Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО: Римјаните

 <<    >> 
10. лекција Сабота, 5. март 2022.

Преобразени од Божјата љубов

„Не сообразувајте се со овој век, туку преобразете се со возобновување на вашиот ум за да можете да испитувате и осознавате што е волјата Божја: што е добро, благоугодно и совршено” (Римјаните 12:2).

„Сите ние треба со сето свое битие да ѝ се посветиме на Божјата служба и да се трудиме таа жртва да ја сториме колку што е можно посовршена. Бог ќе биде задоволен само тогаш ако му го дадеме најдоброто што го имаме. Секој оној што го љуби со сето срце, ќе сака да му го посвети најдобриот дел на својот живот и постојано ќе се труди сите сили на своето битие да ги доведе во хармонија со законите на природата, со што неговите умни и духовни способности, како и подготвеноста да му послужи на Бога, ќе бидат потпомогнати”. – Патријарси и пророци, 352.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   5 Сведоштво, 275-281. 

Недела 27. февруари

1. ЖИВА ЖРТВА

а. Кој свечен апел е упатен до секој од нас? Римјаните 12:1.

„Бог изрично заповедал дека секоја жртва што му се принесува нему мора да биде здрава и без мана (Излез 12:5). Свештениците биле должни да прегледаат секое животно што било доведено за жртва и да вратат секое кај кое ќе најдат некаква фаличност. Само онаа жртва што била ‘без мана’ можела сликовито да ја претставува апсолутната чистота на Оној кој бил очекуван да го принесе својот живот на жртва како ‘непорочното и чисто Јагне’ (1. Петрово 1:19). Апостол Павле упатува на таа жртва за да покаже какви треба да бидат Христовите следбеници“. – Патријарси и пророци, 352.

б. Каде се случува вистинската преобразба? Римјаните 12:2.

„Христос бара сѐ. Ако би барал помалку од тоа, тогаш жртвата што ја поднел за ние да се воздигнеме до тоа ниво би била прескапа и преголема. Нашата света вера бара да се одвоиме од светот. Ние не треба да се прилагодувме на светот или на оние што безживотно ја исповедаат верата само на зборови. ‘Туку променете се со обновување на својот ум’, кажува апостолот. Тоа е пат на самоодрекување“. – 1 Сведоштво, 240.


Понеделник 28. февруари

2. СТАНЕТЕ СИРОМАШНИ ПО ДУХ

а. Бидејќи сме верници, на што е предупреден секој од нас за својата состојба? Римјаните 12:3; Проповедник 7:16.

„Има едно зло меѓу нас кое треба да се искорени. Браќата слободно гледаат и зборуваат за наводните недостатоци на другите, кога самата таа слобода открива одлучувачки недостатоци во нив. Со тоа сакаат да покажат колку се мудри и бистри во своето расудување. Поради нивниот недостаток, Бог не може да им го даде Својот посебен благослов, бидејќи тогаш тие би биле уште повозвишени и на тој начин би нанеле уште поголема штета на скапоценото дело на вистината. Бидејќи светот бил лишен од знаењето за Бога, Исус дошол на овој свет да го даде овој бесценет благослов - знаењето за карактерот на нашиот небесен Татко“. – Testimonies to Ministers, p. 193.

б. Какви апели Христос упатува до сите нас, заблудените грешници какви што сме? Матеј 5:3,5; 11:28-30.

„(Матеј 11:30). Мораме да одиме во Христовата школа и да се поучиме од Неговата кротост и понизност. Избавувањето е процес со кој душата се обучува за Небото. Тоа обучување значи познавање на Христа. Тоа подразбира ослободување од идеите, навиките и практиките стекнати во школата на кнезот на темнината. Душата мора да се ослободи од сѐ што е во спротивност со верноста кон Бога.

Во Христовото срце, кое било во совршена хармонија со Бога, царувал совршен мир. Никогаш не се воздигал поради одобрувањата, ниту ја загубил храброста поради прекорите или разочарувањата. Останувал со бодар дух и во најголемото спротивставување и најсуровите постапки. Меѓутоа, многумина кои тврдат дека се Негови следбеници се загрижени и вознемирени, бидејќи се плашат да се доверат себеси на Бога. Тие не се предаваат целосно, плашејќи се од последиците од кои едно такво предавање ги повлекува со себе. Ако целосно не се предадат, тие не можат да најдат мир“. – Копнежот на вековите, 330,331.

