Back to top

Sabbath Bible Lessons

Посветли зраци на светлината - Ризници на вистината (I)

 <<    >> 
6. лекција Сабота, 6. мај 2023.

Илјада години на пустош (II)

„И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат, а и душите чии глави беа исечени поради сведоштвото Исусово и заради словото Божјо, а и оние што не му се поклонија на ѕверот ниту на неговата биста, и не примија белег на челата свои и на рацете свои и оживеаја и царуваа со Христос илјада години“ (Откровение 20:4).

„Ангелот рече: ‘Божјиот гнев и гневот на Јагнето им донесува на грешниците смрт и уништување. На Божјиот глас светиите ќе станат силни и страшни како војска со знамиња, но тогаш сѐ уште нема да го извршат над нив напишаниот суд. Судот ќе се изврши дури по завршувањето на илјада години’“. – Рани списи, 52.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Рани списи, 289–295. 

Недела 30. април

1. СОСТОЈБА ВО КОЈА СЕ НАОЃА САТАНАТА

а. Што се случува со сатаната за време на милениумот? Откровение 20:1-3. Објаснете што се тоа „вериги“ и како и кога се отстрануваат. Откровение 20:5,7,8.

„Земјата изгледаше како ненаселена пустина. Градови и села, изрушени од земјотрес, лежеа во рушевини. Планините беа поместени од своите места, оставајќи големи шуплини. Разјарени карпи, исфрлени од морето, или откинати од самата земја, беа расфрлани насекаде на површината. Големи дрвја беа откорнати и растурени низ земјата. Тука треба да биде домот на сатаната и неговите зли ангели за илјада години. Тука тој ќе биде ограничен, да талка горе и долу над изобличената површина на земјата и да ги гледа резултатите од својот бунт против Божјиот закон. Илјада години тој може да ужива во плодот на проклетството кој самиот го има причинето. Ограничен сам на земјата тој нема да има привилегија да талка по другите планети, да ги искушува и вознемирува оние што не паднале“. – Рани списи, 290.

„По истекот на илјада години (Откровение 20:7), Христос во придружба на мноштвото откупени и илјадници ангели, повторно се враќа на Земјата. Додека се спушта во Својата неопислива величественост, Тој ги повикува мртвите грешници да станат за да ја чујат својата пресуда“. – Големата борба, 662.


Понеделник 1. мај

2. СУДЕЊЕ НА НАРОДИТЕ И АНГЕЛИТЕ

а. Што ќе прават светите во текот на илјада години? Откровение 20:4; 3:21; 1 Коринтјаните 6:2,3.

„Кога ќе се преобразат во бесмртност и заедно со Исуса ќе бидат земени на небо, кога секој ќе прими харфа, облека и круна и ќе влезе во Светиот Град, светиите со Исуса ќе пристапат кон судот. Тогаш ќе се отворат книгите книгата на животот и книгата на смртта. Книгата на животот ги содржи добрите дела на светиите, а книгата на смртта злите дела на злите. Овие книги се споредуваат со Библијата, која претставува законик и според неа се суди. Светиите, заедно со Исуса, изрекуваат суд над умрените грешници. ‘Погледни’, рече ангелот, ‘светиите заедно со Исуса пристапуваат кон судење и на безбожниците им одредуваат казни според делата нивни кои ги правеле во телото; казните кои мораат да ги примат се запишуваат покрај нивните имиња’. Со тоа, како што видов, ќе се занимаваат спасените заедно со Исуса илјада години во Светиот Град пред тие и Градот да се спуштат на земјата“. – Рани списи, 52.

б. Кога ова дело ќе биде завршено, што ќе се случи со небесната престолнина, Новиот Ерусалим? Откровение 21:2,10; Галатјаните 4:26.

„По истекот на илјадагодишниот период Исус со ангелите и спасените го напуштаат Светиот Град и додека со нив се спушта кон земјата, умрените грешници стануваат од своите гробови; и истите оние ‘кои го прободоа’, бидејќи воскреснале, Го гледаат оддалеку во целата Негова слава, со ангелите и светиите, и ‘ќе заплачат заради Него’“. – Рани списи, 52.

