Back to top

Sabbath Bible Lessons

Симболи од службата во светилиштето - Ризници на Вистината (III)

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 16. септември 2023.

Вдахновени пророци

„Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците, во последниве денови ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сè, преку Кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1:1,2).

„За денешната Божја Црква на земјата, за чуварите на Неговото лозје, од огромно значење се пораките, советите и опомените дадени преку пророците, коишто јасно ги изложиле Неговите вечни намери во поглед на човечкиот род. Во учењето на пророците се јасно изложени Божјата љубов кон паднатиот род и Неговиот план за спасение на изгубените“. – Мојот живот денес, 40.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба, 5–7. 

Недела 10. септември

1. КОМУНИКАЦИЈА СО ЧОВЕШТВОТО

а. Како Бог комуницирал со човечкиот род по појавата на гревот? Евреите 1:1,2.

„Пред да се појави гревот, Адам уживал во лична комуникација со својот Творец, но откако човекот преку престапот се одделил од Бога, човечката раса е лишена од оваа голема привилегија. Меѓутоа, со планот на спасението отворен е пат, преку кој жителите на оваа земја можат и понатаму да одржуваат врска со небото“. – Големата борба, 5.

б. Како Бог лично комуницирал со човечкиот род? 1 Тимотеј 3:16; Колосјаните 2:9.

„Уште од гревот на Адам, човечкиот род бил отсечен од непосредната заедница со Бога; врската помеѓу Небото и Земјата се одржувала преку Христа. Меѓутоа, сега, кога Исус дошол ‘во обличје слично на грешното тело’ (Римјаните 8:3), Таткото лично проговорил. Претходно, Тој општел со луѓето преку Христа; сега Тој општи со човечкиот род во Христа“. – Копнежот на вековите, 116.

в. Што било неопходно откако Исус се вратил кај Отецот, и која била Неговата цел? Јован 14:6,26; 15:26; 16:7,12-14; Дела 2:16-18.


Понеделник 11. септември

2. ДАРОТ НА ПРОРОШТВОТО

а. Колку ни се важни сите духовни дарови додека Христос повторно не дојде? 1 Коринтјаните 1:4-8.

б. Што ја идентификува последната Божја црква и нејзиниот дар на сведоштвото на Исус Христос? Откровение 12:17; 19:10; 1 Солунјаните 5:2-5,19-21.

„Пред нас се опасни времиња. Секој што ја знае вистината треба да се разбуди и целото свое битие: телото, душата и духот да го потчини на Божјата волја. Непријателот ни е секогаш зад петиците. Мора да останеме будни и да внимаваме на него. Мораме да го земеме сето оружје Божјо и верно да ги следиме упатствата дадени преку Духот на пророштвото. Мораме да ја сакаме и да се покоруваме на вистината за ова време. Тогаш ќе бидеме заштитени од влијанието на измамничката моќ на непријателот. Бог ни зборува преку Неговото слово. Тој ни зборува преку Неговото сведоштво за црквата и преку книги кои помагаат да ни бидат појасни нашите сегашни должности и местото што сега треба да го заземеме. Треба да внимаваме на предупредувањата што се дадени ‘заповед врз заповед, правило врз правило’. Ако ги игнорираме овие предупредувања, каков изговор можеме да понудиме?“ – Gospel Workers, p. 308.

в. Наместо да се свртиме кон лажните пророци, каде треба да се обратиме? Исаија 8:16,19.

„На тој начин откриени се стапиците и лукавствата на непријателот, важноста на усовршувањето на христијанскиот карактер и средствата со помош на кои можеме и да ја оствариме таа цел. Така Бог ни укажува на она што е неопходно за да го осигуриме Неговиот благослов. Многумина се склони бунтовнички да реагираат кога ќе се укаже на гревовите кои ним не им се особено својствени. Духот на нашето време е: ‘Зборувајте ни мили работи’ (Исаија 30:10). Но духот на пророштвото ја зборува само вистината. Беззаконието се намножило и љубовта на многумина кои тврдат дека се Христови следбеници оладила. Тие се слепи за беззаконијата на сопственото срце и не ја увидуваат својата слаба и беспомошна состојба. Во Својата милост, Бог ја подига завесата и им покажува дека зад сè што е видливо постои око кое ги гледа не само нивните тајни гревови, туку и побудите кои ја поттикнуваат секоја нивна постапка“. – 4 Сведоштво, 13.

