Back to top

Sabbath Bible Lessons

Посветли зраци на светлината - Ризници на вистината (I)

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 1. април 2023.

Комуникација со Бога

„И тоа е увереноста, која ја имаме пред Него, дека ако побараме нешто по Неговата волја, Тој нè услишува. А кога знаеме дека ни услишува што и да побараме, знаеме дека ќе добиеме, што и да сме побарале од Него“ (1 Јованово 5:14,15).

„Молитвата е отворање на срцето пред Бога како на пријател. Не затоа што би било неопходно да Му откриеме што сме, туку да се оспособиме себеси да Го примиме. Молитвата не Го симнува Бога кај нас, туку нас нè воздигнува кај Него“. – Патот кон Христа, 93.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патот кон Христа, 93–104. 

Недела 26. март

1. ПРИМЕР НА МОЛИТВА

а. Зошто е толку важно да останеме во контакт со нашиот Спасител? Јован 15:4-7; Изреки 18:24.

„Бог ни зборува преку природата и откровението, со Своето провидение и влијанието на Својот Дух. Но сето тоа не е доволно; неопходно е ние пред Него да го отвориме и своето срце. За духовно да живееме и да имаме духовна сила, мораме да одржуваме вистинска врска со нашиот небесен Отец. Нашите мисли можат да се занимаваат со Него; можеме да размислуваме за Неговите дела, доказите на Неговата милост, Неговите благослови, но сето тоа сè уште не е во потполна смисла на зборот, одржување на врска со Него. За да стапиме во врска со Бога, мора да посакаме да Му раскажеме нешто од нашиот вистински живот“. – Патот кон Христа, 93.

б. Бидејќи учениците честопати го гледале Исуса како сериозно се молел, што барале од Него да ги научи и каков пример им дал Тој? Лука 11:1; Матеј 6:9-13.

в. Дали овој пример на молитва требаше само да се запамети и да се повторува одново и одново? Кои други поуки можеме да научиме од ова упатство? Матеј 6:7.


Понеделник 27. март

2. ОБРАЌАЊЕ И ПОКЛОНУВАЊЕ

а. Што можеме да разбереме од воведните зборови од овој пример на молитва „Оче наш“? Римјаните 8:15-17; Јован 20:17.

„Оние кои го примаат Христа како личен Спасител не се напуштени како сирачиња, сами да го носат товарот на животот. Тој ги прима како членови на небесното семејство; ги повикува да го наречат Неговиот Татко свој Татко. Тие се Негови ‘малечки’, мили на Божјото срце, поврзани со Него со најнежни и најтрајни врски. Тој чувствува огромна нежност кон нив, која го надминува сето она што нашите родители го чувствувале кон нас во нашата немоќ, како што божественото го надминува човечкото“. – Копнежот на вековите, 327.

б. Која друга важна улога има Бог освен пријателскиот израз „Оче наш“? Псалм 5:1,2.

в. Според следниот дел од оваа молитва, која важна точка треба прво да ја истакнеме, пред да побараме од Бога помош? Псалм 140:13; 92:1.

„’Благодарете за сè, зашто таква е волјата Божја во Христос Исус спрема вас’ (1 Солунјаните 5:18). Овој налог е уверување дека дури и она што изгледа дека е против нас, сепак ќе послужи за наше добро. Бог не би барал од нас да бидеме благодарни за нешто што би било на наша штета“. – Здравје и среќа, 255.

г. Како примерот на Јосафат ја открива важноста на пофалбата и благодарноста - дури и среде битка? 2 Летописи 20:1-30 (6-12,21,22).

„Ние мораме да се собираме околу крстот. Христос, и тоа распнат, треба да биде предмет на нашите размислувања, разговори и нашите најрадосни чувства. Треба да го паметиме секој благослов што сме го примиле од Бога, и кога ќе ја сфатиме големината на Неговата љубов, би требало доброволно сè да ѝ довериме на раката, која за нас била прикована на крст.

