Back to top

Sabbath Bible Lessons

Симболи од службата во светилиштето - Ризници на Вистината (III)

 <<    >> 
5. лекција Сабота, 29. јули 2023.

Бришење на гревовите

„Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото појавување“ (2 Тимотеј 4:8).

„Христовото посредување за човекот во небесното Светилиште е исто толку важно во планот на спасението колку и Неговата смрт на крстот“. ¬– Големата борба, 489.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба, 423-432. 

Недела 23. јули

1. ВРЕМЕ НА БРИШЕЊЕ НА ГРЕВОВИТЕ

а. Во однос на времето на апостолите, кога ќе се случи бришењето на гревовите? Дела 3:19,20.

„Истражниот суд и бришењето на гревовите треба да завршат пред второто Христово доаѓање. Бидејќи на мртвите ќе им биде судено според она што е запишано во книгите, не е можно гревовите на луѓето да бидат избришани пред крајот на судот на кој ќе се испитува нивниот живот“. ¬– Големата борба, 485.

б. Што се случува на земјата како подготовка за второто доаѓање додека нашите гревови се бришат од небесните книги? Ефесјаните 5:25-27; 1 Јованово 3:2,3.

„Оние што ќе живеат на земјата во времето кога Христовото посредување во небесното Светилиште ќе заврши, ќе мораат да стојат пред светиот Бог без посредник. Нивната облека ќе мора да биде беспрекорна, а нивниот карактер очистен од гревовите со Неговата крв. Со Божја милост и со трудољубиво настојување, мора да бидат победници во борбата со злото. Додека на небото се врши истражен суд и додека од Светилиштето се отстрануваат гревовите на покајаните верни, меѓу Божјиот народ на земјата мора да се изврши посебно дело на чистење и отстранување на гревот“. ¬– Големата борба, 425.


Понеделник 24. јули

2. ИСТРАЖЕН СУД

а. Како Даниел ја опишува сцената на судот? Даниел 7:9,10.

„(Даниел 7:9,19 цитиран) Така на пророкот во видение му е покажан големиот и свечен ден во кој Судијата на целиот свет ќе го прегледа карактерот и животот на секој човек и кога ќе му биде дадено ‘на секого според делата негови’ (Откровение 22:12). Старецот е Бог Отецот... Оној кој претставува извор на сѐ што постои и основа на сите закони, претседава со овој суд. Како слуги и сведоци на овој голем суд ќе присуствуваат светите ангели, на број ‘илјада илјади и десетина илјади по десет илјади’“. ¬– Големата борба, 479.

б. Кој се придружува на овој суд? Даниел 7:13,14; Евреите 9:24.

„Христовото доаѓање што е опишано овде не е Неговото второ доаѓање на земјата. Тој доаѓа пред Старецот на небото да прими власт, слава и царство што ќе му бидат дадени на крајот на Неговата посредничка служба. Ова доаѓање, а не Неговото второ доаѓање на земјата, според пророштвото ќе се случи на крајот од 2300 години, односно во 1844. година. Во придружба на небесните ангели, нашиот голем Првосвештеник влегол во светињата над светињите и таму се појавува пред Бога да го изврши последниот дел од Својата служба за луѓето - да го изврши делото на истражниот суд и да изврши помирување за сите што се најдени достојни за Неговата милост“. ¬– Големата борба, 479.

„(Мртвите праведници) нема да бидат присутни лично на судот кога ќе се испитува извештајот за нивниот живот и кога ќе се решава нивниот случај.

Исус ќе дојде како нивен застапник пред Бога да се заземе за нив“. ¬– Големата борба, 482.

в. Како знаеме дека ова Христово доаѓање е некаде на небото, а не на оваа земја? Псалм 11:4.

„Во Светињата над светињите се врши големото дело на поучување. Божјите ангели комуницираат со луѓето. Христос служи во светилиштето. Ние не го следиме во светилиштето како што треба. Христос и ангелите делуваат на срцата на човечките деца. Црквата горе, обединета со црквата на земјата, води добра војна на земјата. Овде на земјата мора да има чистење на душата, истовремено со Христовото чистење на небесното светилиште. Таму ќе видиме појасно како што сме видени. Таму ќе знаеме како што нѐ познаваат“. ¬– The Ellen G. White 1888 Materials, p. 27.