„Во Своето провидение, Господ наоѓал потреба да го поучува Својот народ, советува и води на најразлични начини. Својата волја им ја ставал на знаење на луѓето со непосредна заповед, преку Светите Списи и преку Духот на пророштвото.

Во старите времиња, Бог на луѓето им зборувал преку устата на пророците и апостолите. Во овие денови Тој им зборува преку Сведоштвата на Својот Дух. Бог никогаш поревносно од денес не ги поучува припадниците на Својот народ во поглед на Својата волја и патот по кој Тој сака тие да одат“. – Мојот живот денес, 40.


Вторник 12. септември

3. ТЕСТИРАНИ СО ПИСМОТО

а. Кој е основниот тест за вистинскиот пророк? Исаија 8:20.

„Сведоштвата не се напишани за да го омаловажат Божјото Слово, туку да го возвишат и да ги привлечат умовите кон него“. – 5 Сведоштво, 665.

б. Што да правиме ако се докаже дека некој е лажен пророк? Второзаконие 13:1-5; Римјаните 16:17; 2 Јованово 1:9-11.

„Бог, како на Свои слуги, ни дал задача. Тој ни дал порака која треба да ја објавуваме на Неговиот народ. Веќе триесет години ние ја примаме речта на Божјите пораки и опомени и ги пренесуваме на Неговиот народ. На таа сериозна одговорност ние се нафаќаме со страв и трепет, со многу молитви и длабоко размислување. Како Божји амбасадори, често во Христово име најсесрдно ги опоменуваме душите и ги повикуваме да се помират со Бога. Ги опоменуваме припадниците на Божјиот народ, укажувајќи им постојано на опасностите што им се закануваат. Сам Бог ни ја доверил оваа задача. Во каква тогаш положба се ставаат оние кои не сакаат да ги послушаат од Бога дадените зборови на совет и опомена, затоа што тие ги спречуваат на нивниот пат и ги осудуваат нивните зли дела?... Бог или ја поучува црквата, ги укорува и осудува нејзините престапи и ја јакне нејзината вера, или не. Ова е Божје дело, или не е. Бог не работи во партнерство со сатаната. Мојата работа во последните триесет години го носи Божјиот печат, или печатот на непријателот. Овде нема ништо половично, никаква спогодба. Сведоштвата се дело на Божјиот Дух, или пак дело на непријателот“. – 4 Сведоштво, 229,230.

„(Кнезот на злото) сега ги вложува последните напори за завршната битка против Христа и Неговите следбеници. Наскоро пред нас ќе се покаже последната голема измама. Антихристот пред нашите очи ќе прави чуда. Лажното толку многу ќе наликува на вистинското, што не ќе може да се разликува едното од другото, освен со помош на Светото Писмо. Секое тврдење и секое сторено дело мора да се испитаат со сведоштвата на Писмото“. – Големата борба, 593.

в. Како се тестираат сите нови пророци и зошто? 1 Коринтјаните 14:32; Јован 10:27.

„Некои кои тврдат дека Библијата е нивен предмет на проучување, всушност живеат сосема спротивно на нејзините најјасни учења. Затоа, за мажите и жените да немаат никаков изговор, Бог им дава јасни и одредени сведоштва за да ги врати кон Речта која занемариле да ја следат“. – 5 Сведоштво, 663.

„Никаква додатна вистина нема да биде изнесена; но со Сведоштвата Бог ги поедноставил големите вистини кои веќе се дадени и ги изнел пред Својот народ на начин што Тој го избрал, за да ги разбуди и влијае на нивните умови, за сите да останат без изговор“. – 5 Сведоштво, 665.


Среда 13. септември

4. ВНАТРЕШНО ЦАРСТВО

а. Зошто е важно сега да веруваме во Исус како личен Спасител, а не само како во историска личност? Објаснете. 1 Јованово 4:1-3; Ефесјаните 3:17; Колосјаните 1:27; Јован 15:4,5.

„Додека Христос поучувал, како и обично, околу Него покрај учениците, се собирале и многу други слушатели. Тој им зборувал на учениците за сцените во кои наскоро и тие ќе учествуваат. Вистините што им ги доверил требало да ги објават наоколу и тоа ќе ги доведе во судир со владетелите на овој свет. Заради Него ќе бидат изведувани пред судови и пред владетелите на овој свет. Тој им ветил мудрост на која никој не ќе може да и се спротивстави. Неговите Сопствени зборови, кои ги допирале срцата на мноштвото и ги збунувале Неговите лукави противници, сведочеле за силата на Духот, кој бил во нив, кој им го ветил на Своите следбеници“. – Христовите поуки, 252.

