Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО: Римјаните

 <<    >> 
12. лекција Сабота, 19. март 2022.

Во понизна кротост

„Туку облечете се во Господ Исус Христос, и грижата за телото не претворајте ја во страсти” (Римјаните 13:14).

„(цитат од Римјаните 13:14) Секоја душа нека ги послуша овие зборови и нека знае дека Господ Исус не прифаќа никакви компромиси”. – Testimonies to Ministers, p. 171.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   6 Сведоштво, 394-403. 

Недела 13. март

1. ВДАХНОВЕНА РАМНОТЕЖА

а. Опишете ги сеопфатните должности на христијаните кон земните власти во сите времиња. Римјаните 13:1-7; Дела 4:18-20; 5:17-20.

„Кога учениците го проповедале Христос и тоа распнатиот, по Неговото воскресение, властите им наредиле повеќе да не зборуваат ниту да поучуваат во името на Исуса. ‘Но Петар и Јован им одговорија и рекоа: Просудете дали е справедливо пред Бога вас да ве слушаме повеќе отколку Бог; зашто ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле’ (Дела 4:19,20). Тие и понатаму продолжиле да ја проповедаат радосната вест за спасението преку Христа, а Божјата сила сведочела за пораката. Болните биле излекувани, а илјадници ѝ се придружиле на црквата...

Но небесниот Бог, моќниот Владетел на вселената, ја презел оваа работа во Свои раце; бидејќи луѓето се бореле против Неговото дело. Тој јасно им покажал дека има власт која е повисока од човечката, чиј авторитет мора да се почитува...

Оние кои се обидуваат да ги присилат луѓето на покорување на една папска институција и на газење на Божјиот авторитет, вршат исто дело како и еврејските водачи во деновите на апостолите. Кога законите на земните власти се во судир со законите на Највисокиот Законодавец во вселената, тогаш оние што се лојални поданици на Бога ќе му останат верни и послушни само Нему“. – 5 Сведоштво, 713.

„Според она што ми е покажано, наша должност е во сѐ да се покоруваме на законите на својата земја, освен кога тоа е во спротивност со повисоките заповеди што Бог ги изговорил со јасен глас од планината Синај, а потоа со Својот прст ги запишал на камен”. – 1 Сведоштво, 361.


Понеделник 14. март

2. ОДРЖУВАЊЕ НА СООДВЕТНА ПОЧИТ

а. На каков став и критериуми ги поучувал Христос луѓето во врска со нашите должности кон Бога и кон властите? Марко 12:13-17; Римјаните 14:16.

„Христовиот одговор не бил никакво одбегнување, туку отворен одговор на прашањето. Држејќи во раката кована монета на која бил ликот и името на Цезарот, Тој изјавил дека, бидејќи живеат под заштита на римската сила, тие треба на таа сила да и даваат потпора која се барала од нив, сѐ додека тоа не се судри со повозвишената должност. Меѓутоа, додека мирољубиво им се покоруваат на земните закони, тие секогаш прво треба да ја дадат својата лојалност на Бога”. – Копнежот на вековите, 602.

б. Опишете го ставот што секогаш треба да го имаме кон властите, како што го покажал верниот Божји народ. Даниел 6:16-22; Тит 3:1,2; 1 Петрово 2:17.

„Човечката власт мораме да ја признаеме како институција од Бога одредена и покорувањето на власта да ја проповедаме како света должност во границите на нејзините легитимни права. Но, кога нејзините барања ќе дојдат во судир со Божјите барања, ние мораме да му се покориме на Бога а не на луѓето. Божјата реч мора да се признае како нешто што е над секое човечко законодавство. Геслото: ‘Така кажува Господ’ не смее да му го отстапи местото на вообичаеното: ‘Така кажува црквата’ или ‘така кажува државата’. Христовата круна мора да се издигне над било каква власт на земните силници.

Од нас не се бара да им пркосиме на оние што имаат некоја власт. Нашите зборови, изговорени или напишани, мора да бидат внимателно одмерени за да не може врз основа на она што го зборуваме да се тврди дека сме противници на законот и поредокот. Не смееме да зборуваме и да правиме ништо што без потреба би ни го затворило патот. Наша должност е да одиме напред во Христово име, проповедајќи ја вистината што ни е доверена”. – Делата на апостолите, 69.