„Никој освен Бог не може да ја покори гордоста на човечкото срце. Сами не можеме да се спасиме. Не можеме сами да се преродиме. Во небесните дворови нема да се пее песната: ‘Мене, кого го возљубив, измив, откупив, слава и чест, благослов и пофалба. Но, ова е главната тема на песната, која ја пеат многумина овде на овој свет. Тие не знаат што значи да се биде кроток и смирен по срце; и не се трудат да го избегнат тоа. Целото евангелие е сумирано во учењето за Христос, Неговата кротост и понизност“. – Testimonies to Ministers, p. 456.


Вторник 1. март

3. ВО КРУГОТ НА ХРИСТИЈАНИТЕ

а. Како Павле ја илустрира работата на црквата? Римјаните 12:4,5; 1 Коринтјаните 12:12-23.

„Споредувајќи ја црквата со човечкото тело, апостолот сликовито го прикажал присниот и хармоничниот однос што треба да постои меѓу сите верници на Христовата црква”. – Делата на апостолите, 317.

б. Што очекува Бог од сите членови на Неговата црква? Ефесјаните 4:1-3,12,13.

„Ви укажувам на зборовите на апостол Павле во четвртото поглавје од Ефесјаните. Целото ова поглавје содржи поуки кои Бог сака да ги научиме и практикуваме.

Во четвртото поглавје од Ефесјаните, Божјиот план е откриен толку јасно и едноставно така што сите Негови деца можат да се држат до вистината. Овде јасно се одредени средствата за да се зачува единството во Неговата црква, за нејзините членови да можат да му откријат на светот едно здраво верско искуство”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1117.

в. Објаснете ги клучевите за слатката хармонија во црквата. Римјаните 12:9.

„Божествената љубов најтрогателно апелира на срцето, повикувајќи нè нас да го покажеме истото она нежно сочувство што го красело Христа. Вистинска љубов кон Бога негува само оној кој несебично ги љуби своите браќа. Вистинскиот христијанин нема да дозволи душите што се наоѓаат во некоја опасност, или кои имаат некоја потреба, да си заминат непредупредени или незгрижени. Тој не е далеку од заблудените и не ги остава да тонат уште подлабоко во несреќата и во обесхрабрувањето и да паднат на боиштето на сатаната”. – Делата на апостолите, 550.

„Мораме да го бараме Господа во понизност и скрушеност, исповедајќи ги своите гревови и доаѓајќи во блиско единство еден со друг. Браќа и сестри, молете се, молете се за себе и за доброто на другите”. – The Review and Herald, April 29, 1909.


Среда 2. март

4. РЕАЛНОСТА НА ЧОВЕЧКАТА ПРИРОДА

а. Дури и ако со години го исповедаме христијанството, што треба постојано да паметиме? Еремија 17:9; 1 Коринтјаните 8:1 (последен дел).

„Облиците на неверување се различни, бидејќи сатаната ја користи секоја прилика да вгради некои свои атрибути. Во срцето постои природна тенденција да се воздигне и возгордее поради постигнатите успеси. Но, во Божјото дело нема место за самовозвишување. Колку и да сте интелигентни, колку и да сте вредни и ревносни во својата работа, ако не ја напуштите својата склоност кон гордост и не дозволите да бидете водени од Божјиот Дух, ќе го изгубите тлото.

Духовната гордост и куцањето во духовниот живот се доказ за духовната смрт во душата; оние кои имаат такво искуство ретко прават прави патеки за своите нозе. Ако се храни гордоста, таа ќе ги расипе и отруе дури и најдобрите способности на умот, кои со примањето на Божјата благодат би можеле да станат вистински благослов. Самовозвишувањето ги замаглува и валка вистинските победи кои, доколку славата би му била дадена само на Бога, би можеле да бидат мирис на живот за живот. Можеби изгледа дека тоа се мали нешта, но така посеаното семе дава сигурна жетва. Токму овие мали гревови, толку обични што често се незабележани, сатаната ги користи во својата служба”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1080.

