Back to top

Sabbath Bible Lessons

Посветли зраци на светлината - Ризници на вистината (I)

 <<    >> 
2. лекција Сабота, 8. април 2023.

Не одложувајте повеќе

„И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето“ (Ефесјаните 4:30).

„Совеста е Божјиот глас кој го слушаме среде судирот на човечките страсти; кога му се спротивставуваме на тој глас, ние го жалостиме Божјиот Дух“. – 5 Сведоштво, 120.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Копнежот на вековите, 537-541. 

Недела 2. април

1. БАРАЊЕ ПОМОШ

а. Бидејќи сите згрешија и лишени се од славата Божја (Римјаните 3:23), дали некој заслужува да биде оправдан? Јов 25:4-6.

б. Како можеме да се спасиме ако не го заслужуваме тоа? Псалм 55:16; Дела 2:21.

в. Како е можно јас, во својата грешност, да го повикувам Божјото свето име? Псалм 55:17; 2 Летописи 6:36-39; Римјаните 8:26; 1 Јован 1:7,9.

„Од овие записи е очигледно дека не е Божја волја да бидеш недоверлив и да си ја измачуваш душата со страв дека Бог нема да те прифати затоа што си грешен и недостоен. ‘Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас’ (Јаков 4:8). Изнесете го вашиот случај пред Него, повикувајќи се на заслугите на крвта пролеана за вас на крстот на Голгота. Сатаната ќе те обвини дека си голем грешник и треба да го признаеш тоа, но можеш да кажеш: ‘Знам дека сум грешник и затоа ми треба Спасител. Исус дојде во светот за да ги спаси грешниците... Немам никаква заслуга или добрина врз основа на која можам да барам спасение, но пред Бога се повикувам на сепомирувачката крв на безгрешното Божјо Јагне, кое ги зема гревовите на светот. Ова е моето единствено барање. Името на Исус ми дава пристап до Отецот. Неговото уво и срце е отворено за моите слаби молитви и Тој ги задоволува моите најдлабоки потреби“. – Faith and Works, pp. 105, 106.


Понеделник 3. април

2. ЗАД СЦЕНИТЕ НА ПОКАЈАНИЕ

а. За што ние треба да се молиме? Дела 3:19; Псалм 51:1.

б. Кога ни се простени гревовите, тоа значи дека сме се покајале. Но, како да дојдеме до точка на покајание? Дела 5:30,31; Јован 16:7,8.

„Како Никодим, мораме да настојуваме да влеземе во животот на ист начин, како и најголемите грешници. Освен Христа, ‘нема друго име под небото дадено на луѓето преку кое можеме да се спасиме’ (Дела 4:12). Преку вера ја примаме Божјата благодат, но верата не е наш Спасител. Со неа ништо не се стекнува. Таа е рака со која се фаќаме за Христа и ги присвојуваме Неговите заслуги, лекот за гревот. Дури и не можеме да се покаеме без помош на Божјиот Дух“. – Копнежот на вековите, 175.

в. Точно е дека Бог му оставил на Својот народ да го нарече гревот на оваа земја со неговото вистинско име (Исаија 58:1), но што е потребно како срцето, до кое се обидуваме да допреме, би било осведочено? Јован 14:26; Лука 24:49; Дела 1:8.

„Светлината што свети од крстот ја открива Божјата љубов. Неговата љубов нѐ привлекува кон Него. Ако не се спротивставуваме на оваа привлечна сила, ќе бидеме доведени пред крстот и ќе се покаеме за гревовите, кои го распнале Спасителот. Тогаш Божјиот Дух преку вера буди нов живот во душата. Мислите и желбите се доведуваат во потчинетост на Христовата волја. Срцето и умот се обновуваат според ликот на Оној што дејствува во нас, да си покори сѐ на Себеси. Тогаш Божјиот закон е запишан во мислите и срцето, па можеме да кажеме со Христа: ‘Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој’ (Псалм 40:8)“. – Копнежот на вековите, 175.

