Back to top

Sabbath Bible Lessons

Посветли зраци на светлината - Ризници на вистината (I)

 <<    >> 
11. лекција Сабота, 10. јуни 2023.

Прекината врска

„Никој да не ве измами на ниеден начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта“ (2 Солунјаните 2:3).

„Ние сме ангажирани во важна и суштинска работа и мора да водиме агресивна борба. Ние мора да се залагаме за вистинските протестантски принципи, бидејќи политиката на папството ќе се пробие на секое можно место за да ја забрани слободата на совеста“. – The Review and Herald, September 9, 1909.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Големата борба, 49-60, 433-450. 

Недела 4. јуни

1. СТРАШНИОТ ЅВЕР СО ЖЕЛЕЗНИ ЗАБИ

а. Како е опишан следниот ѕвер од пророштвото, моќното Римско царство — и како се манифестирала неговата суровост во односот кон Искупителот на светот? Даниел 7:7; Матеј 27:27-35.

„Наредбата на царскиот Рим за попис на сите жители во неговото пространо царство ги опфаќала и жителите во ритчињата на Галилеја... Во преполната гостилница за нив нема место. Конечно наоѓаат засолниште во една неугледна штала за добиток, и во неа е роден Откупителот на светот“. – Копнежот на вековите, 44.

„Разјарената маса луѓе бурно ја барала Христовата крв. Го тепаа свирепо, и Му облекоа стара пурпурна царска наметка, а на Неговата света глава му ставиле трнлив венец...

Исус стоел кротко и понизно пред таа разбеснета толпа додека го изложувале на најголемо злоставување. Плукале врз она свето лице од кое еден ден ќе сакаат да се скријат, лице кое ќе го осветлува светиот Божји град и ќе сјае посилно од сонцето“. – Рани списи, 170.

б. Која чудна карактеристика по одредено време, се манифестирала во ова царство? Даниел 7:19-24.


Понеделник 5. јуни

2. ПОМИСЛУВА ДА ГО ПРОМЕНИ БОЖЈИОТ ЗАКОН

а. Како знаеме дека Божјиот закон не може да се промени? Псалм 111:7,8; Матеј 5:17-19; Лука 16:17; Откровение 22:14.

„Божјиот закон бил напишан со Неговиот прст на камени плочи и тоа покажува дека тој никогаш не може да се промени или укине. Низ сите времиња на вечноста тој треба да остане непроменет, како непроменлив принцип на Неговото владеење“. – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 248.

„Смртта е плата за гревот, а законот не може ни најмалку да се промени за да се спаси неговиот престапник. Христовата агонија на крстот на Голгота зборува погласно од кој било аргумент што може да се изнесе за да се докаже непроменливоста на законот“. – The Review and Herald, July 19, 1892.

„Сатаната го измамил христијанскиот свет со приказната дека кога Христос умрел, Тој го укинал законот. Крстот на Голгота е тој што го возвишува Божјиот закон и го прави славен... Ако Бог можеше да промени една цртичка од Неговиот закон, Исус немаше да има потреба да дојде во нашиот свет за да страда и да умре“. – The Signs of the Times, November 24, 1887.

б. Која сила требало да се развие во Римското царство? Што таа сила помислува да направи, и кои заповеди со тоа се особено погодени? Даниел 7:23-25; Излез 20:4-6,8-11.

„Рим се осмелил да ја исфрли втората заповед од Божјиот закон, која забранува обожавање на слики, а за да остане бројот на заповедите неизменет, десеттата ја поделил на две“. – Големата борба, 52.

„Но приврзаниците на папството тврдат дека втората заповед е отстранета затоа што таа, според нивно мислење, е содржана во првата, и според тоа е излишна, и дека тие законот го даваат точно во оној облик како што сакал Бог да биде сфатен Законот. Но тоа не може да биде онаа промена што ја претскажал пророкот. Овде станува збор за намерна и добро промислена промена: ‘И ќе помислува да ги измени времињата и Законот’. Промената извршена во четвртата заповед точно го исполнува пророштвото. Црквата тврди дека само таа има власт да изврши таква промена. Со тоа папската сила отворено се издигнува над Бога“. – Големата борба, 446.

