод користи Бог за да комуницира со пророците?

4. Зошто ни е потребен Духот на пророштвото денес?

5. Што да правиме кога ќе препознаеме пророк од Бога?

 <<    >>