Back to top

Sabbath Bible Lessons

Симболи од службата во светилиштето - Ризници на Вистината (III)

 <<    >> 
10. лекција Сабота, 2. септември 2023.

Осврт на исхраната

„И десеттиот ден од седмиот месец, Денот на очистувањето, нека ви биде ден за свето собрание: смирувајте ги душите ваши и принесувајте Му жртва на Господ“ (Левитска 23:27).

„Вистинскиот пост кој што на сите им се препорачува е воздржување од секој вид на храна која надразнува и правилна употреба на здрава, едноставна храна која Бог ја има обезбедено во изобилство. Луѓето треба помалку да мислат за она што ќе јадат или пијат, за поминливата храна, а многу повеќе за храната од Небото која ќе му даде сила и животна моќ на целото верско искуство”. – Совети за животот и исхраната, 90.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Christian Temperance and Bible Hygiene, pp. 117–121. 

Недела 27. август

1. ТОЈ ДЕН

а. Кој посебен ден е спомнат во пророштвото? Исаија 22:12,20,22.

б. Како Новиот завет го расветлува тој ден, поврзувајќи го со настаните што ќе се случат непосредно пред второто Христово доаѓање? Откровение 3:7-11.

„ (Откровение 3:7.8 цитирано). Христос ја отвори вратата, односно ја почна службата во светињата над светињите; низ отворената врата на небесното Светилиште засвети светлина и тогаш се виде дека и четвртата заповед е составен дел на Законот што се чува таму; она што Бог го воспоставил, ниту еден човек не може да го собори“. – Големата борба, 435.

„Бидејќи сатаната го обвинува Божјиот народ поради неговите гревови, Господ му дозволува да ги искушува до крајни граници. Нивната доверба во Бога, нивната вера и решителност, ќе бидат тешко искушани. Кога гледаат во минатото, нивната надеж тоне, зашто во целиот свој живот можат да видат само малку добро... Кога сигурно би знаеле дека гревовите им се простени, не би се плашеле од тортурата и од смртта; но, ако се покажат дека се недостојни и ако го загубат својот живот поради недостатоците во својот карактер, тогаш Господовото свето име ќе биде обесчестено“. – Големата борба, 618,619.


Понеделник 28. август

2. НЕСИМБОЛИЧЕН ДЕН НА ПОМИРУВАЊЕ

а. Кога го читаме контекстот на отворената врата, како знаеме дека е поврзан со Божјиот храм на небото? Откровение 3:12.

„Видов дека Исус ја затвори вратата од светињата и никој не може да ја отвори, а ја отвори вратата од светињата над светињите и никој не може да ја затвори (Откровение 3:7,8); и дека од оној момент кога Тој ја отворил вратата од светињата над светињите, каде што се наоѓа ковчегот на заветот, заповедите ги осветлуваат Божјите деца и празнувањето на саботата за нив станува тест“. – Рани списи, 42.

б. Бидејќи при своето второ доаѓање Христос носи со себе награда, како резултат на истражниот суд (Откровение 22:12; 11:18), што треба да се отвори на небото, за да се покаже авторитетот на Десетте заповеди? Откровение 11:19.

„Видов дека сегашниот тест во поглед на саботата не можеше да дојде пред Исус да го заврши посредувањето во светињата и прејде зад втората завеса. Со тоа христијаните кои умреле пред да се отвори вратата на светињата над светињите, по завршувањето на полноќниот вик седмиот месец, 1844. година и кои што не ја празнувале саботата, сепак почиваат во надеж. Тие немале светлина каква што ние имаме денес, ниту биле изложени на проба во поглед на саботата, на која сме ние денес изложени откако се отворила вратата. Видов дека сатаната во таа точка искушуваше некои од Божјиот народ. Тие се посомневале дека саботата е тест за нас денес, затоа што толку добри христијани умреле во победоносна вера, а не го празнувале вистинскиот ден за одмор сабота“. – Рани списи, 42.

в. Какви ограничувања во исхраната гледаме за време на овој несимболичен ден на помирување? Исаија 22:12,13.