„Присуството на Духот ќе се манифестира со излевање на небесната љубов. Божествената полнота ќе тече преку посветен човечки претставник, за да се излева и на другите“. – Христовите поуки, 419.

„Една реченица од Светото Писмо е од поголема вредност отколку десет илјади човечки идеи или аргументи. На оние кои одбиваат да одат по Божјите патишта, на крајот ќе им бидат упатени зборовите: ‘Бегајте од Мене.’ Меѓутоа, кога ѝ се потчинуваме на Божјата волја, Господ Исус управува со нашиот ум и им дава убедливост на нашите зборови. Можеме да бидеме силни во Господа и во Неговата сила. Прифаќајќи Го Христа, ние се облекуваме со сила. Ако Спасителот живее во нас, Неговата сила станува наша своина. Вистината станува наш капитал во трговијата. Тогаш во животот нема да се види неправедност. Тогаш сме во состојба да зборуваме благовремени зборови на надеж на оние кои не ја познаваат вистината. Христовото присуство во срцето е моќ која дава живот, која го засилува целото битие“. – 7 Сведоштво, 71.

б. Како Мојсеј ја сфатил потребата од лично присуство на Христос? Излез 33:13-16.

„Мојсеј имал длабоко чувство за личното присуство на Бога. Тој не само што знаел дека со векови подоцна Христос ќе се покаже во тело, туку и на еден посебен начин го видел Христа како ги следи Израилевите деца на нивниот пат. Бог за него бил реалност, секогаш присутен во нивните мисли. Кога луѓето не го сфаќале, кога морал да се изложува на опасности и да поднесува навреди заради Христа, тој не се одмаздувал. Мојсеј верувал во Бога како во Некој што му е потребен и знаел дека Тој ќе му помогне кога ќе му затреба помош. И Бог му бил вистинска помош“. – 5 Сведоштво, 651.


Четврток 14. септември

5. ЈАСНО СВЕДОШТВО

а. Како Бог гледа на световноста? 1 Јованово 4:5; Јаков 4:4.

„Не смее да се дозволи светот да влезе во црквата или да воспостави некаков однос со неа, бидејќи во тој случај црквата би скршнала од вистинскиот пат“. – Testimonies to Ministers, p. 265.

„Може да се постави прашањето: Дали не треба да имаме никаква врска со светот? Словото Господово ќе ни биде водич. Секое дружење со неверниците и безбожните што би нè идентификувало со нив е забрането со Словото. Ние треба да излеземе од нив и да се одвоиме од нив. Во никој случај не треба да се поврзуваме со нив во нивните работни планови. Но, не треба да водиме осаменички живот. Сè што е добро и корисно за луѓето од овој свет, треба со задоволство да го правиме“. – Gospel Workers, p. 394.

б. Зошто е невозможно единството со светот— и која е целта на пророкот во овој поглед? 2 Коринтјаните 6:14-18; Езекиел 44:23.

„Прашањето што сега треба да се постави е: Дали оние што тврдат дека се Христови следбеници ги исполнуваат условите под кои се изрекува благословот? Дали тие со духот и во пракса се одвојуваат од светот? Колку е тешко да се излезе и да се одвои од световните навики и обичаи! На ова треба да обратиме внимание, за да не нè намами и измами сатаната со лажни претстави. Тука се работи за вечни интереси. Божјите барања треба да бидат на прво место; на Неговите барања треба прво да се обрне внимание. Секое дете на паднатиот Адам мора, преку Христовата преобразувачка благодат, да стане послушно на сите Божји барања. Многумина ги затвораат очите пред најјасните учења на Неговата Реч бидејќи крстот им стои директно на патот. Ако го кренат, пред светот би станале упадливи; и тие се двоумат, се преиспитуваат и бараат изговор со кој би можеле да го избегнат крстот. Сатаната е секогаш подготвен и изнесува убедливи причини зошто не би било најдобро да се покорат на она што го вели Божјата реч. На овој начин душите се фатално измамени“. – The Review and Herald, August 25, 1885.


Петок 15. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто комуникацијата е толку важна во животот на верникот?

2. Која е целта на Духот на пророштвото?

3. Како треба да ги тестираме пророците и како треба да се однесуваме со резултатите од тестот?

4. Како Христос кој живее во нас влијае на нашето христијанско искуство?

5. Како вистинските Божји пророци го учат Неговиот народ да се оддели од светот?

 <<    >>