Back to top

Sabbath Bible Lessons

Посветли зраци на светлината - Ризници на вистината (I)

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 20. мај 2023.

Божјиот ден на љубовта

„Празнувајте ги Моите саботи за да бидат знак меѓу Мене и вас, па да знаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог“ (Езекиел 20:20).

„Бог видел дека саботата била битна за човекот дури и тогаш додека уште се наоѓал во рајот. Му било потребно еден ден во седмицата да ги остави сите свои интереси и стремежи за да може целосно да се посвети на посматрање на Божјите дела и на размислување за неговата моќ и добрина. Му била потребна саботата за што повпечатливо да го потсетува на Бога и кај него да буди благодарност кон Оној од чиишто благотворни раце доаѓало сѐ што имал и што го радувало“. – Патријарси и пророци, 48.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Совети за детето, 527–537. 

Недела 14. мај

1. ВЕЧЕН ЖИВОТ

а. Што треба да сфатиме за оние кои ќе бидат единствените кои ќе ја имаат привилегијата да одат во таа подобра земја? Откровение 22:12-14; Јаков 2:10.

„Од една страна одбиваат да веруваат во некои Божји барања и да се придржуваат кон нив, од друга страна упорно вршат надворешни форми на богослужение. Божјиот Дух не прифаќа таква служба. Без оглед на тоа колку луѓето се ревносни во одржувањето на верските церемонии, сепак, Бог не може да ги прифати ако и понатаму намерно престапуваат макар и една Негова заповед“. – Патријарси и пророци, 634.

б. Што треба да правиме со Божјиот закон и каде тој треба да биде чуван? 2 Коринтјаните 13:5; Евреите 8:10.

„Ние мора да ги споредиме нашите карактери со непогрешливиот стандард на Божјиот закон. За да го направиме тоа, мораме да го истражуваме Светото Писмо, мерејќи ги нашите достигнувања според Божјата реч“. – The Review and Herald, February 14, 1893.


Понеделник 15. мај

2. ПРОРЕЧЕНА ОБНОВА

а. Кое пророштво покажува дека Божјиот народ ќе посвети посебно внимание на Неговиот морален закон од Десетте заповеди? Еремија 6:16; Исаија 58:12.

„При завршетокот на историјата на светот сите божествени институции ќе бидат обновени. Ќе се санираат урнатините во законот кои што ги направил човекот престапувајќи ја саботата. Остатокот на Божјиот народ кој како реформатор стои пред светот, мора да покаже дека Божјиот закон е основа на секоја трајна реформа и саботата од четвртата заповед, мора да стои како постојан спомен на создавањето и Божјата сила. Тој мора со јасни и разбирливи зборови да укаже на обврската за држењето на сите десет заповеди. Поттикнат од Христовата љубов тој мора да соработува со Него, ѕидајќи урнатини. Тој треба да биде обновител на урнатини, и да ги санира патиштата за населбите“. – Пророци и цареви, 678.

б. Наведете ја посебната точка што треба да се земе во предвид во оваа обнова и објаснете ги резултатите од тој процес. Исаија 58:13,14.

„Кога ќе почне саботата, мораме грижливо да внимаваме на себе, на своите постапки и зборови, за да не Го користиме она време кое му припаѓа само Нему. Не смееме да работиме ништо што е во врска со заработувачка и што би можеле да го завршиме за останатите шест дена ниту пак смееме да им дозволиме на своите деца да го прават тоа. Петокот е ден на подготовка. Него треба да го искористиме за неопходните подготовки за саботата, а потоа треба да мислиме на неа и да зборуваме за неа. Не смее да се зборува ниту да се прави нешто што небото би го сметало како кршење на светата сабота. Бог бара не само во сабота да не извршуваме никаква физичка работа туку и да го научиме својот дух да мисли само за светите прашања. Да се зборува за земските работи всушност значи да се крши четвртата заповед, а истото тоа важи и за водењето на лесни и безначајни разговори“. – 2 Сведоштво, 702,703.

„Саботата ќе биде задоволство за сите оние што ја примаат како знак на Христовата создавачка и откупителна моќ. Гледајќи го Христа во неа, тие се насладуваат во Него. Саботата им укажува на делата на создавање, како на доказ на Неговата силна моќ во откупувањето. Саботата потсетува на загубениот Едем и истовремено укажува на мирот, кој е повторно вратен преку Спасителот“. – Копнежот на вековите, 289.


Вторник 16. мај

3. РЕФОРМА ПО ПРАШАЊЕ НА САБОТАТА

а. Како Бог се обидел да го поправи ставот на Својот народ кон саботата — и што би се случило во случај да продолжеле да ја отфрлаат? Еремија 17:24-27.

„Во една пригода, по Божја наредба, пророкот застанал пред еден од главните влезови во градот и укажувал на важноста од празнувањето на светиот саботен ден. Жителите на Ерусалим биле во опасност дека ќе ја заборават светоста на саботата и биле свечено предупредени против извршувањето на своите световни работи во тој ден...

На тој начин пророкот цврсто застанал на страната на здравите принципи на правилниот начин на живот кои се толку јасно прикажани во книгата на законот. Но состојбата во Јудеја била таква што промената можела да се изврши единствено со најодлучни мерки“. – Пророци и цареви, 411,412.

б. Како истите постапки доведуваат до слични последици? 1 Коринтјаните 10:5,6. Дали Бог се променил? Малахија 3:6; Евреите 13:8.

