Back to top

Sabbath Bible Lessons

Посветли зраци на светлината - Ризници на вистината (I)

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 24. јуни 2023.

Милините на саботниот ден

„Тогаш твоите потомци ќе градат врз стари урнатини: ти ќе ги поставиш основите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби“ (Исаија 58:12).

„Проповедниците треба да даваат внимателни упатства за правилно празнување на саботата. Мораме да бидеме внимателни разузданоста која преовладува кај оние што ја празнуваат неделата да не премине кај оние кои тврдат дека го празнуваат Божјиот свет ден на одмор. Линијата на разграничување мора да биде јасна и остра помеѓу оние што го носат знакот на Божјото царство и оние што го носат знакот на царството на бунтот“. – 6 Сведоштво, 353.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   6 Сведоштво, 349-368. 

Недела 18. јуни

1. ШЕСТ ДЕНА

а. За што се наменети шесте дена во седмицата — и колку е тоа важно во животот христијанинот? Излез 20:9; 2 Солунјаните 3:10.

б. Објаснете го библискиот ден — и што треба да имаме на ум во текот на овие шест дена. Создавање 1:5; Левитска 23:32; Излез 20:8.

„Во текот на цела седмица мораме да мислиме на саботата и да се подготвиме да ја празнуваме во склад со заповедта. Не треба празнувањето на саботата да го сметаме само како прашање на законот, туку треба да ја сфатиме нејзината духовна поврзаност со сите животни постапки“. – 6 Сведоштво, 353.

„Кога така си спомнуваме за саботата, она што е земно и минливо нема да го попречува она што е духовно. Ниту една должност која треба да се изврши во текот на шесте работни денови нема да биде оставена за саботата. Во текот на седмицата нашите сили нема да бидат толку исцрпени од овоземната работа, така што во денот кога Господ се одморал и освежил да бидеме толку изморени што нема да можеме да учествуваме во Неговата служба“. – 6 Сведоштво, 354.


Понеделник 19. јуни

2. КЛУЧ ЗА ПРАВИЛНО ПРАЗНУВАЊЕ НА САБОТАТА

а. Како се вика денот пред сабота и што треба да се прави тој ден? Марко 15:42; Излез 16:22,23.

„Сите кои навистина сакаат да ја празнуваат саботата според заповедта, нема да готват храна во сабота. Тие, во страв од оној Бог, кој го дал Својот закон на Синај, ќе се одречат од себе и ќе јадат храна подготвена во шестиот ден, дури и ако таа не е толку вкусна. Бог им забранил на синовите на Израел печење и готвење во сабота“. – The Spirit of Prophecy, vol. 1, p. 225.

„Треба да се избегнува готвење во сабота; но тоа не значи дека треба да јадеме студена храна. Кога времето е студено, треба да ја стоплиме храната што сме ја подготвиле претходниот ден“. – Здравје и среќа, 307.

„Пред заоѓање на сонцето оставете ја настрана секоја световна работа и тргнете ги од пред своите очи сите световни списанија“. – 6 Сведоштво, 355.

б. Што ако некои работи не успееме да ги завршиме тој ден — и колку е исто така важна и духовната подготовка? Лука 23:54-24:1; Матеј 5:23,24.

„Многумина безгрижно го одложуваат чистењето на чевлите и бричењето за почетокот на саботата. Ова не треба да се работи. Ако некој запостави да заврши таква работа во работен ден, тој треба да има доволно почит кон Божјото свето време и да ја остави брадата неизбричена, а чевлите неисчистени сѐ додека не помине саботата. Ова можеби ќе им помогне на нивната меморија и ќе ги направи повнимателни својата работа да ја завршат во текот на шесте работни дена“. – The Signs of the Times, May 25, 1882.

„Тој ден треба да се решат сите несогласувања помеѓу браќата, како во семејството, така и во црквата. Истерајте ја од душата секоја горчина, гнев и злоба. Во понизен дух ‘исповедајте си ги еден на друг грешките и молете Му се на Бога еден за друг, за да оздравите’“ (Јаков 5:16). – 6 Сведоштво, 356.