„Христос се спушта на Маслиновата Гора од каде што по Своето воскресение се вознел на небото, и каде што ангелите го повториле ветувањето за Неговото враќање. Пророкот вели: ‘Ќе дојде Господ, мојот Бог, и сите светии со Него’. ‘И ќе застанат нозете Негови на Маслиновата Гора во оној ден, што се наоѓа спроти Ерусалим од источната страна: и ќе се расцепи Маслиновата Гора од исток кон запад со многу голема долина’. ‘И Господ ќе биде Цар над целата земја’ (Захарија 14:5,4,9). Кога новиот Ерусалим во својот блескав сјај ќе се спушти од небото, ќе се постави на место исчистено и подготвено за тоа, а Христос со Својот народ и ангелите ќе влезе во Светиот град“. – Големата борба, 662,663.


Вторник 2. мај

3. ИЗВРШНА ПРЕСУДА

а. Иако сатаната планира да ја преземе престолнината, како тоа резултира со уште една пресуда? Откровение 20:9 (прв дел), 11,12.

„Сега сатаната се подготвува за последната битка за превласт. Додека бил лишен од својата моќ и немал кого да измамува, кнезот на злото бил несреќен и огорчен. Но штом ќе воскреснат мртвите грешници, и тој на своја страна ќе види толкаво мноштво, неговите надежи пак оживуваат и тој одлучува да не ја напушти големата борба. Тој под своето знаме ќе ја собере сета војска на изгубените и со нивна помош ќе се обиде да ги оствари своите планови. Грешниците се робови на сатаната. Отфрлајќи го Христа, тие ја прифатиле власта на бунтовниот лидер. Тие се готови да ги прифатат неговите предлози и да ги извршат неговите наредби. Но, верен на своето поранешно лукавство, тој не признава дека е сатана. Тој тврди дека е вистински господар на светот, на кого му е одземено наследството на незаконит начин. Тој на своите заведени приврзаници им се претставува како спасител, уверувајќи ги дека неговата моќ ги подигнала од гробовите и дека тој сега сака да ги спаси од најсуровата тиранија. Бидејќи Христос е отсутен, сатаната прави чуда за да го поткрепи своето тврдење. Тој слабите ги прави силни и сите ги инспирира со својот дух и енергија. Тој предлага да ги поведе во борба против таборот на светите и да го заземат Божјиот град. Со пеколен триумф укажува на безбројните милиони кои се воскреснати од мртвите и тврди дека тој како нивни водач е способен да го освои градот и повторно да го придобие својот престол и своето царство“. – Големата борба, 663.

б. Како се извршува пресудата? Откровение 20:9 (последен дел), 10; Исаија 34:8-10.

„Од небото од Бога слегува оган. Земјата се отвора. Оружјето скриено во нејзините длабочини се исфрла надвор. Од секоја отворена бездна блика пламен кој уништува. И самите карпи се палат. Настапил ‘денот кој гори како печка’. Елементите се топат од жестоката горештина, а исто така и земјата и сè што е на неа гори (Малахија 4:1; 2 Петрово 3:10). Површината на земјата изгледа како растопена маса - огромно огнено море што врие. Време е за суд и пропаст на грешниците“. – Големата борба, 672,673.

в. Како знаеме дека овој оган нема вечно да гори? Еремија 17:27; Јуда 1:7.


Среда 3. мај

4. УНИШТУВАЊЕ НА НЕПОКАЈНИТЕ

а. Како завршното чистење се споредува со потопот во времето на Ное? 2 Петрово 3:10-13.

„Додека земјата е обвиткана со оган кој уништува, праведниците живеат безбедно во Светиот град. Над оние што имале дел во првото воскресение, втората смрт нема власт. Додека Бог за грешниците е оган кој уништува, за Својот народ Тој е ‘сонце и штит’ (Откровение 20:6; Псалм 84:11)“. – Големата борба, 673.

„Огнот кој ги уништува грешниците ја прочистува земјата. Секоја трага на проклетството е отстранета. Никаков вечен пекол нема да ги потсетува откупените на страшните последици на гревот“. – Големата борба, 674.

