Back to top

Sabbath Bible Lessons

Посветли зраци на светлината - Ризници на вистината (I)

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 17. јуни 2023.

Влегување во Божјиот спокој

„Им ги дадов исто така и Моите саботи, за да бидат знак меѓу Мене и нив, па да знаат дека Јас сум Господ што ги осветува“ (Езекиел 20:12).

„Саботата која му е дадена на светот како знак на Бога во својство на Творец, исто така е дадена и како Негов знак во својство на Посветител. Силата која создала сè е истата сила која повторно ја создава душата според Неговиот лик“. – 6 Сведоштво, 350.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на вековите, 281-289. 

Недела 11. јуни

1. ЗНАК НА НОВИОТ ЗАВЕТ

а. Колку долго Бог имал намера да трае Неговиот завет и на кој завет се однесува ова? Излез 31:16; Евреите 8:10.

б. Од што се одмарал Бог во текот на седмицата на создавањето и на кој начин одморот е поврзан со новиот завет? Создавање 2:2,3; Излез 35:2; 20:11.

в. На кој начин одморот од физичка работа го симболизира одморот во духовна смисла? Евреите 4:4,10; Ефесјаните 2:8,9; Езекиел 20:12.

г. Кога некој наново ќе се роди (Јован 3:5,6), кои дела престанува да ги прави во својот живот? Галатјаните 5:19-21; Излез 31:15.

„Саботата е знак на посветеност за оние што ја празнуваат. Вистинската посветеност значи хармонија со Бога, единство со Него по карактерот. Тоа се постигнува по пат на потчинување на оние начела кои се препис на Неговиот карактер. Саботата е знак на послушност. Оној кој од срце се покорува на четвртата заповед ќе се покорува на целиот закон. Тој е посветен преку послушност“. – 6 Сведоштво, 350.


Понеделник 12. јуни

2. БОЖЕСТВЕНА СИЛА

а. Зошто еврејската нација не успеала да влезе во Божјиот духовен покој — и какво предупредување поради тоа ни е дадено? Евреите 4:1,2; 3:12,19; 4:4-6.

„Причината за слабоста на Израел лежи во нивното отстапување од Бога со непочитување на Неговите заповеди. Причината за слабоста и назадувањето на современиот Израел е занемарувањето на Божјиот закон. Бог бара од целото човештво да ги почитува Неговите заповеди. На целиот свет ќе му се суди според моралниот закон, според нивната можност да се запознаат со него, без разлика дали по разум, традиција или пишан збор“. – The Signs of the Times, June 9, 1881.

б. Како Израел дошол до оваа точка во своето неверување? Дали тоа се случило ненадејно и како всушност започнало? Евреите 3:8-11,15-18.

„Кога луѓето еднаш ќе паднат во неверство, тие се ставаат под сатанска власт и никој не може да предвиди до каде тој ќе ги одведе“. – Патријарси и пророци, 389.

в. Дали е можно да се држи саботата света ако не сме искусиле духовна победа во својот живот? Објаснете. 1 Јованово 5:4.

„Секој погрешен чекор што ќе го направат Божјите деца, е знак на недостиг на вера“. – Патријарси и пророци, 657.

„Сѐ додека постојат небото и Земјата, саботата ќе биде знак на моќта на Творецот...

Од сите прописи што им биле дадени на Евреите, саботата најмногу ги одвојувала од околните народи. Бог одредил празнувањето на саботата да ги означува Евреите како Негови поклоници Таа била симбол на нивното одвојување од идолопоклонството и нивната врска со вистинскиот Бог. Меѓутоа, за да ја празнуваат саботата како света, луѓето и сами мораат да бидат свети. Тие со вера мораат да станат учесници во Христовата праведност. Кога на Израелците им била дадена заповед ‘Помни го денот саботен за да го празнуваш,’ Господ исто така им рекол: ‘Ќе ми бидете свет народ’. (Излез 20:8; 22:31) Само на тој начин саботата можела да ги издвои Израелците како Божји поклоници“. – Копнежот на вековите, 283.


Вторник 13. јуни

3. ОПРАВДУВАЊЕ

а. Дали оправдувањето започнува со послушност? Како се манифестира ова во држењето на саботата? Римјаните 3:28; Второзаконие 5:15.

„Што е оправдување со вера? Тоа е Божјо дело да ја положи човечката слава во прав и го прави за човекот она што тој не може да го направи за себе. Кога луѓето ќе ја видат сопствената ништожност, тие се подготвени да се облечат во Христовата праведност“. – The Faith I Live By, p. 111.

„Ние немаме некоја своја предност со која би можеле да ги задоволиме барањата на Божјиот закон. Меѓутоа Христос ни овозможи решавање на проблемот. Тој живеел на Земјата соочен со истите неволји и искушенија со кои и ние се соочуваме. Живеел навистина безгрешен живот. Умре за нас и сега се нуди да ги земе нашите гревови а нам да ни ја даде својата праведност. Ако Му се предадете Нему и ако Го прифатите за свој Спасител, заради Него ќе бидете прогласени за праведни без оглед на сета грешност од поранешниот живот. Христовиот карактер ќе застане на местото на вашиот карактер и вие ќе бидете прифатени пред Бога како никогаш да не сте грешеле“ – Патот кон Христа, 62.

