Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до Галатите

 <<    >> 
9. лекција Сабота, 27. ноември 2021.

Христијанска слобода

„Зашто во Христос Исус ниту обрезанието има сила, ниту необрезанието, туку верата, која дејствува преку љубовта” (Галатјаните 5:6).

„Верата, која работи преку љубов и ја чисти душата е свето, воздигнувачко, посветувачко средство кое треба да ја ублажи и потчини грубата човечка природа. Христовата љубов треба да ги мотивира верниците, наведувајќи ги да се спојат во хармонична акција на крстот на Голгота”. – Medical Ministry, p. 316.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   Патријарси и пророци, 145-147. 

Недела 21. ноември

1. РОБИНКА ПО ТЕЛО

а. Како искуството на Авраам го прикажува духовното ропство на животот во нашата, ограничена сила? Создавање 16:1-4,11,12,15; Галатјаните 4:22-25.

„Ветувањето дека ќе добие син, Аврам требало да го прифати без никакво прашање или сомневање, но тој не чекал Бог да го исполни ветувањето во свое време и на начин што Тој го определил. За да се испита неговата вера во Божјата моќ, исполнувањето на ова ветување било одложено за извесно време; но тој не ја издржал проверката. Сара, сметајќи дека не е можно во својата длабока старост да добие дете за да се остварат Божјите намери му предложила на Аврама како втора жена да земе една од нејзините слугинки. Многуженството во тоа време било вообичаено и толку распространето, што не се сметало веќе за грев; но тоа сепак не било ниту малку помалечок престап на Божјиот закон и било кобно за светоста и за спокојството на семејниот живот. Аврамовиот брак со Агара имал лоши последици не само за неговото семејство, туку и за идните генерации”. – Патријарси и пророци, 145.

„Раѓањето на Исмаил, што претставувало мешање на праведното со безбожното семе, настанало само затоа што ниту Аврам ниту Сара немале доволно вера...

Исмаил бил присилен да го одбере разбојничкиот живот на пустински поглавица... Силната нација што води свое потекло од него претставува еден воинствен незнабожечки народ”. – Патријарси и пророци, 173,174.


Понеделник 22. ноември

2. СЛОБОДНА ЖЕНА ПО ВЕТУВАЊЕ

а. Што се случило кога Авраам и Сара целосно поверувале во Божјото ветување дека ќе добијат син и зошто? Создавање 18:11-14; 21:1,2; Евреите 11:11.

б. Опишете ја чудесната привилегија што им е достапна на децата од вера, слично на чудото со Сара која во старост родила дете. Галатјаните 4:26-28.

„Христос може да го подигне и најголемиот грешник од дното на деградацијата и да го постави во положба да биде признаен како Божјо дете, наследник заедно со Христа на бесмртното наследство.

Многумина се целосно разoчарани. Потполно ја изгубиле самодовербата. Биле презрени и отфрлени и се помириле со својата судбина. Нив ги сметале неспособни да го сфатат или примат Христовото евангелие. Но тие можат да се изменат преку чудото на Божествената благодат. Под работата на Светиот Дух ќе исчезне нивната затапеност поради која ни се чини дека е безнадежен секој обид за нивно издигнување. Ќе се пробуди замрачениот и заспан ум. Робот на гревот ќе стане слободен. Духовниот живот ќе се разбуди и ќе зајакне. Ќе исчезнат пороците и ќе се победи незнаењето. Верата која работи преку љубов, ќе го очисти срцето и ќе го просветли умот”. – 7 Сведоштво, 228,229.

в. Зошто Агара и Исмаил морале целосно да бидат протерани од домот на Авраам, и кои се некои од длабоките духовни поуки што можеме да ги извлечеме од ова? Создавање 21:9-12; Галатјаните 4:29-31; Римјаните 13:12.

