Back to top

Sabbath Bible Lessons

Симболи од службата во светилиштето - Ризници на Вистината (III)

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 12. август 2023.

„И тогаш светилиштето ќе се очисти“

„Другиот му рече: „Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти“ (Даниел 8:14).

„Преку страдањето и смртта на Синот човечки, беше овозможено спасението на човештвото. Преку дејството на Светиот Дух Бог планира да го обнови својот лик во човештвото, да воведе нов и жив принцип на живот во умовите извалкани од гревот... Крстот Христов мора да се проучува. Тој мора да го привлече вниманието и да ја задржи наклонетоста. Крвта што е пролеана за гревовите ќе го облагороди и очисти умот и срцето од секаква себичност“. – Testimonies to Ministers, pp. 377, 378.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Пророци и цареви, 681-702. 

Недела 6. август

1. ВО МОЛИТВА СО ПОСТ

а. Покажете како Даниел, високо почитуван Божји пророк, не сметал дека е непотребно да ги проучува списите на другите пророци. Даниел 9:2; Еремија 29:10.

„Имајќи бреме за Израел, Даниел повторно ги проучувал пророштвата на Еремија“. – Пророци и цареви, 554.

б. На што треба да бидеме подготвени за да ги разбереме списите на Божјите назначени гласници? Даниел 8:27; 9:3; 10:1-3.

„Ова искушение требаше да ја открие цврстината на оние што со искрена верност и послушност ја прифатија науката на Божјото слово и на Божјиот Дух. Ова искуство, повеќе од кое и да е друго, требаше да им укаже на тоа колку е опасно кога ќе се прифатат теориите и толкувањата на луѓето, наместо Библијата да се стори свој сопствен толкувач. Тешкотиите и тагата што се појавија како последица на нивната заблуда, требаше да влијаат врз децата на верата да се поправат. Тоа требаше да ги поттикне на посовесно проучување на пророчкото слово, да ги научи со поголемо внимание да ги испитуваат темелите на својата вера и да го отфрлат сѐ она што не е библиско, без оглед колку истото е раширено меѓу христијанскиот свет“. – Големата борба, 354.


Понеделник 7. август

2. ДВЕ ИЛЈАДИ И ТРИСТА ДЕНА

а. Што покажало дека ангелот Гаврил дошол да го просветли Даниел и да му го објасни претходно даденото видение кое пророкот не го разбрал? Даниел 9:20-23,26,27.

„Благодарение на второто видение била фрлена нова светлина за идните настани, и пред крајот на тоа видение Даниел слушнал ‘како еден светец зборува, а друг светец го праша оној што зборуваше: До кога ќе трае овој привид?’ (Даниел 8:13). Одговорот го збунил: ‘Уште две илјади и тристотини вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе биде очистено’. (Стих 14). Тој срдечно барал смисла на видението. Не можел да ја разбере врската помеѓу седумдесет годишното ропство, проречено преку Еремија, и две илјади и три стотини години кои, како што рекол во видението небесниот посетител, треба да поминат пред да се исчисти Божјата светиња. Ангелот Гаврил му дал само површно толкување. Меѓутоа, кога пророкот ги слушнал зборовите дека ‘видението... е за многу години’, тој се онесвестил“. – Пророци и цареви, 554.

„Оваа божествена порака ангелот Гаврил, му ја пренел на пророкот Даниел, ангел, кој според рангот доаѓа веднаш по Божјиот Син“. – Копнежот на вековите, 234.

б. Која наредба претходно дадена на пророкот сè уште не се исполнила и на што се однесувало недовршеното објаснување? Даниел 8:16,14.

„Ангелот е пратен кај Даниел со посебна цел да му го објасни она што не го сфатил од видението во осмата глава, а тоа е извештајот во врска со времето: ‘Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш Светилиштето ќе се очисти’“. – Големата борба, 326.

„Ние, како народ, треба сериозно да ги проучуваме пророштвата; не треба да мируваме додека не го разбереме предметот на светилиштето прикажан во визиите на Даниел и Јован. Оваа тема фрла голема светлина на нашата сегашна позиција и дело и ни дава непогрешлив доказ дека Бог нè водел во нашите минати искуства. Тоа го објаснува нашето разочарување во 1844. година, покажувајќи ни дека светилиштето што требало да се исчисти не е земјата, како што претпоставувавме, туку дека Христос тогаш влегол во Светињата над светињите на небесното светилиште, каде што го извршувал завршното дело на Својата свештенички служба, како исполнување на зборовите што ангелот му ги упатил на пророкот Даниел: ‘Уште две илјади и три стотини вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе биде очистено’“ (Даниел 8:14). – Evangelism, pp. 222, 223.