„На Исус му е мило да дојдеме кај Него онакви какви што сме, грешни, беспомошни, зависни. Можеме да дојдеме со сите свои слабости, свои лудости, со својата грешност и покајнички да паднеме пред Неговите нозе! Нему му е мило да нè земе во прегратките на Својата љубов, да ги завитка нашите рани, да нè очисти од секоја нечистотија“. – Патот кон Христа, 52.

б. Како седмицата на создавањето ја прикажува божествената моќ да донесе простување и промена на карактерот? Излез 31:16,17; Псалм 51:10.

„Саботата е знак на Христовата моќ да нѐ направи свети“. – Копнежот на вековите, 288.

в. Можеме ли да кажеме дека истиот процес на создавање се одвива и при преобраќањето? 2 Коринтјаните 5:17.

„Кога грешникот, привлечен од Христовата сила, ќе се приближи до издигнатиот крст, и се поклонува пред него, тој станува ново создание. Добива ново срце и станува ново создание во Исуса Христа“. – Христовите поуки, 163.

„Кога душата ќе му се предаде на Христа, тогаш со новото срце владее нова сила. Се извршува промена која човекот со свои сили никогаш не може да ја оствари. Тоа е целосно натприродна појава, која внесува еден натприроден елемент во човечката природа“. – Копнежот на вековите, 324.


Среда 14. јуни

4. ПОСВЕТУВАЊЕ

а. На кој начин саботата го прикажува посветувањето? Левитска 20:7,8; Излез 31:13.

б. Како Божјо свештенство (1 Петрово 2:9), што мора да правиме секоја седмица пред зајдисонце на шестиот ден од седмицата? Неемија 13:22,19.

в. Што е симболизирано со подготовката на бесквасните лебови – и како тоа ни помага во посветувањето? 1 Летописи 9:32; Јован 6:48,53,54,56,63; Евреите 4:12.

„Да се јаде телото и да се пие крвта на Божјиот Син значи да се проучува Божјата реч“. – The Ellen G. White 1888 Materials, p. 1683.

„Како што крвта е во телото, така и Христовиот живот мора да биде во оние кои го објаснуваат Словото, циркулирајќи низ нив како животворна сила. Човекот не треба да се возвишува. Светиот Дух е тој што го менува срцето на грешникот и ги простува неговите престапи и гревови, давајќи му мир, радост и светлина во Господа. Ниту една друга сила освен вистината, каква што е во Исус, не може да го посвети срцето“. – Letters and Manuscript, vol. 12 (1897), Ms 138, 1897.

„Библијата е Божји глас кој ни зборува како да можеме да го слушаме со свои уши. Ако тоа го сфатиме, со каква стравопочит ќе ја отвораме Божјата Реч и со каква сесрдност ќе ги проучуваме нејзините прописи! Тогаш читањето на Светото Писмо и размислувањето за него ќе се смета за состанок и разговор со Бесконечниот Бог“. – 6 Сведоштво, 393.

б. Која важна активност е неопходна во сабота, особено кога се приближуваме кон крајот на времето? Левитска 23:3; Евреите 10:24-26.

„Кога нашите браќа доброволно отсуствуваат од верските собири, кога не размислуваат за Бога и не Го почитуваат, кога не Го избираат за свој советник и силна тврдина, колку брзо доаѓаат световните мисли и лукавото неверување, и на местото на скромната, доверлива вера доаѓа суетата и филозофијата“. – 5 Сведоштво, 426.

„Никогаш не се занимавајте со мислата дека можете да бидете христијани, а сепак да се повлечете во себе. Секој поединец е дел од големата мрежа на човештвото и природата и квалитетот на вашето искуство во голема мерка зависат од искуствата на оние со кои се дружите“. – 7 Сведоштво, 190.


Четврток 15. јуни

5. БЛАГОСЛОВОТ НА САБОТАТА

а. Што примаме кога целосно уживаме во саботата во својот живот? Исаија 56:2; 58:14; Псалм 144:15.

„Саботата ќе биде задоволство за сите оние што ја примаат како знак на Христовата создавачка и откупителна моќ. Гледајќи го Христа во неа, тие наоѓаат задоволство во Него. Саботата им укажува на делата на создавање, како на доказ на Неговата силна моќ во откупувањето. Саботата потсетува на загубениот Едем и истовремено укажува на мирот, кој е повторно вратен преку Христа“. – Копнежот на вековите, 289.

б. За кого е наменета саботата и што станува таа кога целосно ја прифаќаме и во буквална и во духовна смисла? Марко 2:27,28; Езекиел 20:20; Евреите 4:9.

„Саботата која му е дадена на светот како знак на Бога во својство на Творец, исто така е дадена и како Негов знак во својство на Посветител. Силата која создала сè е истата сила која повторно ја создава душата според Неговиот лик. Саботата е знак на посветеност за оние што ја празнуваат. Вистинската посветеност значи хармонија со Бога, единство со Него по карактерот. Тоа се постигнува по пат на потчинување на оние начела кои се препис на Неговиот карактер. Саботата е знак на послушност. Оној кој од срце се покорува на четвртата заповед ќе се покорува на целиот закон. Тој е посветен преку послушност“. – 6 Сведоштво, 350.


Петок 16. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Колку се важни новиот завет и новото раѓање за правилното празнување на саботата?

2. За да ја држиме саботата света, какво искуство ни е потребно?

3. Како е прикажано оправдувањето со начинот на кој Бог ги избавил Израелците од Египет?

4. Како човекот може да го одржи светото искуство на посветувањето?

5. Каков посебен благослов добиваме ако ја празнуваме саботата на вистински начин, онака како што Бог тоа го сака?

 <<    >>