Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО: Римјаните

 <<    >> 
13. лекција Сабота, 26. март 2022.

Конечно наследство на верата

„А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува” (Римјаните 15:13).

„Мои браќа и сестри, фокусирајте се на Исус. Нека вашето срце секогаш биде издигнато во молитва кон Бога. Погледнете на Исус и што Тој претрпел за нас, за да имаме живот кој се мери со Божјиот живот”. – Letters and Manuscripts, vol. 21, Ms. 95, 1906.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Здравје и среќа, 503-516. 

Недела 20. март

1. ХРАБРО ГРАДЕЊЕ

а. Како најефикасно се изградуваме едни со други? Римјаните 14:19.

„Исус никогаш не го купувал мирот по пат на компромис. Неговото срце било преполно со љубов кон целиот човечки род, но Тој никогаш не бил попустлив кон нивните гревови. Тој им бил премногу голем пријател за да молчи, кога тие оделе по пат што ќе ги упропасти нивните души, души кои Тој ги откупил со Својата крв. Тој работел на тоа човекот да биде искрен со себе, на својот возвишен и вечен интерес. Христовите слуги се повикани на истото тоа дело и мораат да внимаваат да не се откажат од вистината во настојување да спречат неслога. Тие треба да го бараат ‘она што служи за мир’ (Римјаните 14:19); но вистинскиот мир никогаш не може да се постигне преку компромис на начелата. Исто така, никој не може да биде верен на начелото, а да не наиде на спротивставување. Децата на непокорноста се противат на христијанството кое е духовно. Меѓутоа, Исус им рекол на Своите ученици: ‘Не плашете се од оние што го убиваат телото, а не можат да ја убијат душата’. Оние што му се верни на Бога не треба да се плашат од човечката моќ, ниту од сатанското непријателство. Нивниот вечен живот е безбеден во Христа. Тие треба да се плашат од тоа да не се откажат од вистината и на тој начин да ја предадат довербата со која Бог ги почестил”. – Копнежот на вековите, 356.


Понеделник 21. март

2. НАЛИК НА ХРИСТА

а. Како членови на Христовото тело, која одговорност секој од нас премногу често ја занемарува? Галатјаните 6:1,2; Римјаните 15:1,2.

„Јас се дружев и сѐ уште се дружам со браќа и сестри кои направиле тешки гревови и кои дури и сега не ги гледаат своите гревови како што ги гледа Бог. Но, кога Господ ги трпи овие луѓе, зошто и јас да не ги трпам? Тој со помош на Светиот Дух уште ќе дејствува на нивните срца на таков начин што гревот ќе им изгледа исто толку грешен како што му изгледал на Павле.

Ние слабо го познаваме нашето срце и не сфаќаме колку ни е потребна Божјата милост. Затоа негуваме малку сочувство кое Исус го покажува кон нас, а кое би морале да го покажуваме меѓусебно. Мораме да имаме на ум дека нашите браќа се јадни, грешни смртници како и ние самите. Да претпоставиме дека нашиот брат не бил претпазлив, дека му попуштил на искушението и дека направил некоја грешка која се коси со неговиот начин на живот. Како треба да се однесуваме кон него? Од Библијата знаеме дека луѓето кои Бог ги употребувал за да прави добри и големи дела, правеле тешки гревови. Господ не ги поштедил овие луѓе од укор, ниту пак ги отфрлил Своите слуги. Кога се каеле милостиво им простувал, им се покажувал и работел преку нив. Јадните, слаби смртници нека помислат на тоа колку им се потребни Божјата трпеливост и милосрдие и нивните браќа. Нека помислат на тоа како ги судат и осудуваат другите”. – 5 Сведоштво, 246,247.

б. Опишете го примерот што ни го дал нашиот Учител. Римјаните 15:3.

