Back to top

Sabbath Bible Lessons

Посветли зраци на светлината - Ризници на вистината (I)

 <<    >> 
10. лекција Сабота, 3. јуни 2023.

Борбата на царствата за превласт

„И четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот“ (Даниел 7:3).

„Светата историја била еден од предметите на проучување во пророчките школи. Во записите за Неговите постапки со народите, се забележани стапките на Јехова. Така и ние денес треба да проучуваме како постапува Бог со народите на земјата. Во историјата можеме да го видиме исполнувањето на пророштвата, да го проучуваме делувањето на Провидението во големите реформаторски движења и да го разбереме текот на настаните во обединувањето на народите за конечниот судир на големата борба”. – 8 Сведоштво, 307.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Пророци и цареви, 522-538. 

Недела 28. мај

1. ВЕТРОТ КАКО СИМБОЛ

а. Што обично претставува ветрот во пророштвата? Еремија 25:32,33; 4:13.

„Ветровите се симболи на судирите“. – Големата борба, 439.

„(Во книгата Откровение) Јован ги гледа елементите на природата - земјотреси, бури и политички немири - прикажани како се чуваат од четирите ангели. Овие ветрови се под контрола сѐ додека Бог не даде наредба да ги пуштат. Овде е сигурноста на Божјата црква. Божјите ангели го извршуваат Неговиот налог задржувајќи ги земните ветрови да не дуваат на земјата, ниту на морето, ниту на кое било дрво, додека Божјите слуги не бидат запечатени на своите чела. Еден моќен ангел се гледа како се подига од исток (или изгрејсонце). Овој најмоќен од ангелите го има во раката печатот на живиот Бог, или Оној кој единствено може да даде живот, кој може да напише на челата знак како потврда дека некому му е гарантирана бесмртност, вечен живот. Тоа е гласот на оној најмоќен од ангелите да ги држат под своја контрола четирите ветра сѐ додека ова дело не биде извршено и додека не добијат налог да ги пуштат“. – Testimonies to Ministers, pp. 444, 445.


Понеделник 29. мај

2. ВОДА, ЅВЕРОВИ И КРИЛЈА

а. Честопати наоѓаме разни пророчки илустрации околу некои води или мориња, посебно во врска со ветрот. Што претставува тоа? Откровение 17:15.

„Ветровите се симболи на судирите. Четирите небесни ветра што дувале на Големото Море ги претставуваат страшните сцени на освојување и револуции, со чија помош царствата доаѓаат на власт“. – Големата борба, 440.

б. Што користи Бог за да ги прикаже земните царства или империи? Даниел 7:17,23.

„Големите сили на овој свет, во визијата на пророкот Даниел, се прикажани како крволочни ѕверови. Но, знакот на царството на Месијата е јагне. Додека земните царства владеат со надмоќта на физичката сила, Христос треба да го исфрли секое телесно оружје, секој инструмент на принуда. Неговото царство требало да се воспостави за да го подигне и облагородува паднатото човештво“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 4, p. 1171.

в. Честопати пророкот видел ѕвер кој лета со крилја – целосно спротивно на природното постоење на животното. Како овие крилја симболизираат брзина и издржливост, како што е илустрирано од орелот? Авакум 1:6-10.

„Во обидите да се врати дома, орелот честопати го соборува бура во тесните планински клисури. Темни, лути облаци го делат од сончевите врвови, каде што го изградил своето гнездо. Некое време изгледа збунето и ита во една или друга насока, мавтајќи со моќните крилја како да сака да ги растера густите облаци... Конечно, тој се пробива низ густиот облак во пределот на мирот осветлен од сонцето, испуштајќи продорен крик на победа. Под него има темнина и бура, а околу него сјае небесната светлина. Тој стигнува во својот сакан дом на издигната карпа и е задоволен. Преку темнината тој стигна до светлината“. – Messages to Young People, pp. 102, 103.

„Има голема потреба од луѓе кои знаат како да го искористат печатот, за да може на вистината да ѝ се дадат крилја за да допре до секоја нација, јазик и народ“. – Gospel Workers, p. 25.


Вторник 30. мај

3. ЛАВОТ

а. Бидејќи ѕверовите претставуваат царства, која нација ја симболизира лавот од Даниел 7:4, и како таа нација ја исполнила својата улога во историјата? Еремија 4:6,7; 50:17,43,44.

„(Бог) преку Своите избрани претставници ја открил Својата намера да го казни народот кој се одвоил од Него за да им служи на незнабожечки богови. Уште за време на животот на оние кои се прашувале во тоа време каква ќе биде иднината, Тој чудесно раководел со развојот на настаните кај водечките нации на земјата подигајќи ги Вавилонците. Било одредено тој халдејски народ ‘жесток и страшен’, одненадеж да ја нападне Јудината земја како Божји камшик. (Стих 7) Јудините кнезови и најистакнатите луѓе требало да бидат одведени во ропство во Вавилон, а јудејските градови, селата и нивите да бидат опустошени; ништо не смеело да биде поштедено“. – Пророци и цареви, 385,386.

б. Како Господ го опишува моќното вавилонско царство на врвот на својата моќ под Навуходоносор – и зошто? Еремија 27:4-8.

„Иако воздигнат до пиедесталот на земските почести и признат дури и од страна на Најголемиот како ‘цар над царевите’ (Езекиел 26:7), Навуходоносор сепак од време на време ја припишувал својата слава и сјајот на своето владеење на Господовата благонаклоност...