б. Кој став, иако честопати потценет, всушност е најголемиот доказ за вистинското христијанство? Филипјаните 2:3; Римјаните 12:10.

„Бог бара од Своите следбеници многу повеќе отколку што мнозина сфаќаат... Ако не успееме да го достигнеме стандардот што ни е поставен во Неговата Реч, со ништо нема да можеме да се оправдаме на Божјиот ден.

Павле сака да правиме разлика меѓу чистата, несебична љубов која е поттикната од Светиот Дух и празната и лажна љубов со која изобилува светот. Овој гнасен фалсификат измамил многу луѓе. Таа сака да ја избрише разликата помеѓу доброто и злото, сожалувајќи го престапникот, наместо верно да му укаже на неговите грешки. Таквото однесување никогаш не произлегува од вистинското пријателство. Духот со кој е поттикнат живее само во телесното срце. Христијанинот кој сака да биде благ и милосрден и која сака да проштева не може да чувствува хармонија со гревот... Христовиот Дух ќе нѐ натера да го мразиме гревот, но да бидеме подготвени за секаква жртва за да го спасиме грешникот”. – 5 Сведоштво, 171.


Четврток 3. март

5. ДА СЕ ОДВИКНУВАМЕ ОД ФОКУСОТ КОН СВЕТОТ

а. Бидејќи живееме во мошне интензивно време, кои урамнотежени опомени треба да се рефлектираат во нашите животи? Римјаните 12:11; 1 Јованово 2:15-17.

„Чекањето, бдеењето и будноста мора да се комбинираат. Нашиот живот не смее да биде исполнет со трка за земно богатство, на штета на личната побожност и службата која Бог ја бара од нас. Ние не треба да бидеме мрзеливи во своите работи, туку треба да бидеме горливи во духот, служејќи му на Господа. Светилките на нашите души мора секогаш да бидат подготвени и ние мораме секогаш да имаме масло на благодат во нашите садови. Ние мораме посебно да внимаваме на тоа да не назадуваме во духовен поглед, за да не нѐ изненади Господовиот ден како крадец во ноќно време. Не смееме да мислиме дека овој ден е далеку. Тој е близу, и ниеден човек не смее да каже во своето срце, а уште помалку преку своите дела: ‘Господарот мој уште за долго време нема да дојде’ (Матеј 24:48), бидејќи, ако прави така, делот ќе му биде со лицемерите и безбожниците.

Ми беше покажано дека Божјиот народ се наоѓа во голема опасност; мнозина се жители на оваа земја; нивните интереси и чувства се врзани за овој свет. Тие не даваат добар пример. Светот е измамен во поглед на животот на мнозина кои исповедаат големи и благородни вистини...

Братот А. ми беше прикажан како претставник за мнозина кои се наоѓаат во слична положба. Таквите никогаш не биле незаинтересирани кога е во прашање дури и најмала световна корист. Тие стекнале имот со вредна работа, со тактичност во разумно инвестирање, преку тргување, и тоа не со голема, туку со незначајна сума на пари. Но постапувајќи на таков начин тие развиле способности неспоиви со развојот на христијанскиот карактер...

Сите способности што ги поседуваат луѓето всушност му припаѓаат на Бога. Приврзаноста кон овој свет и приспособувањето кон неговите гледишта се категорично забранети во Божјата Реч. Кога силата на преобразувачката Божја благодат ќе се почувствува во срцето, таа ги води дури и оние кои биле целосно наклонети кон светот на патот на милосрдието во секој поглед“. – 5 Сведоштво, 276,277.


Петок 4. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како мојата посветеност на Христа треба да влијае на начинот на кој размислувам?

2. На кој начин сјаат кротките за разлика од оние кои поседуваат типична човечка природа?

3. Како можам да бидам поактивен во промовирањето на единството во мојата црква?

4. На кој начин грижата за моите браќа повеќе отколку за самиот себе ќе ми биде на корист?

5. Од какви световни мисли треба да се одвикнам?

 <<    >>