„Додека бил со светот, (Исус) не бил од светот. Постојано му причинувало болка тоа што морал да наидува на непријателство, изопаченост и нечистотија кои ги предизвикал сатаната, но Тој имал задача човекот да го доведе во хармонија со божествениот план и земјата да ја поврзе со небото и не се колебал пред најголемите жртви за да ја постигне целта. Тој ‘бил искушуван како што сме и ние’ (Евреите 4:15). Сатаната бил подготвен на секој чекор да го нападне со неговите најсилни искушенија, но Тој ‘не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама’ (1. Петрово 2:22).

Тој се гнасел од гревот, но плачел од сомилост кон грешниците. Не си угодувал себеси. Небесното величество се облекло во понизноста на едно дете. Тоа е Христовиот карактер. Одиме ли ние по Неговите стапки?” – 5 Сведоштво, 421,422.


Вторник 22. март

3. НАДЕЖ КОЈА СВЕТЛИ

а. Која е нашата надеж кога ќе се најдеме во мрачни околности? Римјаните 15:4,13.

„Кутра, застрашена душо, потпри се на Божјите ветувања. Така ќе ги скршиш оковите на непријателот и неговите сугестии ќе бидат без сила. Не обрнувај внимание на дошепнувањата на непријателот. Појди слободно напред, ти потиштена душо. Биди храбра. Кажи на своето кутро, очајно срце: ‘Надевај се на Господа; зошто пак ќе го славам мојот Помошник, мојот Бог’. Знам дека Бог те љуби, потпри се на Него. Не мисли на она што предизвикува нерасположеност и тага. Отфрли ги сите непријатни мисли и размислувај за драгоцениот Исус. Размислувај за Неговата моќ за спасување, Неговата бескрајна, неспоредлива љубов за тебе, токму за тебе”. – 2 Сведоштво, 319.

б. Која треба да биде целта на нашето заедништво со Христа? Римјаните 15:5-7.

„Кога Христос се согласил на толку голема жртва за да ги спаси луѓето и да ги доведе до такво меѓусебно единство, како што е Тој едно со Отецот - која денес жртва смее да биде преголема за Неговите следбеници да го сочуваат тоа единство?

Кога луѓето на овој свет ќе го видат совршеното единство и слога во Божјата црква тоа за нив ќе биде силен доказ во прилог на христијанската вера”. – 4 Сведоштво, 19.

в. Како може да се прошири ова благословено искуство? Римјаните 15:8-12,16.

„Господ објавил дека незнабошците ќе бидат собрани, но не само незнабошците, туку и Евреите... Евреи има насекаде и светлината на сегашната вистина треба да им се донесе. Меѓу нив има многу кои ќе излезат на виделина и кои со голема сила ќе ја објавуваат непроменливоста на Божјиот закон. Господ Бог ќе дејствува. Тој ќе прави прекрасни дела во праведност.“ - Evangelism, p. 578.

„Павле учи дека верните ќе бидат посветени со Светиот Дух (Римјаните 15:16). Што е задача на Светиот Дух? Исус им рекол на учениците: ‘А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина’ (Јован 16:13)”. – Големата борба, 469.


Среда 23. март

4. ШИРЕЊЕ НА ВИСТИНА, НЕ ЛАГИ

а. При крајот од своето послание, на што ги предупредил Павле верниците во Рим? Римјаните 16:17-19. Како овој проблем се појавува денес?

„Затоа што е заведен, братот Ј ги заведува и другите. Тој зборува многу за посветувањето, додека во своето срце не е исправен пред Бог. Неговиот дух е во недоумица. Тој нема сигурно сидро за кое би можел да се фати, и така талка непостојан во верата. Најголемиот дел од своето време тој го поминува во прераскажување на она што кажал оној или овој и во зборување измислици замислени да ги збунат неутврдените во вистината. Многу зборуваше против мојот сопруг и мене, а посебно против визиите. Тој се држи за познатиот став ‘кажете... и ние ќе го кажеме тоа понатаму’. Бог сигурно не го испратил во таква мисија. Тој не знае на кој му служи. Сатаната го користи за да внесе збунетост во умот на непостојаните. Она мало влијание што го имаше го употреби за да предизвика предрасуди против пораката на Третиот ангел... Бог ќе им ги отвори очите на искрените души за да го препознаат жестокото дело на оние што сеат раздор. Тој ќе ги изобличи таквите, за секоја искрена душа да може да ги избегне овие стапици на сатаната”. – 1 Сведоштво, 334.

