Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО: Римјаните

 <<    >> 
3. лекција Сабота, 15. јануари 2022.

Оправдување – припишана праведност

„Впрочем што вели Писмото? – ‘Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност’“ (Римјаните 4:3).

„Праведноста со која се оправдуваме се припишува; а праведноста што нè посветува се дава. Првата ни дава право да бидеме во рајот, втората нè подготвува за рајот“. – Messages to Young People, p. 35.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Selected Messages, bk. 1, pp. 389–398. 

Недела 9. јануари

1. АВРАМ ОПРАВДАН СО ВЕРА

а. Како Аврам бил оправдан пред Бога, и што е напишано за неговата вера? Римјаните 4:1-3; Евреите 11:8-10.

„Истиот тој завет бил обновен со Аврама во ветувањето: ‘И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата’ (Создавање 22:18). Тоа ветување укажувало на Христа. Аврам така и го сфатил (види Галатјаните 3:8,16), па од Христа и очекувал проштавање на гревот. Таа вера му е засметана во праведност“. – Патријарси и пророци, 370.

„Аврамовата безусловна послушност, претставува еден од највпечатливите примери на верата што можат да се најдат во целата Библија За него верата навистина била ‘подлога за увереноста во она на кое се надеваме - убеденост во она што не се гледа’ (Евреите 11:1). Потпирајќи се врз божественото ветување, без никаква опиплива гаранција дека тоа навистина ќе се исполни, тој го напуштил својот дом, роднините и земјата на своите предци и се иселил, не знаејќи каде, за да отиде таму каде што го води Бог“. – Патријарси и пророци, 126.

б. Опишете го Аврамовото најтешко испитување на верата. Евреите 11:17-19.

„Проверката била многу потешка од онаа на која бил изложен Адам... Цело небо со чудење и со восхит ја посматрало Аврамовата непоколеблива послушност и ѝ оддало признание на неговата вера“. – Патријарси и пророци, 155.


Понеделник 10. јануари

2. ДАВИД ОПРАВДАН СО ВЕРА

а. По неговите злосторства против Витсавеја и Урија, какви молитви Му упатил Давид на Господа? Псалм 51:1-4; 32:1-5.

б. Како реагирал Давид кога пророкот Натан му ја претставил големината на неговиот грев? 2 Самоилова 12:13 (прв дел). Како тогаш Господ му одговорил преку пророкот? 2 Самоилова 12:13 (последен дел).

в. Што открива апостол Павле за Давидовото искуство по неговото покајание? Римјаните 4:5-7.

„Давидовото каење било искрено и длабоко; тој не се обидувал да го скрие својот престап. Во неговата молитва не се чувствува стремеж да ја одбегне осудата што му се заканувала. Напротив, тој ја сфатил тежината на својата непослушност кон Бога, увидувал дека душата му е извалкана и се гнасел над својот грев. Се молел не само за проштавање, туку и за чистота на срцето. Давид во својот очај не отстапил од борбата. Божјото ветување, наменето за грешниците што се каат, му служело како доказ дека и нему ќе му биде простено...

Иако Давидовиот пад бил очигледен, Господ повторно го подигнал. Потоа тој бил во поцелосна хармонија со Бога и со своите ближни отколку пред својот пад...

Овој дел од Давидовиот живот има големо значење за секоја душа што се кае. Тој е највпечатлив приказ на борбите и искушенијата на човечкиот род, на вистинското каење пред Бога и на верата во нашиот Господ Исус Христос. Во сите подоцнежни векови тој настан ги храбрел душите што паднале во грев и што се бореле под товарот на својата кривица. Илјадници Божји деца, кои биле наведени на грев, пред да паднат во очај, си спомнувале како Бог го прифатил Давидовото искрено каење и неговата исповед, иако тој поради својот престап морал да страда; тоа им давало храброст да се покаат и одново да настојуваат да го следат патот на послушност на Божјите заповеди...

Господ никогаш нема да ја отфрли душата која искрено се кае“. – Патријарси и пророци, 725,726.


Вторник 11. јануари

3. ОПРАВДАНИ ПРЕД ИЛИ ПО КРШТЕВАЊЕТО?

а. Дали Аврам се оправдал со вера пред или по обрежувањето? Римјаните 4:8-10.

б. Која била целта на обрежувањето? Римјаните 4:11. Која е целта на крштевањето? 1 Петрово 3:18,21.

„Во тоа време на Аврама му бил даден обредот обрезание ‘како печат на праведност што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието’ (Римјаните 4:11). Тоа за патријархот и за неговите потомци требало да биде знак дека се посветени на Божјата служба и изделени од идолопоклониците и дека Бог ги прифаќа како свое посебно богатство. Со тој обред тие се обврзале дека верно ќе ги исполнуваат условите на заветот направен со Аврама. Не смееле да склучуваат брачни врски со незнабошците зашто со тоа би ја загубиле страхопочитта кон Бога и кон неговиот свет закон; би се изложиле на искушение да учествуваат во грешните обичаи на незнабошците и да бидат вовлечени во идолопоклонство“. – Патријарси и пророци, 138.

„Во спомен на Христовото воскресение, ние заедно со Него сме погребани при крштевањето, а потоа, слично на Неговото воскресение, стануваме од водениот гроб за да живееме нов живот”. – Рани списи, 217.

„Христос го направил крштавањето знак на стапување во Неговото духовно царство. Тој го направил неопходен услов кој мораат потполно да го исполнат сите оние кои сакаат да бидат признати како оние кои се потчинуваат на авторитетот на Таткото, Синот и Светиот Дух. Пред да најде во црквата свој дом, пред да премине преку прагот на духовното Божје царство, човекот мора да прими печат на божественото име: ‘Господ наша праведност’“ (Еремија 23:6).