„Не е мудро да се изнаоѓаат грешки во она што го прават државните раководители. Не е наша должност да напаѓаме поединци или институции... Наша должност е да подготвиме народ да може да опстане во големиот Божји ден. Не смееме да свртуваме на патишта кои ќе поттикнуваат судири или ќе предизвикаат противење кај оние кои не припаѓаат на нашата вера”. – 6 Сведоштво, 394.

„Во најголема понизност, во дух на благодат и во Божја љубов треба да им укажеме на луѓето на фактот дека Господ Бог е Творец на небото и земјата и дека седмиот ден е сабота Господова”. – 6 Сведоштво, 395.


Вторник 15. март

3. КОПНЕЕЊЕ ПО БОЖЈИОТ ДУХ

а. Опишете го влијанието на Божјиот закон врз нашите срца. Римјаните 13:8-10.

„Луѓето го исполнуваат Божјиот закон само тогаш кога го љубат Бога со сето свое срце, ум, душа и сила, а ближниот како самите себеси. Искажувањето на таа љубов го прославува Бога на висините, а на земјата донесува мир и добра волја меѓу луѓето. Господ се прославува кога се исполнува големата и крајна цел на Неговиот закон. Со векови делото на Светиот Дух е да влева љубов во човечките срца, бидејќи љубовта е живо начело на братството.

Себичноста не смее да се крие во ниту едно катче или крајче од душата. Бог сака да се исполни небесниот план и небесен ред и хармонија да владее во секое семејство, во секоја институција. Кога општеството би го проникнувала таква љубов, ние би го виделе делувањето на благородните начела во христијанската финост и учтивост и во христијанското милосрдие кон оние што се откупени со Христовата крв. Во сите наши семејства, институции, и во сите цркви би дошло до духовно преобразување. Кога ќе се изврши тоа преобразување, тогаш тие институции ќе станат орудие со чија помош Бог ќе ја излева небесната светлина на светот и на тој начин, преку божествена дисциплина и обука, ќе ги подготви мажите и жените за небесното друштво.

Христос отишол да подготви станови за сите што преку Неговата љубов и благодат се подготвуваат за местото на блаженство. Во Божјото семејство нема да се најде никој што е себичен. Мирот и хармонијата на небесните дворови нема да ги нарушува присуството на тие што се сурови или нељубезни. Тој што на овој свет се воздигнува себеси во делото што му е доверено никогаш нема да се најде во Божјото царство ако не се промени во духот, ако не стане кроток и понизен, искажувајќи едноставност како кај дете”. – 8 Сведоштво, 139,140.

б. Каков отрезнувачки повик допира до нас, посилен сега од кога било досега? Римјаните 13:11.

„Проповедниците и членовите нека заминуваат во полињата кои дозреваат и да ги предупредуваат лекомислените и рамнодушните да го бараат Господа додека може да се најде”. – 8 Сведоштво, 252.

„Денес Божјиот ден е поблиску отколку кога првпат поверувавме, и затоа треба да бидеме посесрдни, поревносни и горливи отколку во тие први денови. Нашите опасности се поголеми сега отколку тогаш. Душите се позакоравени. Сега треба да бидеме проткаени со Христовиот Дух и не смееме да мируваме сѐ додека не го примиме”. – 5 Сведоштво, 162.


Среда 16. март

4. ФОКУС И РЕВНОСТ КАКО НИКОГАШ ДОСЕГА

а. Што е клучно додека се приближуваме кон крајот на времето? Римјаните 13:12-14.

„Бог не ги затворил небесата за Својот народ; туку нивниот пат на постојано назадување, расправии, завист и раздор ги одвоил од Него. Гордоста и љубовта кон светот живеат во срцето...

Нечистотијата е широко распространета, дури и меѓу оние кои се изјаснуваат дека се Христови следбеници. Многумина се среќни што учествуваат во световни, понижувачки забави кои Божјата реч ги забранува. На тој начин тие ја прекинуваат својата врска со Бога и се рангираат меѓу љубителите на задоволствата на овој свет. Ако Бог им ги прикаже нивните гревови како што се појавуваат во Неговите очи, тие би биле исполнети со срам и ужас.