б. Зошто можеме да продолжиме напред, гледајќи напред со надеж? Римјаните 16:20.

„Сè додека Христос не се појави на небесните облаци во голема сила и слава, луѓето со изопачен дух ќе отстапуваат од вистината, поведувајќи се по разни измислици. На црквата и претстојат тешки времиња. Таа ќе прорекува облечена во вреќа. Но иако ќе мора да се бори против ересот и прогонството, против неверниците и отпадниците, со Божја помош таа сепак ќе му застане на глава на сатаната. Господ сака припадниците на Неговиот народ да бидат цврсти како челик и во верата постојани како гранитна карпа. Тие треба да бидат Негови сведоци во овој свет, Негови орудија преку кои Тој сака да заврши едно посебно, величествено дело во деновите на подготовка за Христовото доаѓање.

Секој пат кога пораката на евангелието ќе придобие една единствена душа за Христа или ќе најде пристап до нечие срце, тоа на сатаната му задава болна рана. Секој пат кога еден затвореник ќе се оттргне од неговите канџи и ќе се ослободи од неговото ропство, тиранинот доживува пораз. Издавачките куќи и печатот претставуваат орудија во Божјите раце со кои драгоцената светлина на вистината се упатува на секој народ и секој јазик. На тој начин светлината продира дури и во нехристијанските земји и постојано ги разоткрива суеверието и заблудите од секој вид”. – 4 Сведоштво, 594,595.


Четврток 24. март

5. ЗАСЕКОГАШ ЧУДЕСНА ТАЈНА

а. Како треба да бидеме уште повредни во откривањето на тајната на откупувањето? Римјаните 16:25-27.

„Од првото навестување на надежта, во осудата изречена во Едем до она последно славно ветување во Откровението: ‘И ќе го гледаат Неговото лице, и Неговото име ќе биде на нивните чела’ (Откровение 22:4), водечката мисла на секоја книга и секој отсек во Библијата е постепеното објавување на таа чудесна тема - подигнувањето на човекот - објавувањето на силата на Бога ‘Кој ни даде победа преку нашиот Господ Исус Христос’ (1.Коринтјаните 15:57).

Оној што ќе ја разбере оваа мисла пред себе има неограничено поле за проучување. Тој го има клучот кој ќе му го отвори целото сокровиште на Божјата Реч.

Науката за спасението е наука над сите науки; тоа е наука што ја проучуваат ангелите и сите разумни суштества на безгрешните светови; наука која го плени вниманието на нашиот Господ и Спасител; наука која се наоѓа во центарот на планот создаден во умот на Бесконечниот – ‘тајната, за која се молчеше од вечни времиња’ (Римјаните 16:25); наука што во текот на бескрајните векови ќе ја проучуваат оние кои Бог ги избавил. Тоа е највозвишеното проучување со кое човекот може да се занимава. Тоа ќе го поттикне умот и ќе ја воздигне душата повеќе од било кое друго проучување”. – Воспитување, 126.

„Во нашиот сегашен живот, иако е земски и ограничен со гревот, најголема радост и највисоко воспитување се добива со служење. И во идниот живот, неограничен со грешна човечка природа, наша најголема радост и наше највисоко воспитување ќе наоѓаме во служењето - во сведочењето, и во постојаното учење во текот на сведочењето ‘колку е богата славата на оваа тајна’ – ‘Христос во вас, надеж на славата’ (Колосјаните 1:27)”. – Воспитување, 309.


Петок 25. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можам поефикасно да ги изградам другите преку моите разговори?

2. Кога ќе забележам недостатоци кај другите, каква треба да биде мојата молитва?

3. Што можеме да направиме за да го развиеме и прошириме нашето заедништво со Христа?

4. Зошто озборувањето и трачарењето се толку штетни за црквата?

5. Наведете некои од најголемите радости на задгробниот живот.

 <<    >>