Вторник 25. јули

3. ПРЕД ХРИСТОВОТО ДОАЃАЊЕ

а. Дали Христовото стапување во брак со Неговото царство се случува пред или по Неговото враќање на земјата? Која симболика се користи за да се претстави црквата? Откровение 21:2; Лука 12:35,36; Откровение 19:9.

„Овде споменатото доаѓање на младоженецот се случило пред свадбата. Свадбата го претставува Христовото преземање на Неговото царство. Светиот град, новиот Ерусалим, кој е главен град на царството, е наречен ‘невеста, жена на Јагнето’. Ангелот му рекол на Јован: ‘Дојди ќе ти ја покажам невестата жената на Јагнето’ ‘Па ме одведе преку Духот’, кажува пророкот, ‘и ми го покажа големиот, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото - од Бога’ (Откровение 21:9,10). Според ова, очигледно е дека невестата го претставува светиот град, а девојките што му излегуваат во пресрет на младоженецот ја претставуваат црквата. Според Откровението, Божјите деца ќе бидат гости на вечерата на свадбата на Јагнето (Откровение 19:9). Ако се гости, тие не можат истовремено да бидат претставени и како невеста. Христос, како што ни кажува пророкот Даниел, ќе прими од Старецот ‘власт, слава и царство’. Тој ќе го прими новиот Ерусалим, главниот град на Своето царство, што ќе биде ‘стокмен како невеста променета за својот маж’ (Даниел 7:14; Откровение 21:2). Откако ќе го прими царството, ќе дојде во Својата слава како, Цар над царевите и Господар над господарите да му даде спасение на Својот народ, кој ‘ќе седне на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно’ (Матеј 8:11; Лука 22:30), да земе учество во свадбената вечера на Јагнето“. ¬– Големата борба, 426,427.

б. Во која улога доаѓа Исус по втор пат? Откровение 17:14; 19:16.

„Исус оди напред како моќен победник. Тој сега не доаѓа како ‘човек на болки’ (Исаија 53:3), да ја пие горчливата чаша на срам и јад, туку како победник на небото и на земјата, да им суди на живите и мртвите. ‘Тој се вика Верен и Вистинит; и Тој праведно суди и војува’. ‘А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи’ (Откровение 19:11.14). Со мелодии на небесни химни, светите ангели, огромно и безбројно мноштво, го придружуваат на Неговиот пат. Небесниот свод изгледа како да е преполн со блескави суштества, ‘десет илјади по десет илјади, и илјада илјади’. Ниту едно човечко перо не може да ја опише оваа сцена; ниту еден ум на смртен човек не е способен да го сфати тој сјај. ‘Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот Му е како сончева светлина’ (Авакум 3:3,4). Бидејќи живиот облак се приближува, секое око го гледа Кнезот на животот. Неговата света глава не ја нагрдува веќе трнов венец; на Неговото свето чело почива славен венец. Неговото лице свети посилно од заслепувачкиот сјај на пладневното сонце. ‘На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: Цар над царевите и Господар над господарите’“ (Откровение 19:16)“. ¬– Големата борба, 640.


Среда 26. јули

4. НАГРАДАТА ОДРЕДЕНА

а. Кога се одредува наградата на светиите и кога всушност се дава? Откровение 11:18; 22:12; 2 Тимотеј 4:7,8.

„Царевото испитување на гостите на гозбата ја претставува работата на судот. Гостите на евангелската гозба се тие што тврдат дека му служат на Бога, тие чиишто имиња се запишани во книгата на животот. Меѓутоа, не сите што тврдат дека се христијани се вистински ученици. Пред да се подели конечната награда, ќе мора да се одлучи кој е достоен да има удел во наследството на праведните. Оваа одлука мора да се донесе пред второто Христово доаѓање на небесните облаци; бидејќи кога Тој ќе дојде, Неговата награда ќе биде со Него, ‘за да му дадам на секого според делата негови’ (Откровение 22:12). Пред Неговото доаѓање, тогаш ќе се испита карактерот на секој човек, и на секој Христов следбеник ќе му се додели награда според неговите дела”. ¬– Христовите поуки, 310.

