Back to top

Sabbath Bible Lessons

ПАВЛОВОТО ЕВАНГЕЛИЕ ДО: Римјаните

 <<    >> 
1. лекција Сабота, 1. јануари 2022.

Бог им се обраќа на бунтовниците

„Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи; тврдејќи дека се мудри, тие обезумија” (Римјаните 1:21,22).

„Народите на светот, поради својата изопаченост, потполно ја загубиле претставата за Бога. Тие некогаш го познавале Бога, но ‘тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи’ (Римјаните 1:21)“. – Делата на апостолите, 14.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Римјаните 1:18–32
  Воспитување на детето, 439–443. 

Недела 26. декември

1. БОЖЈО ОТКРОВЕНИЕ НА ЧОВЕЧКИОТ РОД

а. Како Бог му се открива на човештвото? Римјаните 1:18,19.

„И природата и откровението ни сведочат за Божјата љубов. Нашиот небесен Отец е извор на животот, мудроста и радоста. Погледнете ги само чудесата и убавините на природата! Мислете на нивната прекрасна прилагоденост кон потребите и среќата, не само на човекот, туку и на сите живи созданија! Сончевата светлина и дождот кои ја оживуваат и ја освежуваат Земјата, ритчињата, морињата и рамнините - сето тоа ни зборува за љубовта на Творецот. Бог е Оној, кој ги задоволува секојдневните потреби на сите Свои созданија“. – Патот кон Христа, 9.

б. Кој е типичниот, погрешен концепт за спасението меѓу незнабожечките народи? Кој го измислил? Галатјаните 2:16; Ефесјаните 2:9.

„Сатаната преку незнабоштвото со векови ги одвојувал луѓето од Бога... Начелото дека човекот може да се спаси со сопствените дела, се наоѓало во темелот на секоја незнабожечка религија, а сега станало и начело на еврејската вера. Сатаната го всадил тоа начело. Секаде каде што се усвојува, луѓето немаат заштита од гревот“. – Копнежот на вековите, 35,36.


Понеделник 27. декември

2. НЕМАШ ИЗГОВОР ДА БИДЕШ ИЗГУБЕН

а. Зошто никој не може да најде изговор дека е изгубен? Римјаните 1:20; 2:14,15.

„Меѓу незнабошците има луѓе кои, без да знаат, Му служат на Бога, луѓе на кои светлината никогаш не им била пренесена преку некое човечко орудие, но кои сепак нема да пропаднат. Иако не знаеле за пишаниот Божји закон, тие Го слушнале Неговиот глас како им зборува во природата и го правеле она што го барал Законот. Нивните дела говорат дека Светиот Дух ги допрел нивните срца и тие ќе бидат признаени како Божји деца“. – Копнежот на вековите, 638.

б. Што се случува со оние кои ја отфрлаат божествената светлина што им е откриена преку Светиот Дух и преку Божјите созданија во природата? Римјаните 1:21-25.

в. Кое ниво на морална деградација конечно го достигнуваат оние кои свесно ја отфрлаат божествената вистина? Римјаните 1:26-28.

г. Кои други зли постапки ги спомнува Павле - и каква ќе биде конечната последица? Римјаните 1:29-32.

„Луѓето го заборавиле Бога и се молеле на измислици што самите ги создале, и поради тоа сѐ подлабоко тонеле во зло. Дејството што го има обожавањето на идолот врз својот поклоник, псалмистот го опишува со следните зборови: ‘Слични на нив се и оние што ги прават, такви се и оние што се надеваат на нив’ (Псалм 115:8). Таков е законот на човечкиот ум. Човекот со посматрање се менува (преобразува) во она што го гледа. Човекот не се издигнува над границите до кои допираат неговите претстави и поими за вистината, за чистотата и светоста. Ако умот никогаш не се издигне над она што е само човечко, ако тој не се издигне со вера до рамниште на длабоко размислување за бесконечната мудрост и љубов, човекот постојано ќе паѓа сѐ подлабоко и подлабоко. Поклониците на лажните богови на своите божества им придавале човечки особини и страсти; така, она што го сметале за мерило и пример на карактерот, е спуштено до сличност со склоностите на грешниот човек. Поради тоа и се предавале на сквернавење... ‘А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда’ (Создавање 6:11). Бог на човекот му дал заповеди да му служат како патоказ во животот, но Неговиот закон е погазен, а последица на тоа е појава на сите можни гревови“. – Патријарси и пророци, 91.


Вторник 28. декември

3. ЛИЦЕМЕРСТВО И САМОПРАВЕДНОСТ

а. Како Павле ги опишува оние што ги осудуваат другите? Римјаните 2:1-3.

„Напорите спасението да го заработат со сопствените дела неизбежно ги наведува луѓето да ги натрупуваат човечките забрани како бариера против гревот. Согледувајќи дека не се во состојба да го држат Законот, тие се трудат да измислат свои правила и прописи за да се присилат на послушност. Сето ова ги свртува нивните мисли од Бога кон себе. Неговата љубов умира во срцето, а со неа исчезнува и љубовта кон ближните. Системот на човечки измислици, со сите свои многубројни барања, ги наведува своите застапници да ги осудат сите оние кои не ги исполнуваат пропишаните човечки стандарди. Атмосферата на себичност и тесен критицизам ги гуши благородните и возвишени чувства и ги претвора луѓето во себични судии и ситни шпиони“. – Мисли од гората, 123.

