Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО: Римјаните

 <<    >> 
7. лекција Сабота, 12. февруари 2022.

Со вера до победа

„Зашто вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: ‘Ава, Оче’” (Римјаните 8:15).

„Само Христовото евангелие може грешникот да го ослободи од осудата и нечистотијата на гревот. Тој мора да се покае пред Бога чијшто Закон го престапил и да покаже вера во Христа, жртвата за неговото помирување. Со тоа тој добива „проштевање за минатите гревови“ и станува учесник во божествената природа”. – Големата борба, 467.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Римјаните 8:15:39; 
  Selected Messages, bk. 1, pp. 331–339. 

Недела 6. февруари

1. БОЖЈИ ДЕЦА

а. Кога и како ние, кои по природа сме „чеда на гневот“ (Ефесјаните 2:3) стануваме Божји деца? Јован 1:12,13; Римјаните 8:15.

„Даден е најскапоцениот дар којшто небото може да го даде, Бог да остане ‘справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исус’ (Римјаните 3:26). Благодарение на тој дар, луѓето се подигнати од пропаста и понижувањето на гревот, за да станат Божји деца. Павле кажува: ‘Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче! (Римјаните 8:15)”. – 5 Сведоштво, 739.

„Со овој едноставен чин, верувајќи му на Бога, Светиот Дух зачнал нов живот во вашето срце. Вие како дете сте се родиле во Божјото семејство и Тој ве сака, како што го сака Својот Син”. – Патот кон Христа, 52.

б. Откако сме посвоени како Божји деца, какво треба да биде нашето искуство? Галатјаните 5:16; Колосјаните 2:6.

„Сега кога сте му се предале на Исус, не повлекувајте се, не заминувајте од Него, туку од ден на ден говорете: ‘Јас сум Христов; јас му се предадов Нему!’ Молете Го да ви го подари својот Дух и да ве поддржува со Својата благодат. И како што сте станале Негово дете, предавајќи се себеси на Бога и верувајќи во Него, така и треба да живеете во Него. Апостолот вели: ‘Како што го примивте Господа Исуса Христа, онака и живејте во Него’“. – Патот кон Христа, 52.


Понеделник 7. февруари

2. КАРАКТЕРИСТИКИ НА БОЖЈИТЕ ДЕЦА

а. Како Библијата ги опишува вистинските Божји деца? 1 Јованово 3:1-3; 1 Петрово 1:13-16.

„Апостолот (Петар) се трудел на верниците да им укаже на тоа колку е важно на своите мисли да не им дозволат да се задржуваат на забранетите предмети и своите сили да не ги трошат на безначајни и ништожни работи. Оние кои не сакаат да упаднат во стапицата на лукавството на сатаната мора да внимаваат на приодите кон својата душа и да се трудат да не читаат, да не гледаат и да не го слушаат она што наведува на нечисти мисли”. – Делата на апостолите, 518.

б. Кои плодови треба да се откријат во животот на Божјите деца? Галатјаните 5:22,23; Римјаните 8:16,17.

„Нема никакво растење ниту плод во животот кој е насочен кон себеси. Ако сте го прифатиле Христа како личен Спасител, треба да заборавите на себе и да се обидете да им помагате на другите. Зборувајте за Христовата љубов, говорете за Неговата добрина. Извршувајте секоја должност што ќе ви се даде. Носете одговорност за душите во своето срце и со сите средства што ви стојат на располагање трудете се да ги спасите изгубените. Кога ќе го примите Христовиот Дух - духот на несебична љубов и труд за другите - вие ќе растете и ќе донесете плод. Во вашиот карактер ќе се покажат доблестите на Духот. Вашата вера ќе расте, вашето уверување ќе се продлабочува, вашата љубов ќе се усовршува. Сè повеќе ќе го одразувате Христовиот лик во сè што е чисто, благородно и убаво...

Христос со длабок копнеж очекува да се покаже во Својата црква. Кога Неговиот карактер совршено ќе се репродуцира во Неговиот народ, тогаш Тој ќе дојде да ги земе како свои”. – Христовите очигледни поуки, 67-69.

