Back to top

Sabbath Bible Lessons

Павловото евангелие до Галатите

 <<    >> 
6. лекција Сабота, 6. ноември 2021.

Кој господар да го следиме?

„Зашто непокорноста е исто таков грев, какво што е вражањето, а тврдоглавоста е исто како и идолопоклонството“ (1 Самоилова 15:23, прв дел).

„Оние што изнесуваат доктрина спротивна на библиските учења го следат големиот отпадник кој е протеран од небесните дворови”. – Fundamentals of Christian Education, p. 331.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:   5 Сведоштво, 137–148; 
  2 Сведоштво 461-465; 
  Патријарси и пророци, 635. 

Недела 31. октомври

1. ВЕЧЕН ПРОБЛЕМ

а. Која е, честопати суптилна, основната причина зошто многу верници денес стануваат „маѓепсани“ како што биле Галатјаните? 1. Самоилова 15:17-23 (прв дел).

„Маѓепсувачката моќ на сатаната е таа што ги наведува луѓето да гледаат на себе, наместо на Исуса”. – Faith and Works, p. 27.

„За спасението на секој од нас секогаш се одлучува на небесниот суд. Таму ќе мораме да положиме сметка за секој свој ден. Секој ќе прими според своите дела. Прилозите и жртвите паленици во старозаветниот период не биле прифатливи за Бога ако не биле принесени во вистински дух. ‘Зар сепалениците Му се попријатни на Господ’, вели Самоил, ‘отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е подобра од жртвата и покорувањето - подобро од овнешкото месо’. Божјиот благослов не може да се купи за никакви пари на овој свет ниту со пари може да се стекне било каква победа над гревот.

Многумина се подготвени на секаква друга жртва само не на она што се бара од нив, а тоа е да се откажат од себеси и својата волја да ја потчинат на Божјата волја. На Своите ученици, Христос им рекол: ‘Ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во небесното царство’. Овде се наоѓа и поуката за понизноста. Сите мораме да се понизиме и во своите очи да станеме како мали деца за да го наследиме небесното царство”. – 4 Сведоштво, 84.


Понеделник 1. ноември

2. ЉУБОВНА ЗАСЛЕПЕНОСТ

а. Која замка денес најчесто ја храни маѓепсувачката сила, понекогаш дури и меѓу оние што се изјаснуваат како верници? Изреки 6:23-26; 7:4,5; 2. Тимотеј 3:5,6.

„Кога сатанската маѓепсувачка сила ќе завладее со некој човек, Бог е заборавен, а се издигнува човекот преполн со лоши намери. Овие измамени души се оддаваат на пороци и сметаат дека тоа е доблест. Тоа е како некој вид на магија. Можеме да го поставиме истото прашање што апостолот им го поставил на Галатјаните: ‘Кој ве маѓепса (та не се покорувате на вистината) вас, пред чии очи Исус Христос беше јасно насликан распнат меѓу вас’ (Галатјаните 3:1). Во ересите и во пороците секогаш има некоја волшебничка сила. Духот е толку заслепен што не е во состојба да размислува разумно и заблудата ги носи луѓето сѐ подалеку од вистината. Духовниот поглед станува нејасен и луѓето кои до тогаш имале неизвалкан морал потпаѓаат под дејство на вештите измами на сатанските агенти, кои се претставуваат како ангели на светлината. Тие измами им даваат сила на таквите агенти. Кога би истапиле дрско и отворено и би ги застапувале своите сфаќања, би биле одбиени без ниеден момент предомислување. Но тие отпрвин се трудат да задобијат наклоност како свети, пожртвувани Божји луѓе. И како Негови посебни гласници, тие тогаш ја започнуваат својата лукава работа за да ги заведат душите од вистинскиот пат, настојувајќи Божјиот закон да го прогласат за неважечки”. – 5 Сведоштво, 142,143.

б. Како можат одредени видови книги, видеа, веб-страници, па дури и музички стилови да предизвикаат мисли кои постепено ќе доводат до такви проблеми? Изреки 23:6-8.

„Љубовните романи и површните, возбудливи приказни претставуваат друг вид на книги кои се проклетство за секој читател. Писателот во нив може да внесе добри поуки и во целото дело може да вткае верски чувства; меѓутоа, во најголем број на случаи сатаната само се облекува во ангелски облеки за да може поуспешно да ги прелаже и намами читателите. Умот е во голема мерка под влијание на она со што се храни. Читателите на површни, возбудливи приказни се онеспособуваат за должностите што ги очекуваат. Тие живеат нереален живот и немаат никаква желба да го проучуваат Светото Писмо, да се хранат со небесна мана. Умот слабее и ја губи моќта да размислува за големите проблеми на должностите и судбината”. – 7 Сведоштво, 165.