Вторник 8. август

3. ПРИНЦИП „ДЕН ЗА ГОДИНА“

а. Како треба да го разбереме пророчкиот ден? Езекиел 4:6; Броеви 14:33,34.

„Во пророштвото еден ден претставува една година. (Види Броеви 14:34; Езекиел 4:6)“. – Пророци и цареви, 698.

б. Освен причините наведени во горното прашање, како знаеме дека 70-те седмици од Даниел 9 се дел од 2300 дена од Даниел 8 и што треба да се направи во тој период? Даниел 9:24-27.

„Откако ангелот го повикал Даниел: ‘Внеси се во зборот и разбери го видението’, продолжил: ‘Седумдесет седмици се определени за твојот народ и за светиот твој град’. Зборот ‘определени’, значи буквално ‘отсечени’. Ангелот разјаснува дека седумдесетте седмици, што значи 490. години, се отсечени и дека се однесуваат само на Евреите. Но од што биле тие отсечени? Бидејќи периодот од 2300 денови е единствен период што се споменува во осмата глава, седумдесетте седмици морале да бидат отсечени од тој период. Тоа значи дека седумдесетте седмици се дел на тие 2300 денови и дека тие два дела почнуваат во исто време. Според разјаснувањето на ангелот, седумдесетте седмици морале да почнат во мигот кога ќе се издаде заповед Ерусалим пак да се изгради. Кога би можел да се утврди датумот на оваа заповед, тогаш би се нашла појдовната точка на големиот временски период од 2300 денови“. – Големата борба, 326.

„Планот на спасението има свое место во советите на Бесконечниот од вечни времиња. Евангелието е откровение на Божјата љубов кон човекот и тоа претставува сè што е неопходно за среќата и благосостојбата на човештвото. Божјото дело на земјата е од неизмерна важност, а посебната цел на сатаната е да го отстрани од очите и од умот на луѓето, за да бидат неговите средства ефективни во уништувањето на оние за кои Христос умрел. Негова цел е да ги издигне човечките изуми над Божјата мудрост. Кога умот е преокупиран со човечки идеи и теории, отфрлајќи ја мудроста Божја, тој е означен како идолопоклоник. Лажно наречената наука е издигната над Бога, природата над нејзиниот Творец; и како може Бог да гледа на таквата мудрост?“ – Fundamentals of Christian Education, p. 186.


Среда 9. август

4. ОБЈАСНУВАЊЕ НА ПОИМИТЕ

а. Како се исполнува фразата „да го однесе гревот“, или, како што е наведено во оригиналот, „приносите за грев“? Евреите 9:24-26; 7:26,27.

„Ангелот потоа рекол: ‘И ќе го утврди заветот со мнозина за една седмица (седум години)’. Евангелието требало да им се проповеда посебно на Евреите во текот на седум години од почетокот на службата на Спасителот; Самиот Христос требал да проповеда три и пол години, а после Него апостолите. ‘А во половината од седмицата ќе ги укине жртвата и приносот’. (Даниел 9:27). Во пролетта 31-та година по Христа, Христос, вистинската жртва, била принесена на Голгота. Тогаш завесата од храмот се раскинува на половина, што значело дека жртвениот систем ја изгубил својата светост и смисла. Дошол моментот кога требало да престанат земските жртви и приноси“. – Пророци и цареви, 699.

„Со големата жртва принесена на Голгота се завршил периодот на принесување на жртви, кои во текот на четири илјади години укажувале на идното Божјо Јагне. Сега сенката станала стварност и затоа требало да престанат сите жртви и приноси на церемонијалниот закон“. – Големата борба, 327.

б. На кој начин е извршено помирување за беззаконието? 2 Коринтјаните 5:19,20.