в. Како Павле го објаснува плодот на Духот - чистата несебична љубов позната како милосрдие? 1 Коринтјаните 13:4-8.

„Љубовта не ѝ се радува на „неправдата, туку се радува со вистината; премолчува сè , на сè верува, на сè се надева, сè поднесува”. Таа никогаш не може да ја загуби својата вредност; таа е небесна особина. Оној што ја има ќе ја внесе како најскапоцено богатство и низ вратата на Божјиот град”. – Делата на апостолите, 319.


Вторник 8. февруари

3. ВОДЕНИ И ОПОЛНОМОШТЕНИ ОД СВЕТИОТ ДУХ

а. Што прави Светиот Дух за Божјите деца? Римјаните 8:26,27.

„Христос, нашиот Посредник и Светиот Дух постојано посредуваат во корист на човекот, но Духот не посредува за нас како Христос, Кој ја принесува Својата крв пролеана од создавањето на светот; Духот делува на нашите срца, поттикнувајќи на молитви и покајание, пофалби и благодарност. Благодарноста што тече од нашите усни е резултат на тоа што Духот удира по жиците на душата, предизвикувајќи свети спомени, будејќи музика на срцето.

Верските служби, молитвите, прославувањето на Бога, покајничките признанија на гревот, се издигнуваат од вистинските верници како темјан до небесното светилиште, но минувајќи низ расипаните човечки канали, тие се толку осквернети што доколку не се очистат со крв, никогаш не можат да имаат вредност пред Бога. Тие не се вознесуваат во беспрекорна чистота освен ако Посредникот, кој е оддесно на Бога, не ги очисти и не ги изведе во Својата праведност, тие не можат да бидат прифатливи за Бога. Секој темјан од земните светилишта мора да бидат навлажнети со капките на Христовата крв која чисти. Тој ја држи пред Отецот кадилницата на Сопствените заслуги, во која нема дамка од земната расипаност. Тој ги собира во таа кадилница молитвите, пофалбите и исповедите на Својот народ и со нив ја спојува Својата беспрекорна праведност. Тогаш темјанот, миризлив со заслугите на Христовата жртва на помирување, се издига пред Бога, совршено и целосно прифатлив. Потоа се враќаат назад љубезните одговори.

О, кога сите би увиделе дека сè треба да биде поставено на запалениот оган на Христовата праведност, во послушност, покајание, пофалба и благодарност. Мирисот на оваа праведност се издигнува како облак околу престолот на милоста“. – Selected Messages, bk. 1, p. 344.

б. Ако одржуваме постојана врска со Христос, што ветува Тој дека ќе направи за нас? Филипјаните 1:6; 1 Јованово 2:1.

„Ние ќе мораме често да паѓаме пред нозете на Исус и да плачеме поради своите недостатоци и грешки, но не смееме да се обесхрабруваме! Дури и ако непријателот нè надвладеал, Бог не нè отфрла, не нè заборава и не нè напушта! Не! Христос се наоѓа од десната страна на Бога, и самиот се залага за нас”. – Патот кон Христа, 64.


Среда 9. февруари

4. БОЖЈА НАМЕРА ЗА НЕГОВИТЕ ДЕЦА

а. Како Божјата мудра промисла управува со сè што се однесува на Неговите деца? Римјаните 8:28.

„Отецот секогаш бил покрај Христа и можело да му се случи само она што Бескрајната Љубов ќе го дозволи за благослов на светот. Тука се наоѓал изворот на Неговата, но и нашата утеха. Оној кој е исполнет со Христовиот дух, престојува во Христа. Ударот што му е наменет нему, паѓа на Спасителот кој од сите страни го штити со својата присутност. Сè што доаѓа на него, доаѓа од Христа. Тој нема потреба да се брани од злото, бидејќи Христос е неговата одбрана. Ништо не може да го засегне, освен ако тоа нашиот Господ не го дозволи. ‘А знаеме дека на оние што го љубат Бога... сè им содејствува за добро’ (Римјаните 8:28)”. – Мисли од гората, 71.