„На големиот отпадник му успеало да се ‘воздигне над сè што се нарекува Бог или светост’ (2 Солунјаните 2:4). Тој се осмелил да ја промени единствената заповед од Божјиот закон која вниманието на целото човештво го свртува кон вистинскиот и жив Бог. Во четвртата заповед, Бог се открива како Творец на небото и Земјата, и затоа се разликува од сите лажни богови“. – Големата борба, 53,54.


Вторник 6. јуни

3. БОГОХУЛНА ЅВЕР

а. Како моќниот рог во Даниел 7 „и против Севишниот ќе зборува“, богохулно им припишува на луѓето авторитет и овластување да простуваат гревови, дури и повеќе од тоа? Даниел 7:25 (прв дел); 2 Солунјаните 2:4.

„Една од водечките доктрини на римокатолицизмот е тврдењето дека папата е видлива глава на сеопштата Христова црква, со најголема власт над епископите и свештениците во сите делови на светот. Дури и повеќе од тоа, на папата му се доделувани многу титули на Божество. Наречен е: „Господ Бог, Папа” (Види Додаток), и е прогласен за непогрешлив. Тој бара сите луѓе да го почитуваат. Истото барање што во пустината на искушението му го поставил на Христа сатаната и понатаму го поставува преку Римската црква и многумина се подготвени да му оддадат почит“. – Големата борба, 50.

„Наместо да се обраќаат на Божјиот Син за простување на гревовите и за вечно спасение, народот гледал во папата и неговите ополномоштени свештеници и црковни великодостојници. Луѓето биле учени дека папата е нивен земен посредник и дека само преку него можат да се приближат до Бога, дека тој стои пред нив наместо Бога и дека сите безусловно мораат да му се покоруваат“. – Големата борба, 55.

„Бог никогаш во Своето слово не дал некое навестување дека кој и да е човек ќе го постави за глава на црквата. Доктрината за папската превласт директно се спротивставува на учењето на Библијата“. – Големата борба, 51.

„Уште еден чекор во папската дрскост е направен во единаесеттиот век кога папата Гргур VII прогласил совршенство на Римската црква. Меѓу исказите што тој ги изложил е оној кој вели дека црквата никогаш не погрешила, ниту пак, некогаш ќе погреши, според Писмото. Но, Писмото не ни дава никаков доказ кој оди во прилог на таквото тврдење“. – Големата борба, 57.

б. Како знаеме дека оваа појава на антихристот не е само иден настан, туку веќе започнала уште во деновите на апостолите и тоа од воспоставеното христијанство? 2 Солунјаните 2:3,7; 1 Јованово 2:18,19; 4:1-3; Дела 20:28-30.

„Апостол Павле, во своето второ послание до Солунјаните, го прорекол големото отпадништво кое ќе резултира со воспоставување на папската власт. Тој изјавил дека Христовиот ден нема да дојде ‘додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта, кој се противи и се издига над сѐ, што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себе самиот како Бог’. Понатаму апостолот ги предупредува своите браќа дека ‘тајната на беззаконието веќе дејствува’“ (2. Солунјаните 2:3.4,7). – Големата борба, 49.

„Лажната сабота се одржувала со натчовечка сила за да може Бог да биде обечестен. Тоа е знак за владеењето на сатаната на земјата“. – The Signs of the Times, March 12, 1894.


Среда 7. јуни

4. КРВОЖЕДНА ЦРКВА

а. Што е тоа што го предизвикува чудењето на пророкот додека ги посматра таквите постапки на таканаречените христијани? Даниел 7:25 (последен дел); Матеј 24:21,22; Откровение 13:7; 17:6.

„Во тринаесеттиот век била воведена една од најстрашните творби на папството - инквизицијата. Кнезот на темнината работел заедно со водачите на папската хиерархија. На нивните тајни совети, сатаната и неговите ангели, управувале со умовите на овие зли луѓе, додека меѓу нив, иако невидлив за нивните очи, стоел еден Божји ангел кој водел еден ужасен записник за нивните безбожни одлуки, и ја пишувал историјата на делата, премногу ужасни за да можат да се изнесат пред човечките очи. ‘Големиот Вавилон’ бил ‘пијан од крвта на светите’. Осакатените тела и крвта на милиони маченици викале кон Бога за одмазда над оваа отпадничка сила“. – Големата борба, 59.