г. Бидејќи делото на Светиот Дух е толку важно, какво предупредување ни е дадено во поглед на Неговото примање? Матеј 12:31,32; Ефесјаните 4:30.

„Често тагуваме, бидејќи нашите зли дела донесуваат непријатни последици по нас самите, но тоа не е покајание. Вистинското жалење поради гревот е резултат на делувањето на Светиот Дух. Духот ја открива неблагодарноста на срцето, кое го омаловажило и растажило Спасителот и во покајание нѐ доведува до подножјето на крстот. Со секој грев Исус повторно е ранет. И кога ќе го насочиме погледот кон Оној, Кого сме го раниле, тогаш плачеме поради гревовите со кои сме му нанеле страдање. Таквиот плач нѐ наведува да се откажеме од гревот“. – Копнежот на вековите, 300.


Вторник 4. април

3. ШТО ЗНАЧИ ДА ГО ЖАЛОСТИМЕ СВЕТИОТ ДУХ?

а. Која специфична постапка предизвикува Светиот Дух да биде ожалостен? Евреите 10:26,27; 2 Солунјаните 2:10,11.

„Што е грев против Светиот Дух? Тоа е свесно припишување на делото на Светиот Дух на сатаната. На пример, да претпоставиме дека некое лице е сведок на посебно дејство на Светиот Дух. Тој има убедливи докази дека делото е во согласност со Светото Писмо, а Духот му сведочи на неговиот дух дека е од Бога. Меѓутоа, тој потоа подлегнува на искушението; со него владее гордоста, самоувереноста или некоја друга зла особина; и отфрлајќи ги сите докази за неговиот божествен карактер, тој изјавува дека она што претходно го препознал како сила на Светиот Дух е сатанска сила. Бог преку Својот Дух работи на човечкото срце, но кога луѓето намерно ќе го отфрлат Духот и ќе изјават дека е од сатаната, тој го прекинува каналот преку која Бог може да комуницира со нив. Отфрлајќи ги доказите што Бог сакал да им ги даде, тие ја заматуваат светлината што блескала во нивните срца, и како резултат на тоа остануваат во темнина. Така се потврдуваат Христовите зборови: ‘ако светлината што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината’ (Матеј 6:23). Извесно време, луѓето кои го направиле овој грев може да изгледаат како Божји деца, но кога ќе се појават околности што ќе го откријат нивниот карактерот и ќе покажат со каков дух се тие, тогаш ќе се открие дека тие се наоѓаат на теренот на непријателот и дека стојат под неговото црно знаме“. – 5 Сведоштво, 634.

б. На кој начин некој намерно прави грев — и дали е можно тоа да се спречи? Изреки 28:13; Евреите 3:15.

в. Кои се последиците од таквата состојба? Изреки 28:9; Матеј 12:45; 2 Петрово 2:20-22.

„Посветувањето е секојдневна работа. Никој не треба да се залажува дека Бог ќе го помилува и благослови додека тој гази едно од Неговите барања. Свесното извршување на познат грев го замолчува сведоштвото на Духот и ја одвојува душата од Бога. Какви и да се верските чувства, Исус не може да остане во срцето кое не го почитува божествениот закон. Бог ги почитува само оние кои Него го почитуваат“. – Messages to Young People, p. 114.


Среда 5. април

4. ТОЧКА ОД КОЈА НЕМА ВРАЌАЊЕ

а. Дали гревот против Светиот Дух е нешто што се случува моментално или се случува постепено? 2 Летописи 36:16.

„Нема потврдокорни луѓе од оние кои го игнорирале повикот на милост и го презреле Духот на благодатта. Гревот против Светиот Дух најчесто се манифестира во упорно отфрлање на небесниот повик за покајание. Секој чекор во отфрлање на Христа е еден чекор кон отфрлање на спасението и грев против Светиот Дух.