„Проучувајте ја историјата на Јосиф и Даниел. Бог не ги спречил заверите на оние што сакале да им наштетат; но сето тоа го извел на добро за Своите слуги, кои меѓу неволјите и борбите ја сочувале својата вера и лојалност”. – Здравје и среќа, 487.

б. Иако Бог ја знае иднината на сите, што Тој предодредил за животот на Неговите деца? Римјаните 8:29; Јован 1:12.

„Обезбедени се прекрасни можности за секој кој верува во Христа. Никакви ѕидови не можат да спречат некоја душа да биде спасена. Предодреденоста, или изборот, за кој зборува Бог, ги вклучува сите оние што ќе го прифатат Христа како свој личен Спасител, кои ќе се вратат на својата верност, на совршена послушност на сите Божји заповеди. Ова го претставува делотворното спасение на еден посебен народ, избран од Бога меѓу другите луѓе. Сите кои се спремни да бидат спасени од Христа се Божји избраници. Оние кои се послушни се всушност оние кои се предодредени од создавањето на светот”. – The Gospel Herald, June 11, 1902.

в. Објаснете го чекор по чекор процесот што се одвива во наше име. Римјаните 8:30.

„Повикот и оправдувањето не се иста работа. Повикот е привлекување на грешникот кон Христа и е дело кое го врши Светиот Дух на срцето, осведочувајќи го за гревот и повикувајќи го на покајание”. – Selected Messages, bk. 1, p. 390.


Четврток 10. февруари

5. ПЕСНА НА ПОБЕДА

а. Како Божјата реч нѐ уверува во победата и како таа ни е овозможена? Римјаните 8:31,32.

б. Што прави Бог за нас кога сме поврзани со Него? Римјаните 8:33-39.

„Христос е во небесните дворови и посредува за својата црква - залагајќи се за оние за кои платил откуп со својата крв. Ниту вековите, ниту милениумите не можат да ја намалат силата на Неговата откупителска жртва. Ниту животот, ниту смртта, ниту висината, ниту длабината, не можат нас да нè одделат од Божјата љубов која е во Исуса Христа; но не затоа што ние се држиме толку цврсто за него, туку затоа што Тој нас нè држи толку цврсто. Кога нашето спасение би зависело само од нашите напори, ние не би можеле да бидеме спасени; меѓутоа, спасението зависи од Оној кој стои зад секое свое ветување. Врската со која ние сме се фатиле за него може да изгледа слаба и не-сигурна, но Тој нас нè сака како наш постар Брат, и сè додека одржуваме таква заедница со него, никој не може да нè оттргне од неговите раце”. – Делата на апостолите, 552,553.

„Кога Христос ја зел човечката природа, се поврзал со човечкиот род со врска на љубовта којашто никаква сила, освен самиот човек, никогаш не ќе може да ја раскине. Сатаната постојано ќе ни ги подметнува своите стапици за да нè наведе да ја прекинеме таа врска - намерно да се одвоиме од Христа. Токму тука е потребно да се чуваме, да се трудиме, да се молиме ништо да не нè наведе да одбереме друг господар; бидејќи тоа секогаш зависи од нашата слободна волја. Но нека нашите очи секогаш бидат вперени во Христа, и Тој ќе нè чува. Гледајќи го Исуса, ние ќе бидеме сигурни. Ништо не може да нè оттргне од Неговата рака. Гледајќи го секогаш Него ‘ние се преобразуваме во истиот лик од слава во слава, како што го прави тоа Господовиот Дух’ (2. Коринтјаните 3:18)”. – Патот кон Христа, 72.


Петок 11. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква промена се случува кога ќе бидеме посвоени во Божјото семејство?

2. Опишете ги карактеристичните плодови на посвојувањето во Неговото семејство.

3. Објаснете ја активноста што божеството сега ја врши во наше име.

4. Зошто не треба да бидеме под стрес кога се соочуваме со неочекувани тешкотии?

5. Што се случува кога својот поглед ќе го задржиме на Исус?

 <<    >>