б. Бидејќи луѓето ќе бидат судени според законот, што треба да се открие пред да започне судот? Откровение 11:19; Дела 17:30; Јаков 4:17.

„Ангелот ми кажа: ‘Ако светлината дојде и биде отфрлена или презрена, тогаш доаѓа и осуда и Божјиот гнев; но додека светлината не е дадена, нема ниту грев, зашто немало светлина што би можеле луѓето да ја отфрлат’”. ¬– 1 Сведоштво, 116.

в. Што има внатре во ковчегот на заветот и што учиме за небесното светилиште? Евреите 9:4; 8:5.

„Во светињата над светињите го здогледав ковчегот на заветот чии страни, горната и бочната, беа од најчисто злато. И на едниот и на другиот крај од ковчегот се наоѓаше по еден прекрасен херувим со раширени крилја. Со лицата беа свртени еден кон друг, со погледите спуштени кон ковчегот. Помеѓу нив се наоѓаше златната кадилница. Над ковчегот, каде што стоеја ангелите се издигаше извонредно блескава слава, која беше слична на Божјиот престол. Покрај ковчегот стоеше Исус и кога молитвите на светиите ќе се издигнаа до него, Тој ги принесуваше кај Отецот заедно со мирисот на темјан кој согоруваше во златната кадилница. Во ковчегот се наоѓаше златниот сад со мана, Ароновата расцутена палка и камените плочи склопени како книга. Исус ги отвори и јас ги здогледав десетте заповеди испишани на нив со Божјиот прст”. ¬– Рани списи, 32.


Четврток 27. јули

5. ДЕНОТ НА ПОМИРУВАЊЕТО (ЈОМ КИПУР)

а. Опишете го денот на помирувањето во левитскиот систем и објаснете како во него било симболизирано бришењето на гревовите. Левитска 16:29,30; 23:27,30.

„И како што во земното Светилиште е извршено отстранување на гревовите што го сквернавеле него; сега на ист начин мора да биде извршено и вистинско чистење на небесното Светилиште, да се отстранат или да се избришат гревовите што се запишани таму. Но, пред да може да се изврши тоа, мора да се испитаат книгите за да се утврди кој стекнал право со покајание и со вера во Христа да се користи со благодатта на Неговото помирување. Затоа чистењето на Светилиштето содржи извесно дело на истражување, дело на истражниот суд. Ова дело мора да биде извршено пред Христос да дојде да го избави Својот народ зашто, кога Тој ќе дојде, со Себе ја носи и Својата награда ‘за да му даде на секого според делата негови’ (Откровение 22:12)“. ¬– Големата борба, 421,422.

б. Како познавањето на оваа реалност треба да влијае на нашите секојдневни одлуки? 2 Коринтјаните 6:2.

„Сите оние што својата немирна совест ја стивнуваат со мислата дека својот лош пат можат да го изменат секогаш кога ќе посакаат и кои мислат дека со повикот на милоста можат да си играат и да го прифатат кога ќе им се стори ним погодно, се изложуваат на голема опасност и тоа го прават на свој погибел. Разгледувајќи го сето свое влијание на страна на големиот бунтовник, тие мислат дека во последниот миг од опасноста можат да го променат водачот. Но тоа не се изведува така лесно. Искуството, воспитувањето и навиките на постојано попуштање кон гревот оставаат толку длабок и траен впечаток врз нивниот карактер, што тие потоа не можат да го прифатат Исусовиот лик. Кога нивната патека не би била осветлена, случајот би бил поинаков. Би им била укажана милост и тие би имале можност да ги прифатат нејзините понуди; но бидејќи светлината е долго отфрлана и презирана, таа најпосле ќе им биде и скусена”. ¬– Патријарси и пророци, 269.


Петок 28. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како знаеме дека времето за бришење на гревовите мора да се случи пред второто доаѓање на Исус?

2. Како знаеме дека Христовото доаѓање во Даниел 7 се однесува на најсветото место во небесниот храм, а не на оваа земја?

3. Објасни како бракот го симболизира Христовото примање на Неговото царство, а не бракот со Неговата црква?

4. Како може да се суди праведно, покажувајќи ја на тој начин потребата да се открие најсветото место пред судот?

5. Кој настан од Стариот завет го означува бришењето на гревовите?

 <<    >>