„Ако Бог ја одобрил полигамијата (многуженството), немаше да му заповеда на Авраам да ги истера Агара и нејзиниот син. Со тоа Тој нè учи дека правата и среќата на брачната врска мора секогаш да се почитуваат и заштитуваат, дури и по цена на големи жртви. Сара е првата и единствена вистинска сопруга на Авраам. Како сопруга и мајка таа имала права што никој друг во семејството не можел да ги има. Таа го почитувала својот сопруг, нарекувајќи го господар, но била љубоморна што морала да ги сподели своите чувства со Агара. Бог не ја укорил Сара за начинот на кој постапила. Ангелите го укориле Авраама затоа што немал доверба во Божјата сила, што го натерало да ја земе Агара за жена и што помислил дека преку неа ветувањето ќе се исполни”. – The Story of Redemption, p. 80.


Вторник 23. ноември

3. ИЗБАВУВАЊЕ

а. Како Павле нè повикува да прифатиме избавување преку Христа? Галатјаните 5:1.

„Оние што веруваат во Христа и ги држат Неговите заповеди, не се под ропство на Божјиот закон; бидејќи за оние што веруваат и се покоруваат, Неговиот закон не е закон на ропство, туку на слобода. Секој што верува во Христа, секој кој се потпира на бесконечната моќ на воскреснатиот Спасител кој претрпел казна изречена за престапникот, секој што се спротивставува на искушението и го следи примерот што Христос ни го оставил во својот живот, преку вера во Христовата жртва на помирување ќе стане учесник во божествена природа, избегнувајќи ги телесните желби на овој свет. Сите што со вера ги држат Божјите заповеди ќе ја достигнат состојбата на безгрешност во која живеел Адам пред својот престап“. – In Heavenly Places, p. 146.

б. Каков апел ни упатува Павле за да го одржиме вниманието и да избегнеме раздор до кој би можело да дојде во инсистирањето да се оди надвор од она што е напишано? Галатјаните 5:2-4.

„Јудејските учители... ги повикувале новообратените христијани да го почитуваат церемонијалниот закон кога станува збор за обрезувањето. Тие сè уште тврделе дека се вистинскиот Израел, посебно привилегирани потомци на Авраам, и дека имаат право на сите ветувања кои му се дадени. Тие искрено верувале дека со заземањето на оваа посредувачка позиција меѓу Евреите и христијаните, ќе успеат да ја отстранат омразата кон христијанството и ќе придобијат голем број на Евреи.

Тие го бранеле својот став, кој бил спротивен од оној на Павле, покажувајќи дека постапката на апостолот да ги прифати незнабошците во црквата без обрезување, спречил поголем број Евреи да го прифатат христијанството отколку што на тој начин придобил од незнабошците. На овој начин тие го оправдувале одбивањето да признаат дека Христовото дело се проширило по целиот свет, тврдејќи дека Тој е Спасител само на Евреите; и дека затоа незнабошците прво треба да го прифатат обрезувањето, пред да го добијат правото на привилегиите на Христовата црква“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, pp. 1110, 1111.


Среда 24. ноември

4. ПОГРЕШНО СФАТЕНА ВЕРА

а. Како можеме да го сумираме скромниот и верен став на Павле? Галатјаните 5:5.

„Предајте му го својот случај на Господа и верувајте во Неговото Слово. Верувај, о, верувај во Словото Господово и оди во вера, а не по гледање. Посветете се повторно на Бога. Бидете верни и лојални на она ‘Така вели Господ’ и стојте цврсто во слободата со која Христос ве ослободува“. – The Upward Look, p. 337.

б. Како честопати апостолот бил погрешно разбран од неистомислениците во Галатија и во другите цркви? Галатјаните 5:7-12; 1. Коринтјаните 1:10-13.

„Соборот (на учениците во Ерусалим)... одлучил дека преобратените од еврејската црква можат да ги следат уредбите на Мојсеевиот закон, ако сакаат, додека овие уредби не треба да бидат обврзувачки за преобратените од незнабошците. Противниците го искористиле ова, истакнувајќи ја разликата помеѓу оние што го држеле церемонијалниот закон и оние што не го почитувале, тврдејќи дека вторите се подалеку од Бога отколку првите.