„Повторно и повторно ми беше прикажувано Божјото настојување, чекор по чекор, да нѐ врати на Својата првобитна намера – намерата според која човекот треба да живее од природните производи на земјата. Помеѓу оние што го очекуваат Господовото доаѓање, употребата на месо како храна ќе биде конечно изоставена – месото ќе престане да сочинува дел од нивната исхрана. Таа конечна цел секогаш треба да ја имаме предвид и секогаш да вложуваме напори да го оствариме тоа. Не можам да сметам, ниту да верувам дека јадејќи месо постапуваме во согласност со светлината која Бог во Својата милост и љубов ни ја дал. Сите што работат во нашите здравствени институции треба посебно да се навикнат да живеат од овошје, житарици и зеленчук. Ако во ова се придржуваме до принципите, ако како христијани и реформатори го превоспитаме нашиот вкус и својот начин на исхрана го усогласиме со Божјиот план, тогаш ќе бидеме во можност и врз други да вршиме влијание кое ќе биде по Божјата волја во таа насока“. – Christian Temperance and Bible Hygiene, p. 119.


Вторник 29. август

3. ВОЗДРЖУВАЊЕ

а. Покрај видот на храната што ја јадеме, за што друго треба да размислуваме додека се подготвуваме за второто Христово доаѓање? Лука 21:34-36.

„Проповедниците, учителите и учениците не ја сфаќаат целосно потребата од физичко движење на свеж воздух. Тие ја занемаруваат оваа должност, која е најважна за зачувување на здравјето. Тие се фокусирани само на книги, а се хранат како да работат физичка работа. Поради таквите навики некои од нив почнуваат да се дебелеат, бидејќи телото е затнато. Други стануваат слаби, изнемоштени и немоќни, бидејќи нивните животни сили се исцрпуваат со исфрлање на вишокот храна; црниот дроб се оптоварува и не е во состојба да ги исфрли насобраните нечистотии од крвта, а резултатот е болест. Кога физичките вежби би биле комбинирани со ментален напор, циркулацијата на крвта би се забрзала, работата на срцето би станала посовршена, нечистите материи би биле исфрлени од организмот, а во секој дел од телото би се почувствувал нов живот и енергија“. – Counsels on Health, p. 572.

„За сабота не треба да се подготви побогато или поразновидно јадење отколку за другите денови. Напротив, храната треба да биде поедноставна и треба помалку да се јаде, како духот би бил бистар и енергичен за сфаќање на духовните нешта. Прекумерното јадење го замаглува мозокот. Многумина ќе ги слушаат најдрагоцените зборови и нема да ги разберат, затоа што умот им е пореметен од неправилната исхрана. Со прекумерното јадење во сабота многу мина го обесчестуваат Бога повеќе отколку што тие мислат“. – Совети за детето, 532.

б. Како се поврзани прејадувањето и пијанството во Библијата? Изреки 23:20,21,31,32.

„Многу мајки жалат за неумереноста што постои насекаде, без да добијат увид во нејзините причини. Секојдневно подготвуваат различни јадења и високо зачинета храна кои го примамуваат апетитот и поттикнуваат прејадување... Оној што го задоволува својот апетит со прејадување и со храна која не е здрава, ја слабее својата моќ да се спротивстави на привлечноста на апетитот и страста во други аспекти пропорционално, затоа што ја зајакнал својата склоност кон неправилни навики во исхраната. Мајките треба да ја сфатат својата обврска кон Бога и светот и да му дадат на општеството деца кои ќе имаат добро оформен карактер. Оние мажи и жени кои ќе излезат на сцената на животот со цврсти принципи ќе бидат способни да стојат неизвалкани среде моралната нечистотија на ова расипано доба. Должност на мајките е да ги користат своите златни можности за правилно да ги едуцираат своите деца да бидат корисни и одговорни личности“. – Counsels on Health, pp. 606, 607.


Среда 30. август

4. ХРИСТОС ПОБЕДИЛ

а. Како јадењето било поврзано со гревот во Едем? Создавање 2:16,17; 3:1-6.

„(Сатаната во облик на змија) се радувал што Адам и Ева во Едем не можеле да одолеат на неговите инсинуации кога го разбудил нивниот апетит. На ист начин тој ги победил жителите на Стариот свет, попуштајќи им на похотливите апетити и расипаните страсти. Преку задоволување на апетитот, тој ги соборил Израелците... Давид и Соломон, кон кои Бог бил особено наклонет, ги навел преку попуштање на апетитот и страста да го навлечат Божјото незадоволство. Тој исто така се фалел дека сепак може да успее да го попречи Божјиот план да ги спаси луѓето преку Исус Христос“. – Confrontation, pp. 33, 34.

б. Во која точка Христос бил на сличен тест и како решително победил? Матеј 4:3,4.

