Back to top

Sabbath Bible Lessons

Симболи од службата во светилиштето - Ризници на Вистината (III)

 <<    >> 
14. лекција Сабота, 30. септември 2023.

Сведоштвото на Исус

„И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос“ (Откровение 12:17).

„Познавањето на Бога, какво што е откриено во Христа е познавање што мораат да го имаат сите спасени. Тоа познавање го преобразува карактерот. Ова познавање, кога ќе го примиме, ќе ја обнови душата според Божјото обличје. Во целото битие ќе втисне Божја духовна сила“. – Здравје и среќа, 425.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба, 593-602. 

Недела 24. септември

1. КОМУНИКАЦИЈА

а. Како Бог комуницирал со луѓето на почетокот, и зошто тоа престанало? Создавање 3:8-10; Исаија 59:2. Зошто е ова важно? Јован 17:3.

б. Како Бог им ги дал на пророците пораките што требало да ги пренесат - и зошто биле потребни? Создавање 18:18,19; 2 Петрово 1:21; 1 Коринтјаните 1:18-24.

„Во Библијата се изложува вистина со едноставност и со совршено прилагодување на потребите и копнежите на човечките срца, што ги изненадува и маѓепсува и најобразованите умови, додека истовремено им овозможува на скромните и необразованите да го запознаат патот на спасението. А сепак овие едноставно искажани вистини опфаќаат предмети кои се толку возвишени, далекусежни и бескрајно над моќта на човечкото сфаќање, што можеме да ги прифатиме само затоа што Бог ги објавил. Тука планот на спасението е изложен на таков начин што секоја душа може да ги види чекорите кои треба да ги преземе во покајанието пред Бога и во верата на нашиот Господ Исус Христос, за да биде спасена на начинот што Бог го одредил. Меѓутоа, под тие вистини, кои многу лесно се сфаќаат, лежат тајни кои ја сокриваат Неговата слава - тајни кои го совладуваат умот на оној што се обидува да ги објасни, додека искрениот истражувач на вистината го вдахновуваат со стравопочит и вера. Колку повеќе ја истражува Библијата, толку подлабоко е неговото убедување дека таа е реч на живиот Бог, и човечкиот ум се поклонува пред величествените божествени откритија“. – 5 Сведоштво, 700.

в. Колкумина припадници на Божјиот народ требало да станат пророци? Броеви 11:24-29.


Понеделник 25. септември

2. ПЛАНИНАТА СИНАЈ

а. Кога дошло време на Израелците да им биде објавен законот, како Бог комуницирал со нив? Второзаконие 5:22-24.

„Па сепак, во таа пригода Тој своите прописи не ги препуштил на памтењето на народот, толку наклонет да ги заборави неговите барања, туку ги напишал на камени плочи. Бог сакал Израелците да ги лиши од секоја можност за мешање на незнабожечките преданија со неговите свети прописи или од можноста на замена на неговите барања со човечки прописи и обичаи. Но Тој исто така не се запрел само на десетте заповеди. Народот покажал колку лесно паѓа во заблуда, и затоа ниту една врата на искушение не смеела да остане без стража. На Мојсеја му било наредено да ги напише законите и правата онака како што му заповедал Бог за точно да се знае што се бара. Овие објаснувања и упатства во врска со должностите на народот кон Бога, за меѓусебните обврски и односи кон дојденците, всушност биле само поцелосно објаснување на основните начела содржани во десетте заповеди. Тоа било потребно за никој да не биде доведен во заблуда. Тие објаснувања се дадени со цел да ја сочуваат светоста и неповредливоста на оние десет заповеди напишани на камени плочи.

Кога човекот би го држел Божјиот закон онака како што му бил даден на Адама по неговиот пад, како што го примил Ное и го презел Аврам, обрезанието воопшто не би било потребно. А кога Аврамовите потомци би го држеле оној завет, чијшто знак било обрезанието, никогаш не би биле заведени со идолопоклонство и не би морале да страдаат како робови во Египет. Божјиот закон би бил напишан во нивните мисли и не би било потребно тој да се објавува на Синај ниту да се пишува на камени плочи. Кога луѓето би ги држеле начелата содржани во десетте заповеди, не би биле потребни дополнителните упатства дадени преку Мојсеја“. – Патријарси и пророци, 364.

б. Каде требаше да пребива законот? Второзаконие 5:29; 6:5; 2 Коринтјаните 3:3.

