Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО: Римјаните

 <<    >> 
8. лекција Сабота, 19. февруари 2022.

Да ги цениме нашите предности

„Што да речеме пак? Зар има неправда во Бога? Никако” (Римјаните 9:14).

„Условите за добивање на Божјата милост се едноставни и сфатливи. Господ не бара од нас некои болни испаштања за да ни биде простено. Не ни се потребни долги и заморни поклоненија, ниту вршење на мачни и болни покајнички покори за нашата душа да му ја препорачаме на небесниот Отец или да ги окаеме нашите гревови. ‘Кој ќе го признае и ќе го остави’ својот грев, ‘ќе добие милост’ (Изреки 28:13).”. – Делата на апостолите, 552.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 207,208; 
  5 Сведоштво, 119,120. 

Недела 13. февруари

1. МЕШОВИТ НАРОД

а. Опишете го копнежот на Павле за спасението на својот народ и причината која стои зад тоа. Римјаните 9:1-5.

„Тоа не била обична желба што ја чувствувал апостолот. Тој постојано најсесрдно го молел Бога да му ги отвори очите на Израел кој пропуштил Исуса Назареќанецот да го признае како ветен Месија...

Евреите биле од Бога избрана нација преку која Тој имал намера да го благослови сиот човечки род. Од нивна средина Бог подигнал многу пророци. Тие го претскажале доаѓањето на Откупителот кој, според пророштвата, морал да биде отфрлен и погубен од страна на оние што биле должни први да го признаат како Месија”. Делата на апостолите, 374.

б. Што постоело меѓу Евреите уште од основањето на нивната нација, и што му било добро познато на Бога? Римјаните 9:6-8.


Понеделник 14. февруари

2. ДРЕВЕН ПРИМЕР

а. Што треба да научиме од Господовата порака до Ревека за иднината на нејзините неродени близнаци? Римјаните 9:10–12; Создавање 25:22,23.

„Затоа што имал можност да бира, Бог не го отфрлил тирански Исава лишувајќи го од правото на благословите на спасението. Даровите на неговата милост преку Христа слободно му се достапни на секого. Човекот се запустува единствено ако сам, со сопствен избор, јури во пропаст. Бог во својата Реч ги изнел условите под кои секоја душа може да биде избрана за вечен живот послушност на неговите заповеди со вера во Христа. Бог го избрал карактерот кој е во целосна хармонија со неговите закони, и на секого што ќе ја постигне мерката поставена во неговото барање ќе му биде дозволено да влезе во царството на славата”. – Патријарси и пророци, 207.

б. Која била желбата на Исав, првородениот син, и Јаков, вториот син, во однос на првородството? Создавање 25:29-34; Евреите 12:16,17.

„Исав, како постар по раѓање, имал право на првенство. Но Исав не бил наклонет кон верскиот живот, ниту му било грижа за побожноста. Барањата и обврските на духовното првородство за него претставувале несакани и одвратни ограничувања. Божјиот закон, што претставувал услов на божествениот завет склучен со Аврама, Исав го сметал за ропски јарем. Наклонет да им попушта на своите телесни желби, кон ништо не се стремел толку колку кон слобода да прави што му се допаѓа. Според неговото сфаќање, среќата се состоела од богатство, од моќ, веселба и уживање во насладите. Се гордеел со неограничената слобода на својот див, скитнички живот”. – Патријарси и пророци, 178.

„Изборот со кој засекогаш е одвоен од Божјиот народ тој (Исав) го извршил сам и тоа со премисла. Јаков се определил за наследството на верата”. – Патријарси и пророци, 208.

„Јаков од мајка си дознал за божественото навестување според кое правото на првородство требало да му припадне нему и бил исполнет со неискажлив копнеж за предимствата што би ги стекнал со тоа право. Не жеднеел за богатсвото на татка си неговиот копнеж се однесувал на духовното предимство што му припаѓало на првенецот. Да одржува блиски духовни односи со Бога, како што го правел тоа праведниот Аврам да принесува жртви на помирување за своето семејство да биде еден од предците на избраниот народ и на ветениот Месија да го наследи вечното и непоминливо богатство опфатено со благословите на заветот тоа биле предимствата и почестите со кои гореле неговите најсесрдни желби. Неговите мисли постојано биле упатени кон она што допрва ќе дојде и тој сакал да ги сфати невидливите благослови на иднината”. – Патријарси и пророци, 178,179.


Вторник 15. февруари

3. ПРАВЕДЕН И СОЧУВСТВИТЕЛЕН

а. Што се открива во Божјата правда во почитувањето на Јаков? Римјаните 9:13,14.

„Затоа што имал можност да бира, Бог не го отфрлил тирански Исава лишувајќи го од правото на благословите на спасението. Даровите на неговата милост преку Христа слободно му се достапни на секого. Човекот се запустува единствено ако сам, со сопствен избор, јури во пропаст. Бог во својата Реч ги изнел условите под кои секоја душа може да биде избрана за вечен живот послушност на Неговите заповеди со вера во Христа. Бог го избрал карактерот кој е во целосна хармонија со Неговите закони, и на секого што ќе ја постигне мерката поставена во Неговото барање ќе му биде дозволено да влезе во царството на славата. Сам Христос рекол: ‘Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не верува во Синот, нема да види живот’ (Јован 3:36). ‘Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен’ (Матеј 7:21). А во Откровението Тој изјавува: ‘Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите’ (Откровение 22:14). Тоа е единствена можност на избор изложена во Божјата реч во врска со конечното спасение на човекот.