„Папството е токму она што го кажало пророштвото: отпад на последното време (2 Солунјаните 2:3.4). Составен дел на неговата политика е да се преправа, земајќи таков облик што во дадениот момент најдобро ќе одговара на неговите цели; но под променливиот изглед на камелеон, тоа секогаш го крие непроменливиот змиски отров“. – Големата борба, 571.

б. На што христијаните кои се соочуваат со таквата бруталност од страна на другите таканаречени верници треба да се присетат и од тоа да црпат надеж? 2 Тимотеј 3:12; Откровение 2:10; Лука 21:28.

„Потоа настапувало време кога ќе се појават свирепи волци кои не ќе го штедат стадото. Но ништо од сето тоа не ги обесхрабрило оние кои имале цврста надеж во Христа. Со зборови што храбрат и тешат, Петар вниманието на верниците го одвраќал од сегашните неволји и од идните страдања и им укажувал на ‘нераспадливото и неизвалкано наследство кое не венее’“. – Делата на апостолите, 528.

„Бог се смилувал на Својот народ и го скратил времето на неговото страшно искушение... Благодарение на влијанието на реформацијата, прогонството престанало малку пред 1798. година“. – Големата борба, 266,267.

„Во неволјите и прогонството Божјите избраници ја откриваат Неговата слава и Неговиот карактер“. – Делата на апостолите, 576.


Четврток 8. јуни

5. КРАЈОТ НА ОВАА СИЛА

а. Бидејќи знаеме дека еден ден во пророштвата претставува една година (Броеви 14:34; Езекиел 4:6), колку долго оваа сила требало да поседува таква моќ на прогонство? Даниел 7:25 (последен дел) /спореди со Даниел 4:23,25,32/; Откровение 12:6,14; 13:5.

„Во шестиот век папството веќе силно се зацврстило. Седиштето на неговата власт било поставено во царскиот град, а римскиот бискуп бил прогласен за глава над целата црква. Незнабоштвото му го отстапило местото на папството. Змевот му ја дал на ѕверот ‘силата своја, и престолот свој, и голема власт’ (Откровение 13:2). И така започнало илјада двесте и шеесет годишното папско угнетување, претскажано во пророштвото на Даниел и Откровението (Даниел 7:25; Откровение 13:5-7) (Види Додаток). Христијаните биле принудени да бираат: да ја напуштат правилноста на својот став и да ги прифатат папските церемонии и папското богослужение, или својот живот да го завршат во затвори, на разни направи за мачење или од џелатските секири. Тогаш се исполнувале Христовите зборови: ‘Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа, и од роднини и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени; и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име’ (Лука 21:16,17). Настапило прогонство против верните со поголем гнев отколку кога било досега и светот станал огромно бојно поле. Стотици години Христовата црква наоѓала засолниште во осаменост, во изолација и во повлеченост“. – Големата борба, 54,55.

„Периодите што се спомнати ‘четириесет и два месеци’ и ‘илјада двесте и шеесет дена’ имаат исто значење, тие го претставуваат времето во кое Христовата црква страдала поради угнетувањата што ги вршел Рим. Периодот од 1260 години на папска превласт започнува во 538. година по Христа, и според тоа, треба да заврши во 1798. година... Во тоа време француската војска влегла во Рим и го заробила папата кој подоцна умрел во прогонство. Иако набргу бил избран нов папа, сепак папската хиерархија никогаш повеќе не можела да ја поврати онаа власт што пред тоа ја поседувала“. – Големата борба, 266.


Петок 9. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како е опишано најсуровото царство во пророштвото?

2. Кој дел од Божјиот закон е предмет на посебни напади од овој ѕвер – и зошто?

3. Од каде потекнува антихристот и која е неговата главна цел?

4. Како оваа религиозно-политичка сила се однесува кон Божјиот верен народ?

5. Според пророштвото, кога донекаде ослабнала нејзината тиранска моќ на угнетување?

 <<    >>