„Истите причини секогаш имаат исти последици. Оној што намерно го задушува чувството на својата должност затоа што тоа се коси со неговите склоности, на крајот воопшто нема да биде во состојба да ја разликува вистината од заблудата. Разумот слабее, совеста отапува, срцето се стврднува, а душата се одделува од Бога. Таму каде што се омаловажува и се презира веста на божествената вистина, црквата ќе биде обвиена во темнина; верата и љубовта се повеќе оладуваат и настанува отуѓеност и раздор. Членовите на црквата своите интереси и сили ги сосредоточуваат на световните работи, а грешниците стануваат уште потврди во своето непокајание“. – Големата борба, 378,379.

„Денес, сатаната ги користи истите средства за да ги предизвика истите зла, а неговите напори се проследени со истите последици што во деновите на Израел ставија толку многу луѓе во нивните гробови“. – The Review and Herald, February 4, 1909.

„Истата опасност постои и денес меѓу оние луѓе кои тврдат дека се чувари на Божјиот закон. Тие се премногу склони да си ласкаат себеси дека почитта што ја имаат кон заповедите треба да ги заштити од силата на божествената правда. Тие одбиваат да бидат укорени за злото и ги обвинуваат Божјите слуги дека се премногу ревносни во отстранувањето на гревот од логорот“. – The Signs of the Times, February 12, 1880, Art. B.


Среда 17. мај

4. ТЕШКОТИИ

а. Како знаеме дека саботата постоела уште пред објавувањето на законот на планината Синај? Излез 20:8; 16:4,5. Како Евреите го покажале својот презир кон истиот тој закон? Излез 16:27-30.

„Во текот на своето долго патување низ пустината Израелците секоја седмица биле очевидци на тројно чудо што требало во нивната душа да ја вреже свеста за значењето и за светоста на саботата. Шестиот ден паѓало двојно количество мана, а седмиот ден воопшто не паѓала. Освен тоа, само оној дел што бил наменет за сабота не се расипувал преку ноќта додека инаку маната оставена за утредента редовно се расипувала.

Околностите во врска со давањето на мана даваат убедливи и непобитни докази дека празнувањето на саботата не било воведено дури кога е даден законот на Синај, како мнозина што тврдат. За задолжителноста на празнувањето на саботата Израелците знаеле уште пред да стигнат на Синај. Светоста на денот за одмор постојано им била предочувана на тој начин што секој петок морале да соберат двојно количество мана за да имаат за сабота, кога таа воопшто не паѓала. А кога некои од народот и во сабота излегле да собираат мана, Господ поставил прашање: ‘До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој?’“ – Патријарси и пророци, 296,297.

б. Дали ова бил изолиран проблем во пустината по прашање на празнувањето на саботата? Објаснете. Езекиел 20:10-13.

„Во текот на сите четириесет години од престојот во пустината, чудото поврзано со паѓањето на мана секоја седмица народот го потсетувало на неговата света обврска да празнува сабота. Но дури ни тоа не им помогнало да бидат послушни. Иако не се осмелувале саботата да ја престапат тако отворено и дрско како оној кој за тоа бил посебно казнет, сепак биле мошне немарни во врска со почитувањето на четвртата Божја заповед за која Бог преку пророкот објавил: ‘Моите саботи ги нарушија’ (Езекиел 20:13,24). И тоа се вбројува меѓу причините поради кои првото поколение било лишено од влегување во ветената земја. Меѓутоа, нивните потомци не извлекле од тоа никаква поука. За време на четириесетгодишното талкање тие во толкава мера го занемариле празнувањето на саботата, што Бог, иако не ги спречил да влезат во Ханан, сепак рекол дека по населувањето во ветената земја ќе бидат растурени меѓу незнабошците“. – Патријарси и пророци, 409.


Четврток 18. мај

5. ВАЖНО ЗНАЧЕЊЕ

а. Како заповедта за саботата покажува дека тоа не е нова заповед? Излез 20:8-11.

„Саботата не е воведена како нешто ново, туку како ден за одмор што бил воспоставен уште при создавањето на светот. За саботата треба да размислуваме и да ја празнуваме како спомен на делото на создавањето на Творецот. Укажувајќи на Господа како Творец на небото и земјата, таа го истакнува токму она според што вистинскиот Бог се разликува од сите лажни богови. Сите што го празнуваат седмиот ден докажуваат со тоа дека му служат на Господа. Така саботата е знак на верноста на човекот кон Бога“. – Патријарси и пророци, 307.

б. Каде можеме да ја најдеме првобитната заповед за саботата и какво значење таа има за вистинскиот Божји народ? Создавање 2:1-3; Езекиел 20:20.

„Седмицата, исто како и саботата, води потекло од создавањето на светот и како таква е сочувана во библиската историја и останала до денешен ден. Првата седмица ја одмерил лично Бог како мостра за сите седмици до крајот на времето. Како и секоја друга, и таа се состоела од седум буквални денови. Шест дена Бог поминал во делото на создавањето, а во седмиот ден си починал, затоа тој ден го благословил и им го определил на луѓето за одмор“. – Патријарси и пророци, 111.

„Затоа што одмарал во саботата ‘Бог го благословил седмиот ден и го посветил’ одредувајќи го тој ден за света употреба. Тој му ја дал саботата на Адам, како ден за одмор. Таа била спомен на делото на создавањето, а со тоа и знак на Божјата сила и Неговата љубов“. – Копнежот на вековите, 281.


Петок 19. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква е врската помеѓу вечниот живот и Десетте заповеди?

2. Што треба да научиме од проречената реформа во врска со саботата?

3. Во нашево време, какви се последиците од истиот немарен пристап како во деновите на Еремија?

4. Колку било распространето непочитувањето на саботата во пустината и кои биле последиците?

5. Какво значење има саботниот ден за тебе лично?

 <<    >>