Одбрана е секоја душа која своето спасение го гради ‘со страв и трепет’. Избран е оној кој сака да се вооружи ‘во сето оружје Божјо’ и истрајно да се бори во борбата на верата. Избран е оној кој сака да стражари во молитва, кој го истражува Светото писмо и не дозволува да биде поттикнат или наговорен на зло. Избран е оној кој во верата ќе остане цврст и постојан, прифаќајќи го секој збор што излегува од Божјата уста. Благодетите и можностите на откупувањето му се достапни на секого; плодовите на откупувањето ќе ги уживаат оние што ќе ги исполнат поставените услови”. – Патријарси и пророци, 207,208.

б. Кое безвременско начело му го открил Бог на Мојсеј во врска со Неговото сочувство? Излез 34:5-7; Римјаните 9:15,16.

„За Бога не смееме да мислиме дека е само судија кој е подготвен да нѐ казни. Тој го мрази гревот; меѓутоа, од љубов кон грешниците се дал Себеси, во лицето на Исуса Христа, за сите оние што сакаат да можат да бидат спасени и вечно благословени во царството на славата.

Самиот Господ го открил Својот карактер што сатаната лукаво го прикажувал во лажна светлина”. – 5 Сведоштво, 633.


Среда 16. февруари

4. ФАРАОНОТ

а. Како сите треба да ја препознаат опасноста од ставот на фараонот кога Мојсеј му ја дал божествената заповед да го ослободи Израел од ропството? Римјаните 9:17; Второзаконие 5:1,2.

б. Зошто срцето на фараонот станувало сè потврдо и потврдо и зошто тоа претставува предупредување за сите нас? Излез 7:3,4; Евреите 4:7.

„Бог никого не го уништува. Секој што е уништен, се уништил самиот себе. Секој што ги задушува опомените на совеста, сее семе на неверување, а тоа ќе донесе сигурна жетва. Во старо време, отрфлајќи ја првата Божја опомена, фараонот посеал семе на тврдоглавост, па и пожнеал тврдоглавост. Бог не го принудил да не верува. Семето на неверување што го посеал донело род од ваков вид. И така неговиот отпор продолжил сè додека со свои очи не ја видел својата уништена земја, студеното мртво тело на својот првенец, на сите првенци во својот дом и во сите семејства во своето царство, сè додека водите на Црвеното Море не се затвориле над неговите коњи, бојни коли и војници. Неговата историја е страшна слика за вистинитоста на зборовите дека: ‘Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее’ (Галатјаните 6:7). Ако луѓето го сфатат ова, ќе бидат внимателни какво семе ќе посеат”. – Христовите очигледни поуки, 84,85.

„Не била потребна никаква натприродна сила за да се стврдне срцето на царот. Бог му дал на фараонот најубедливи докази за својата моќ, но владетелот упорно одбивал да ја прими светлината. При секоја пројава на бесконечната сила што тој ја отфрлил, станувал сѐ порешителен во своето опирање. Семето на бунт што е посеано кога го отфрлил првото чудо донело своја жетва. А кога се осмелил да продолжи со таквото однесување и бидејќи неговата упорност постојано растела, срцето му станувало сѐ потврдо додека најпосле не го видел студеното мртво лице на својот првенец”. – Патријарси и пророци, 268.

„Тоа што се случило со фараоновото срце ќе се случи со секоја душа што занемарува да ја негува светлината и да оди во нејзините зраци. Бог никого не уништува. Грешникот се уништува самиот себе со своето непокајание. Кога некој еднаш ќе занемари да ги послуша повиците, опомените и укорите на Светиот Дух, неговата совест станува закоравена и вториот пат ќе му биде уште потешко да се покори од порано. И така со секое повторување станува сѐ потешко”. – 5 Сведоштво, 120.


Четврток 17. февруари

5. ВРЕМЕ Е ЗА ОДЛУКА

а. Како перото на вдахновението укажува на свечената реалност со која се соочува секој смртник? Римјаните 9:18-20.

„Сега е време да се подготвиме и да бидеме подготвени за страшното искушение што претстои - а без светост никој нема да го види Бога. Никој да не вели: ‘Мојот пат е скриен од Господа, Бог не знае ништо за моите патишта’. Сега можеби не е доцна. Сега можеби ќе можеш да се покаеш. Но, дури и ако е напишано простување покрај вашето име, ќе претрпите страшна загуба; зашто лузните што сте ги нанеле на вашите души ќе останат.

О, како може некој кој ја има светлината на вистината, славната светлина што му е дадена од Бога, да се спротивстави на Божјите дела и судови, со тоа што ќе греши против Него и ќе го прави токму она што Бог му рекол во Својот збор да не го прави? Како може тие да бидат толку заслепени од сатаната за да го обесчестат Бога во Неговото лице и да ги осквернат нивните души со свесно грешење? Апостолот вели: ‘Бидејќи станавме глетка за светот - на ангелите и на луѓето’. Дали овие грешници - или да ги наречам лицемери - ќе прашаат во Сион: ‘На кој начин сум глетка за светот - на ангелите и на луѓето?’ Одговорете сами: Злоупотребувајќи ја светлината, предностите и благодатта кои Бог ми ги дал, преку непристојни дела кои ја расипуваат и валкаат душата. Со тврдењето дека го познавам Бога, дали во исто време го исклучувам од мислите и го заменувам со некој идол? Дали со својот пример ги наведувам другите лесно да го сфатат гревот?” – Testimonies to Ministers, p. 447.

б. Која сцена секогаш треба да остане јасно врежана во нашиот ум? Римјаните 9:21-23.


Петок 18. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Од каде знаеме дека крвното сродство не гарантира спасение?

2. Зошто Јаков нашол поголема милост во Божјите очи од Исав?

3. Што ме учат за Бога искуствата на Јаков и Мојсеј?

4. Како да го избегнам духовното самоубиство, чекор по чекор, што го избрал фараонот?

5. Како изборите што ги правам сега влијаат на мојата вечна судбина?

 <<    >>