в. Која цел на законот народот не успеал да ја постигне? Излез 20:13; 1 Јованово 3:15.

„Како последица на постојаниот престап, моралниот закон беше повторен на Синај во страшна величественост. Христос му дал на Мојсеј различни верски прописи според кои требало да се управуваат во секојдневниот живот. Овие прописи биле изразито дадени за да се заштитат Десетте заповеди. Тие не ја претставувале сенката и симболите што ќе престанат со Христовата смрт. Тие требало да бидат обврзувачки за луѓето во сите векови сѐ додека трае времето. Овие заповеди се спроведуваат со силата на моралниот закон и појасно и попрецизно го објаснуваат тој закон“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 1, p. 1104.


Вторник 26. септември

3. ПОВЕЌЕ ПРОРОЦИ

а. Зошто на Израелците постојано им требаа повеќе пророци? Судии 6:7-10.

„Додека уште било живо поколението што го упатувал Исус Навин, идолопоклонството не земало толкав замав, но родителите го приготвиле патот за отпад на своите деца. Со непочитување на Божјите ограничувања од страна на оние што влегле во хананската земја, посеано е семе на зло што продолжило да им носи горчливи плодови на многу поколенија. На Евреите нивните едноставни животни навики им осигурувале благодат на телесно здравје; но, дружејќи се со незнабошците, биле наведени да му попуштаат на апетитот и страстите, што постепено ја намалувало нивната телесна сила и им ги слабеело духовните и моралните сили. Израелците поради своите гревови биле одвоени од Бога. Биле лишени од неговата сила и не биле веќе надмоќ ни над своите непријатели. Така најпосле биле покорени токму од оние народи што тие со Божја помош можеле да ги покорат...

Сепак, Тој никогаш не се откажал наполно од својот народ. Секогаш постоел еден мал остаток - оние што му останале верни на Бога; и Господ од време на време подигал верни и храбри луѓе да го уриваат идолопоклонството и да го ослободуваат Израел од неговите непријатели. Но, кога ослободителот би умрел и кога народот би се ослободил од неговиот авторитет, тој постепено пак се враќал во идолопоклонство. И така постојано се повторувала историјата на застранување и казнување, а потоа каење и ослободување“. – Патријарси и пророци, 544,545.

б. Што се случило кога народот отишол предалеку во своето отпадништво – и зошто? Езекиел 3:4-7; 1 Самоилова 28:6; 2 Летописи 36:14-16; Лука 11:47-51.

„Господ никогаш не одбил ниту една душа која му се обратила искрено и со скршено срце. Тогаш зошто не му одговорил на Саула? Царот сам со своите постапки ги проиграл сите можности за обраќање на Бога. Го отфрлил советот на пророкот Самоил; го протерал Божјиот избраник, Давида, и ги убил Господовите свештеници. Зар тогаш можел да очекува одговор од Бога кога сам ги прекинал сите патишта што го поврзуваат човекот со небото? Згрешил против Духот на милоста и зар тогаш можел да добие одговор на сон или со Господово откровение? Саул не му се обратил на Бога понизно и со покајание. Тој не се молел за проштавање на гревот и за помирување со Бога, туку за ослободување од своите непријатели. Тој сам се оддалечил од Бога со својата тврдоглавост и бунт“. – Патријарси и пророци, 675.

в. Што пророкувал последниот старозаветен пророк и како тоа делумно се исполнило по период од речиси 400 години без пророк? Малахија 4:5,6; Матеј 11:11,14.


Среда 27. септември

4. НОВИОТ ЗАВЕТ

а. Зошто немало потреба од вообичаените пророци кога Исус бил на земјата? Евреите 1:1,2; 1 Тимотеј 3:16; Матеј 1:23.

„Свештеникот не знаел дека тоа Дете е Оној, за Кого пишувал Мојсеј: ‘Пророк ќе подигне Господ, вашиот Бог меѓу вашите браќа, како мене. Него послушајте го во сѐ што ќе ви каже’. (Дела 3:22) Не мислел дека тоа дете е Оној, чија слава Мојсеј сакал да ја види. Но, во прегратката на свештеникот лежел Оној, Кој бил поголем од Мојсеј и кога името на тоа Дете било внесено во книгата, било запишано името на Оној, Кој бил темел на целокупното еврејско верско уредување. Тоа име значело гаранција за крај на тоа уредување, бидејќи системот на жртви и дарови застарел; религиозните симболи скоро дошле до своето исполнување, сенката скоро допирала до својата реалност“. – Копнежот на вековите, 52.