Вторник 2. ноември

3. ДРУГИ ВЛИЈАНИЈА

а. Покрај оние кои промовираат несериозност или романтика, кои други пишани, аудио и/или видео материјали можат да нè маѓепсаат? Наведете некои мамки што непријателот ги користи за да нè фати. 1. Јованово 2:15-17,21 (последен дел); Дела 17:21.

„Депресивните и обесхрабрувачките извештаи за злосторства и ѕверства имаат маѓепсувачка моќ врз многу млади луѓе, предизвикувајќи во нив желба да го свртат вниманието кон себе дури и со најстрашни дела... Книгите што ги опишуваат сатанските дела на луѓето го свртуваат вниманието на јавноста кон злосторствата. Ужасните детали за злосторствата и несреќите не смеат повторно да се преживуваат, и никој од оние што веруваат во сегашната вистина не треба да биде вклучен во овековечувањето на таквите спомени“. – The Colporteur Evangelist, p. 75.

„Друг извор на опасности од кои мораме постојано да се чуваме се делата на неморалните писатели. Таквите дела ги вдахнал самиот непријател на вистината и никој не може да ги чита, а душата да не ја изложи на опасност... Неверството и неморалот со заведувачка сила се врежуваат во умот”. – Адвентен дом, 413.

б. Опишете една од тактиките на непријателот и како таа била насочена на Исус, но без успех – но сепак премногу често успева кај нас. Лука 4:5-8; Јован 14:30.

„Целта на сатаната е да го направи светот многу привлечен. Тој има маѓепсувачка моќ што ја практикува за да ги привлече чувствата дури и на оние кои тврдат дека се Христови следбеници. Има многу таканаречени христијани кои ќе поднесат секаква жртва за да стекнат богатство...

Загрижувачки е што сатаната завел толку многу луѓе. Тој ја возбудува мечтата со сјајни перспективи за светска добивка, а луѓето стануваат опседнати мислејќи дека пред нив е совршена среќа. Тие се намамени со надежта дека ќе добијат чест, богатство и позиција. Сатаната и вели на душата: ‘Сето ова ќе ти го дадам, сета оваа моќ и богатство со кое можеш да им направиш добро на своите ближни’, но кога ќе стигнат до целта за која се стремат, тие сфаќаат дека не се поврзани со несебичниот Откупител...

Честопати се открива дека промената од побожноста во световноста била толку незабележлива под влијание на лукавите сугестии на злобниот, така што измамената душа не е свесна дека се одвоила од Христа и дека е Негов слуга само по име”. – Counsels on Stewardship, pp. 213–215.


Среда 3. ноември

4. ФАТАЛНИ ИЗМАМИ

а. Зошто мора да се бориме напорно за христијанската вера? Јуда 3,4,8,11.

„Бунтот потекнува од сатаната и секоја непослушност кон Бога потекнува директно од ѓаволот. Сите што ќе му се спротивстават на Божјото владеење, склучуваат сојуз со праисконскиот отпадник кој ќе ја употреби сета своја сила и лукавство да ги омае нивните сетила и да им го заведе умот. Тој сè ќе претставува во лажна светлина. Како и нашите први родители, сите што се под влијание на неговата волшебна сила ги гледаат само предимствата до кои можат да се доберат со престап.

Нема посилен доказ за измамната сила на сатаната од фактот дека сите што ги завел тој самите себеси се лажат со мислата дека му служат на Бога. Кога Кореј, Датан и Авирон се побуниле против Мојсеја, сметале дека му се спротивставиле само на водството на човек како што се и самите тие; и на крај навистина поверувале дека на Бога му вршат служба...

Саул покажал голема ревност при искоренувањето на идолопоклонството и вражањето. Меѓутоа, поради непослушноста кон Божјата заповед, со него завладеал истиот дух на бунт против Бога, и бил исто толку инспириран од сатаната, како и оние што се занимавале со вражање; а кога бил прекорен, тогаш кон својата непокорност придодал и тврдоглавост. Поголема навреда на Божјиот Дух не би можел да му нанесе ниту тогаш кога отворено би им се придружил на идолопоклониците.