Душата може да се приближи до Небото на крилјата на славопоите. Бога го слават со песна и со музика во небесните дворови и додека ја изразуваме нашата благодарност, ние го усогласуваме нашето богослужение со богослужението на небесните чети. ‘Мене ме почитува оној, кој принесува жртва благодарница!’ (Псалм 50:23). Да дојдеме радосно и со стравопочит пред нашиот Творец, со ‘славопои и пеење на песни’ (Исаија 51:3)“. – Патот кон Христа, 103,104.


Вторник 28. март

3. МОЛБА И ЗАВРШЕТОК

а. Иако имаме свои земни потреби, како на пример нашиот секојдневен леб, која духовна молба секогаш треба да биде наша примарна грижа, дури и пред нашите земни потреби? 1 Царевите 17:12-14; Јован 6:48; 14:13,14; 15:7.

„Ние можеме да живееме свет живот само ако го примиме животот кој заради нас е жртвуван на голготскиот крст. Тој живот го примаме ако ја прифатиме Неговата Реч и ги извршуваме оние нешта кои Тој ги заповедал. На тој начин стануваме едно со Него“. – Копнежот на вековите, 660.

„Меѓутоа, да се молиме во Исусово име значи многу повеќе отколку да го споменеме Неговото име на почетокот и на крајот од молитвата. Тоа значи да се молиме според Исусовиот ум и дух, верувајќи им на Неговите ветувања, потпирајќи се на Неговата благодат и творејќи ги Неговите дела“ – Патот кон Христа, 100,101.

б. Бидејќи главната цел на молитвата е од духовна природа, кое конкретно барање никогаш не треба да се заборави? Лука 11:4; Матеј 26:41

„Бидејќи биле совладани од сонот, учениците слушнале малку од она што Христос и небесните гласници меѓусебно зборувале. Бидејќи не останале будни и не се молеле, тие не го примиле она што Бог сакал да им го даде, сознанието за Христовите страдања и славата која ќе настапи потоа. Тие го пропуштиле благословот што можеле да го добијат учествувајќи во Неговото самопожртвување“. – Копнежот на вековите, 425.

„Бог секогаш ги предупредувал луѓето на претстојните казни. Оние кои верувале во Неговата вест за тоа време и кои постапиле според својата вера, во покорност на Неговите заповеди ги избегнувале казните кои ги снашле непослушните и неверните“. – Копнежот на вековите, 634.

„Петар сам го подготвил патот за својот голем грев со тоа што спиел, тогаш, кога на Христово барање требало да бдее и да се моли. Сите ученици претрпеле голема загуба поради тоа што спиеле во тој критичен момент. Христос знаел низ каква огнена проба ќе поминат. Знаел како сатаната ќе настојува да ги парализира нивните сетила, така што нема да бидат подготвени за пробата. Заради тоа им упатил опомена. Кога тие часови во градината би ги поминал во бдеење и молитва, Петар не би бил оставен да се потпира на својата слаба човечка сила. Тој не би се откажал од својот Господ. Кога учениците би бдееле со Христа во Неговите душевни страдања, тие би биле подготвени да ја издржат сцената на Неговото страдање на крстот. Тогаш, до одреден степен би ја сфатиле природата на Неговите натчовечки страдања“. – Копнежот на вековите, 713.


Среда 29. март

4. ОДГОВОРИ НА МОЛИТВАТА

а. Кои се некои од главните причини поради кои не секогаш ги добиваме одговорите на нашите молитви на кои се надеваме? Јаков 4:3; Псалм 66:18; Изреки 28:9.

„Ако негуваме беззаконие во своето срце, доколку цврсто се држиме до било кој познат грев, Господ нема да не услиши; но молитвата на потиштениот покајник секогаш ќе биде прифатена. Кога ќе ги исправиме сите зла за кои сме свесни, тогаш можеме да бидеме убедени дека Бог ќе одговори на нашите молби. Нашите сопствени заслуги никогаш нема да нè препорачаат на Божјата наклоност; ние ќе се спасиме со Христовата достојност, ќе се исчистиме со Неговата крв; но сепак и самите мораме нешто да придонесеме, мораме да ги исполниме условите за да бидеме прифатени“. – Патот кон Христа, 95.