Отфрлајќи го Христа, еврејскиот народ направил непростлив грев, а ние можеме да ја направиме истата грешка доколку го отфрлиме повикот на милост. Ние го навредуваме Кнезот на животот, го изложуваме на срам пред сатанската синагога и пред небесната вселена, кога одбиваме да ги слушаме Неговите ополномоштени гласници и наместо тоа ги слушаме сатанаските агенти, кои се обидуваат да ја одвратат душата од Христа. Сѐ додека некој прави така, тој не може да најде ниту надеж ниту простување и на крајот ќе ја изгуби секоја желба да се помири со Бога“. – Копнежот на вековите, 324.

б. Дали е можно да се поврати некој откако ќе ја достигне последната фаза од овој процес? Еремија 8:20; Осија 4:17; Амос 8:11,12; Евреите 6:4-6.

„Повеќе од илјада години, Евреите ја злоупотребувале Божјата милост и ги повикувале Неговите судови. Тие ги отфрлале Неговите опомени и ги убивале Неговите пророци...

Во секој век на луѓето им е даден период на светлина и предности, пробно време во кое тие можат да се помират со Бога. Меѓутоа, таа благодат има граници. Милоста може да се застапува со години и да е презрена и отфрлена, но доаѓа време кога милоста ја упатува нејзината последна молба. Срцето станува толку закоравено, што престанува да му одговара на Божјиот Дух. Тогаш слаткиот Глас, Кој придобива повеќе не го моли грешникот, а укорите и предупредувањата престануваат.

Тој ден дошол за Ерусалим. Исус во душевни маки плачел поради градот осуден на пропаст, но Тој не можел да го избави, бидејќи сите ресурси биле исцрпени. Отфрлајќи ги опомените на Божјиот Дух, Израелците го отфрлиле единственото средство за помош која можела да им биде дадена. Немало никаква друга сила што би можела да ги спаси.

Еврејскиот народ бил симбол на луѓето од сите векови, кои ги презираат молбите на Бесконечната љубов. Христовите солзи, кои ги пролеал над Ерусалим, биле солзи за гревовите на сите времиња. Во казните изречени над Израел можат да се прочитаат сопствените казни на сите оние што ги отфрлаат укорите и опомените на Божјиот Свети Дух“. – Копнежот на вековите, 584-587.


Четврток 6. април

5. НАДЕЖ

а. Како можеме да знаеме дали сме претерале во жалостењето на Бога? Исаија 30:21.

„Во ова поколение многумина продолжуваат по тој ист пат по кој оделе Евреите скептици. Тие виделе манифестација на Божјата сила; Светиот Дух се обраќал на нивните срца; меѓутоа, тие цврсто се придржувале за своето неверие и отпор. Бог им упатува опомени и укори, но тие не се волни да ги признаат своите грешки и ја отфрлаат Неговата вест и Неговите гласници. Средствата кои ги употребува Бог за нивно спасение, за нив стануваат камен на сопнување“. – Копнежот на вековите, 587.

б. Додека гледаме на планот на спасението, што треба да сфатиме и што треба да бараме од нашиот Спасител? Псалм 51:11,12; Евреите 3:7,8.

„Господ го укорува Својот народ заради неговата гордост и неверие. Тој нема да им ја врати радоста на Своето спасение ако тие отстапуваат од упатствата на Неговото слово и Неговиот Дух. Тој ќе им даде благодат на оние кои се бојат од Него и одат во вистината, а ќе го повлече Својот благослов од сите коишто се прилагодуваат на овој свет. Милоста и вистината се ветени на тој што е кроток и кој се кае, а казната се изрекува на бунтовниците“. – 5 Сведоштво, 190.

„Но, пред да ја исполниме Божјата намера, треба да се подготвиме за тоа. Господ нè повикува од своите срца да ја искорениме себичноста, која е коренот на отуѓеноста. Тој копнее да го излее Својот Свет Дух на нас во изобилство и бара од нас да го расчистиме патот преку самоодрекување“. – 6 Сведоштво, 43.


Петок 7. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој конкретен начин Бог го повикува грешникот на покајание?

2. Какво предупредување ни се дава поради важната улога на Светиот Дух?

3. Како можеме денес да го жалостиме Светиот Дух?

4. Што значи да се греши против Светиот Дух?

5. Што треба постојано да имаме на ум во поглед на нашиот живот?

 <<    >>