Тој бил идолопоклоник по раѓање и воспитување, меѓутоа, и покрај тоа што бил владетел на идолопоклонички народ, имал вродено чувство на правда, така што Бог можел да го употреби како орудие со кое ќе ги казни бунтовниците и ќе ја оствари својата волја. Како владетел ‘највешт меѓу народите’ (Езекиел 28:7), Навуходоносор успеал по повеќе годишни големи напори да го освои Тир; потоа и Египет станал плен на неговата победничка војска. Доведувајќи една по една земја под вавилонска власт, тој сѐ повеќе се воздигал како најголем владетел на својата доба.

Не е ни чудо што овој победник, славољубив горд владетел, дошол во искушение да скршне од патот на понизноста, кој единствено води во вистинска големина. Во интервалите помеѓу своите големи походи, тој посветувал многу труд на утврдување и разубавување на својата престолнина, така што Вавилон најпосле станал најголема слава на неговото царство, ‘златен град’, ‘пофалба на целата земја’“. – Пророци и цареви, 514,515.


Среда 31. мај

4. МЕЧКАТА

а. Како што мечката доаѓа по лавот, која нација стапила на сцена по првата? Објаснете ја нејзината улога во историјата на народите. Исаија 14:3,4; Даниел 7:5; 5:30,31.

„Вавилон најпосле бил совладан и уништен, затоа што неговите цареви во периодот на напредок сметале дека не зависат од Бога и славата на своето царство и ја препишувале на човечкото достигнување“. – Пророци и цареви, 501.

„Неочекуваниот влез на војската од персискиот освојувач во срцето на вавилонската престолнина преку коритото на реката, чија вода била пренасочена, и низ внатрешната капија која заради безгрижното чувство на безбедност била оставена отворена и незаштитена, им дало на Евреите обилни докази дека пророштвото на Исаија за ненадејната пропаст на нивните поробувачи детално се исполнува. Тоа требало да им биде сигурен знак дека Бог управува со развојот на настаните кај другите народи во нивна корист“. – Пророци и цареви, 552.

б. Каде било проречено соборувањето на Вавилон од Медо-Персија, и до кој степен таа го исполнила својот статус на светско царство? Еремија 25:12; Исаија 44:26-28; 45:1-6,13; Естира 1:1.

„По неговата смрт, приближно две години по падот на Вавилон, Кир дошол на престолот и почетокот на неговото владеење го одбележал крајот на периодот од седумдесетте години, колку што поминало откако Навуходоносор довел првата група Евреи од нивната татковина Јудеја во Вавилон.

Бог го искористил Даниеловото ослободување од лавовската јама за да остави поволен впечаток на Кир Велики. Прекрасните особини на Божјиот човек, како далекувиден државник, го навеле персискиот цар да му укаже посебно почитување и признание за неговото расудување. И сега, бидејќи дошло време според Господовата реч повторно да се изгради Неговиот храм во Ерусалим, Тој влијаел на Кир како на Свое орудие, и пророштвото со кое Даниел го запознал, а кое се однесува токму за него, правилно да го разбере и на еврејскиот народ да му подари слобода.

Царот ги читал зборовите кои претскажале, пред повеќе од сто години пред неговото раѓање за начинот на кој ќе биде освоен Вавилон; ја прочитал пораката која што му ја упатил Владетелот на вселената... срцето му било длабоко возбудено и тој одлучил да ја исполни својата должност која што небото му ја наменило“. – Пророци и цареви, 556,557.


Четврток 1. јуни

5. ЛЕОПАРДОТ

а. Бидејќи по мечката следи леопардот, која нација дојде после Медо-Персија како следното големо царство? Даниел 7:6; 8:5-7,20,21.

„Медо-персиското царство го достигнало гневот од небото, затоа што во него е погазен Божјиот закон. Во срцето на најголемите дела на народот немало место за Божји страв. Насекаде владеело безбожништво, богохулење и расипаност“. – Пророци и цареви, 501.

б. Што претставуваат роговите и како личат на четирите глави кај ова животно? Даниел 8:8,22. Како влијаела нивната горда филозофија врз светот – и како евангелието стои во спротивност со таквата филозофија? 1 Коринтјаните 1:19-25; Колосјаните 2:8.

„Дали е безбедно да ја довериме нашата младина да биде водена од такви слепи водачи кои ги проучуваат светите пророштва со многу помал интерес отколку што покажуваат кон класичните автори на античка Грција и Рим?“ – The Review and Herald, October 30, 1900.

„Грците верувале дека навистина е потребно да се издигне човечкиот род; но тие сметале дека науката и проучувањето на филозофијата се единствени средства да се постигне вистински напредок и чест“. – Делата на апостолите, 244.

„Павле изјавил дека ниту еврејското учење, ниту грчката елоквентност не можат да го достигнат стандардот на високиот повик што е во Христос Исус. Ниту највисоката елоквентност, ниту најголемата физичка сила не можат да му дадат на човекот моќ да ги убеди и преобрати душите. Само прифаќањето на чистите начела на Евангелието во срцето е она што го прави човекот да служи во чест на Бога“. – The Central Advance, April 8, 1903.


Петок 2. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можеме да ги препознаеме Божјите намери во делувањето на нациите денес?

2. Како се прикажани особините на земните народи во пророштвата?

3. Што довело до тоа вавилонското царство да го промени начинот на кој функционирало?

4. Како пророштвото ја открива Божјата грижа за постапките на народите?

5. На кој начин грчкиот систем и денес влијае врз општеството?

 <<    >>