„О, колкумина ги губат толку скапоцените благослови на здравје и духовни дарови кои Бог им ги подготвил! Има многу души кои со сите сили се трудат да задобијат големи победи и да примат посебна благодат за да можат да направат нешто големо. Тие чувствуваат дека мора постојано да се борат во агонија со молитва и солзи за тоа да го остварат. Овие луѓе ќе најдат мир, ако со молитва ја бараат во Светото Писмо јасната Божја волја и ако ја извршат без било какво воздржување или угодување на себе. Сите тие мачни напори, борби и солзи нема да им го донесат благословот за кој копнеат. Тие треба потполно да се одречат од себе. Тие мора да ја вршат задачата која им е доверена, користејќи се со обилните благодети што Бог им ги ветил на сите оние, кои бараат со вера“. – 9 Сведоштво, 165.

б. Што е потребно за да се добие одговор на молитвата — и зошто? Јаков 1:6,7.

„Кога не го добиваме токму она што сме го барале, во времето во коешто сме молеле, и понатаму мораме да веруваме дека Господ нè чул и дека ќе одговори на нашите молитви. Ние сме толку подложни на заблуди и толку кусогледи што понекогаш го бараме и она што не би ни било на благослов, па така нашиот небесен Татко во Својата љубов ни одговара на молитвата, давајќи ни го она што ќе ни послужи за добро - она што и ние самите би го посакале кога нашиот поглед би бил божествено осветлен и кога би можеле реалноста да ја видиме онаква каква што е. Кога изгледа дека молитвите не ни се примени, мораме да се држиме за ветувањето; бидејќи времето за исполнување сигурно ќе дојде и ние ќе го примиме благословот што ни е најпотребен, но да се бара молитвата секогаш да биде услишена онака како што сме сакале и секогаш да го добиеме она што сме го барале, е вистинска дрскост. Бог е премногу мудар за да биде излажан и премногу добар за да им ускрати какво и да е добро на оние кои живеат праведно! И затоа без страв потпрете се на Него, дури и тогаш кога одговорот на вашите молитви нема да го добиете веднаш!“ – Патот кон Христа, 96.


Четврток 30. март

5. МОЛЕТЕ СЕ БЕЗ ПРЕСТАНОК

а. Во секоја молитва, која важна точка треба секогаш да ја препознаеме и да бидеме подготвени да ѝ се покориме? 1 Јованово 5:14,15.

„Ние смееме да бараме простување на гревовите, Свети Дух, природа слична на Христовата, мудрост и сила да работиме во Неговото дело, секој дар што Тој ни го ветил; потоа мораме да веруваме дека ќе примиме и да Му заблагодариме на Бога што сме примиле“. – Воспитување, 258.

б. Колку често треба да се молиме? Даниел 6:10; 1 Солунјаните 5:18.

„Бог од никого не бара да стане испосник (пустиник) или калуѓер, да се повлече од светот за да се посвети на делата на богослужбата. Нашиот живот мора да биде сличен на Христовиот живот – меѓу планините и мноштвото. Оној што не прави ништо друго освен што се моли, набргу ќе престане да се моли или пак неговите молитви ќе се претворат во навика. Кога луѓето ќе се повлечат од општествениот живот, кога ќе се повлечат од подрачјето на својата христијанска должност и носењето на крстот, кога ќе престанат сериозно да работат за својот Учител, кој сериозно работел за нив, нема за што повеќе да се молат, немаат веќе поттик за молитва. Нивните молитви стануваат лични и себични. Тие веќе не можат да се молат за потребите на човештвото или за изградбата на Христовото царство, ниту пак да бараат сила за работа“ – Патот кон Христа, 101.

в. Дали постојат посебни околности кои бараат каналот на комуникација секогаш да биде отворен и каков треба да биде нашиот став кога доаѓаме пред нашиот Творец? Неемија 2:4,5; Евреите 4:16.


Петок 31. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која била целта на примерот на молитвата со која Исус ги поучувал учениците?

2. Колку обожавањето и славењето се важни за нашиот Творец?

3. Иако земните потреби се важни, што сепак треба да ни биде приоритет?

4. Кои се најголемите пречки за молитвата?

5. Колку е важно да се познава Божјата волја пред да се молиме за одредени работи?

 <<    >>