Крштавањето е најсвечено одрекување од светот. Оние кои се крс тени во тројното име на Таткото, Синот и Светиот Дух јавно изјавуваат на самото влегување во својот христијански живот дека се откажале од службата на сатаната и дека станале членови на царското семејство, деца на небесниот Цар. Тие се покориле на заповедта: ‘Излезете од нивната средина и одделете се... и не допирајте се до нечисто’. На нив се исполнило ветувањето: ‘Јас ќе ве примам и ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот’ (2 Коринтјаните 6:17,18)“. – 6 Сведоштво, 91.


Среда 12. јануари

4. ВЕТУВАЊА, ИСПОЛНУВАНИ СО ВЕРА

а. На која основа Бог ги исполнил Своите ветувања дадени на Аврам? Римјаните 4:13.

„Библијата јасно кажува дека ветувањата дадени на Аврама треба да се исполнат преку Христа. ‘А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, наследници по ветувањето’ (Галатјаните 3:29). ‘За непоминливо наследство, и неизвалкано, и кое не вене’ (1. Петрово 1:4), а тоа е земјата ослободена од клетвата на гревот. ‘А царството, власта и величеството под сите небеса, ќе им се даде на народот на Светите на Сèвишниот’ (Даниел 7:27), а ‘кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир’ (Псалм 37:11)“. – Патријарси и пророци, 170.

б. Што друго е напишано за верата на Аврам? Римјаните 4:18-22.

„Раѓањето на синот на Захарија, како и раѓањето на Авраамовото дете и детето на Марија, требало да го поучи светот на големата духовна вистина, вистина која ние тешко ја сфаќаме и која често ја забораваме. Ние сами по себе сме неспособни да направиме нешто добро. Но, она што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Божјата сила во секоја душа што ќе се покори и верува. Со вера е подарено ветеното дете. Со вера се раѓа духовен живот и ние се оспособуваме да вршиме праведни дела”. – Копнежот на вековите, 98.

в. Која е конечната поука што треба да ја научиме од овие факти? Римјаните 4:23-25.

„Бог е Тој кој го обрежува срцето. Целото дело е од Господа, од почеток до крај. Грешникот што пропаѓа може да рече: Јас сум изгубен грешник, но Христос дојде да го бара и спаси изгубеното. Тој вели: ‘Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание’ (Марко 2:17). Јас сум грешник и Тој умре на крстот на Голгота за да ме спаси. Не треба да бидам изгубен ниту еден момент. Тој умре и воскресна за моето оправдување, и ќе ме спаси сега. Го прифаќам простувањето што Тој го вети”. – Selected Messages, bk. 1, p. 392.


Четврток 13. јануари

5. ВЕРАТА Е НЕОПХОДНА ЗА НАШЕ ОПРАВДУВАЊЕ

а. Која е библиската дефиниција за верата? Евреите 1:1.

„Верата е соодветен услов под кој Бог може да му го даде на грешникот ветеното простување; не затоа што има некоја доблест во верата со која се заслужува спасението, туку затоа што верата може да се држи до Христовите заслуги, кои се единствениот лек предвиден за гревот. Верата може да ја претстави совршената Христова послушност наместо престапите и недостатоците на грешникот. Кога грешникот верува дека Христос е негов личен Спасител, тогаш Бог, врз основа на Неговите сигурни ветувања, му го простува гревот и бесплатно го оправдува. Покајаната душа сфаќа дека нејзиното оправдување доаѓа затоа што Христос, како нејзин Заменик и Гарант - умрел за неа, за нејзиниот откуп и оправдување“. – Faith and Works, pp. 100, 101.

б. Која е големата разлика помеѓу верата и претпоставката? Ефесјаните 2:8; Галатјаните 5:6; Јаков 2:17.

„Ние не го заслужуваме спасението со нашата послушност, бидејќи спасението е бесплатен Божји дар кој се прима со вера. Меѓутоа послушноста е плод на верата. ‘И знаете дека Тој се јави да ги земе нашите гревови, а во Него нема грев. Секој што стои во Него не греши; секој што греши не го видел, ниту го познал’ (1. Јованово 3:5,6). Еве го вистинскиот доказ! Ако бидеме во Христа, ако Божјата љубов биде во нас, нашите чувства, нашите мисли, нашите намери, нашите постапки ќе бидат во согласност со Божјата волја која е изразена во прописите на Неговиот свет Закон. ‘Дечиња, никој да не ве лаже: оној што твори праведност е праведник, како и Тој што е праведен’ (1. Јованово 3:7). Праведноста е опишана со мерилото на Божјиот свет Закон кој е објавен во десетте начела (заповеди) дадени на Синај.

Онаа таканаречена вера во Христа која тврди дека го ослободува човекот од должноста да му биде послушен на Бога, не е вера туку дрскост. ‘Зашто сте спасени со благодатта преку верата’. Меѓутоа ‘верата, ако нема дела, е мртва по себе’ (Ефесјаните 2:8; Јаков 2:17)“. – Патот кон Христа, 61.


Петок 14. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како може мојата вера да наликува како онаа на Аврам?

2. Како може моето покајание повеќе да наликува на Давидовото?

3. Какво треба да биде искуството на оној што го дава заветот при крштевањето?

4. Зошто не треба да се колебаме да му ги предадеме нашите грешни животи на Спасителот?

5. Како можам да бидам во опасност да паднам во некаква форма на претпоставка?

 <<    >>