Огорченоста на Павле била предизвикана. Тој го кревал својот глас во остар укор: ‘Ако се обрезате, Христос нема да ви донесе ништо’. Поддржувачите на сфаќањето дека христијанството без обрезување нема вредност биле големи противници на апостолот и тој морал да се сретне со нив во секоја црква што ја основал или ја посетил: во Ерусалим, Антиохија, Галатија, Коринт, Ефес и Рим. Тој бил повикан од Бога на големо дело: да го проповеда Христос и тоа распнатиот; а обрезувањето или необрезувањето не значат ништо. Припадниците на јудејската партија го сметале Павле за отпадник, решен по секоја цена да го урне ѕидот на поделбата кој, според нивното мислење, Бог го подигнал меѓу Израелците и остатокот од светот. Оделе во секоја црква што ја организирал и насекаде создавале раздор и поделби. Сметајќи дека целта ги оправдува средствата, тие ширеле лажни обвиненија против апостолот, обидувајќи се да го дескридитираат. Посетувајќи ги црквите по упадот на овие ревносни и бескрупулозни противници, Павле забележал дека многу верници го гледале со недоверба, а некои дури и ја презирале неговата работа.

Овие несогласувања во врска со церемонијалниот закон и заслугите на разните проповедници во објаснувањето на Христовите учења му задавале на апостолот многу грижа и напорна работа“ (1. Коринтјаните 1:10-13). – The SDA Bi¬ble Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1111.


Четврток 25. ноември

5. КАКВИ ДЕЛА СЕ НЕОПХОДНИ?

а. Иако церемонијалниот закон и обрезувањето биле дадени од Бога за одредена цел во системот на стариот Израел, што треба да разберат сите што го прифаќаат Христа како единствен Извор на вечен живот? Галатјаните 5:6.

„Вистинската вера секогаш работи со љубов. Кога гледате на Голгота, не го правите тоа за да ја смирите душата во неисполнувањето на должноста, ниту за да бидете во можност да бидете успиени, туку да создадете вера во Исус, вера што ќе работи, чистејќи ја душата од нечистотијата на себичноста. Кога се држиме за Христа со вера, нашата работа штотуку започнала. Секој човек има расипани и грешни навики кои мора да се надминат со жестока борба. Од секоја душа се бара да се бори во борбата на верата. Ако некој е следбеник на Христа, тој не може да биде остар во говорот, тврдоглав, лишен од сочувство. Тој не може да биде груб во својот говор. Тој не може да биде полн со помпезност и самодоверба. Тој не може да биде арогантен, ниту пак може да користи остри зборови за да критикува и осудува“. – Selected Messages, bk. 2, p. 20.

„Трудот на љубовта произлегува од делото на верата. Библиската вера значи непрекинато дејствување. ‘Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен’. ‘Со страв и трепет градете го своето спасение, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја’. Ние треба да бидеме ревносни во добри дела. Зашто Верниот сведок вели: ‘Ги знам твоите дела’.

Иако е точно дека нашите напорни активности сами по себе нема да ни обезбедат спасение, исто така е вистина и дека верата што нè обединува со Христа ќе ја поттикне душата на активност“. – The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1111.


Петок 26. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како и ние слично грешиме како кога Агара требала да му роди син на Авраам?

2. Какви благослови и должности добиле Авраам и Сара кога покажале поцврста вера во Бога?

3. Како можам да бидам во опасност да додадам или одземам од она што Бог го напишал за да добијам поголем број преобратени лица - и зошто тоа би било погрешно?

4. На кој начин можам да создадам раздор во врска со прашања што не се од суштинско значење за спасението?

5. Која треба да биде вистинската мотивација за сè што правам во животот?

 <<    >>