в. Колку е важна чистотата при подготовката за сабота и во местата за богослужба? Излез 19:10,11; 30:18-20.

„Сите треба да имаат посебно одело за сабота кое ќе го носат кога присуствуваат на службата во Божјиот дом. Иако не треба да се прилагодуваме на световната мода, сепак не смееме да бидеме рамнодушни кон нашиот надворешен изглед. Мораме да бидеме уредни и средени, но без украсување. Божјите деца треба да бидат чисти и однадвор и одвнатре“ (Јаков 5:16). – 6 Сведоштво, 355.


Вторник 20. јуни

3. СВЕТОВНА РАБОТА

а. Што ја открива сериозната природа на Божјите заповеди кои ја штитат саботата? Излез 31:14; Неемија 13:15-18.

б. Што е со носењето товар и непотребното патување? Еремија 17:21,22.

„Ако сакаме да го примиме благословот кој е ветен на послушните, мораме да бидеме попрецизни во празнувањето на саботата. Стравувам дека често патуваме на тој ден, иако тоа би можело да се избегне. Во склад со светлината која Господ ја дал во поглед на празнување на саботата, треба да бидеме многу повнимателни во поглед на патување со брод или воз тој ден. Во тие работи треба да даваме добар пример на своите деца и на младината. Можеби ќе биде потребно да се па тува во сабота за на црквите на кои им е потребна нашата помош да им се однесе веста која според Божја волја треба да ја слушнат; но секогаш кога тоа е можно, треба порано или некој друг ден да се набават билети и да се извршат сите неопходни подготовки. Ако поаѓаме на некој подолг пат, треба да преземеме сè што е во наша моќ да го планираме своето патување така што на определеното место нема да стигнеме во сабота.

Кога сме принудени да патуваме во сабота, да настојуваме да го избегнуваме друштвото на оние кои би го привлекле нашето внимание на земни работи. Нашите мисли треба постојано да бидат насочени кон Бога и треба да општиме со Него. Секаде каде што ќе ни се укаже можност, треба да им зборуваме на другите за вистината. Мораме секогаш да бидеме подготвени да им помогнеме на оние на кои им е потребна помош и да ги олесниме страдањата на оние кои се во неволја. Бог сака во такви случаи да ги користиме знаењето и мудроста кои Тој ни ги подарил. Но не треба да зборуваме за деловни работи, ниту да се впуштаме во обични, световни разговори. Бог бара од нас секогаш и на секое место со славењето на саботата да ја докажеме нашата верност кон Него“. – 6 Сведоштво, 359,360.

в. Што е со нашите зборови и мисли? Исаија 58:13.

„Бог бара не само во сабота да не извршуваме никаква физичка работа туку и да го научиме својот дух да мисли само за светите прашања. Да се зборува за земските работи всушност значи да се крши четвртата заповед, а истото тоа важи и за водењето на лесни и безначајни разговори. Ако зборуваме за сè што ќе ни дојде на ум, тогаш тоа се празни зборови. Секое скршнување од вистинскиот пат одведува во ропство и навлекува осуда“. – 2 Сведоштво, 702.


Среда 21. јуни

4. НАШИОТ МИЛОСТИВ СОЗДАТЕЛ

а. Колку е важно богослужението во саботниот ден? Што е поврзано со богослужението? Левитска 23:3; Дела 15:21; Лука 14:6.

б. Во што треба да бидеме вклучени, особено сега — и зошто? Евреите 10:24,25.

„Оние што не чувствуваат потреба за заедништво и средба во собранието со светите, и драгоцено уверување дека таму ќе се состанеме со Господа, покажуваат колку малку ја ценат помошта што Господ им ја обезбедил“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 7, p. 934.

в. Дали помагањето на оние што страдаат се смета за световна работа или тоа е во согласност со богослужението? Матеј 12:10-13.