И што довело до оваа вознемирувачка состојба? Многумина ја прифатиле теоријата на религиозната вистина, но не се обратени кон нејзините начела. Навистина, малкумина се оние кои чувствуваат вистинско каење поради гревот, кои имаат длабоки, остри убедувања за изопаченоста на непрепородената природа и се обидуваат да одат исто како што одел Христос. Каменото срце не му отстапило место на месното срце. Малку се оние кои се подготвени да паднат на Карпата и да бидат скршени.

Каква неспоредлива љубов и понижување, иако немавме никакво право на Божјата милост, Христос бил подготвен да го оствари нашето откупување! Но, нашиот голем Лекар од секоја душа бара безусловна послушност и предавање. Никогаш не можеме сами да си препишеме лек. Нашата волја и нашите постапки мораат целосно да подлежат на Христовото водство; инаку Тој нема да работи во наша корист”. – The Signs of the Times, July 14, 1887.

„Ние се наоѓаме на прагот на вечниот свет. Го очекуваме славното Господово доаѓање; ноќта помина и денот е на повидок. Кога ќе ја сфатиме големината на планот на спасението, ќе бидеме многу похрабри, попожртвувани и попредани отколку што сме сега.

Мораме да извршиме една големо дело ако сакаме нашите напори да бидат крунисани со успех. Мораме да извршиме одлучна реформа во нашите домови и цркви. Родителите мораат да се заложат за спасението на своите деца. Бог ќе ни помогне во нашата работа, ако ние од наша страна направиме сѐ што нѐ задолжил и за што нѐ оспособил. Но заради нашето неверство и рамнодушност, душите откупени со крв умираат во нивните гревови без да бидат опоменати и тоа во близина на нашите домови. Зар сатаната секогаш треба да триумфира на тој начин? О, не! Светлината која доаѓа од крстот на Голгота ни сведочи дека треба да се оствари поголемо дело од било кое друго кое нашите очи го виделе до денес”. – 5 Сведоштво, 382,383.


Четврток 17. март

5. БРАТСКА ЉУБОВ

а. Со оглед на фактот дека сите луѓе се различни, како треба да се однесуваме еден со друг? Римјаните 14:7-13.

„Секое здружување или приврзаност за некого, во животот бара самоконтрола, трпение и сочувство. Толку сме различни по карактер, навики, образование, што нашите начини на гледање на работите се разликуваат. Различни сме и во расудувањето. Нашите поими за вистината и ставовите за тоа како да се живее не се исти во секој поглед. Не постојат двајца чии животни искуства би биле исти во сите детали. Искушенијата на едниот не се искушенија на другиот. Должностите кои се лесни за едниот можат да бидат многу тешки, па дури и збунувачки за другиот.

Човечката природа е толку слаба, толку неука, толку подложна на заблуди, што секој треба да биде внимателен во проценката што ја дава за другите. Малку знаеме како нашите постапки влијаат на искуството на другите. Она што го правиме или кажуваме може да ни изгледа сосема мало и безначајно; но, ако ни се отворат очите, ќе видиме дека од тоа во најголема мера зависи дали сме делувале на добро или на зло”. – Gospel Workers, p. 473.

б. Како Бог гледа на оние кои предизвикуваат поделба во Неговата црква, и на кој начин единствено можеме да постигнеме единство во семејството и во црквата? Изреки 6:16-19; Колосјаните 1:27,28.

„Одвојувањето од Христа е причина за поделба и раздор во семејството и црквата. Приближете се еден кон друг. Тајната на вистинското единство во црквата и во семејството не се постигнува ниту со дипломатија, ниту со господарење, ниту со вложување на натчовечки напори за отстранување на тешкотиите иако треба и тоа често да се направи туку во заедницата со Христа.

Колку повеќе се приближуваме до Христа, толку ќе бидеме поблиски еден до друг. Бог се прославува, кога Неговиот народ се соединува во заедничка работа”. – Адвентен дом, 179.


Петок 18. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каков пример треба да им дадам на моите пријатели и семејството во врска со земниот авторитет?

2. Објаснете ја рамнотежата на обожавањето на небесното Величество пред сè?

3. Како моите ставови можат да го попречат Божјиот Дух во мојот живот?

4. Какви активности треба да преземам како подготовка за второто Христово доаѓање?

5. Како ќе се променат моите односи со другите кога целосно ќе го барам Христа?

 <<    >>