„Да им се суди на другите има голема тежина. Имајте на ум дека набргу извештајот за вашиот живот ќе се разгледува пред Бога“. – 8 Сведоштво, 85.

б. Како доаѓа до покајание во нашите срца? Римјаните 2:4; Дела 5:31.

„Покајанието, како што е ова (Давидовото), ги надминува нашите сили и ние не можеме да го постигнеме, туку можеме да го добиеме само од Христа, кој се издигнал во височините и им дал дарови на луѓето...

Силата што доаѓа од Христа води кон вистинско покајание. Петар им го објаснил ова на Израелците кога рекол: ‘Него го возвиши Бог со својата десница за Поглавар и Спасител, да му даде на Израел покајание и простување на гревовите’ (Дела 5:31). Ние не можеме да се покаеме без Христовиот Дух, кој ја буди нашата совест, како што не можеме да добиеме ниту простување без Христа“. – Патот кон Христа, 25,26.

в. Од друга страна, која е последицата од непокајанието? Римјаните 2:5-11.

„Негова цел е народот да го држи во темнина и непокајание додека не се заврши Христовата посредничка служба и нема повеќе жртва за грев“. – Големата борба, 518.


Среда 29. декември

4. ОДГОВОРНИ ЗА НАШИТЕ МОЖНОСТИ

а. Објаснете ги правичните и праведни мерила на Божјиот суд. Римјаните 2:12,13; Лука 12:47,48.

„Божјите мерила за незнабошците до кои не допрела светлината и за оние кои живеат во спознанието на вистината и изобилството на светлината, се сосема поинакви. Од оние што живеат во паганските (нехристијански) земји, Тој прифаќа ниво на праведност со кое не би бил задоволен кај оние што живеат во христијанските земји. Тој и не бара многу онаму каде што не е дадено многу”. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 5, p. 1121.

б. Како можат и старите и младите да имаат корист од Христовата крв? Римјаните 1:16,17; 1 Јованово 1:7.

„Господ им вели на младите: ‘Синко, дај ми го мене срцето твое’. Спасителот на светот сака децата и младите да Му го предадат своето срце. Голем број на деца ќе се најдат верни на Бога, затоа што живеат во светлина како што е Христос во светлина. Тие го сакаат Господа Исуса и се радуваат што можат да ја извршуваат Неговата волја. Не се лутат кога ги караат родителите; тие го веселат срцето на таткото и мајката со нивната добрина, трпеливост и подготвеност да направат сè што можат, помагајќи им да го носат бремето на секојдневниот живот. За време на детството и младоста тие ќе бидат верни Господови ученици”. – Адвентен дом, 297,298.

в. Што е вклучено во нашето предавање на Христа? Матеј 16:24.

„Христовиот крст е главен столб кој го држи ‘вечното изобилство на славата’ (2. Коринтјаните 4:17). ‘Ако некој сака да врви по Мене’, кажува Христос, ‘нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи’ (Матеј 16:24). Нашата љубов кон ближните претставува мирис кој ја открива и нашата љубов кон Бога. Трпението во службата на Бога и на ближните ѝ донесува спокојство на душата. Бог го поддржува и го засилува секого кој сака да ги следи Христовите стапки”. – Делата на апостолите, 560.


Четврток 30. декември

5. ВИСТИНСКО ОБРЕЖУВАЊЕ/КРШТЕВАЊЕ

а. Според Павле, какво обрежување или крштевање е навистина валидно? Римјаните 2:25-27. Кога е легитимно крштевањето? Марко 16:16.

„’Кој верува во Синот, има вечен живот’... Христовата благодат и дава живот на душата. Без Христа, крштевањето е како и секој друг обред, форма без вредност”. – Копнежот на вековите, 181.

б. Кој е вистински Евреин или христијанин во очите на Бога – за разлика од еврејската нација во времето на Христос? Јован 3:36; Римјаните 2:28,29.

„(Еврејската нација) се прикажала себеси како посебен, верен народ кон кого Бог покажува посебна наклонетост. Меѓутоа, Христос ја прикажал нивната религија како лишена од спасоносна вера. Тоа била комбинација од суви, крути доктрини, измешани со жртви и приноси. Тие биле многу строги во обрежувањето, но не учеле дека е неопходно да се има чисто срце. Божјите заповеди ги воздигнувале со зборови, но одбиле да го сторат тоа во пракса; а нивната религија била само камен на сопнување за луѓето”. – The Review and Herald, April 30, 1895, 641.

„Кога го примивме Христос и кога се заветувавме во името на Отецот и Синот и Светиот Дух дека ќе му служиме на Бога, трите небесни достоинства и сили - Отецот, Синот и Светиот Дух - исто така се обврзале дека ќе ни дадат секаква можност да го исполниме заветот склучен при крштевањето: ‘Затоа излезете од нивната средина и одделете се... и не допирајте се до нечисто’. Кога сме верни на нашите завети, Тој вели: ‘И Јас ќе ве примам’“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1075.


Петок 31. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што треба да сфатиме кога се обраќаме кон неверниците?

2. Додека гледаме како се влошува моралната состојба на општеството, зошто треба да го проучуваме 1. Поглавје од Римјаните?

3. Што ние како христијани треба секогаш да имаме на ум во врска со покајанието?

4. Како можеме да дојдеме во опасност да бидеме премногу сигурни во нашите духовни достигнувања?

5. Што нагласува апостол Павле за обрежувањето - и зошто?

 <<    >>