б. Колку е темелно ова уништување? Малахија 4:1-3; Псалм 37:10.

„Светите ќе престојуваат во Светиот Град и како цареви и свештеници ќе владеат илјада години; тогаш Исус заедно со нив ќе се симне на Маслиновата Гора и таа ќе се распадне и ќе стане голема рамнина врз која потоа ќе се спушти Божјиот град. Останатите делови од земјата нема да бидат очистени додека не поминат илјада години, кога грешниците ќе станат од мртвите и ќе се насоберат околу Светиот Град. Обновената земја, нема да ја сквернави ногата на ниеден зол човек. Сите нив ќе ги проголта оган кој што ќе се симне од небото, од Бога и ќе ги запали и коренот и гранките на злото. Сатаната е коренот а неговите деца се гранките. Тој ист оган кој што ќе ги проголта безбожниците воедно ќе ја очисти и земјата“. – Рани списи, 51,52.

„Останува само еден споменик: нашиот Откупител секогаш ќе ги носи лузните на Своето распетие. На Неговата ранета глава, на Неговите ребра, на рацете и нозете, се наоѓаат единствените траги на свирепото дело кои ги предизвикал гревот. Гледајќи го Христа во Неговата слава, пророкот кажува: ‘Болскотот Му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила’ (Авакум 3:4). Прободената страна на Христовото тело, од која течел црвен млаз кој го помирил човекот со Бога - ја претставува славата на Спасителот, таму е ‘скривалиштето на Неговата сила’. ‘Моќен да спаси’ преку жртвата за откуп, Тој исто така ќе биде моќен и да им суди на оние кои ја презреле Божјата милост. Знаците на Неговото понижување за Него претставуваат најголема чест; низ целата вечност раните добиени на Голгота ќе ја истакнуваат Неговата слава и ќе ја објавуваат Неговата моќ“. – Големата борба, 674.


Четврток 4. мај

5. ЗЕМЈАТА Е ОЧИСТЕНА

а. Што се случува со вселената каква што ја знаеме? Откровение 21:1,5. Во што тогаш ќе се обедини вселената? Откровение 5:13.

„Како што годините на вечноста ќе поминуваат, ќе носат сè побогати и почудесни откритија за Бога и Христа. Со зголемувањето на знаењето ќе расте и нивната љубов, стравопочит и среќа. Колку повеќе луѓето ќе знаат за Бога, толку ќе биде поголемо нивното восхитување на Неговиот карактер. И додека Христос пред нив ќе ги отвора ризниците на новите сознанија, за делото на откупувањето и неверојатните достигнувања од големата борба со сатаната, така ќе се зголемува храброста и посветеноста на нивните срца. Со восхит и радост ќе ги земаат своите златни харфи и десет илјади по десет илјади и илјада илјади гласови ќе се слеат во силен хор на благодарност...

Големата борба е завршена. Нема веќе грев и грешници. Целата вселена е чиста. Сѐ што создал Бог во бескрајната вселена, повторно чука со единствен пулс на хармонија и радост. Од Оној кој создал сè тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечниот простор. Од најмалиот атом, до најголемиот свет, сè што е создадено, и живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост изјавува дека Бог е љубов“. – Големата борба, 678.

б. Имајќи ја во предвид оваа реалност, што треба да се запрашаме? Евреите 3:7,8.

„Сега мораме да се разбудиме и да вложиме сесрдни напори за да изградиме хармоничен карактер. ‘Денес, кога ќе го чуете гласот Негов, не стврднувајте ги срцата ваши’ (Евреите 4:7)...

Што правите браќа во ова големо дело на подготовка?“ – 5 Сведоштво, 216.


Петок 5. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што е тоа што го држи сатаната во вериги и како тој е ослободен?

2. Во каква работа се вклучени светите во текот на илјада години и какви се резултатите?

3. Иако сатаната се обидува да го освои Божјиот град, како тоа води до конечниот суд?

4. Како се чисти целиот универзум?

5. Која е конечната состојба на Божјиот универзум?

 <<    >>