„Секогаш ќе има должности што треба да се извршат во сабота за олеснување на страдањето на човечкиот род. Ова е правилно и е во согласност со законот на Оној што вели: ‘Милост сакам, а не жртва’. Но, постои опасност луѓето да станат безгрижни во однос на ова прашање и да започнат да го прават она што не е навистина неопходно да се направи во сабота“. – Medical Ministry, p. 50.

г. Зошто Исус избрал да лекува во сабота? Јован 5:5-9.

„(Исус) дошол да ја ослободи саботата од тешките прописи поради кои, наместо благослов, се претворила во проклетство.

Од таа причина ја избрал саботата да го изврши делото на исцелување во Витезда. Можел да го исцели болниот во кој било друг ден во седмицата или едноставно можел да го исцели не кажувајќи му да ја носи својата постела. Меѓутоа, тоа не би му ја пружило можноста што ја посакувал. Секоја постапка на Христовиот живот на Земјата се засновал на некоја одредена цел. Сѐ што направил Тој било значајно само по себе и по својата поучност. Меѓу страдалниците во бањата го избрал најтешкиот болен на него да ја манифестира Својата моќ на исцелување и му кажал на тој човек да ја носи својата постела низ градот, за да го објави големото дело, кое било извршено над него. На тој начин ќе се поттикне прашањето за тоа што според законот може да се прави во саботен ден и ќе му го отвори патот да ги осуди еврејските ограничувања во врска со Господовиот ден и да ги прогласи нивните традиции за неважечки“. – Копнежот на вековите, 206.


Четврток 22. јуни

5. ПОУКИ ОД ПРИРОДАТА

а. Објаснете уште еден суштински важен аспект од празнувањето на саботата. Излез 20:11; Римјаните 1:20; Дела 16:13.

„Саботната школа и богослужението заземаат само еден дел од саботниот ден. Оној друг дел кој му преостанува на семејството може да се направи најсвет и најдрагоцен од сите часови од саботата. Поголемиот дел од ова време родителите треба да го поминат со своите деца. Во многу семејства малите деца се препуштени сами на себе да се забавуваат како знаат и умеат. Препуштени на себе, децата набргу стануваат немирни, почнуваат да си играат или прават некои бељи. Така саботата за нив го губи своето свето значење.

Кога времето е убаво, родителите треба да излезат со децата во поле или во шума. Сред убавините на природата, раскажувајте им за причините за воспоставување на саботата. Опишете им го големото Божје дело на создавање. Кажете им дека земјата била света и прекрасна кога излегла од Неговите раце. Секој цвет, секоја грмушка и се кое дрво одговарало на намерата на својот Творец. Сè на што застанува окото било прекрасно и го исполнувало умот со мисли за Божјата љубов. Секој звук бил музика во хармонија со Божјиот глас. Покажете им дека гревот го расипал тоа Божје дело и дека трњето и плевелот, жалоста, болката и смртта се последица на непокорноста кон Бога. По кажете им како земјата, иако расипана од проклетството на гревот, сè уште ја открива Божјата добрина...

Зборувајте им за патот на спасение... Повторувајте им ја прекрасната историја за Витлеем. Прикажете им го на децата Исуса како дете кое било послушно на своите родители, како верно и вредно момче кое помагало во издржувањето на своето семејство. На тој начин можете да ги поучите дека Спасителот ги познава сите младешки тешкотии, неволји и искушенија, како и нивните надежи и радости и дека може да им ја укаже Својата наклонетост и помош“. – 6 Сведоштво, 358,359.


Петок 23. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како претераната работа во текот на седмицата може да ме наведе да ја прекршам саботата?

2. Зошто мораме да прекинеме со секоја работа пред заоѓањето на сонцето во петок, дури и ако не сме ја завршиле?

3. Како можам да ги подобрам моите навики во поглед на патување во сабота?

4. Објаснете ја рамнотежата помеѓу празнувањето на саботата и помагањето на болните.

5. Што можеме ние како родители да направиме за да им помогнеме на нашите деца да ја ценат саботата?

 <<    >>