Опасен е чекорот да се отфрлат советите и опомените на Божјата реч или на Божјиот Дух. Како и Саул, мнозина паѓаат во искушенија сè додека не станат слепи за вистинскиот карактер на гревот. Тие си ласкаат себеси како имаат пред себе некаква возвишена цел и како божем не сториле никаква неправда со тоа што отстапиле од Божјите барања. На тој начин тие му пркосат на Духот на милоста сè додека во нивните уши наполно не исчезне неговиот глас и додека целосно не ги прифатат измамите што самите си ги избрале“. – Патријарси и пророци, 635.

„Секој маж, жена и дете кој не е под контрола на Божјиот Дух е под влијание на маѓепсништвото на сатаната, и со своите зборови и пример ќе ги одведат другите од патот на вистината“. - Messages to Young People, p. 278.

„Браќа мои, Бог е ожалостен заради вашата завист, љубомора, огорченост и неслога. Вие со тоа му се покорувате на сатаната, а не на Христа... Кога ќе видиме луѓе... горди, суетни, површни и со светски дух, тврдокорни, нељубезни и груби, не мораме да се прашаме со кого се дружат тие и кој е нивниот најдобар пријател. Тие можеби не веруваат во магии, но сепак имаат заедница со зли духови”. – 5 Сведоштво, 224.

„Бунтот и отпадништвото се во самиот воздух што го дишеме. Тие ќе влијаат на нас, освен ако со вера не ги потпреме нашите беспомошни души на Христа”. – Lift Him Up, p. 21.


Четврток 4. ноември

5. ПРЕЗЕМАЊЕ НА АКЦИЈА

а. Во деновите на првите апостоли, каква опасност демнела во Самарија и како била надмината? Дела 8:9-13. Зошто можеме да бидеме особено инспирирани од чекорот што го презеле некои верници во Ефес? Дела 19:17-20.

„Сатаната е исклучително интелигентен и вешт, и тој со помош на своите избрани агенти, работи на тоа да ги воздигне луѓето и да ги облече со поголема чест од онаа што му припаѓа на Бога. Меѓутоа, Бог е облечен во сила; Тој може да ги подигне оние што се мртви во престап и грев и, со дејствување на истиот Дух, кој го воскреснал Исуса од мртвите, да го преобрази човечкиот карактер, враќајќи ја на душата изгубениот лик Божји”. – The Youth’s Instructor, February 7, 1895.

„Патот до ослободувањето од гревот води преку распнување на себеси и борба со силите на темнината”. – Our High Calling, p. 321.

„Кога голем дел од објавените книги би бил изгорен, би се застанало на патот на вистинската чума, која во морална смисла создава страшно пустошење, ослабувајќи ги менталните способности и изопачувајќи ги срцата на читателите. Никој не е толку цврст во начелата за да биде безбеден од искушението. Секое такво бескорисно читање треба одлучно да се отфрли”. – The Col¬porteur Evangelist, p. 76.

„Кога неверникот ќе се преобрати, ќе почувствува гадење од книгите што го навеле да се сомнева во Божјата Реч. Некогаш морално изопачениот човек, кој ја очистил својата душа со послушност кон вистината, нема да се осмели да се врати на патот на порочноста, било од љубопитност или од навика. Ниту ќе дозволи неговиот ум да се задржи на сцените прикажани на страниците на заводливите автори. Тој ќе внимава на опасноста што му се заканува, избегнувајќи го искушението и сериозно ќе ги предупреди другите, укажувајќи им на неговата маѓепсувачка моќ. Без оглед на идолот што некогаш го обожувал, преобратениот човек не само што ќе се спротивстави на злото, туку, колку што е можно, ќе се стави надвор од силата на сатаната. Повторно ги прашуваме Христовите следбеници: ‘Дали ги запаливте магичните книги?’” – The Signs of the Times, May 18, 1882.


Петок 5. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто непријателот се обидува да поттикне бунт кај чуварите на саботата?

2. Што мора да разбереме за тоа како денешното општество гледа на прељубата?

3. Како можам поблиску да ги следам чекорите на Исус кога се соочувам со искушение?

4. Во кои области од животот би можел да бидам ранлив или подложен на маѓепсаност?

5. Кои материјални работи можеби би било најдобро да се отфрлат, или дури и да се уништат?

 <<    >>