„Колку попуштањето на апетитот претставува силно искушение може да се измери единствено со неискажаните маки на нашиот Спасител за време на оној долг пост во пустината. Тој знаел дека попуштањето на изопачениот апетит толку ја умртвува човековата моќ на запазување што не може да разликува свето од несвето. Адам паднал поради попуштањето на апетитот; Христос победил не согласувајќи се на попуштање во тој поглед. И нашата единствена надеж да го задобиеме Едем се наоѓа во цврстото и одлучно самосовладување. Кога попуштањето на апетитот има толкава сила над човечкиот род што Синот Божји, со цел да го совлада во корист на самиот човек, морал да пости речиси шест седмици, какво дело тогаш му претстои на еден христијанин! Сепак, без оглед на тоа колку труд е потребно да се вложи, тој може да стане победник. Со помош на божествената сила, која е доволно силна да им се спротивстави и на најсилните искушенија што сатаната може да ги измисли, на христијанинот му е овозможено борбата против злото да ја извојува со целосен успех и на крајот да носи победнички венец и круна во Божјото царство“. – Christian Temperance and Bible Hygiene, p. 54.

„Во пустината на искушението Христос бил без храна четириесет дена. Мојсеј, во посебни прилики, бил исто толку долго без храна. Но тој не ги почувствувал страдањата предизвикани од глад. Не бил искушуван и мачен од грдиот и моќен непријател, како што бил Божјиот Син“. – Confrontation, pp. 33, 34.

„Денес човекот има предност во однос на Адам во борбата против сатаната, затоа што пред себе го има Адамовото искуство на непослушност и падот што следел, па затоа е предупреден да се чува од неговиот пример. Човекот го има и Христовиот пример во совладувањето на апетитите и разните сатански искушенија, во совладувањето на моќниот непријател на секоја област, во победата во секој судир. Ако човекот се сопне и падне како резултат на искушението на сатаната, тој не може да има изговор за тоа, бидејќи непослушноста на Адам му била дадена како предупредување, а животот на Искупителот на светот како пример за послушност и самоодрекување“. – Confrontation, pp. 64.


Четврток 31. август

5. ЧИСТЕЊЕ

а. Што ќе се случи ако сѐ уште консумираме месна храна и пиеме алкохолни пијалоци во сегашниот ден на помирување? Исаија 22:14.

„Кога веста ќе допре до оние кои што не слушнале за вистината за ова време, тие ќе согледаат дека во нивната исхрана треба да дојде до голема реформа. Тие ќе сфатат дека треба да ја отфрлат месната исхрана, затоа што таа создава желба за жестоки пијалаци и го прави телото подложно на болести. Употребата на месото ги слабее телесните, умствените и моралните сили. Човекот е составен од она што го јаде. Нескротените страсти владеат заради употребата на месото, тутунот и алкохолните пијалаци. Господ ќе му даде мудрост на својот народ да приготви, од она што земјата го дава, храна која што ќе ја замени месото. Едноставна комбинација на зрнести плодови, житарки и овошје, приготвени вкусно и вешто, ќе бидат самите препорачливи до неверниците. Меѓутоа, во некои комбинации, се употребува премногу од зрнестите плодови“. – Совети за животот и исхраната, 268,269.

„Постојаното внесување на месна храна предизвикува вистинска штета на телото. Нема оправдување за тоа, освен изопачен, неприроден апетит. Можеби ќе прашате, дали целосно би се откажале од јадењето месо? Јас одговарам дека на крајот ќе дојде до тоа, но сега не сме подготвени за тој чекор. Месната исхрана со време ќе биде отфрлена. Месото од животните повеќе нема да биде дел од нашата храна и со гадење ќе гледаме на месарниците. Одново и одново ми се покажува дека Бог го враќа Својот народ на Својата првобитна намера да не јаде месо од мртви животни“. – Testimony Studies on Diet and Foods, p. 69.

б. Што ќе се случи со нас ако ги исполниме Божјите услови на денот на помирувањето? Левитска 16:29,30.

в. Која конечна изјава им е дадена на верниците непосредно пред Исусовото доаѓање и на што треба да нè наведе тоа? Откровение 22:11-14; 2 Петрово 1:10.


Петок 1. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како го поврзуваме Исаија 22 со денот на помирувањето?

2. Што се случило кога Исус ја отворил вратата на светињата над светињите?

3. Зошто е толку важно да го контролираме нашето тело, вклучително и јадењето и пиењето?

4. Зошто било потребно Христос да биде искушан и да победи токму во поглед на апетитот?

5. Од каде знаеме дека месната храна не може да биде дел од исхраната на Божјиот народ кој го чека второто Христово доаѓање?

 <<    >>