„Духот и претходно бил на овој свет. Тој делувал на срцата на луѓето од самиот почеток на делото на откупувањето. Додека Христос бил на Земјата, на учениците не им бил потребен друг помошник. Меѓутоа, кога ќе бидат лишени од Неговото присуство, тие ќе почувствуваат потреба за дарот на Светиот Дух и тогаш Тој ќе дојде“. – Копнежот на вековите, 669.

б. Како да го споредиме Новиот завет со Стариот завет и што треба да правиме во врска со тоа? 2 Коринтјаните 3:8; Јоил 2:28,29; Дела 2:16-18; 1 Солунјаните 5:19,20.

„Сликите и сенките на жртвената служба, заедно со пророштвата, им дале на Израелците матна, нејасна слика за благодатта и благословите што треба да се донесат на светот со Христовото откровение. На Мојсеј му било откриено значењето на сликите и сенките кои укажуваат на Христа. Тој го видел крајот на она што требаше да заврши кога, при Христовата смрт, типот ќе се соочи со антитипот. Тој видел дека само преку Христа човекот може да го држи моралниот закон. Со престапот на овој закон, човекот го внел гревот во светот, а со гревот дошла и смртта. Христос станал искупителна жртва за човечкиот грев. Тој го понудил Своето совршенство на карактерот во замена за грешноста на човекот. Тој го зел врз Себе проклетството на непослушноста. Жртвите и приносите укажувале на жртвата што Тој требаше да ја направи. Закланото јагне го претставувало Јагнето кое требало да ги земе гревовите на светот...

Без Христа, престапникот останува под проклетството (на законот), без надеж за простување. Службата сама по себе нема слава, но ветениот Спасител, откриен во сликите и сенките на церемонијалниот закон, го направил моралниот закон славен“. – Selected Messages, bk. 1, p. 237.


Четврток 28. септември

5. ПОСЛЕДНИ ДЕНОВИ

а. Како знаеме дека Јоил зборува за последниот остаток на Божјиот народ, и како Новиот завет ја нагласува потребата од Духот на пророштвото? Јоил 2:32; Откровение 12:17; 19:10.

„Бог, како на Свои слуги, ни дал задача. Тој ни дал порака која треба да ја објавуваме на Неговиот народ. Веќе триесет години ние ја примаме речта на Божјите пораки и опомени и ги пренесуваме на Неговиот народ. На таа сериозна одговорност ние се нафаќаме со страв и трепет, со многу молитви и длабоко размислување. Како Божји амбасадори, често во Христово име најсесрдно ги опоменуваме душите и ги повикуваме да се помират со Бога. Ги опоменуваме припадниците на Божјиот народ, укажувајќи им постојано на опасностите што им се закануваат. Сам Бог ни ја доверил оваа задача. Во каква тогаш положба се ставаат оние кои не сакаат да ги послушаат од Бога дадените зборови на совет и опомена, затоа што тие ги спречуваат на нивниот пат и ги осудуваат нивните зли дела? Ако си потполно осведочен дека преку нас не зборува Бог, зошто во склад со таквата своја вера не ја раскинеш секоја врска со народот кој наводно е во толку голема заблуда? Ако на своите постапки беше поттикнат од Светиот Дух, ти си во право, а ние во заблуда. Бог или ја поучува црквата, ги укорува и осудува нејзините престапи и ја јакне нејзината вера, или не. Ова е Божје дело, или не е. Бог не работи во партнерство со сатаната. Мојата работа во последните триесет години го носи Божјиот печат, или печатот на непријателот. Овде нема ништо половично, никаква спогодба. Сведоштвата се дело на Божјиот Дух, или пак дело на непријателот. Ти или работиш за Бога или за ѓаволот. „По нивните родови ќе ги познаете”. Каков или чиј печат носи твоето дело? Резултатите на твојата работа треба навистина критички да се разгледаат“. – 4 Сведоштво, 229.


Петок 29. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто е толку важно да одржуваме комуникација со Бога?

2. Како била откриена Божјата намера дека луѓето треба да го разберат подлабокото значење на законот, не само она што е во основа напишано?

3. Во кој момент Бог испратил повеќе информации преку пророците и што се случило кога тие продолжиле да ги отфрлаат?

4. Како треба да го примиме Новиот завет во споредба со величественото откривање на Бога во Стариот завет?

5. Што можеме да очекуваме од Бога во времето непосредно пред крајот на светот?

 <<    >>