„Плаќајќи неизмерна цена, Христос го откупил светот и припадниците на човечкиот род биле предадени во Неговите раце; тие станале Негова своина. Во Своето самопожртвување Тој ги оставил сите почести и богатства на небото, Својот величествен дом во царските дворови и станал ‘син на Јосиф и Марија’. Јосиф бил еден од најскромните столарски работници. И Исус исто така бил работник, живеејќи од едноставна и напорна работа. Кога дошло време да ја започне Својата јавна мисија, веднаш по крштавањето, го издржал мачниот пост од речиси шест седмици. Неискажаните страдања низ кои минувал тогаш биле предизвикани не само од мачното чувство и од последиците на четериесетдневното гладување; најмногу од сè го притискала вината за гревовите на светот која ја презел на Себе. ‘Зашто Оној Кој не знаеше за грев, стана грешен поради нас’. Под тој ужасен товар на вина поради нашите гревови, Тој се спротивставил на страшните искушенија, како што се: апетитот, љубовта кон светот и земските почести и горделивото фалење кое води до дрско пречекорување на дозволеното. Христос минал низ сите три големи и главни искушенија и ги победил во име на човекот, изградувајќи за него совршен карактер, бидејќи знаел дека човекот сам за себе тоа никогаш не може да го оствари. Тој знаел дека токму во тие три точки сатаната најмногу го напаѓа човечкиот род. Совладувајќи го Адам, сатаната имал намера да го продолжи своето дело сè додека не го упропасти целиот човечки род. Христос се впуштил во борба со сатаната за да го порази во корист на човекот, бидејќи видел дека човекот само со својата сила не може да го победи. Со својот живот на страдања, самооткажување и самопожртвуваност, со Своето страдање и со Својата смрт, Христос подготвил пат за спасение на човекот. На тој начин Тој му овозможил на човекот, следејќи го Неговиот пример, и самиот да стане победник, како што и Тој победил поради него “. – 3 Сведоштво, 372.


Четврток 10. август

5. ЗАПОЧНА НЕБЕСНАТА СЛУЖБА

а. Како е обезбедена вечната праведност? Наум 1:9.

„Целата вселена ќе биде сведок за природата и за последиците на гревот. А неговото целосно уништување кое, да било извршено веднаш на почетокот, би ги исплашило ангелите и на Бога би му нанело срам, сега ќе ја оправда Неговата љубов и ќе ја издигне Неговата чест пред сите жители на вселената, кои со најголема радост ја исполнуваат Неговата волја и во чиишто срца е напишан Неговиот закон. Злото никогаш повеќе нема да се појави. Божјото слово вели: ‘Неволјата нема да се подигне двапати’ (Наум 1:9). Божјиот закон, кој сатаната го прогласил како јарем на ропството, ќе биде почитуван како Закон на слободата“. – Големата борба, 504.

„Сè што можеме да сториме ние самите е извалкано со грев. Но Божјиот Син ‘се јави за да ги земе нашите гревови; а грев во Него нема“. Гревот е опишан како „беззаконие’ (1 Јованово 3:5,4). Христос бил послушен кон сите барања на законот. Самиот за Себе рекол: ‘Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое’ (Псалм 40:8). Кога бил на земјата, Тој им рекол на Своите ученици: ‘Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец’ (Јован 15:10). Со Својата совршена послушност Христос на секое човечко суштество му овозможил да ги почитува Божјите заповеди. Кога ќе му се предадеме на Христа, срцето се соединува со Неговото срце, волјата се спојува со Неговата волја, умот станува едно со Неговиот ум, мислите се заробуваат покорувајќи се Нему; ние живееме Негов живот. Тоа значи дека сме облечени во облеката на Неговата праведност“. – Христовите поуки, 311,312.

б. Пред да започне земното светилиште со својата служба, скинијата мораше да биде помазана (Излез 40:9). Низ што морал да помине Исус пред да завршат 70-те седмици за да ја започне Својата служба во небесното светилиште? Даниел 9:24; Матеј 3:13-17; Јован 19:28-30; Евреите 8:1-5; 9:8,9.


Петок 11. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На какво самоодрекување треба да бидеме спремни за да ги разбереме важните пророштва за нашето време?

2. Како знаеме дека пророштвата од Даниел 9 се јасно поврзани со Даниел 8, особено со објаснувањето на 14. стих?

3. Што треба да сфатиме за временските периоди додека ги проучуваме пророштвата?

4. Наведи некои од работите што треба да се исполнат во периодот од 70-те седмици.

5. Што требаше да се случи пред Исус да ја започне Својата небесна служба?

 <<    >>